This post is also available in: Slovenian

Мечтаење крај брегот на езерото

Ти си мртва… И тебе те нема,
темен бурјан и тебе те скри!
Но ја чинам дека само спиеш,
чинам вечно со мене си ти.

Пробуди се! Покрај брегот мини,
мини леко и со копнеж тих
во очите небесни и сини,
што огреват пак во мојот стих.

Пробуди се! Морен поглед крени,
биди овде макар еден миг,
и миг само пак нека ме плени
твојот нежен и загрижен лик.

Крај езеро ќе те чекам, мила,
штом заспие бескрајната шир
и на ноќта бесшумните крила
распостелат таинство и мир.

Ќе се родат мечтаења нови,
нови чувства ќе развијат лет,
и срцето ко едро ќе плови
низ далечен и непознат свет.

Дали многу од животот сакав
та ми даде неспокојни дни?
Мечтател сум? Па нека е така,
да си жива би била и ти.

Може сите бури да се зберат,
да загрми сиот небосклон,
вечна ќе е и нашата вера
и нашиот некогашен сон.

Пробуди се! Покрај брегот мини,
мини леко и со копнеж тих,
и очите небесни и сини
ќе ги видиш пак во мојот стих.

Омаена ќе трепнеш и слушаш
дека имам срце како вир,
и дека е ширна мојата душа
како што е езерската шир.

Сал некогаш понекоја зора
ме опива од тага и бол,
па час тлеам а час лудо горам
и сум во едно племенит и зол.

Ти си мртва… И тебе те нема,
темен бурјан и тебе те скри!
Но јас чинам дека само спиеш,
чинам вечно со мене си ти.

Ацо Шопов, Стихови за маката и радоста, 1952
Песната за првпат е објавена во Современост, год. 1, бр. 5, 1951, стр. 21-22