This post is also available in: French Spanish German Russian English Albanian

Ацо Шопов: Стихови за маката и радоста, Скопје, Кочо Рацин, 1952

Стихови за маката и радоста, 1952

Ацо Шопов: Стихови за маката и радоста, 1952. Пристап кон содржината на книгата

Стихови за маката и радоста од Ацо Шопов важи за првата збирка „интимистичка” поезија во Македонија, којашто ќе предизвика бурни и долготрајни полемики во македонските книжевни кругови.

„Со вниманието што збирката Стихови за маката и радоста го предизвика во јавноста, поделувајќи ја критиката за и против строго интимното, ‘песимистичкото’ пеење, се создаде пошироко интересирање за овој вид ‘нов’ пристап. Се отфрли еден табу и се отвори можност за навлегување во нова фаза и со нови перспективи за целата литература” пишува Георги Сталев во својот осврт кон постсоцреалистичкиот период во творештвото на Шопов, откако ќе забележи дека оваа книга „не е и првата интимна/интимистичка лирика во македонската повоена литература. Со оваа ознака беше одбележан и дел од поезијата на Гого Ивановски, речиси и целата збирка Во утрините од Гане Тодоровски, објавена во 1951 година, а и Србо Ивановски веќе е присутен во периодиката со ‘есениновскиот штимунг’, со песните што една година по А. Шопов ги публикува и во одделна книга, озаглавена со Средби и разделби (1953)”.

Ракопис на содржина на збирката, Фонд Ацо Шопов, АМАНУ

Според речиси сите критичари, меѓу кои и Душко Наневски, сепак Шопов е тој што со „Стиховите за маката и радоста, кои на времето предизвикаа бурни реагирања и полемики […] го најави пресвртот кон потиснатите интимни мотиви, низ кои потоа, во периодот на интимната лирика, се разгрнаа многу поетски светови и лирски настроенија”, како што со „неговите партизански Песни (1944), печатени како прва збирка на ослободениот збор, го отворија почетниот период на национален и колективен занес, со егзалтација на идејата и социјална романтика” (Лирика на црната небиднина).

Според Георги Сталев, „инкриминираната и бранетата, во исто време, книга [Стихови за маката и радоста] денеска заслужува внимание само од историски аспект, т.е. поради фактот дека преку неа нешто ‘се прекрши’. Инаку, тоа се песни по форма, мотиви и тематика познати уште од времето на романтизмот и реализмот па и од импресионизмот, со најразлични поетски идеи преку кои се прави обид да се сугерира она што е насловено на збирката, со далеку поголем акцент врз болката одошто врз среќата – и едното, и другото сфатено како најлични чувства и доживувања. Одеднаш го снема ангажираниот поет”, вели тој во горенаведената студија.

Со таква констатација Ацо Шопов секако не би се согласил. „А кога поезијата не била ангажирана?”, прашува тој во едно интервју објавено во  Вечер, на 31.03.1968. „Се разбира, сè зависи од тоа како се сфаќа проблемот на ангажираноста. За мене не постои ангажирана поезија надвор од поетското битие на песната.”

А што е тоа што се прекрши? Просто речено: се напуштија револуционерните теми во поезијата. „Во моментот кога се појави [збирката Стихови за маката и радоста], во констелациите на тогашната поетска ситуација кај нас, оваа книга со својата целосна свртеност кон интимата, на свој начин претставуваше врата што отвара ‘нов простор’. Тоа свртување за триста и шеесет степени е направено по цена на ризикот. Освоено е ‘табу подрачјето на интимата’ и нарушена ‘етичката’ рамнотежа помеѓу темата на песната и нејзиниот општествен и социјален резонанс, т.е. ангажман”, пишува  Ефтим Клетников во предговотот на изборот од поезијата на Шопов објавен под наслов Лузна, во 1981 год.

За кој ризик станува збор во горенаведениот текст на Клетников? Против таканаречениот „интимизам на Шопов” ќе се подигне вистинска хајка во македонскиот книжевен круг, којшто ќе се подели во два табора – „реалисти” и „модернисти” (деноминации што делуваат неоправдано кога се познава творештвото на припадниците) – и во две списанија Современост и Разгледи.

Разгледи и Хоризонти, 1954, карикатура на Василије Поповиќ-Цицо

Василије Поповиќ-Цицо, сведок на „војната на таборите” ја прикажува со многу хумор во карикатурата што се наоѓа во Друштвото на писателите на Македонија. Не случајно Ацо Шопов (лево) стои наспроти Владо Малески, којшто во 1953 год. остро ја напаѓа збирката Стихови за маката и радоста во написот со евокативен наслов: „Шлагери и музика”, објавен во Разгледи, во 1953 год.: „Овие неколку години А. Шопов, меѓу другото, се јави со поемата На Грамос, на тема граѓанската војна во Грција, и со збирката Стихови за маката и радоста”, пишува Малески. „Иако на моменти го привлекува вниманието и чувството на читачот со нему својствените лирски акценти, сепак во На Грамос Шопов не ги прескокнува рамките на познатите кај нас стихови од рангот на паролаштвото. Меѓутоа друг е случајот со ‘… маката и радоста’. Кога читам некои од овие песни, иако презаситени со ‘солзи’, ‘навлажени очи’, ‘смрт’, ‘гроб’, ‘есен’, ‘презрен’, ‘пусто’, ‘бездомник’, итн. − јас сепак чувствувам дека, додека се леело мастилото на празната хартија на столот од поетот, се разлеала и душата негова, и чуваствата негови, и болката човечка на едно скршено срце […] Всушност, овдека се работи за таканаречената ‘теорија на шлагери’: до 1948 год. се пееше едн шлагер − велат тие − а тој се викаше ‘социјалистички реализам’; денес се пее друг шлагер: ‘слобода на творештвото’ […] А душата на нашиот човек еве со години ја свири химната на Револуцијата − широка колку и бескрајноста на редицата од нејзините сопствени струни. Уметникот мора да ја чуе оваа химна!”

Еден поглед на Василије Поповиќ – Цицо врз писателите од двата „табора”.

„Ретко се случува во литературната практика авторот јавно да му се спротивстави на критичарот, бранејќи го своето дело од некакви толкувања и оценки”, коментира долги години подоцна Веле Смилевски, во освртотАцо Шопов како полемичар”. “Ацо Шопов се решава на таков чекор со убедување дека расправата за неговата стихозбирка Стихови за маката и радоста од ‘борба на мненија’ се модифицира и добива призвук на ‘политикантски алузии’. Оттука, неговиот текст, озаглавен со ‘Место одговор’ […] нема за цел да ги брани достоинствата на поезијата што ја пишува, туку да посочи неколку програмски пунктови што се во непосредна врска со расправата околу таа поезија.”

Еве што пишува Шопов во „Место одговор”, објавен во Современост: „Не мислам овде да станувам во ничија одбрана, зашто секој сам најарно ќе се одбрани со своите дела. Можеби има писатели и уметници конјунктуристи, но што се однесува до ‘злоупотребата со најголемиот настан во историјата на нашите народи’, т.е. Револуцијата, морам огорчено да соопштам дека никој досега така јавно не ме оклеветал (и не само мене, сигурно) како В. Малески во статијата ‘Шлагери и музика‘”. „За мене”, продолжува Шопов, „искреноста е еден од основните принципи на вистинското уметничко творештво: никогаш не сум го изневерил, ниту пак ќе го изневерам овој принцип, зашто со тоа би ја изневерил уметноста, својата поезија, себеси. Би било покорисно ‘критичарите’ постудиозно да ги проучуваат мотивите што ги возбудуваат уметниците, а не брзоплето да донесуваат лекомислени и навредливи заклучоци за ‘злоупотребата’, појасно речено шпекулантството на некои уметници, вклучувајќи ме и мене. […]  По таков начин критиката се изродува во клеветење, борбата на мислењата – во празно штракање.”

Стихови за маката и радоста дојдоа како интензивно обогатување на интимната лирика кај нас, а песните, сите песни од циклусот ‘Разговор со синот‘ и кон нив: ‘Ако сведнам понекогаш глава‘ и ‘Ќе те сретнам после многу лета‘ − дојдоа и со елемент на модернизирање на внатрешниот интензитет на нашиот стих, модерни со интензитетот на сензибилната носивост и доживеаност. Но беа присутни и очебијни неодрживости и највеќе во изразната фактура. И беше тоа основна пречка за поадекватен израз на содржинскиот, на внатрешниот интензитет. А и содржинската носивост не беше прочистена од излишна разнеженост, па и од сентименталичење”, пишува Димитар Митрев, во “Ацо Шопов или поезија на трајни вредности“, предговор на изборот од поезијата на Шопов, објавен под наслов Златен круг на времето,  во 1969 год.

Митрев уште веднаш по излегувањето на збирката се поставува во нејзина одбрана. Во вториот број на Разгледи (февруари, 1953), тој реагира на текстот на Д. Бошков, објавен претходно во  Млада литература во кој збирката е прикажана како поезија на песимизмот, на безизлезната самотност. „Полниот израз на ослободениот човек во нашиот писател”, пишува Митрев, „треба да се покаже со сета животна полнокрвност во неговите уметнички дела. Па затоа секакви атаки спрема чистата изворност, спрема автентичноста на доживувањето и инспирацијата се атаки и против самата уметност”.

Половина век подоцна, Мирољуб М. Стојановиќ ќе се наврати на бурните реакции што Стихови за маката и радоста ги предизвикала на македонската литературна сцена, во студијата „Тишината на Ацо Шопов во македонската поезија”. Цитирајќи го Митрев, тој ќе забележи дека „критичарите коишто неговото напуштање на соцреалистичката поетика го сведоа на интимничење” тоа го направиле „најверојатно со желба да ја привлечат милоста на званичната книжевна критика и на нејзиниот патријарх”, но дека „токму тој, самиот патријарх, Димитар Митрев” застанал во одбрана на новата поетика на Шопов.

_____________________

Стихови за маката и радоста e излезена од печат (печатница „Гоце Делчев“) во септември 1952 година, во 2000 примероци. Корицата е од Василије Поповиќ – Цицо.

Пристап кон содржината на книгата

Пристап кон постоечките автографи и машинописи на песните