Лириката на Ацо Шопов (III)*

Гоце Стефаноски, Чедо Цветковиќ

Стихозбирката Стихови за маката и радоста означува нова етапа во поетското творештво на Ацо Шопов. Таа содржи, на прв поглед, теми и мотиви од интимата на поетот и како да претставува лирска исповед за индивидуална мака на несреден личен и семеен живот и за индивидуални ситни човечки и поетови радости, црпени од спомените на несреќното детство и од силната љубов кон синот. Всушност, тоа е општествена лирика со акцентирана интима. Личното е општествено, општественото е лично. Тие два поима чинат цело.

Во неа поетот прозборувал за длабоките социјални проблеми на современиот човек. Токму отаде таа претставува длабока лирска анализа на крупните промени во личниот, семејниот и општествениот живот предусловени од целокупната нова структура од односи и сфаќања. Тој немал намера само себе да се разоткрие и да создаде лирика од строго интимна исповед, туку низ неговите стихови современиот човек да ја почувствува личната и општествената социјална драма на семејна основа како длабоко човечки проблем за кој современиот човек сѐ уште не нашол и се мачи да најде решение и побезболно, демократски да го реши. Таквата лирика која е и лична и општествена иако прозвучува со лирска сентиментална нота, не води кон песимизам и разочарување од новите општествени социјалистички односи, туку како пее поетот:

Годините минат како вихор,
бевме деца, а сега сме мажи.
Деца бевме, а сега сме мажи,
нашата судба треба да се знае!
(„На крстопат“)

Протекоа многу матни води,
не сум веќе јас наивно дете,
и песнава денес што се роди
носи белег на вихор и метеж.
(„Во пресрет на животот“)

Со текот на животот пред новиот човек искренуваат нови дотогаш за него непознати проблеми и пречки со кои мора очи во очи да се сретне и машки да се пресмета. Но тоа не значи дека не ќе одболува личноста, дека не ќе доживее длабоки психолошки промени од болови, жестоки конфликти и мали драми. Токму тоа е она што е новото, лирски снажното и длабоко човечки исповедното, вистински доживеаното што се среќава во стиховите на збиркава. И сам поетот тоа го истакнал во мото-стиховите кон збирката:

Јас би сакал отклик див
на бурите да им станам,
и да бидам нежен здив
на нежната зора рана.

Тематиката на оваа стихозбирка е љубовно-социјална и субјективна. Таа тематска содржина е обработена во три циклуса – „Разговор со синот“, „Спомени“ и „Стихови за љубовта“.

Во првиот циклус песни „Разговор со синот“ поетот открива длабока лична и семејна драма од која наоѓа излез во напуштање на семејното огниште и разделба со својот син и жена, чувство на напуштен, осамен, несреќен и несреден како човек и поет кој „низ облак“ во „стварноста сурова и тешка летал“ и бил „наивно дете“; несреќен поради неосмислен интимен живот, крчмата му станува животен пристан, но силната родителска љубов по синот и сознанието дека неговата жена сѐ уште така „лудо“ го љуби него го навраќа во некогашниот свој семеен дом каде бара топла интима и извор за нов поетски израз; во своето скитање на очаен и осамен навраќа во родниот град во сопственото татково огниште каде се среќава со својата мајка која го прекорува за разделбата со своето семејство.

Низ циклусот песни (,,Разговор со синот“, „Трепет“, „Во пресрет на животот“, „Не љуби ме“, „Во родната куќа“) се провлекува лирска фабулна нитка транспонирана преку разговор со свои најблиски (синот, жената, мајка си и самиот живот). По пат на медитативни и асоцијативни лирски слики прелиени со тага, мака, душевна драматичност, психолошки комплекси, богата визуелност, елегична напевност, сугестивни пејсажи подредени на основното поетско болно настроение, Ацо Шопов доловува длабока интимна драма на современиот човек.

Мекиот лирски тон ја подига скалата на патетичното, но на секојдневието му дава печат на искреност, топлина, универалност, човечност, душа. Тоа е лирика исткаена со највисока фреквенца на интонација на длабоко човечна интима, изнијансирана со богатство од најразновидни чувства, доживувања, тонови, слики, бои, звуци, ликови. Тоа е цела музичка скала од интимни третети на разочараност, бол, мака, тага, осаменост, спознавање на грев, каење, барање излез, двоумење, грижа на совеста, испитување на ситни радости, страв пред иднината на синот и за меѓусебните односи татко-син, за психолошкиот одраз на разводот на бракот врз кревката детска психа. Тоа е лирика од болни акорди од лирски нежното до патетичната трагика.

Мотивите на овој циклус се движат во рамките на лирската фабулност, и тоа во „Разговор со синот“ (по која песна го носи насловот и првиот циклус), поетот пее за својата топла интимна разделба од сина си во раната мугра; во „Трепет“ преку интимниот разговор со синот што спие, поетот го открива својот душевен немир – како синот ќе ја прими веста и доживее семејната драма; во „Во пресрет на животот“ ја опејува својата душевна состојба по напуштањето на семејството, притиснат од осаменоста и суровата груба средина која не ја разбира човечката интима; во „Не љуби ме“ предава обид да се врати во семејното огниште по долгите скитања на осамен човек, но и увереноста дека сè е свршено; а „Во родната куќа“ – средба со мајка си и исповед на поетот пред неа за својата разделба со синот.

Во вториот циклус песни од оваа стихозбирка, озаглавен со „Спомени“, поетот ја развива во нови мотивски сфери главната тема на стихозбирката, а главна тема е: во што лежи среќата на современиот човек, каде да се бара и најде. Лирската фабулност и во овој циклус продолжува како природна последица од реченото во претходниот циклус. Таа е развиена преку две подолги песни (,,На крстопат“ и „Копнежот на девојката“). Откако го напуштил своето семејство, барал среќа и утеха во осаменоста, во крчмата, во повторната желба да се врати назад, во својот родителски дом, но нигде немал утеха, мир, разбирање и душевно спокојство (I циклус), затоа тој навраќа во родното место на својот дедо, каде го оживува своето рано детство низ дедови раскажувања и доаѓа до сознание дека е на животен крстопат и дека не може да најде среќа на село на имотот на својот дедо; потоа бара заборав во нова љубов споредувајќи се со птицата со скршено крило.

Современиот човек што душевно се вознемирил и ја изгубил рамнотежата, не така лесно ја наоѓа својата среќа. Селото со идеализација на рани детски спомени не може да биде поткров на душевната и длабоко социјалната криза. Тој е на крстопат на животот, спомените за среќно детство само се моментна илузија за краток здив од тагата, болката, разочареноста и осаменоста. Сликата на разурнатото семејно огниште го следи низ животот и затоа се чувствува како птица со скршено крило и нова љубов му е нужна и ја наоѓа, макар за миг, во девојката – „гороцвет ранет“:

Ој, девојко, за пилето плаќај
беспомоќно в дланки што ти гине!
(„Копнежот на девојката“)

Поетот од аспектот на современиот човек што ја изгубил еднаш среќата, а не ја нашол во некогашните пристани на животот, природно ја бара во врвежната, моментната љубов. Таквата љубов и човечка среќа поетот ја опредметува во стиховите:

Колку мечти, колку мечти гинат!
Сека мечта – како мртов лебед.
Ако сите в едно јато минат
ќe пoбeли есеното небо…
(„За мечта што нема да загине“)

Под тежините на секојдневието многу човечки копнежи остануваат неостварени, многу илузии се изјаловуваат, многу љубовни трепети згаснуваат, најчесто среќата се претвора во разочарување. Зарем малкумина се разочарале во бракот, љубовта, животната среќа? Овој проблем го истакнува како животна содржина, како неминовност на човечката егзистенција и односи. Тој не е само индивидуален, чисто поетски, туку животен насушен на сите нас. Него во една или друга модификација сме го доживеале. Ете во што лежи универзалноста на темите и мотивите што ги третира Ацо Шопов.

Карактеристично за вториот циклус „Спомени“ е во тоа што песните се подолги. За Ацо Шопов до оваа стихозбирка е карактеристично што се манифестира како поет на кратката лирска форма. Тоа е негов уметнички медиум. Но, со „Спомени“ покажува стремеж за поширока распеаност. Тоа е уметнички нагон за совладување на поетски форми, за манифестирање на поетска сила во широчина, а и да не се изостане зад другите свои современици поети. Од овој аспект песните од „Спомени“ („На крстопат“ и „Копнежот на девојката“) ги носат тие поетски одлики. Немаат збиен лирски израз, иако во себе носат лиричност. Се илустрираат како епска наративна поезија со дијалози, драмски конфликти, лирско-епска мотивација на јунаците и фабулниот декор. Овие елементи највидливо се одразени во „На крстопат“, додека во „Копнежот на девојката“ лирскиот акцент преовладува, дури и паралелата – птица со скршено крило – делува исклучиво лирски, па и пејсажот носи лирски белег:

Од планина иде ветер палав
да се љуби со лиснати гранки.

или

Лета в облак галебово јато,
галабица од река го следи.
Силен копнеж и неа ја мами
да полета в таа бескрај сина.

Дури во него се насетува љубовен копнеж, тажното расположение на поетот, се одликува со субјективизам, зашто тесно е поврзан со внатрешниот свет на поетот.

Во третиот циклус, „Стихови за љубовта“, поетот продолжува да пее на општата тема – среќата и љубовта, и токму затоа овој циклус носи и таков наслов. Љубовта станува главен предмет на поетското творештво. Да не е таа, поетот ќе нема осмислен поетски позив, ќе нема поетски вруток од каде ќе се напојува за нови поетски текови.

И во овој циклус продолжува лирската фабулност, а со тоа, општо земено, трите циклуси опредметуваат богата поема за маката и радоста, за љубовта и среќата, за разочарувањата и несреќата. На тој начин поетот успешно нестереотипно организирал лирски поетски текст од повеќе песни во една, на прв поглед хетерогена, но, всушност, компактна лирска материја со точно одредена поетска концепција, со едно одредено поетско настроение, со стихови испеани во еден поетски манир и здив, и се чини како да се создавани под дејството на една моментна поетска инспирација, со прецизно доловена интонација, така што целокупната поетска оркестација води кон сигурен хармониум и штимунг. Тоа веќе означува извојувана рутина: во хетерогеното да се изгради комплексна целовитост.

Иако секоја песна обработува посебна тема и посебен мотив, иако секоја песна сама за себе претставува уметничка целина, сите песни од трите циклуса живеат како единствен организам.

Лирската фабулност се движи во нови содржини на човечка егзистенција: откако не ја нашол среќата во семејниот и родителскиот дом, и на село, поетот ја бара на широките патишта на животот каде доживува нови средби и разделби, доживувања, медитации, изблик на радост и горчини, чувство на осаменост и животна зрелина, па дури и на старечка мудрост и искуство. Спознавање на својата вредност по долго изминатиот пат во животот на несреќен човек и поет. А сѐ тоа станува плод на поетско творештво како израз на семејната драма, на барањето нова љубов и среќа. Среќата ја наоѓа во животот, во неговите разновидности, во поезијата.

Ацо Шопов продолжува да ја дооформува историјата на секојдневието на современиот човек, неговите самоанализи за животот, љубовта, среќата, пријателите, живи и мртви, за копнежот што го мами во нови светови на непознатото, за староста, за поезијата, моментните расположби. Современиот човек со богатата комплексност од проблеми и настани секојдневно станува или актер или сведок на овие суштествени проблеми што се зафатени во стихозбирката. Ретко има денеска човек што не се сретнал во една или друга форма со нив. Тој ги разгледува, студира, анализира: по нив донесува правилни или грешни констатации; тие се најчесто субјективни, но едновремено и универзални. Поетот не случајно пее за мртвите копнежи. Колку такви умираат во денот. Човекот не е во состојба секој свој копнеж да го реализира. Па отаде лирската сликовита рефлексивност во:

Колку мечти, колку мечти гинат!
Сека мечта – како мртов лебед.
(„За мечта што нема да загине“)

Во големата игра на човековата потрага за љубов и среќа, зарем не се поставуваат вакви секојдневни и длабоко болни проблеми и чувства:

Дали љубиш страсно и со вера,
или сум ти веќе туѓ и чуден
што љубовта своја не ја мерам
ни со аршин ни на кантар студен.
(„За мечта што нема да загине“)

и заклучоци:

Спокојството дамна сум го продал
сега лутам без почин и пристан.
(„За мечта што нема да загине“)

Современиот човек откако еднаш ќе ги дигне „белите едра на немирот“, тешко може да се задоволи со пристан во некаква лажна, моментна, длабоко несодржајна љубов и среќа. Тој е еден вид хамлетовски луциден дух што испитува, негодува, трага по совеста и животот, не верува наивно и лесно:

Дали многу од животот сакам
та ми даде неспокојни дни?
Мечтател сум? Па нека е така,
да си жива, би била и ти.
(„Мечтаење крај брегот на езерото“)

станува несфатлива природа за блискиот, човекот веќе станува енигма, проблем, голема загатка:

Знам, ти сега сама замислена минеш,
и чувствуваш в срце и болка и сласт,
и едина мисла те мачи и кине:
зошто сум ти близок и далечен јас;
(„Знам, ти сега сама замислена минеш“)

тој се распнува меѓу љубовта и обврската, радоста и тагата, копнежот и разочарувањето, наивноста на младоста и искуството на зрел човек, помеѓу искреноста и неискреноста, вистината и лагата, внатрешните пориви и моралот, личниот и општествениот живот, единката и средината, – сите овие проблеми се третман на циклусот „Стихови за љубовта“, а воедно и на стихозбирката Стихови за маката и радоста. Оваа целокупна проблематика со богата скала од чувства, настроенија, животни констатации, е израз на третиот циклус и на стихозбирката во целина. Таа е одраз на современата животна вистина што го окупира човекот. Поетот e звук и боја на животот. Она што го засега човекот преку него се точи, прелива, одзвучува, одгласува. Ацо Шопов својата лира ја настроил така што да ги долови тие современи проблеми. Можеби неговата лична драма на прв поглед избива акцентирано како нешто осамено, како моментно настроение, како нешто што е врвежно и кое нема длабока врска со животот; всушност, тоа што избива како лична драма и како оддалечување на поетот од животот е израз на способноста на поетот за лирско доживување и длабоко проникнување во сложената комплексност на современите проблеми, како и во сложената психологија и душевните немири на современиот човек. Паралелно со љубовта, со животните нагонски пориви за среќа, го тераат човекот да медитира по смислата и бесмислата на животот, по филозофските и општочовечки проблеми и прашања: што е живот, а што е смрт, што е љубов, во што лежи нејзината смисла на постоење, во каква форма се манифестира, што е брак и зошто е разнишан, зошто патријархалниот свет исчезнува, како и идеализацијата на животот, зошто е човек ту голем – ту мал, ту свиреп – ту човечен, ту радосен и оптимистички расположен – ту разочаран и очаен. Литературата, особено лириката, е таа, според поетот, животна сублимација што човекот го мачи. Таа ги запишува и регистрира сите тие животни маки, плими и осеки.

Третиот циклус е составен од кратки лирски песни заситени со богата сликовитост, пластичност, концизна поетска мисла, конкретни разновидни мотиви, богата лирска скала од ведри и тажни чувства и настроенија, живописни пејсажи, фигуративен лирски јазик, богатство од идеи и медитации. Стихот е музикален, ритмичен, најчесто вообликуван во рима, лесен, разигран. Убавите слики, чувства, мисли, се лирски предадени, така што носат во себе лепливост за душата и ги прават незаборавни. Формата на песните е разновидна; а самите песни делуваат како вешто поетско вообликување од почетниот до завршниот стих. Нема песна со примитивна несигурност. Тоа се добро вајани како уметнички остварувања. Особено се снажни лирската паралела, контрастот, епитетот, компарацијата, апострофата, реторското прашање, лирски поенти, афоризми итн.

Стихозбирката За маката и радоста претставува нов поетски квалитет во поезијата на Ацо Шопов. Таа бележи несомнен растеж во тематска и мотивска смисла, поради тоа што полека се ослободува од нобеовското, револуционерно, борбено настроение, како и од политички нормативи на обновата и социјалистичката изградба. Навлегува во нови сфери од животни проблеми кои на прв поглед изгледаат крајно субјективни, песимистички, декадентни, неживотворни. Но, всушност таа нова поезија означува вистинска современа проблематика и е решавана со нова поетска техника, пред сè, со успешно совладана поетска форма, со веќе изградена поетска рутина за уметнички вајан стих преку богати и разновидни слики, преку нова скала од бои на фигуративен израз, од течна ритмика и богатство на рима. Музикалноста и лирската напевност се новите квалитети на стихот. Ацо Шопов не запаѓа во ситуација на декадентен граѓански поет, туку на современ македонски лиричар што во нашата македонска поезија открива нови поетски можности во тематска изворност.

_________

*Текстот е објавен во Развиток, 1969, VII, 3, стр. 257-264. Ова е третиот дел од „Лириката на Ацо Шопов”, подолга студија објавена во неколку последователни броја на списанието:
Дел I, Развиток, 1969, VII, 1, стр. 94-104
Дел II, Развиток, 1969, VII, 2, стр. 198-208
Дел IV, Развиток, 1969, VII,  4, стр. 323-336
Дел V, Развиток, 1969, VII, 5, стр. 407-424
Дел VI, Развиток, 1969, VII, 6, стр. 496-500