This post is also available in: French Spanish English Serbian Croatian Bosnian Italian

Долго доаѓање на огнот

1.

Тука е тој оган под овие улави води,
под овој бигор и зло самото што се плоди.

Под овие води тешки и зрели
тримеѓница црна црно што ги дели.

Под овој венец од сончеви глави,
под оваа далга со карпи што се дави,

Под овој екот, заклињања и злоби,
и ова дрво на брегот од дамнина што коби.

Тука е тој оган под оваа кожа,
под овие тримеѓници, овие три ножа.

Секогаш и сегде семожен и морен,
ѕвезда е во срце и мрак е во корен.

Копај,
ископај го.

2.

Од вруток до уток,
од грст до крст.

Од подземнина до изѕемнина,
од брат до тат.

Од светилка до бесилка,
од реч до меч.

Копај,
ископај го.

3.

Не ќе го ископаш ти никогаш тука.
Еве го сраснат со прастара бука.

Меѓу три стебла се ниша во лулка.
Ветар е црвен во секоја булка.

Воин во црква на икона стара.
Исчезнат говор себе што се бара.

Еве го, клекнат ко занесен голтар
својот збор го длаби во резба за олтар.

Во себе копај, под својата кожа,
под трите лузни, под трите ножа.

4.

Копај,
ископај го.

Од селишта до пепелишта,
од боска до коска.

Од бог до глог,
од жетва до клетва.

Од белег до лелек,
од канија до востанија.

Копај,
ископај го.

5.

Не ќе го ископаш никогаш ни со грабежи диви.
Ни мртвите се мртви ни живите живи.

Крстот им беше лесен, пепелта не им е лесна.
Мртвите ќе умрат тогаш кога и нивната песна.

Не им е тежок гробот мртвите кајшто лежат.
Песните што ги пеат на живите им тежат.

Не ќе го ископаш огнот ни да векуваш тука.
Тоа е тој светец од икона што пука.

Тоа е тој камен на сите мртви зглавје,
таа трпеза ѕвездена, таа болест и здравје.

Тоа е таа магија, таа крв чуда што прави,
што лекува од рани и штo cимиња глави.

Под своите лузни копај, под ножот што те служи,
огнот е во твоите очи пожар од бунт на ружи.

6.

Копај,
ископај го.

Својата последна клетва реките ќе ја речат,
и ќе секнат, ќе престанат да течат.

Небото ќе се сруши.
Ќе се стркалаат планини. Ќе завладеат суши.

Ќе се измешаат ѕвезди и ѕверови, отрови и ниви,
и нема да се знае повеќе ни кои се мртви ни кои се живи.

Копај,
ископај го.

7.

Додека под себе копаш над тебе тој ќе се јави
и една мртва глава на рамо ќе ти стави.

Огнот низ краишта тајни заслепен ќе те носи,
и нема да се прашаш каде си, кој си, што си.

Овде е, во овој корен, во овој молк што свети
и нема својата светлина никогаш да ја сети.

Тој на секое дрво со секој мртов виси.
Тоа сме ние, тоа сум јас и тоа ти си.

И кога таков личи на глас што сам се гаси,
од некоја вишина глува повторно ќе ти се гласи.

8.

Во себе копај, под својата кожа,
под црното сонце на трите ножа.

Тука е тој оган под овие улави води,
во оваа утроба гладна гладен збор што роди.

А може и ѕверот во дувло да го скроти,
да раскине, да здроби, да убие и сплоти.

Со него за убост поубав е цветот,
без него за цел свет посиромав светот.

Крстот ни е лесен, пепелта не ни е лесна,
мртвите ќе умрат со нас и со нашата песна.

Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970
Пристапна песна во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), на 10 октомври 1967 год, првпат објавена во Современост, бр. 3. март 1968, стр. 209-212, а потоа во збирката Златен круг на времето, 1969. Подоцна, песната е објавена и во Млад борец, год. XXX, бр 29, 13.11.1974, по повод 30-годишнината од неговото творештво.
Во определен број изданија, на почетокот на петтата строфа од третото пеење се провлекува грешката „По себе копај” наместо „Во себе копај”.

Ракописот и машинописот на песната со автографски дополнувања се наоѓа во  во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУАШ К1 АЕ32

Ацо Шопов: „Долго доаѓање на огнот” автограф стр 1

Ацо Шопов: „Долго доаѓање на огнот” автограф стр 1

Ацо Шопов: „Долго доаѓање на огнот” автограф стр 2

Ацо Шопов: „Долго доаѓање на огнот” автограф стр 2

Ацо Шопов: „Долго доаѓање на огнот” автограф стр 3

Ацо Шопов: „Долго доаѓање на огнот” автограф стр 3

Ацо Шопов: „Долго доаѓање на огнот” автограф стр 4

Ацо Шопов: „Долго доаѓање на огнот” автограф стр 4

Ацо Шопов: „Долго доаѓање на огнот” автограф стр 5

Ацо Шопов: „Долго доаѓање на огнот” автограф стр 5


„Во ‘Долго доаѓање на огнот’ на некој начин сите мои искуства се дојдени до највисок дострел.” – Ацо Шопов, во разговорот со Цветан Станоевски, „Заговорник на љубовта, земјата и страста”, 1970 год.

„Во песната ‘Долго доаѓање на огнот’, навлегувам во неколку суштински проблеми сврзани со нашата и општата егзистенција, и со еден симболичко-метафорички јазик укажувам на некои сегашни и досегашни заблуди и предубедувања. Не можам да не се согласам со критичарот Ѓорги Старделов, кој по повод на мојата последна збирка песни (Гледач во пепелта) вели: „Песните во неговата најнова книга како да немаат конкретна житејска супстанција. Тие како да доаѓаат од вечноста и како да немаат конкретно потекло. Неговите песни не ги доживуваме од средиштето на некое конкретно детерминирано време, иако со секој и низ секој стих, со секоја и низ секоја метафора, ја чувствуваме апокалиптичната димензија и токму на светот што е и наша егзистенција“. – Ацо Шопов, во разговорот со Тодор Чаловски за „Литературен мозаик“, литературна емисија на Радио Скопје, пролет 1970.

„Долго доаѓање на огнот” во српски препев на Драгиша Ќириќ, 4Jul, 22.12.1973, стр. 20.