На крстопат

1.
Молчи градот во смрзнати дреи,
под бел покрив градот мртво спие.
Само патем, под ниските стреи,
студен север неуморно вие.

Вие ветер. И тој виј се слива
како порој, како бура гневна.
А сред таа вијулица дива
полноќ бие од Кулата древна.

На крстопат застанувам тихо.
Срце, кого ти во ноќта тражиш?
Годините минат како вихор, –
бевме деца а сега сме мажи.

И паметам: дамна, како дете,
сон ми беше сека ноќна ѕвезда.
Дали сите овој зимен ветер
ќе ги фрли во некоја бездна?

На крстопат снегот густ ме вее
Каде сега? Кој пат да го земам?
Сѐ е пусто, завејано сѐ е,
и патека, чинам, нигде нема.

Но од близу познат глас ме викна.
„Е-хеј, момче, што на студот стоиш?”
Дедо Наско ненадејно никна
како јунак од сказните мои.

„Кој си да си, во градот си дошол,
едно место за тебе ќе има,
сал времево нешто ни е лошо,
ќе нè сотре кучешкава зима.

Таа зима студот ќе е крвав, –
многу рано по куќите копа…
На планина цел ден збирав дрва
а ветерот ги расеа по пат.“

Дедо Наско тежок товар сметна,
и штом стаса под ламбата бледа,
луда радост во очи му светна:
„О, господи, зар внукот го гледам!”

„Јас сум, дедо, еве дојдов денес.”
„На крстопат?”– „Не, домот го тражам,
само не знам каде да се крене… ”
А тој шепна: „Оди, ќе ти кажам.”

И тргнавме. По нашите лица
бие север безмилосно, грубо.
Родна куќо, ранета сум птица,
но ме грее дедовата љубов!

2.
За детството зошто да се жали
кога вечно во срцето гори?
Дедо Наско пак огниште пали
и за себе замислено збори:

„И ти ојде…  бар да е со среќа,
па нека е пустелија глува.
Седумдесет јас носам на плеќа,
а куќава треба да се чува.

Во куќата ќе вивнува оган
жива нога дур по прагот гази,
но на испит штом тргнам пред бога
огништето кој ли ќе го пази?“

Шуми огнот, игра пламен бликав,
темни сенки под ѕидот се редат,
и чувствувам – од жолтата слика
загрижено мајка ми ме гледа.

Немо, кришум со очи ја прашам:
Еве, мајко, пак до тебе седам,
прикажи ми за судбата наша
и зошто си уморна и бледа?

Дедо Наско како да ме сети,
ко да разбра што од неа сакам,
насолзени зеници му светат,
тој ги брише со трепетна рака.

„Зборуј, дедо, сѐ што има кажи,
зарем уште пусто срце трае?
Деца бевме, а сега сме мажи,
нашта судба треба да се знае!”

Сѐ е пусто, завејано сѐ е.
Пука мразот, студот крвав сече.
Но вечерва, вечерва ме грее
приказната во соба што тече.

Тихо, тихо, како да ме роси,
како топло, како меко крило,
приказната вечерва ме носи
во времето дамна што се збило…

Ацо Шопов, Стихови за маката и радоста, 1952
Песната е претходно објавена на српско-хрватски во Књижевне новине (1950 или 1951).