Студен дожд од најмрачните и најстрашни расположенија *

Ракопис на содржина на збирката, Фонд Ацо Шопов, МАНУ

Д. Бошков

„Животот е снага, животот е
секојдневно освојување на
јунаштва“. (Куто)

А нашиот живот е полн со јунаштва, полн со снага. И ако му треба поезија, тоа му треба поезија на силата, стремежите и верата.

Наспроти на тоа Стиховите за маката и радоста се стихови на маката, осаменоста и безнадежноста. Испеани се многу желби, многу стремежи, но на фронт на едно мрачно, тешко расположение кое ја поплавува збирката и ги прави стиховите во најголема мера стихови на тагата.

„Јас би сакал отклик див
На бурите да им станам
И да бидам нежен здив
На нежната зора рана.“

Тое е мотото на оваа збирка и програмот на поетот. Убаво. Во најмала рака, после оваа изјава на првата страница, човек очекува да се сретне со распеаната душа на поетот, со вихорот, со нежноста; да се сретне со пролетта, со песната на животот; очекува да го погали и смеата на сонцето, и тихиот шум на лисјата, и вселената песна на момата скриена негде во разнишаното жито. Очекува и … Но, за жалост, наспроти сите очекувања, Стиховите за маката и радоста го поливаат читателот со ситен, студен дожд од најмрачните и најстрашни расположенија.

Поетот, младиот поет, кој ја всадил во себе седумдесетгодишната душа на дедо му и се чувствува „стар и морен патник“, човекот што многу се восхитувал, многу лутал, се занесувал и ниеднаш не се разочарувал, наеднаш заклучува:

Стварноста е сурова и тешка

И во неа:

Нема љубов, нема среќа луда, сѐ е тоа само сон и стремеж

Од секогаш ме револтирала старечката резигнација и оваквите безперспективни филозофирања, према кои едино стварни во животот се тагата и страданијата. Никој не би се осудил да тврди да е животот лесен, нежен и ласкав. Непосредно е оти во него има и многу суровости, и многу грубости и многу тешкотии. Но, ни еден не ќе оспори дека во сите тие грубости и суровости има толку радости, толку љубов и толку среќа. Нека само малку се погледне нашиот живот, па веднаш да се види радосната смеа на новото кое покрај сите тешкотии и незгоди неодолимо се пробива напред. И во него сите ние навоѓаме и стремежи и соништа… Навоѓаме и среќа, не луда, а среќа на работа, на творештво. Ете зашто размислувањата на поетот се во раскорак со она што ние го носиме во себе како мисла и впечаток од животот.

Не станувам против тагата. Тагата постои во животот и она не е декаденција. Станувам против песимизмот на Стиховите за маката и радоста што ја надуваат тагата до едино содржание на животот, и против самите стихови кои не успејале да дадат скоро ниедна правдива слика на животот, ниедно нормално, трезвено животно расположение.

Како дисхармонично звучи катафалката во современата поезија! Веднаш ме потсетува на Смирненски и еден дел од неговата поезија во која преку катафалката се навоѓа едино среќен излез од тегобите на животот. А во Стиховите за маката и радоста, во песната „Есен“ поетот ја ставил на кола својата пролет, својата младост и ја испраќа на погреб.

Зошто така мене ми се чини
– мојата пролет во кола да лежи.

„Скоро ништо светло, ништо радосно во тоа мрачно царство на расположенија“, да го земам изразот на Доброљубов. Сѐ е обвиено со помрчини, ноќи, вејавици, како со вел за украсување. Се одело по линија на сѐ поголемо разочарение, се ударало на сожаливите срца на луѓето и од една трагеднија се оди во друга. Прогонетиот поет од животот („Крстопат“) го изгубува патот за дома. Замислите трагедија! Што сѐ требало да проживее човек па да ги изгуби трагите за родната куќа? Прв кој го стори тоа е Есенин, а втор Ацо Шопов. И, како кај Есенин и кај Шопов дедото не може да го познае внукот, а наспроти на Есенина, кај кого ни внукот не го познава дедо си, кај Шопов внукот е уште при себе, уште не го заборавил дедето.

Се изгубил авторот, се изгубил во своите сопствени чувства и во чувствата на другите негови колеги. Ни површно не се вдлабочил во животот. Затова и ни е туѓа неговата поезија и неговите расположенија. А, и тој самиот го осеќа тоа, па затоа се мачи да нѐ убеди оти сѐ што е мрачно кај него е одглас на минатото. И ако падне во меланхолија тоа е затоа што:

ко ехо се гласил.
некој спомен од детинските дни

Несватливо е тоа оправдание кога песните носат белег на современост, а и во интерес пак на која вистина е потребно на нашето минало да му се приваѓа само со четките на ноќта и зошто е потребно да го вковуваме во прангите на безперспективноста? Зошто? И зошто е нужна изјавата:

Радост носам исто ко и ти

кога сета радост во оваа збирка е клише прикачено на крајот од скоро секоја полна со песимизам песна? Но, авторот неможел да погледа во животот. Се откинал од него. А не е ни чудно. Тој самиот вели за себе:

Ех поету низ облак си летал

Да, летал низ облаци. А да одел пешки ќе видел нешто повеќе. Тогаш, сигурно, немало да се појави „Сефадин“ (sic.) овака како е сега.

Во основа Сефадин останува нејасен: Каков е тој човек, од која средина? Едино што е јасно тоа е дека многу прилега на Апанаса од Багрицки. А, инаку, што бара тој, зошто тргнал во ноќта да го убива претседателот, какви се неговите намери, зошто ќе бега преку граница? – останува нејасно. Апанас има своја одредена историска улога. Тој е човек на граѓанската војна во Русија и со себе ја олицетворува трагедијата на просечниот човек во неја, а наедно со тоа преку него е покажана огромната стихија на револуцијата. Апанас живее во одредено историско време; тој е преставител на еден дел од друштвото во тоа време. А Сефадин што претставува? Кулак ли е тој, бедњак ли е или пролетер? Или пак може не и ни едното ни другото, ами просто патолошки тип кој убива само затова што е жеден за убиство? Може и това, што да не. А може да е по средина крвна освета? Тоа е многу интересно. Може да се уште многу работи, само јас немам за цел да ја нагодувам идејата на Авторот. Тоа е, во секи случај, едно крајно недозрело произведение, кое ме принудува да мислам, оти во случајот и угледувањето па и плагијатот од Апанаса се само начин да се пишува и тогаш кога нема што да се пишува.

Да се разгледуваат повеќе песни нема нужда. Сите они во главно нѐ отуѓуваат, нѐ оддалечуваат од поетот. А и самите песни не се никаков новитет и не претставуваат никаква интересантност од страна на формата. Они се сите наједноставно одење по старите изгазени и сигурни патишта на класиката. Авторот е засега скромен и нема претензии да пушта бразда во неразорната нива на новата модерна форма во поезијата. Најспокојно се редат цигла по цигла и од секоја песна се прави бетонски ѕид кој спречува пат на маштата и јасното. А и поетот до таква мера се распеал, што во песните кажал сѐ (обично банализирање), така што не оставил ништо ние да размислуваме и доизмислуваме. По форма песните се пад, или барем не претставуваат напредок. (Што вероватно го осеќа и Шопов, па ова укажување е излишно). Го поменувам ова само во колку може неуспехот над формата во поезијата да се доведи во склад со целото мрачно расположение на поетот. Зар од тука не произлегува, во наголема мера, очајанието толку разгласено низ сите песни на Стиховите за маката и радоста?

Уште нешто.

Читајќи ја оваа најнова збирка на Шопов паѓа во очи силното влијание не само на Багрицки, ами и од Есенин кој заедно со своето расположение (што треба најмалку да се прима) влијаел и со свои мотиви. „Крстопат“ во голема мера потсетува на „Повраток во родниот крај“, а во дуги песни се осеќаат мотиви обработувани во нашата поезија.

И тргнувајќи од постигнувањето на оваа збирка ми се наметнува мислата оти сѐ уште нашите книги треба да ги отвараме не да научиме нешто ново непознато, ами да видиме само како напредуваат нашите книжевници. Изгледа, сѐ уште према нив треба да се однесуваме како према мало дете со кое разговараме не да размениме мисли, туку просто од радозналост, да чуеме што сѐ умее и како умее да зборува.

__________________
* БОШКОВ, Д.: Ацо Шопов: „Стихови за маката и радоста“. – Млада литература, 1952, II, 4, стр. 63-65.