This post is also available in: Serbian Slovenian Croatian Bosnian

„Во пресрет на животот“ – машинопис со автографски дополнувања во Фонд Ацо Шопов – Архив Харалампие Поленаковиќ – МАНУ: АШ К1 АЕ27 (Првиот наслов на песната бил „Поетот и животот“)

Во пресрет на животот

Есен, Есен… Сам низ градот скитам,
под багреми суво лисје шушка.
Една жена со сина си ита,
нежно, силно на гради го гушка.

Топли усни топол шепот леат
и го мамат во постела мека…
А јас немам ни куќа ни стреа,
нити некој пред порти ме чека.

Над ѕвездите мислев јас да ездам,
сега лугам низ улица стара.
Кај да одам? Кај да свијам гнездо
и среќата каде да ја барам?

Во животот многу луѓе сретнав,
многу луѓе в лице ми се смешкат:
„Ех, поето низ облак си летнал,
стварноста е сурова и тешка.

Секој ден е груб и свиреп удар,
сам ќе сетиш кога дојде време –
нема љубов, нема среќа луда,
сѐ е тоа само сон и стремеж!”

Протекоа многу матни води,
Не сум веке јас наивно дете,
и песнава денес што се роди
носи белег на вихор и метеж.

Туку нека, вихрој нека метат,
сред нив стојам како карпа сура,
сѐ што сакам в живот да го сплетам,
мојот живот да израсне в бура.

Есен. Есен…  Бледи ѕвезди горат.

Сам, бездомен јас низ градот скитам.
Слутејќи ја утрешната зора
на животот во пресрет му итам.

Ацо Шопов, Стихови за маката и радоста, 1952
Песната за првпат е објавена во Нов ден бр. 8-10, 1950 год.