Лириката на Ацо Шопов (I)*

Гоце Стефаноски, Чедо Цветковиќ

Ацо Шопов е еден од нашите македонски поети што израснуваа во историска условеност на НОБ и извојузаната национална слобода на македонскиот народ во рамките на нашите југословенски народи. Припаѓа на онаа генерација што носи стравични спомени на тешките дни на окупацијата, како и на херојскиот ентузијазам на македонскиот народ во борба против фашистичкиот окупатор а за ослободување на со векови поробената татковина – Македонија.

Роден е во Штип 1923 година, во материјално средно ситуирано граѓанско семејство, своето детство го провел во еден град на Македонија кој означувал во условите на стара Југославија поим на провинциска зафрленост, на интернација, на џандарска суровост, полициски прогонства, административен примитивизам, град на пеколна тропска клима обременета со маларија, дизентерија, туберкулоза, колонизаторство, малограѓанштина, на безочна експлоатација, глад, голотилак, сиромаштија, град на несигурен живот во кој светот бил поделен на поробен народ и тиранска власт, но и град на омраза, непокорство, бунтарство, протест… Во таква атмосфера на провинциска зафрленост и политичка депресија поминале детството и раната младост на поетот. Тој со симпатии се определил на страна на работниот народ, на страната на слободоумието, правдата и вистината; македонската национална слобода му станала животен идеал. Уште во средношколските години на стара Југославија зел учество во напредното движење кое ги зафатило и средношколците. Во литерарната дружина на штипската гимназија Ацо Шопов започнал да се занимава со поетска литераретурна дејност. Првите дни на окупацијата Ацо Шопов ги пречекуво активна политичка револуционерна напредна активност. Во текот на НОБ како активен член на СКОЈ развива широка илегална политика работа меѓу средношколската и работничката младина. Подоцна кога немало услови за понатамошен негов престој во градот, заминува на слободната партизанска територија. Станува активен борец во Третата македонска ударна бригада, од самото нејзино формирање. Тука, во редовите на партизанската единица Ацо Шопов израснува во снажен македонски поет на НОБ. Неговата песна „Марш на Третата македонска ударна бригада“  исфрла на преден план на поет и борец. Секој македонски партизан се напојуваше со борбениот морал што зрачеше од секој стих на овој партизански марш. Во бригадниот весник Илинденски пат Ацо Шопов објавува свои песни со теми и мотиви од НОБ. Уште во текот на борбите за конечно ослободување на Македонија од фашизмот неговите песни „Очи“, „Љубов“, „Пробиштип“ стануваат општопознати, учени напамет од борците, рецитирани крај партизански огнови и приредби. Ацо Шопов станува поим на партизански поет. Во 1945 година во тукушто ослободеното Куманово е отпечатена првата негова стихозбирка под наслов Песни.

Анализа на стихозбирката Песни

Историската појава на стихозбирката Песни од Ацо Шопов претставува крупен настан во духовниот живот на македонскиот народ. Македонската лирика, појавена меѓу двете светски војни со Бели мугри (1939) од Коста Рацин, и Молскавици (1940) и Пеш по светот (1941) од Коле Неделковски, го продолжи својот историски тек, својата историска нужност од постоење. Ацо Шопов означуваше во тие историски часови ново македонско поетско име, историски продолжител на прекинатата поетска врвица на веќе мртвите македонски поети [Коле Неделкоски (1941), Коста Рацин (1943)].

Историското значење на малата и скромна публикација на Песни лежи и во самата историска условеност на македонската борба за извојување на национална слобода и рамноправност меѓу слободољубивите и антифашистички народи на нашата земја. Оваа збирка се раѓа во ова време на I-то заседание на АСНОМ во Прохор Пчински (2 август 1944) и означува почеток на нашата млада македонска национална литература и култура.

За стихозбирката Песни поетот Ацо Шопов се инспирирал од НОБ. Во тоа време бил активен учесник во борбените историски подвизи на една од прославените македонски ударни бригади, како борец ги преживеал славните историски часови на борбата на македонскиот народ, за остварување на своите светли идеали; се воодушевувал од јуначките подвизи на своите соборци, ја поднесувал голготата на партизанскиот живот, со восхит пеел за победите а тагувал над поразите и жртвите. На непосреден лирски начин го опеал своето лично активно учество на страната на демократијата и слободата, со омраза пее против фашизмот. Неговата песна е исполнета со силна  љубов спрема народниот борец, со силна вера во посветлата иднина на македонскиот поробен народ. Со револуционерен патос Шопов ја олицетворува историската величина на НОБ. Со еден збор, стихозбирката Песни од Ацо Шопов е со револуционерна патриотска и антифашистичка тематика.

Со оглед дека Песни е една од првите македонски публикации, појавени во деновите на Револуцијата и на националната афирмација на македонската култура и литература, оваа збирка носи влијание на народното творештво, на македонската уметничка лирика од периодот меѓу двете светски војни, како и на револуционерната лирика на Христо Ботев. Но, во крајна линија тоа е збирка што носи автентичен лирски печат на македонски поет што израснал во врелите дни на борбата, што запеал во часовите на партизанските јуриши, во огнениот мирис на барутот на Револуцијата, во снажните натчовечки напори на антифашистичките сили на нашата земја кога се немало време за дестилиран поетски израз, кога се пишувало од борбата за борбата, на заседи, в ров, на партизански краток одмор, во движење, во јуриш, престрелка, крвав бој… Токму затоа овој првенец на Ацо Шопов, кој едновремено е основоположник на нашата македонска воена и повоена лирика, означува поетска победа на револуционерната македонска литература, а на Ацо Шопов му обезбеди челно место во историјата на македонската литература.

Стихозбирката Песни е составена од неколку песни со мотиви од партизанскиот живот. Позначајни песни се: „Очи“**, „Љубов“, „Партизанска пролет“, „Пробиштип“ и „Марш на Третата македонска ударна бригада“.

Секоја одделна песна обработува посебен мотив, но сите мотиви заедно се сливаат во лајтмотивот: борбата против фашизмот и љубовта на борецот и народот спрема слободата и татковината. Во „Љубов“ – се опејува љубовта на поетот-борец кон другарката-борец; во „Очи“** – смртно ранета партизанка оплакана и опеана од борците; во „Пробиштип“ – партизански напад на Пробиштип и смртта на борецот Доне; во „Партизанска пролет“ – пејзаж на пролетна вечер и воодушевеност на борецот од убавината на пролетта и борбата; а во „Марш на Третата македонска ударна бригада“ – херојскиот историски пат на Третата македонска ударна бригада. Сите мотиви на оваа стихозбирка се испеани со револуционерен патос на љубов спрема татковината, народот, борецот, народните идеали, потоа со силна омраза спрема фашизмот и окупаторот, тиранијата, жестокоста и крволочноста на непријателот. Најчесто ги излеал со борбен револуционерен ентузијазам, со поетска идеализација на партизанскиот живот, ликот на борецот и борбата. Низ целата стихозбирка провејува оптимизам, силна вера како на поетот така и на народниот борец по конечната победа над фашизмот и извојување на среќен живот, во остварување на народните идеали во чие име се води HОБ и умираат нејзините борци:

Со здружени сили окови ќе пукнат,
Ќе изгрее бргу ден светол и чист!
(„Марш на Третата македонска ударна бригадa“)

или

Низ херојски борби и подвизи горди
не жалевме живот за новиот строј!
(„Марш на Третата македонска ударна бригадa“)

Целата стихозбирка носи лирски печат на субјективност од чувства на самиот поет кој е обземен со силен оптимизам од радост и среќа што е син на револуционерен борбен слободарски народ, што војува за својата слобода, среќна иднина, што ропски не го свива својот ‘рбет пред непријателот, што го гледа идејно и револуционерно обединет во извојувањето на големото дело на Народната револуција, поетот е восхитен од хероизмот на борците, нивната бестрашност, беспримерна храброст, од нивната силна љубов кон татковината, народот и борбата. Скоро низ сите песни од оваа стихозбирка пее за високоморалниот борбен лик на партизаните – мажи и жени; се чувствува лична гордост на поетот за славните партизански историски борби при Пелинце, на Козјак, кај Пробиштип, Беласица, Плачковица, Дренок и Кочанско, како и големата тага по ранетиот партизан и мртвите борци, народни херои како што е Христијан Тодоров-Карпош.

Најчесто поетот применува форма на лирска исповед преку која ги манифестира тенденциозно своите животни погледи, идеали, чувства и доживувања. Од секоја прочитана творба избива антифашистичкиот карактер на поетот кој со оружје и стих во улога на борец и поет е готов да го брани делото на Револуцијата. Таквата поетска форма на констелација на чувствата и мислите била историски нужна, зашто самата македонска лирика од тоа време била идеолошки предодредена да ѝ служи на борбата и затоа песните од оваа стихозбирка посилно се издржани содржински отколку по форма. За таквата состојба на поетската форма, секако, придонесуваат повеќе фактори, од кои се најзначајните: поетската младост на самиот автор, како и првите чекорења на нашата млада современа лирика и литература, која немала своја богата традиција и која била приморана да егзистира во свои првобитни форми на поетско творештво. Но, сепак, иако била почетничка, во неа се надѕирал несомнен поетски талент кој успеал уште во првите свои творби да го надрасне стихот на народната поезија, креативно модулирајќи го во свој автентичен уметнички израз:

Очи ти сакам, молња да режат,
кипнати гради оган да горат,
врели ти усни жар да се сторат,
под твоите раце под твојата сила,
врагој да мрзнат и да се ежат,
другарко моја, другарко мила!
(„Љубов“)

или

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.
(„Очи“**)

Народната поезија во некои творби од оваа стихозбирка е присутна, но не акцентирана во плагијаторство туку во индивидуална форма и содржина:

Вечер е тиха, дремлива,
нечујно гора шумоли,
месец сред гранки сонува,
ѕвездите солзат на небо,
а рана пролет пргава,
раскрила убост моминска –
снага ѝ – шума борова,
очи ѝ – бистри кладенци,
лице ѝ – пупка трендафил,
а коси – трева зелена!
(„Партизанска пролет“)

Ацо Шопов во барањето на погодна форма на уметнички збор влегувал во декларативност. Но декларацијата добила динамика на борбен ентузијазам, патриотски патос, хероичност со емотивен занес на антифашистички борец, со искреност на внатрешни развиорени борбени чувства на радост понесена од партизанските победи и чувства на тага и бол по доживеани загуби од смелите денови на НОБ:

Ко челик сме ние – со Титовски сили,
Стив Наумов стои пред нас како штит,
Карпошова љубов тече в наши жили –
бpигaдaтa нaша ко чекан е свит.
(„Марш на III македонска ударна бригада“)

Декларативноста е една од битните одлики на младата македонска воена и повоена лирика. Таа станува и израз на можност на младиот македонски пост кој сѐ уште не успеал да ги усоврши изразните можности во богата оркестрација на лирска композиција. Неа ја придружува и нарацијата, без која не можела да се замисли уметничката сликовитост. Со самото тоа што се стремеле нашите пости да кажат во нужна историска афектација за борбата со сите нејзини историско-општествени и психолошки моменти, биле принудени нарацијата да ја сметаат како најпогодна форма на сликање на настаните, личностите и доживувањата, како свои така и на борците и народот. Неа во тие историско-поетски услови ја сметале за важен поетски манир на сликање. Низ нејзините содржини формирале живи сугестивни слики на епското, динамичното, борбеното, трагичното, разбунтуваното, револуционерното што го носела со себе НОБ. Нарацијата заедно со декларативноста најдени на таа релација на книжевно вообликување не само што не значеле минус во лиричното ткиво, туку се сметале за историско нужна категорија на поетска лирска композиција. И уште нешто повеќе. Нераздвижениот македонски литературен јазик кој наоѓал прва своја модификација во лирскиот поетски текст на првите наши воени и повоени поети, најдобро ја пронаоѓал својата јазична констелација низ ваква на прв поглед примитивна поетска лирска изразност. Ацо Шопов како еден од ковачите не само на македонската лирика туку и на македонскиот литературен јазик, низ таа поетска фактура, наједноставно, најлесно и најнепосредно ги изливал своите чувства, мисли, идеи, доживувања, слики, душевни состојби.

Екскламативноста со паролошкото на револуционерниот историски момент претставуваат пропратна појава на една литература што се јавува во вонредни животни услови кога литературата, а посебно борбената, револуционерната и патриотската лирика, има предна историска улога во одразувањето на расположбата на револуционерните маси. Најеклатантни примери за ваква поетска лирска структура се наоѓаат дури и кај поети од величината на Блок, Есенин, а за поети револуционери од типот на Мајаковски и да не зборуваме. Борбениот ентусијазам на партизанското што го носи Ацо ІІІопов во себе како борец, го пренесува и во песната преку екскламацијата и паролаштвото. Тоа е насушност на денот на Револуцијата. Шопов е син на борбата, нејзин војник и неговиот борбен темперамент на 20-годишник никако не можел да се замисли поинаку, освен со пушка и смртоносен стих испратен како врел рафал на вознемирено силно поетско патриотско срце. Лирската искреност со која ги загрева стиховите од својата стихозбирка Песни, на овие два композициони елементи им дава сугестивна уметничка креативност, богата, темпераментна колоритност.

Благодарение на овие композициони елементи, поезијата на Ацо Шопов од 1944 година одиграла силна мобилизаторска улога среде народните маси, среде борците од НОБ, па дури и по ослободувањето (а да не претераме и денеска) во разгорувањето на борбените потенцијали на нашиот работен народ, во распалувањето на омразата спрема фашизмот зад чие уништување лежеше нашата социјалистичка слобода и демократија. Таа нејзина историска улога никој не може да ја оспори. А со самата историска функционалност, поезијата на Ацо Шопов станува поетско јадро, литерарен скелет врз кој ќе се развие богатата фасада на нашата македонска лирика.

Една од убавите поетски остварувања во стихозбирката Песни е „Партизанска пролет“.

Оваа позната песна со патриотски мотив Ацо Шопов ја напишал во младите почетни години на поетска дејност. Во тие години бил сведок на големата борба на македонскиот народ и другите југословенски народи против фашистичкиот окупатор. Пролетта будела нескриени надежи на разгорување на народната борба против непријателот. Со својата временска условеност пролетта овозможувала омасовување на единиците на НОБ и поетот како таква ја доживеал и одразил во оваа песна изливајќи го оптимистичкиот борбен дух на македонскиот партизан што се нашол во прегратките на борбата и планината со нејзините бујни шуми.

Во деновите на партизанската борба Ацо Шопов пеел песни со кои истапувал како „пламенен народен трибун“, кој ја слави борбата, помага да добие општонароден карактер, да пламне низ широките простори на македонската земја повикувајќи го македонскиот народ да земе активно учество во извојувањето на слободата и оживување на борбените традиции на Илинденската епопеја.

Таа своја идеја поетот ја опредметил преку пејзажна слика на пролетна вечер над слободна партизанска територија и преку доловувањето на борбениот ентусијазам на борецот по убавината на пролетта и борбата. Тоа е основен мотив на песната. Целата песна е испеана со ведро борбено настроение кое доаѓа од пребродената суровост на зимските тегоби што го отежнувале партизанскиот живот во планината и окупираната татковина. Бујната разлистена шума во родната планина влева нови сили на борба кај партизанскиот борец. Таа ведра расположба на партизанскиот борец ја пренесол поетот преку пејсажната слика на тиха пролетна вечер која со својата убавина од пргавост, меко горско шепотење, месечина и ѕвезден сјај, која со боровите шуми, бистрите кладенци, бурната зелена трева му напомнува на моминска убавина со стројна, пргава снага, изразити очи, убаво лице и бујни коси.

(І строфа)
Воодушевен од нејзината убавина му се истрга радостен крик по својот патриотски позив на партизан кој се нашол во слободните простори на убавата родна планина со бунтовна песна да крстари по нејзините широчини и да се бори за прогонувањето на непријателот.

(II строфа)
Идејно-содржинската страна поетот ја вообличил во складна уметничка форма; ја испеал во четири строфи од кои 1, 3 и 4 претставуваат живописна слика на рана пролет компарирана со моминска убавина, а 2 строфа преку апострофирано чувство на идеализиран партизански живот во слободна партизанска територија.

Според композицијата песната може да се подели на три дела:

  1. Опис на раната пролетна вечер;
  2. Радосно чувство на поетот-борец исполнет со сознанието дека е на слободна партизанска територија во рана пролет и дека се бори со песна против врагот;
  3. Опис на раната пролетна вечер завршува со алегориска слика на будење на пролетта.

Ацо Шопов доживувајќи рана пролет на слободната партизанска територија, загледан во огромната темна купола на небото прошарено со ѕвезди и месечина ја чувствува раната пролет како доаѓа весело, пргаво и му личи на моминска убавина со шуми од борови, кладенци, цвеќе, трева. Оваа живописна слика поетот ја пренесува како свое лично доживување во конкретизацијата на описот: пролетта е „тиха, дремлива“ што ја насетува поетот по „нечујното шумолење на гората“, преку персонифицираните слики од месечината што „сонува сред гранки“ и од ѕвезди што „солзат на небо“, пролетта му личи на „пргава“ со „моминска“ разоткриена убавина што има снага како боровите, очи на „бистрите кладенци“, лице како „пупка трендафил“, а коси „како трева зелена“.

Живописноста на описот на раната пролет поетот ја доловил со прецизно уметничко вообликување на романтичар што се служи како со свој соrrствен израз така и со изразните средства на народната поезија. Во богатата палета на уметникот епитетот има вонредно уметничко значење зашто преку него реско, јасно, прецизно ги оживува предметите и појавите што ги слика: вечерта е „тиха, дремлива, нечујно“ шумоли гората, „рана“ и „пргава“ е пролетта, нејзината убавина е „моминска“, има снага на „борова“ шума, очи на „бистри“ кладенци, коси на „зелена“ трева. За порелјефен опис на природата поетот покрај епитетот, употребил сликовита и уметнички сугестивна персонификација: („месец сред гранки сонува, ѕвездите солзат на небо“); покрај тоа употребил компарација во форма на метафора (снага и – шума борова, очи и – бистри кладенци, лице и – пупка трендафил, а коси – трева зелена“).

Живописноста поетот ја постигнал со сликовитоста и музикалноста на стихот преку ономатопеја, богата aлитерација и асонанса (со честа употреба на согласките: „р“, „м“, „н“, „з“, „с“; и на самогласките: „е“, „а“, „о”, и „и”). Мелозвучноста ја чини сликата на одделниот стих лесна, впечатлива и живописна. Особено убави стихови претставуваат: „Месец сред гранки сонува, ѕвездите солзат на небо“…, во кои поетот употребил голем број согласки (ц, s, c, з) и кои придонесуваат за богатата визуелност и слухова впечатливост.

Оваа строфа како единствена слика на персонифициран пејзаж на рана пролет, поетот ја изградил со две техники: со техника на уметник и со техника на народен поет. Првите четири стиха се уметнички индивидуално постигнати, во кои има влијание Ботевиот стих, но не е апсолутно пресаден од Ботеовата поезија во песната, туку Ацо Шопов нашол свој творечки пат. Додека за следните 6 стиха од строфата стихот на народната поезија е осетно присутен: раната пролет е „пргава“, има „убост моминска“, очи „бистри кладенци“, лице „пупка трендафил“, коси „трева зелена“.

Целата наша народна лирика со ајдучки и комитски мотиви во себе содржи богата изразност на слично опредметуванье на природата. Народниот борец (ајдутот, комитата) живо е сврзан со планината и годишните времиња и нив ги доживува непосредно. На сличен начин и борецот од НОБ тоа го доживува. Нашата лирика што се раѓа во НОБ има крвна врска со народното творештво. Таа позајмува од богатиот народен колорит изразни средства што сугестивно ја оцртуваат општествената положба на земјата како и психолошката состојба на самиот борец. Поетот бил крвно сврзан со духовните потреби на борецот и настојувал со народносен јазик и стил да проговори и најде заеднички јазик помеѓу песната и читателот.

Сите споменати појави и предмети поетот ги доловува како доживеана слика на секој борец – партизан и добиваат субјективна боја на неговото ведро борбено расположение. Раната пролет од аспектот на борец што верува во победата ја идеализира; отаде во следната строфа ќе се истргнат силни, ведри, борбени антифашистички чувства:

Еј, море, радост голема,
партизан в пролет да бидеш.

Еј, море, среќа бескрајна
в пролет низ гора да одиш.
(„Партизанска пролет“)

Во оваа строфа поетот во името на антифашистичкиот борец ги идеализира условите на партизанскиот живот и борба. Тоа го постигнал со апострофа преку која ги изразил ведрите борбени чувства на борецот што доаѓаат со првото чистење на шумата и веселото жуборење на изворите, со нараснатата радост и бескрајна среќа што партизанот може слободно да се движи по бескрајните простори на бујната со шуми планина на слободната партизанска територија каде може слободно да пее бунтовни песни и да се бори против непријателот до конечното прогонување од поробената татковина.

Во композициона смисла поетот и во оваа строфа не е далеку од стихот, јазикот, изразните средства, мотивот и ритмот на народната поезија, зашто во неа редовно борците одушевени од убавината на родната земја се опеани со нивните изблици од радост и среќа што се синови на борбената традиција на татковината. Тој присен однос на борецот со родната планинска природа – гората е редовен мотив во народната поезија па и во оваа песна е присутен. Изразните средства и стиховите од типот на: „Еј, море, радост голема“, „среќа бескрајна“, „в пролет низ гора да одиш“, „песна да пееш бунтовна“, „врагот да го прогониш“, се вешто експлоатирани и вградени во целиот склоп на песната. Но, при читањето на песната во целина, никако не доаѓа помисла на чистокрвно плагијаторство, туку се наметнува идејата на силна уметничка вештина на поетот Ацо Шопов; како поет, со својата уметничка сила се доближил до народната поезија и ја изразил општонародната психологија на народниот борец – македонскиот партизан. Дури и преку формата поетот ја истакнал борбената традиција на македонските поколенија која ја продолжија македонските партизани. Во различни временски услови но ист борбен дух и менталитет борецот од минатото и борецот од НОБ ја водат борбата за ослободувањето на татковината. Во таквата концепција на идејно-содржинската и естетско-уметничката структура на песната лежи индискретна симболика.

Иако поетот ја завршил втората строфа со боребни стихови, не ја поентирал својата творба како борбена, туку продол жил повторно со опис на раната пролет – на партизанската вечер и на тој начин постигнал претежно пејзажна слика со рефлекси на борбени чувства и настроенија. Во таквата техника лежи стремежот да се постигне целосност од слика на пејзаж, настроение, чувство, изразност, стил и јазик. Во таквата градба е постигнат успешен тоталитет: тих, спокоен, со лирска топлина, потоа борбен, експлозивен со повик за борба, на крај повторно тих, спокоен со лирска алегорија.

Љубов“ е една од најпопуларните песни на Ацо Шопов и една од најрецитираните. Кога станува збор за Ацо Шопов, пред сѐ се има предвид оваа темпераментна, борбена, силно искрена револуционерна исповед на поетот па потоа доаѓаат на ред други негови песни со нобеовски мотиви. Таа е родена во суровите дни на непријателските офанзиви кога непријателот се обидувал да ја збрише слободната партизанска територија, кога борците на НОБ вложуваат максимум усилби да се спротистават, кога високиот борбен морал избивал низ секоја акција. Во тие часови поетот се надахнувал од силната љубов на борците кон татковината, народот и борбата, се инспирирал од нивната силна омраза спрема непријателот, фашизмот, тиранијата и смртта. Највеличественото го согледувал во јуначкиот подвиг на партизанката, која со борбен жар и силна љубов, со нескриена омраза влегува во јуришите тераjќи го непријателот на избезумен страв. Од тој аспект и ја испеал песната „Љубов“ посветувајќи ѝ ја на македонската жена-борец.

Како и скоро сите негови песни од првата стихозбирка така и оваа е испеана во прво лице еднина, а тоа значи од изворот на своите сопствени поетски и боречки чувства и доживувања. Поетот во тоа време носи 20-годишна младост и со темпераментот на борец и младич ја испеал целата песна. Тоа го coопштува уште со почетните стихови:

Очи ти сакам, молња да режат,
кипнати гради оган да горат,
врели ти усни жар да се сторат,
под твоите раце под твојата сила,
врагои да мрзнат и да се ежат,
другарко моја, другарко мила!
(„Љубов“)

Оваа песна ја испеал со борбено настроение, кое се провлекува низ целата песна. Но најсилно се чувствува во првата и последната строфа.
_________
*Текстот е објавен во Развиток, 1969, VII, 1, стр. 94-104. Ова е првиот дел од „Лириката на Ацо Шопов”, подолга студија објавена во неколку последователни броја на списанието:

Дел II, Развиток, 1969, VII, 2, стр. 198-208
Дел III, Развиток, 1969, VII, 3, стр. 257-264
Дел IV, Развиток, 1969, VII,  4, стр. 323-336
Дел V, Развиток, 1969, VII, 5, стр. 407-424
Дел VI, Развиток, 1969, VII, 6, стр. 496-500

** Спротивно од тврдењето на авторите на овој текст, песната „Очи” не фигурира во збирката  Песни, 1944 год. За првpат е објавена во списанието Нов ден, бр. 1−2, 1946

Во врска со песната „Љубов”, прочитаје го и овој текст од истите автори.