Лириката на Ацо Шопов (II)*

Гоце Стефаноски, Чедо Цветковиќ

Основниот мотив на „Љубов“ е повик за борба до женската младина која треба да заземе активно учество не жалејќи ја својата младост; Сенародната љубов кон татковината, народот и борбата – тоа е нејзиниот лајт-мотив. Шопов тоа го истакнува во втората строфа:

Не за љубовни песни ти пеам
не за вечери неспани тлеам,
оваа песна за бунт ти збори,
во неа крвта моја гори!
(„Љубов“)

Покрај овој основен мотив, поетот истакнал и други мотиви: историската улога на поетот во дните на борбата; неговата приврзаност со народот и борбата; неговата решеност да се бори до последен здив, зашто силната љубов за посветол живот низ борбата „расте“; загинатиот борец во борбата за слобода не умира, туку станува поттик за разгор на борбата; нема среќа во поробена татковина; женската младина треба да биде инспиратор на јуначки подвизи, да се надрасне самата себе, и да не се жали во борбата; омразата спрема непријателот треба да биде силна како што е силна младоста и љубовта кон слободата.

Основната идеја на песната е дека младоста што се жртвува за слободата на својата татковина и народот, не треба да се жали, зашто од нејзиното херојство се надахнуваат илјадници нови борци; поточно речено, дека без борба нема слобода, а без хероизам – масовна борба.

Основниот мотив и идејата поетот ги развил низ пет делови кои се поврзани во уметничка целина. Тие пет дела фактички ги обработил во посебни строфи.

Во првиот дел поетот изразува желба неговата другарка да се најде во првите редови на борбата, од нејзините очи да избива молња на омраза, од градите да гори пламен а од усните жар за остварување на народното дело; од нејзината револуционерна сила и висок борбен морал непријателот да почувтсвува страв. Таква, борбена, револуционерна, пламенен борец сака да јa види поетот и само таква може да биде достојна на неговата љубов.

Своите борбени чувства и желби поетот ги изразил со сугестивен поетски израз; тој ја слика нејзината убавина од која се одушевува со изразитите очи, бујните гради и врелите усни, нежните раце и стројната снага во која се крие младешка сила. Но, во условите на НОБ тој сака таа женска младешка сила да режи молња од омраза, да гори во пламен и жар за народните идеали од чија борбена темпераментност ќе мрзне и ќе се ежи од страв непријателот. Поетот не го привлекува женската убавина, туку пред сѐ готовноста на неговата другарка за отворена борба против окупаторот: таков е идеалот на девојка што го привлекува и одушевува. Изразувајќи ги борбените особини што ги бара од својата другарка, всушност себе се опредметил како борбен син на својот народ кому не му е до интимна љубов, туку кој младоста и љубовта ги жртвува на борбата.

Поетот апострофирано директно се обрнува со снажен излив на борбено чувство до својата другарка. Целата строфа е предадена преку апострофа. Апострофата е најпогодно изразно средство за директен пренос на мислите и чувствата на поетот. Таа интонациски ги акцентира поетските немири. Затоа најчесто и се среќава во творби со борбен карактер. А како е „Љубов“ една од борбените песни на Ацо Шопов, пишувана во набиен борбен интензитет, токму не можел подобра форма ни да избере од апострофата, зашто низ она директното темпераментно борбено реченото:

Очи ти сакам, молња да режат,
кипнати гради оган да горат,
врелите усни жар да се сторат,
под твоите раце,
под твојата сила,
врагои да мрзнат
и да се ежат,
другарко моја,
другарко мила!
(„Љубов“)

избива сета револуционерна еруптивност на чувствата и мислите на поетот-борецот.

Борбеното настроение не е постигнато само преку апострофата, туку пред сѐ во вешто одбрани изрази претворени во впечатлива слика и снажни чувства: (,,молња“, „режат“, „кипнати“, „оган“, „горат”, „врели“, „жар“, „мрзнат“, „се ежат”), како и ограничени предмети (,,кипнати гради“, „врели усни“); хиперболични слики (,,очи што режат молњи“, „кипнати гради што оган горат“, „врели усни“ што се претвораат во „жар“), со контраст („врагои“ што „мрзнат“ и се „ежат“).

Лирската топлина поетот ја постигнал во завршниот стих со: „другарко моја, другарко мила!“.

Целокупната композиција на борбеното настроение поетот ја изградил со умешното одредување на местоположбата на одделни поетски изрази што треба да означат одредена носивост на чувство, мисла и идеја. Отаде почетните зборови (скоро) од секој стих посебно се акцентирани и носат боја и звук какви што носел писателот во себе во моментот на поетската инспирација. Она „очи ти сакам“, „кипнати гради“, „врелите усни“, „врагои да мрзнат“, „другарко моја“, е главниот носив идеен и чувствен скелет на творбата, но исто така умешно ги поентира и во завршниот дел на стихот со: „молња да режат“, „оган да горат“, „жар да се сторат“, „и да се ежат“, „другарко мила“. „Режат“, „горат“, „сторат“, „сила“, „ежат”, „мила” се завршни изрази на поентираната носивост.

Секако цезурата заедно со испрекршените стихови придонесува за доследно уметничко вообликување на строфата како израз на борбено чувство.

Ритмот се состои од четири метрички стапки дактил со трохеј:

Очи ти (сакам) молњи да (режат).

Четвртиот испрекршен стих, иако е со поинаков ритам, во нешто изменета форма (четиристопен амфибрах) не пречи во општиот ритмички тек на строфата, зашто амфибрахот е најподатлива ритмичка стапка за македонската версификација.

Римата поетот ја застапува иако не во утврдена законитост, но со својата присутност придонесува за милозвучноста на стихот, за акцентуацијата на настроенијата и чувствата, а со тоа оваа строфа остава снажен впечаток со својата идејно-содржинската страна како и од естетско-уметничката.

Во следната строфа поетот настоел да даде израз на својата идејна расположба. Во неа ја изразил својата поетска програма тврдејќи дека во „Љубов“ нема да пее на љубовна тема, ниту пак ќе ги овековечува љубовните авантури и копнежот, туку дека ќе ја опејува борбата, народниот бунт, востанието, Револуцијата на која ѝ ја посветил својата младост и поезија. Борбениот темперамент на поетот избива и во оваа строфа, но уметничката младост, слабото поетско рутинерство не му дозволиле на поетот да ја одрази онаа поетска снага што се манифестира во претходната строфа. Стиховите од оваа строфа делуваат наративно, со извесен шаблон, не достига сликовитост, па ритмичка смисла попушта стихот. Иако оваа строфа е слаба како слика и издржана уметничка форма, сепак патриотското чувство, борбеното ведро настроение, повикот за бунт ја поврзуваат во целокупниот строеж на поетската архитектура. Карактеристично за оваа строфа е едноставноста на изразот, потоа скромноста и симплицистичноста во изразните средства. Контрастот и едноставните епитети, анафората и вообичаената метафора – тоа е богатството на оваа строфа.

Поетот во својата распеаност потоа во третата строфа од „Љубов“ пее за општонародниот карактер на борбата, за борбениот морал на борците, за нивните јасни идеали, за жестокоста на борбата која се води на живот и смрт и во која се раѓа големата сенародна љубов кон татковината, народот и борбата. Оваа строфа ја завршува со идејната поента: „Другарко, таму љубовта расне!“

Во името на големата народна љубов, во името на борбата за слобода и општонародните идеали, поетот бара од младината да се откаже од интимните младешки љубовни чувства, зашто во условите на разгорена борба по планините и доловите нема ништо посвето од сопствената саможртва во името на светата народна борба. Стиховите на оваа строфа снажно се набиени со револуционерен патос и борбен оптимизам и делуваат како рафал и борбен повик за готовност на саможртва. Таа одлучност и борбеност на песната ги постигнал во испрекршениот стих што носи рафалска форма, силни борбени изрази манифестирани со кратки, јасни и прецизно формулирани реченици:

Таму –
кај пламен народот пламти,
и пушки грмат
и долој ечат,
Таму –
за живот
во смрт без жалба минат…
(„Љубов“)

Зборот „таму“ е идеен носител на строфата и нејзиното борбено настроение. Тоа „таму“ ја овозможува рафалноста од испрекршени стихови и едновремено можност за поентирање на мислите и чувствата:

Другарко, таму љубовта расне!

Оваа строфа се одликува со богата идејност, симболика, метафоричен но едноставен во духот на народната поезија израз: „пушки грмат“ и „долој ечат“, „пламен народен пламти“.

Но, и покрај тоа што некои изразни средства се позајмени од живиот народен говор и од народното поетско творештво не може така лесно да се уочат тие елементи, пред сѐ поради специфичната форма и посебната боја што ја добиваат во целокупната констелација на творбата. А тоа значи дека Ацо Шопов вешто го експлоатира народното творештво и креативно го пресоздава во свој поетски квалитет. На тој начин ја надраснува народната поезија, иако му служи за поетски извор од мотиви и изразни средства.

Четвртата строфа, која мотивски е последна, по својата градба и поетска идеја напомнува на Кочорациновата песна „Проштавање“. Во неа тој изразил дека неговата другарка треба да биде во првите борбени редови и ако загине, не треба да жали, зашто нејзината мртва младост ќе покрене уште илјадници нови борци.

Оваа строфа има интересна форма: разбиена е на четири строфички и тоа три терцини со еден вид (не) рефрен, за првите две, кои се и пократки, и дистих испеан во анафора кој е меѓу втората и третата терцина. Мислите и чувствата се транспонирани преку лирски паралелизми: анафора (,,прва да“, „прва да“, „немој да“, „немој да“, „немој да“, „илјади“, „илјади“); контраст, успешни лирски обоени епитети, метафора со метимијa („бури“, „илјади срца со жар ќе палиш“).

Богатството на поетската форма и борбената згуснатост од настроение и чувство поетот ги изразил во краткиот стих низ успешни лирски паралелизми; во претпоследната строфа стихот е долг како и во завршната строфа. На тој начин постигнал совршена уметничка версификација, богато раздвижен стих по својата должина и краткост а со тоа обезбедил темпераментен функционален ритам, тоналитет, настроение. Поуспешно изградена поетска форма за тоа време на нашата воена лирика не би можело да станува збор. Ацо Шопов несомнено со ваквата силна идејно-уметничка борбена лирика обезбедил челно место не само по тоа што се јавил меѓу првите воени и повоени поети, туку пред сѐ поради манифестираните квалитети. Тоа е уочено и од народот, од критиката и општествената јавност, та неговите стихови станаа симбол на НОБ и добија општонародно признание уште во 1945 година.

Успешниот потфат на поетот во мајсторското урамчување на песната лежи во тоа што првата строфа, која носи сугестивен лирски борбен печат, е акцентирана и како завршна строфа.

Друга популарна песна од првата стихозбирка Песни на Ацо Шопов е „Очи“. И оваа како и „Љубов“ е инспирирана од НОБ. Непријателските офанзиви задавале тешки загуби од редовите на партизанските единици. Таа тешка загуба станала предмет на сликање и се јавува како чест мотив во делата на нашите писатели со тематика од НОБ. Особено се сликаат напорните маршеви, искреното другарство што доаѓа до израз во борбата, во мачните денови на борбените напори и маки, страдања, лишувања, крварења; загубите во мртви и ранети претставуваат важен објект на уметничко сликање.

Основниот мотив во песната „Очи“ е: смртно ранетиот и мртвиот борец – инспиратор на нови борби и победи и силна омраза спрема непријателот. Него поетот го остварил со богата скала на емотивност откривајќи ја психологијата на борците што ја доживуваат трагедијата од загуба на еден свој многу сакан соборец, преку живописна пластичност од тешкиот партизански живот, преку описот на борбениот карактер и висок морал на мртвата партизанка, како и преку личното доживување на поетот поради загубата. Во богатиот спектар од слики, чувства, доживувања се доловува борбената атмосфера, високиот морал на борците, нивниот напорен партизански живот, тешките услови на борбата, идеалите, подвигот на партизанката и нејзината смртна ранетост, пожртвуваноста на борците и нивната љубов кон ранетиот соборец, опис на борбата, жед за одмазда, омраза спрема непријателот – тоа се другите мотиви што се варијанти на главниот мотив.

По настроение песната има елегичен тон а борбен карактер. Елегичноста доаѓа од лирското болно чувство на поетот кон смртно ранетата младост која не успеала да ги оствари своите животни идеали. Но, тажното настроение е потиснато од силниот борбен ентусијазам. Тажното и борбеното во песната се слеваат во истакнатиот патриотизам, херојска саможртва и во апотеозата на омразата и желба за одмазда.

По тематика оваа песна е антифашистичка, борбена и патриотска. Поетот настојувал да ја овековечи големата антифашистичка борба на напредните револуционерни сили кои ни својата младост не ја жалат во името на победата над фашизмот. Смртта на најдобрите синови на нашата земја не означува само бол и тага, туку, пред сѐ, мобилизација на сите расположиви средства и сили за одмазда и докрајчување на започнатото народноослободително дело. Хероите не умираат, туку се жив факли што го осветлуваат патот на борбата, стануваат израз на последување на нови херојски подвизи, на невиден борбен ентузијазам и оптимизам. Мртвиот борец не тера на очај, меланхолија, апатија и откажување од борбата, туку е историски завет, морален поттикнувач дека со силата на омразата, злобата и одмаздата ќе се тргне во нови посмели јуриши предавајќи го борбеното знаме од еден на друг.

Поетот во оваа песна посветил внимание на вообликување на колективното чувство на борците по повод тешката загуба – смртно ранетата партизанка. Тоа го истакнал уште во почетокот:

Три дена на раце те носевме збрана
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце…
(„Очи“)

како и во претпоследните строфи:

И утринта кога здив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! О, видов – кога бојот почна
развихреа сите со својата сила –
ко елени брзи и лесни ко птица.

А твоите очи се искреа гневно
на нивните потни, распалени лица…
(„Очи“)

Но, поетот е дел од партизанскиот колектив. Тој исто така длабоко ја доживува трагиката на едно умирање кое остава неизбришлив впечаток, затоа во она „три дена на раце те носевме збрана“, или во: „Со тага и болка во погледот срчен, и секоја капка од твојата рана ко крвав жар ми капеше в срце“, поетот ја истакнува својата жестока болка која го пече како жива рана до срце. Нејзините очи со „срчен поглед“ на смртно ранета, „секоја капка“ од нејзината рана ги доживува како потресна трагедија на величествен настан што се одигрува пред очите на поетот. Претсмртната катафалка што се носи на раце цели три дена, му ја оживува боречката природа на партизанката, нејзината бујна борбена младост во која живеела снага на тигрица што распрснува крвава и црна ноќ на непријателски обрач, што не се плаши ни од лута слана од куршумот, туку со своите широки и волни очи со сила на луња ги сече непријателските „молњи“ и рига пламен врз „челичните зрна“. Поетот во себе ја носи со сета нејзина машкост, срченост, борбеност, јуначност, хероичност:

И после! И после – в последната вечер…
Јас нејќам да мислам што потаму стана!
Сал помнам те изви крвавата рана,
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
ти гореа очи под веѓите густи!
Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.
(„Очи“)

Претсмртниот час колку е болен толку е и величествен. Со сугестивен пластичен поетски израз го црта до факторска детализација и на тој начин ја пренесува длабоката трагика на една необична смрт: снагата на „тигрицата“ се извива од „крвавата рана“, а на усните ѝ замрзнува „прошталниот шепот“, но „под веѓите густи“ очите изразито горат со недореченото. Таа пластична слика поетот ја поентира со своите чувства и мисли што ги понесува на заседа.

И така песната „Очи“ станува лирска интимна исповед на поетот кој длабоко проговорува за болките и раните што се меткале во душата на поетот-борец, во душата на искрен народен син на нашата земја.

Како „Љубов“ така и „Очи“ станува субјективна борбена антифашистичка песна во која топло, болно-потресно, искрено, елегично се исповедува и жали, но едновремено и борбено пали. Оди на заседа со вивнат пламен и со „клетва света“ дека ќе одмазди во името на оние очи што „гореа под веѓите густи“.

И утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе вредовите наши

– заклучува поетот. Но нејзината идејна присутност – омразата и жедта за одмазда – е манифестирана во лутиот бој со непријателот, во кој број „скипеа борци со одмазда жолчна“ и со борбената сила на мртвата хероиња летнаа како „елени брзи и лесни ко птици“, а секој борец ги носеше во себе нејзините „широки волни“, „луњени“ очи и со нивниот изразит борбен гнев јуришаа на непријателот.

Поетот на интересен начин го предава главниот мотив: преку нарација натопена со чувство и живи слики најнапред нѐ запознава со смртно ранетата партизанка која веќе три дена е носена на раце и со детален опис на физичката и душевна состојба на борците, а потоа ретроспективно се предава бојот во кој е ранета, па повторно поетот се враќа на последната вечер кога умира и на крај го опишува главниот бој што се одвива по смртта на партизанката како израз на одмазда поради загубата.

Песната „Очи“ е компонирана во класична форма: во строфи со претежно утврден ритам од четиристопен амфибрах, со стремеж за рима и цезура по втората ритмичка стапка, со елегична нарација, експлозивна борбена, на места, динамичност, пластична сликовитост до детализација за доловување на амбиент од згуснат бол, омраза, жед за одмазда и на конкретна фактичка положба на борците измачени од глад, премореност, раскрвареност, босотилак и голотилак, со топол лиризам и драматичност.

Јазикот е богато фигуративен од живописни епитети („морни и гладни згорени грла“, „свиени плеќи“, „тап бол“, „очите ладни“ и др.) кои ги опишуваат душевните и физичките особини на борците, но и во сликањето на темпераментниот карактер на партизанката, особено на нејзините очи („луњени очи широки и волни“, „ти гореа очи под густите веѓи“); сликовити компарации („од твојата рана ко крвава жар“, „и смрштени чела – згасени, мразни ко нивните пушки укочени, празни, и нечујно, глуво, ко здушена река се точеше шепот…“, развихреа сите со твојата сила ко елени брзи и лесни ко птица“).

Со оваа песна Ацо Шопов уште еднаш потврдил дека во себе носи уметничка поетска сила која гарантирала за идни нови поетски остварувања.

Во 1946 година Ацо Шопов во соработка со Славко Јаневски, Блаже Конески, Гого Ивановски и Лазо Каровски ја издава збирката Песни, во која Шопов учествува со некои песни од првата своја стихозбирка како и со нови. Тоа се: „Пробиштип“, „Очи“, „Една ноќ офанзива“ и „Честито“. Првите три песни се со теми и мотиви од НОБ а последната, песната „Честито“, од социјалистичката изградба – младинските работни акции.

Стихозбирката Песни од 1946 и стихозбирката Пруга на младоста чинат една целина во поетскиот опус на Шопов и тематски и идејно. Овој поет не се репрезентира само како автор на творби со теми од НОБ, туку и со современи теми и мотиви што ги налага новата социалистичка заедница во услови на ослободената татковина и ослободен човечки труд од ропство и експлоатација. Главен предмет на двете стихозбирки е младината – тој активен политички фактор во борбата против фашизмот, како и во обновата и изградбата на својата татковина. Младинската пруга „Брчко – Бановиќи“ ја манифестираше политичката зрелост на нашата југословенска младина, нејзината готовност да ја гради пругата а со тоа и татковината а во тој процес и самата да се менува. Основната девиза на денот беше паролата: „Ние ја градиме пругата, а пругата нас нѐ гради“. Тој голем работен потфат беше инспириран од историските придобивки на НОБ. Најголема и најзначајна за првите години по ослободувањето беше историската нобеовска придобивка братството и единството. Како НОБ така и младинските работни акции од сојузен карактер ја носеа оваа девиза како важен историски предуслов за големи работни победи во остварувањето на посреќната иднина на нашата братска заедница. Младински работни бригади од сите наши краишта стоварени во Босна, ја манифестираа братската солидарност, решеноста на нашите народи братски да живеат под широките слободни простори на југословенската демократија. Во тој политички момент многу наши писатели најдоа поетска инспиратија. Па не е ништо чудно што Ацо Шопов, член на Главниот одбор на Народната младина на Македонија, поет на НОБ, 23-годишниот младич, се инспирирал од овој важен судбоносен величествен настан. Во големата работна битка Шопов открива мотиви за својот циклус песни „За пругата наша“. Во песната, по која и носи наслов циклусот песни „За пругата наша“ Ацо Шопов пее за младата Босанка која учествува кај Криваја во младинската работна акција во чест на загинатиот партизан Миладин, нејзината прва љубов; а во „Први слова“, младичот Шиптар Кемал ѝ пишува писмо на својата сестра со првите букви научени на младинската работна акција; во „Минерот“ Ацо Шопов пее за работниот подвиг на младинците минери кои со работен ентусијазам водат жесток бој со карпите во името на посветлата иднина на својата татковина; а „В деновите идни“ поетот ја опејува нашата слободна татковина, впрегната во нови работни победи.

Едно од најсилните уметнички остварувања од периодот по ослободувањето, секако, претставува песната „Истранка“. Таа е посветена на политичките проблеми околу ослободувањето на Истра и нејзините политички напори за присоединување кон својата социјалистичка матица, слободна демократска Југославија. Исто така таа го опејува учеството на истранските работни бригади на младинската работна акција – изградбата на младинската пруга „Брчко – Бановиќи“. За тема на оваа песна Ацо Шопов зел актуелен политички проблем – стремежот на истарскиот народ национално да се ослободи од туѓинскиот јарем и присоедини кон својата слободна татковина. Песната е испеана во форма на писма напишани од Истранка – мајка до својата ќерка што се наоѓа на работна акција во Босна и одговор на ќерката до мајка си.

Фактички песната може да се подели на два дела: мајкиното и ќеркиното писмо.

Младата Истранка учествувајќи на работна акција примила писмо од мајка си и читајќи просолзила поради лошите вести за немирите во Истра, во кои нејзини блиски загинале, како и татко ѝ во штрајк. Од него дише мајчина топлина по своето чедо што останало сирак, но кое со учеството на младинската изградба почуствувало неизмерна радост на слободна татковина и силна верба во посреќна иднина. Тоа поетот го сторил со убав, топол, борбено-елегичен тон преку кого ги излил мајчините чувства и ја доловил големата трагедија на истарскиот поробен народ како и вековните слободарски стремежи. Еве како тоа го изнел поетот:

Убавице моја – галабинке бела,
на мргоден Триглав соколинке смела,

Јаребице моја, вчера в зора рана
над нашата куќа в крв напаѓа слана,
загинаа, ќерко, и Митја и Вера
и татко ти падна во стачката вчера,
оj сираче мое, – прва љубов наша,

Но не тажи долго, галабинке бела,
пак заллискај радост ко кладенец бистра,
и биди пак тврда и биди пак смела
како што ми беше во бојот за Истра!
(„Истранка“)

Во одговор младата Истранка ѝ ја соопштува на својата мајка работната победа – изградбата на младинската пруга „Брчко – Бановиќи“ и својата верба во посреќната иднина на поробена Истра, во која нема да се одигруваат такви општонародни трагедии.

Песната е испеана во контраст што се манифестира во првата строфа, како и во целата песна (мајчиното писмо наспроти писмото на младата Истранка), обилува со лиризам, нарација, дијалошка форма во вид на писма, елегично настроение како и борбено патриотско чувство. Овие елементи песната ја прават да биде една од силно патриотските по тематика.

Други елементи со кои се одликува е стремежот за класична форма: да се издржи во четиристопен амфибрах, со напевност и ритмика на воз во движење, со рима, со богат стилски јазик, и идејна издржаност, патриотски чувства…

Овој поетски процес од пет до шест години нашол опредметување во стихозбирката Со наши раце и тематски и естетско-уметнички. Стихозбирките Песни (1944), колективните поетски трудови Песни (1946) и Пруга на младоста (1946) нашле конечен поетски израз во стихозбирката Со наши раце, издадена 1950 година. Борбата против фашизмот и обновата на разрушената земја со социјалистичката изградба тематски се модифицирале во оваа Ацошопова стихозбирка. Во нејзината поетска структура се нашле песни од најраниот поетски период (,,Очи“, „Љубов“, „Партизанска пролет“, „Пробиштип“, „Mapш на Третата Македонска ударна бригада“, „В деновите идни“), како и од периодот на поетското зреење („Истранка“), но ја комплетирал и со нови поетски придобивки што поединечно ги објавува во македонски списанија и весници. Такви се: „Пред тргнување“ и „Ела“ со теми и мотиви од НОБ, како и „Со наши раце“, „Задружна песна“, „Јесенице“, „За љубовта наша делата ќе кажат“, „Во градот на Орцета“, во кој поетот пее за обновата и социјалистичката изградба. Основна идејна поетска концепција од оваа збирка избива: слободата и социјалистичката изградба (младински пруги, колективизацијата на село, железници, електрани) се дело на работните трудбенички маси на нашата земја, плод на сенародната љубов на работниот човек и новите социјалистички односи – дело што во блиската иднина ќе ја манифестираат социјалистичката свест на работните маси. Оваа стихозбирка, комплетирана со нови песни ги одразува работниот ентусијазам и снажниот полет во индустријализацијата, електрификацијата и колективизацијата на нашата земја како плод на планираното социјалистичко производство.
________
*Текстот е објавен во Развиток, 1969, VII, 2, стр. 198-208. Ова е вториот дел од „Лириката на Ацо Шопов”, подолга студија објавена во неколку последователни броја на списанието:
Дел I, Развиток, 1969, VII, 1, стр. 94-104
Дел III, Развиток, 1969, VII, 3, стр. 257-264
Дел IV, Развиток, 1969, VII,  4, стр. 323-336
Дел V, Развиток, 1969, VII, 5, стр. 407-424
Дел VI, Развиток, 1969, VII, 6, стр. 496-500