This post is also available in: French Spanish German Russian English Serbian Slovenian Croatian Bosnian Albanian Bulgarian Italian

Ацо Шопов: кратка биографија

Семејна фотофрафија од 1932 год. Деветгодишниот Ацо е десно.

Роден во Штип, на 20 декември 1923 година, македонскиот поет Ацо Шопов го помина детството во родниот град, со браќата Димитар (1920-1972) и Борислав (1927-1996), татко му Ѓорѓи Зафиров-Шопов (1893-1944) и мајка му Костадинка Рушева (1897-1942), на која и ги должи љубовта кон поезијата и творечката дарба.

Тетратка со песни од Костадинка

„Стоглаво чудовиште”, како што ќе го нарече кон крајот на својот живот, тоа детство е жигосано со болеста на мајка му, парализирана во 1934 година. На десет години, тој сам се грижи за неа и за помалиот брат, бидејќи постариот е испратен во Призренската семинарија, а таткото е речиси секогаш отсутен. Така, сеништето на неизлечивата болест и на смртта, грозоморот, тагата и осамата ќе се вовлечат уште во првите песни напишани на четиринаесет годишна возраст и ќе останат сé до последните.

Партизани од Третата македонкса ударна бригада, меѓу кои е и Вера Јоциќ. Зима 1943-44 год. Ацо Шопов стои десно.

Уште како гимназијалец, во 1940 година, Ацо Шопов влегува во СКОЈ, а две години подоцна, се вклучува во анти-фашистичката борба, во редовите на Третата македонска ударна бригада. Член на истата бригада е и неговата љубена, Вера Јоциќ, која загинува на 22 мај 1944 и на која Шопов и ја посветува прочуената песна „Очи”.

По војната, Ацо Шопов заминува за Скопје, каде што ќе ги заврши студиите на Филозофскиот факултет, отсек „чиста филозофија”. Уредник во литературните списанија и весници Нов ден, Млад борец, Иднина, Хоризонт, Современост, Шопов ќе работи и како главен уредник на сатиричниот неделник Остен, што ќе го поттикне да објави серија сатирични песни, подоцна групирани во збирката Јус-универзум (1968), во која не ги поштедува ниту ”политички јус коректните” политичари, ниту пак таквите писатели, критичари, или новинари. Истите со коишто беше соочен петнаесетеина години порано, по објавувањето на Стихови за маката и радоста (1952), збирка што предизвика остра полемика во македонските литературни кругови. Токму таа збирка, како и следната, Слеј се со тишината (1955) одбележува историски пресврт во македонската поезија што ќе биде едногласно признат и поздравен само неколку години подоцна.

Портрет на Ацо Шопов кој послужи за модел на логото на неговиот Лирски дом. Автор на логото е неговиор внук Александар Џони-Шопов.Доследен на своите идеи и покрај нападите на литературната критика, Ацо Шопов изградува автентичен поетски универзум непорозен на императивите на соц-реализмот, но без при тоа да влезе во дисиденција. „Јас сум еден од оние поети што остануваат верни на самите себе од првите поетски обиди па сè до зрелото творештво”, изјавува Шопов во еден разговор со Ненад Радановиќ (1978). „Никакви книжевни ветрови не успеаа да ме обвијат со туѓа наметка која би се косела со мојата поетска природа. Тие ветрови ме корегираа, поправаа и доведуваа до сè попотполно поетско изразување, но не ме оддалечија од патот по кој чекорам. Поетот го открива неговата песна, а не потписот што го става под неа”.

Почнувајќи од неговата прва збирка, Песни, којашто е едновремено и првата книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија, во 1944 год., па сè до последната, Дрво на ридот, што ќе излезе од печат две години пред неговата смрт, Ацо Шопов ги гради темелите на една решително современа поезија – особено со Небиднина (1963) и Гледач во пепелта (1970) –  којашто се потпира на родната земја со единствена цел да ја внесе во катастарот на светот. Тоа е поезија што успева да ги соедини, во едно исто интимно искуство, личните доживувања на поетот и судбината на човештвото.

За време на животот, Шопов има објавено дванаесет оригинални збирки,  како и осум избори од неговата поезија и десет избори на други јазици. По смртта, бројот на последниве непрестано се зголемува.

Славко Јаневски (лево) и Ацо Шопов, на свеченото отворање на Македонската академија на науките и уметностите во големата сала на Собранието на Република Македонија, на 10 октомври 1967 година.

Избран, на 18 август 1967 година, меѓу првите членови на Македонската академија на науките и уметностите (MANU), а една година подоцна и за дописен член на Српската академија, Ацо Шопов е добитник на највисокото југословенско признание АВНОЈ (1970), како и на литературните награди: „Кочо Рацин”, за збирките Слеј се со тишината (1956) и Гледач во пепелта (1970); „11 октомври”, за преводот на Хамлет (1960) и за животно дело (1981); „Змаеви детски игри”, за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај (1967); „Браќа Миладиновци”, за збирката Песна на црната жена (1976).

Бокаса (лево), Сенгор и Шопов, 1973

Песна на црната жена е инспирирана од неговиот престој во Сенегал, каде што е именуван за амбасадор на Југославија, во 1971 год., по долги години посветени на издавачката дејност, претежно како директор и главен уредник на Македонска книга. За време на престојот во Африка, тој ќе преведе и избор од поезијата на сенегалскиот претседател, Леополд Седар Сенгор, член на Француската академија, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, во 1975 година.

Истата година Ацо Шопов е именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, во Скопје. Но, три години подоцна,  болеста, одамна насетена во песните, ќе го присили да го напушти активниот живот.

Синот Владимир и внуката Мила на споменикот на Шопов во Штип

Татко на Владимир, којшто се роди во 1948 година, во бракот со Благородна, а почина во јануари 2000 година, и на Јасмина, родена во 1960 година, во бракот со Светлана, Ацо Шопов доживеа да ги види и внуците Александар и Леонардо. Но, не ги дочека Мила и вториот Александар. По неколкугодишна болест, тој почина во Скопје, на 20 април 1982 година.

***

Написот „Евокативен запис за Ацо Шопов” од Гане Тодоровски дава една сублимирана, лирска, биографија на Ацо Шопов. Прочитајте го.

Фотографиите (со исклучок на карикатурата која му припаѓа на Друштвото на писателите на Македонија) можат да бидат преземени и објавени со задолжителен копирајт: ©Ацо Шопов – Поезија