This post is also available in: French Spanish English Serbian Croatian Bosnian Hungarian Italian Arabic

Грозомор

Тука се раѓаат сами и гаснат сите нешта.
Огромен камен. Лузна. Нејасен немушт збор.
Пролетта му е мајка и маќеа зла и вешта.
Пепел на сонот, сон на пепелта. Грозомор.

Го пијат суши, дождови црни го цедат,
ден со ноќ го трупа, пласт со пласт,
а врз неговата кора во ‘рбетник се редат
закостенети сенки од диво месо и страст.

Тука ветришта пиштат и темни сеништа вијат,
тука е првиот злочин и грев и казна и прекор.
Тука и човек и ѕвер во едно дувло спијат
и детето го оди својот незаоден чекор.

Врз него расне лебот од горчлив длабок корен,
па затоа е сув, и сладок, и пече како пламен.
Песно, ако те допре некој испосник морен
прими го да ти биде во горењето рамен.

О ружо в грло, о змијогрозд в усни,
див апеж во крвта со себе што спори,
о земјо на отрови смртоносно вкусни,
каменот во пламен се тркала. Гори. Гори. Гори.

Тука се раѓаат сите нешта и тука гаснат сами.
Огромен камен. Лузна. Нејасен немушт збор.
Пролетта му е мајка и мaќea што мами,
пепел на сонот, сон на пепелта. Грозомор.

Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970
Инспирирана од скопскиот земјотрес (јули 1963), песната за првпат е објавена во Современост, XIV, 10, 1964, а потоа во Раѓање на зборот, 1966 и во Златен круг на времето, 1969

Фрагмент од оригиналниот автограф на ”Грозомор”

Слушнете ја песната во изведба на Зорица Георгиевска

Disque simultané, од Роберт Делоне

За песната „Грозомор“

Поетот е во песната како во студена пештера, како во непрегледна шума каде што, наместо дрвја, лежат огромни, расфрлани и скаменети зборови. Тој е оној што треба да ги спаси од смртта, да ги разбуди од скаменетиот сон, да ја оживее шумата, за да почне дрвјето да оди. Често тој успева во тоа, а можеби уште почесто стои во неа, во таа шума, збунет и беспомошен, попусто повикувајќи ги да му помогнат во очајот поранешните поетски искуства. Попусто, зашто секоја песна е едно посебно откритие, едно посебно поетско сознание што не може да се повтори ако е веќе еднаш доловено. И така од песна во песна. Штотуку ќе се затвори еден круг, треба да се отвори нов. И секогаш едно исто проклето прашање: како? – Ацо Шопов, „Поетот треба да ги разбуди зборовите“, Књижевне новине, 1 март 1969.

Занимавајќи се со проблемот на своето потекло, песната „Грозомор“ истовремено го иницира проблемот на својата уметничка судбина како постоечка стварност, како резултат на оние частички чијшто каузалитет овојпат се опредметува со своето траење. Таа е метафора на тоа траење на чијшто еден пол е минатото, а на другиот пол нејзината денешна хармонизирана, еманципирана стварност. Зашто, таа од хаосот стана – облик. Таа од неговата бесмисла (или барем привидната бесмисла) стана смисла. Всушност, ќе речеме, хаотичната бесмисла дијалектички го отворила процесот на сопствената еманципација, процесот на себеосмислувањето и онаа длабокопонорна работа на сетилата конечно ја изведе од анонимноста, при што работата се оствари како дело. Во тоа дело присутноста на продолжената Хефестова рака од наковалото – ако се послужиме со оваа уште од Маркс насетена симболика – се вреднува со висока оценка на дијалектичката закономерност, отворајќи ги вентилите и за некои други, поинакви, критички насетувања („Небиднина“, „Долго доаѓање на огнот“ и др.). – Миодраг Друговац, предовор на Златен круг на времето.

„Исклучителна, длабоко инспирирана песна, која на катаклизмата од 1963 година, катаклизмата на скопскиот земјотрес, ѝ приоѓа некако одвнатре, потполно алергична на дескриптивноста која, токму во врска со овој потресен настан, толку често се наметнуваше во сферата на нашата лирика и уметност воопшто”. – Драшко Реѓеп, „Црното сонце на Ацо Шопов”.

***

Фрагмент од ракописот и две страници машинопис со автографски дополнувања се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К1 АЕ32