This post is also available in: Serbian Slovenian Croatian Bosnian

Машинопис со автографски дополнувања во Фонд Ацо Шопов – Архив Харалампие Поленаковиќ – МАНУ: АШ К1 АЕ27

Не љуби ме

Пролет дојде, младо дрвје листа,
а в планина – и сонце и снег,
Плахи браној од зори ме плискат
крај врбите на речниот брег.

Како често, в таа зора блага
сам сум овде… ниту еден вик.
О, зошто ме притиска пак тага
и зошто се стемни мојот лик?

Претчувствувам: сега пак си сама,
уплакана… а до тебе – тој.
Тие очи! Ех, како ме мамат,
па сеќавам за немирот свој:

Поднапиен една вечер рана
в мисли тонев над ноќниот стол.
В миг претрпнав и јасно ми стана
дека не ќе стивне твојот бол.

Не знам како, кришум в дом ти влетов,
сѐ ме плени со волшебна моќ,
беше така топло мојто легло
како тогаш – по првата ноќ.

Чинев, еве, идеш да ми речеш:
„Врати ми се, дојди дома, мил!
За сина ти, знам, срце те влече,
ти со него дамна не си бил.“

И се прашав: зар сонувам буден,
зар над тебе уште имам власт,
зар ме љубиш уште така лудо
кога веке не те љубам јас?

О, не љуби, заборави веќе,
нека нема ни помен ни траг.
Надвор цвета пролетно цвеќе,
во душата зар да тежи мрак?

Не љуби ме!… О, да бев јас презрен,
да секнеше твојот чуден вир,

в доцни ноќи јас ќе одев трезен,
во вихорот јас ќе најдев мир!

Не љуби ме, не љуби ме веќе!
Во срцето гори само жал

за нашата изгубена среќа…
А за него, синот наш мал,

чуј, за синот имам такви сказни
и со таков ќе ги пеам глас
што некогаш ќе сетиме празник
можеби и ти, и тој, и јас!

Ацо Шопов, Стихови за маката и радоста, 1952
Песната за првпат е објавена во Современост, бр 1, 1950 год. На српско-хрватски е објавена во Антологијата на повоената македонска поезија на Димитар Митрев, во 1960 год.