Евокативен запис за Ацо Шопов *

Гане Тодоровски (1929-2010), македонски поет и литературен критичар

Гане Тодоровски (1929-2010), македонски поет и литературен критичар

Гане Тодоровски

Современиот македонски поет Ацо Шопов влезе во литературата на млада возраст, како дваесетгодишник. Штотуку завршуваше Втората светска војна, a овој млад партизански воин ја замени пушката со перо. Во литературата престојуваше неполни четири децении, колку што во минатиот век успеа да проживее Рајко Жинзифов. Релативноста на овие информации не е пречка за споредба на двајца наши автори, за кои поначесто ce зборува и ќе ce зборува. Ацо Шопов изврве во животот неполни шест децении (59 години) a успеа да принасобере поени за една бурна биографија, во чии протоколи втисна податоци вредни за да го издвојат како историска личност во национални релации, зашто и со животниот и со уметничкиот чин зацрта забележливи траги.

Co вреднoсните валери на својот поетски опус, со времето на јавувањето во нашата литература и со широкиот општествен ангажман во етапи мошне важни во развитокот на македонската национална култура и држава**, овој автор со право ја врзува за себе ознаката – историска личност, колку и да звучи ова анахронично во годините непосредно пред XXI век. Заедно со Конески и Јаневски, во поезијата, пред cѐ, a заедно со Владо Малески, Коле Чашуле, Димитар Митрев, Јован Бошковски, Ванчо Николески, Иван Точко, тој ја сочинува литературната генерација која започна да ја гради првата регуларна етапа во историјата на македонската литература воопшто. Според тоа, нему му пристои етикетата: историска личност, зашто во многушто беше раскопачувач на нови врвици, ѕидач на нови темели; со еден збор – протомајстор!

Зачудувачка е ѕвездената патека во македонската поезија, по која тој лефтерно ce движеше, постојано пругоре, со леснотија на автор во постојан подем, со многу смила за брза рецепција на актуелното. Авторот на овие редови реферираше на Симпозиуот од 13 мај 1993 година*** за него како препевувач, истакнувајќи ја како основна констатација вонредната упатеност на поетот во тајните на версификацијата. Ова е мошне валиден факт и ако ce има предвид дека авторите што Шопов ги воведе во инструментариумот на нашата литературна норма ce викаа: Шекспир, Едмон Де Ростан, Крлежа, Крилов, Жупанчич, Змај Јован Јовановиќ, Крклец, Багрицки, Изет Сарајлиќ, Корнеј и други и други (наведени ce само имињата на авторите од кои тој препеал и издал одделни книги), слободно може да ce констатира дека влогот на Шопов во трезорите на нашата национална литература е одвеќе голем за да ce мери само со аршините на критичките одгласи.

Како изворен поет, разгрнат уште од младини во поволни услови, кога пред една млада национална литература ce отвораат широките хоризонти на еруптивен развиток, тој ја има како припомош шансата и на образован творец, преку која ќе и втисне на македонската повоена литература, димензија на евроцентричност. За жал, неговите способности, особено како ингениозен препевувач, не дојдоа до потполн израз поради прераната смрт на овој вонсериски поет. He дојде до израз поразгрнато ни неговата франкофонија (иако го помакедончи со голем успех црниот Орфеј на нашиот век – Леопод Сенгор), бидејќи со нестрпливост чекавме од него да ни ги помакедончи француските симболисти, со чија рецепција регуларноста на македонската литература ќе зазвучеше во поинаква чудеснина.

Ацо Шопов во македонската литература е магистрален автор. И маестрален. Особено во подоцнежните етапи на неговиот поетски развиток. Како еден од малкуте наши литерати врзани исклучиво за поезијата, оригинална и помакедончена, тој прилегаше на одбраник на музите. Така и си го живееше векот. Условно речено (тоа имав чест да го изустам на Симпозиумот од 13 мај 1993, би ce рекло премиерно) Ацо Шопов прилегаше на наш литературен аристократ, кој ja одбрал поезијата како посестрима во животот, и само нејзе ѝ ce доверувал, само со неа интимничел. Чистотата на поетската реч што ја создаваше, особено во вториот период од неговата творечка кариера, потсетуваше на сублимат што може да ce сретне единствено во најразвиените средноевропски литератури. Како да ги обедини во магично созвучје искуствата на класицизмот и романтизмот, па преку своите прилози ce провре низ синтези со кои нашата поезија прескокна цели стадиуми на развиток. Co тоа на македонскиот поетски јазик му разгрна крила за височински лет накај недостижностите на уметноста на зборот.

Имајќи го можеби ова на ум, токму ова, нашиот современ литературен критичар и историчар Миодраг Друговац ќе запише негде дека Шопов влегол во златниот круг на времето!

Точно е тоа дека Шопов ce раскрилуваше храбро и гордо во своето време, без страв пред височините, без зазор кон широчините на пространството наречено литература, со љубопитства колку за два века човечки живот! Toj беше поет на револуцијата, нејзин гласноговорник. Но, НОБ, нему не му беше тема, туку судбина и суштина. Toj проговори како воин на Револуцијата, од нејзините ровови и јуриши. Потоа продолжи, по инерцијата на патетиката што му ја означи младоста, да ce извишува низ градителската апотеоза накај лирската интима, којашто и е фанатично верна и приврзана на личната судбина, на проклетставата на индивидуалитетот, за да стигне во деценијата пред својата смрт до суптилитет на раскошната рефлексија, создавајќи на тој начин дела со трајна вредност.

Пројавен како активист на македонската слободно раздвижена и широко разгрната културна акција тој уредува весници и списанија: прв уредник е на Млад борец и долгогодишен главен уредник и директор на издавачката куќа „Македонска книга“. Ce пројавува како општественик и политичар, пратеник во Народната скуштина на Југославија и на Собранието на Македонија, член на ЦК СКМ, југословенски амбасадор во Сенегал, итн.

My бев помлад пријател, соработник, приврзаник, почитувач. Ce разбира, како помлад, и ученик му бев. Го читав и препрочитував, го учев наизуст. Ce гордеев дека Македонија има вакви автори.

Во името на таа непоматена со ништо взаемна почит и љубов зборувам. Токму тој ја имаше таа морална сила да ги поттикнува помладите, да им влева вера во успехот, да им пружа рака-прикрепница. Беше растоварен од самољубие. Инвестираше во другите. Умеше да ги насочува. Затоа јас и настојам ова да го запишам: за да ce знае, за да ce памети, како што би рекол Ѓурчин Кокалески. Кризни се овие наши времиња, па кога апелираме за какви годе солидарности, сплотености и помирби, нека да не забораваме дека низ примерите на оние што ги нема, a кои колку до вчера беа биле, дека творците и борците од профилот на Ацо Шопов не ce сведуваат само на она што тие како писатели или како општественици го оствариле низ сопствен пример, туку остануваат трајно да значат и да зрачат со достоинствата на силен поттик, чиј светол пример треба да се почитува и следи.

Ацо Шопов оствари едно троединство: ја воспеа борбата како висок морален чин и долг, ја возвеличи изградбата (обновата) како обврска и неопходност; ја афирмира љубовта како двигател на човештвото. На овој начин тој ја внесе сета своја дарба на уметник во ризницата на својот народ.

Ce чини, Ацо Шопов е беспрекорна илустрација на народослужител: со пушка и со збор ги раскрили видиците на македонската иднина, инвестира во неа богатства на духот, вложи многу свое, како белег на настојби што ce неповторливи и незаменливи. Ce раздаде со сите свои расположиви духовни и физички потенцијали на едно наше пресвртно време и на една наша огромна вистина – да бидеме она што сме и да векуваме на овие простори како свои на своето. Тоа ce пораките на неговиот животен подвиг и на неговиот творечки опус. На сите нам тој ни завешта и да си ја сакаме татковината и да веруваме дека и литературата како уметност на зборот е еден волшебен простор на таа татковина.

Богат до раскош е поетскиот свет на Ацо Шопов: ја растајни тој низ својата песна душата на Македонецот, ја распрета неговата разгорена мисла низ мотиви во кои интимната исповед изби на прв план во неповторливи изливи на искрено доживеани чувства, изделкани во биљури на одбраниот збор, со набој од метафори и поетски фигури, со симболика што ги раздвижува сите сетила на читателот. Висок естетски квалитет е втиснат во неговите стихови. Мисловно длабок, интелектуално артикулиран и изразно префинет, останува тој трајно како голем мајстор на стихот, со чие име би ce гордеела секоја литература во светот.

Поради сето ова на Шопов му пристои ознаката историска личност. Дури и нешто повеќе: тој е име на нашава сегашност, со кое постојано треба да останеме во дослух, бидејќи претставува таква неодминлива вредност од која можеме и постојано да учиме, a највеќе, секако, како да ce сака својата земја и народ, и како да им ce служи. Toj е творец на литература чија прва и основна мисија е човекољубието – да бидеме луѓе меѓу луѓето!

Тоа е суштината на поимот Ацо Шопов.

До колку троа од троа придонесов во неговото разјаснување, верувам дека малку сум му ce оддолжил.
_________________________________

* Текстот е објавен во Творештвото на Ацо Шопов: симпозиум по повод 70-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, Скопје, 1993

** Учесник во НОБ од 1941, учесник во партизанските единици од 1943, еден од оснивачите на Друштвото на македонските писатели, прв претседател на советот на Струшките вечери на поезијата, еден од четиринаесетте први членови на Македонската академија на науките, претседател на Комисијата за културни врски со странство, амбасадор на Југославија во Сенегал, итн.

*** Co оглед на тоа што авторот на овој прилог на симпозиумот по повод седумдесетгодишнината од раѓањето на Ацо Шопов, на 13 мај 1993 година настапи со излагање на тема: „Препевите нa Ацо Шопов“, чиј ракопис во меѓувреме е загубен, на молба на Одборот за организација на симпозиумот, Гане Тодоровски достави за печатење во Зборникот нов прилог.
_________________________________