Лириката на Ацо Шопов (VI)*

Гоце Стефаноски, Чедо Цветковиќ

Во тајните на нашето секојдневие живее присутноста на пролеаната крв на паднатите борци за оваа наша современост, и таа редовно нѐ гони да бидеме мобилизирани во првите борбени редови и да ги следиме и никогаш да не се одделиме од нивните идеали, зашто она што е постигнато и она што било идеал е историска каузалност, поколениска традиција на борбата за посреќна иднина. Неа поетот ја доловува како медитативна асоцијација во часови на анализа на НОБ, социјалистичката стварност и светските антагонизми:

Има долу една страшна крв,
пострашна и од заканата.
Има долу една таква тешка крв
од древноста чиниш останата.
(„Има долу една крв“)

Сепак, во животот на современото секојдневие владее мир, се гради посреќната утрешнина, борецот што носи тешки спомени од минатото е преокупиран со секојдневните грижи и нему му е потребно животно спокојство, тишина, мир и среќен живот, здив од премореност. Тоа е алтернатива на денот во условите на мирновременска егзистенција. Тој копнеж на поетот за спокој не е само лична негова, туку насушна потреба на секој наш човек и на сите луѓе во светот. Овој проблем има космополитско значење. Ете што тематски манифестира песната „Квечерина“.

Со силна рефлексивност се одликува песната „Очај пред тврдината“. Тоа е карактеристика на целиот циклус: да носи нобеовски дух, осветлен од аспектот на мртвите и живите борци. Преку алегориско — симболичен поетот го доловува целокупниот мисловен скок на борецот што паднал во борбата пред извојувањето на слободата, спроти конечната победа над фашизмот. Тој понесол трагика на борец што ја совладува блискоста на слободата и остварените идеали, но и болката по животот. Иако мртов, тој наметнува одредена законитост на живеачка: слободната татковина и тој, загинатиот борец, никогаш да не бидат во расчекор, секогаш да носат една иста мисла, една иста идеја — само со будното чување на пиететот кон мртвите борци и нивните идеали, татковината им се оддоложува:

Тврдино, невидливи воини те пазат,
Стасав и паднав пред тебе на метар.
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
Сека ноќ тврдината ја буди
сонцето на тие што се мртви.
(„Очај пред тврдината“)

Поемата „Небиднина“ е испеана од аспектот на големите напори, историски битки, вековни копнежи, болки, рани, таги, сонувања, идеали на еден народ што во минатото бил негиран, на кого му била оспорувана егзистенција и историска каузалност на постоење. Неговите синови на големите мачни патишта на борбата ја сфаќале трагиката на немоќта да се истргнат тој народ и таа земја од небиднината, од прегратките на историските пожари, урнатини, пепелишта, жеги, суши, невиделини; тие биле свесни дека историски се патува долго во една неодолива вечност од маки и страдања, во која пред време се остарува, предвреме ги совладува умор; но во нив живеело свесно сознание дека се синови на одредена историска присутност на еден народ што има своја национална самобитност, своја култура, свој бит и свој јазик, дека тој народ и таа земја ги потхранува со лебот на животните стремежи, со лебот на убавините на родните полиња, со мелозвучноста на народниот мелос; и тие борци биле историски свесни дека тешките ридје на маките и страдањата не се во сила да ги уништат нивните творечки напори, зашто во нив живее силна жед да се преброди небиднината, во нив гори прометејскиот дух на борбата и нагонската сила на полноводната стихија на потребата да се покаже народната непокорност, ајдутската немирна крв; дури и во историските моменти на исчекувањето, во тие моменти примирја, се најавува готовноста на саможртва; и во часовите на моментни порази кога животот бил зафатен од сушите на тиранијата и кога земјата стенчела од глуви лелекања, дури и во таквите моменти била присутна општествената свест дека тој народ на небиднината има своја исконска сила на народен самопрегор, на саможртва и бескомпромисна борба.

Во „Небиднина“ (песна 1) поетот ја излеал сета хероичност на нашите борци од историското минато; тоа не е личен крик на поетот, нити поезија на интимна болка и академска отуѓеност, уште помалку призвук на метафизичност. Тоа е длабоко носива идејно издржанa поезија, проткаена со лирски патриотски асоцијации и животни прeoкупации. Зарем тоа не се насетува во стиховите:

Патував долго, патував цела вечност
од мене до твојата небиднина.
Низ пожари патував, низ урнатини,
низ пепелишта.
По жега, по суша, по невиделина.

Или во уште поистакнатиот асоцијативен лирски акцент:

Се хранев со лебот на твојата убавина,
пиев од грлото на твојата песна

Зарем не се доживува и согледува прејасно историскиот лик на борецот на нашата македонска небиднина во стиховите:

Не гледај ги овие црни суводолици
што го параат моето лице –
ми ги подари лицето на земјата.

Или во стиховите:

Не гледај ги овие нерамнини врз плеќите –
ми ги донесе умората на ридјето?

А зарем не се уочува тоа уште појасно и во следните стихови:

Погледај во овие раце –
два огна,
две реки
темно чекање.

Или:

Погледај во овие дланки –
две полиња,
две суши
глуво лелекање.

Од таков аспект продолжува поетовата мисла и во „Небиднина“ (песна 2).

Борецот што загинал во големите историски пресметки со непријателот, ја раскажува својата величествена трагика, трагиката на својот народ: таа личи на старинска приказна што ја чува народната традиција и ја пренесува поколениски. Тој, борецот на големата борба со небиднината, загинал во една ноќ, во една студена историска ноќ, во родната шума, во ровот на одбраната, ја пролеал својата крв врз капнатите лисја, го погребале високите тревје и густата мов; смртта дошла како неочекувана глува потајна поплава, како подземна матица го понесла, и под еден врв од македонската голгота застанал од борбениот јуриш; во часовите на неговото спознаванье дека веќе е мртво погоден, носи и бол и бес и болештина, и глад, и пцости по својата немоќ да ги види доизодени историските патишта на небиднината до новите светлини на биднината. Во таа битка да се биде и да не се биде, не му било сеедно на борецот кога загинувал а не го здогледувал крајот на борбата: за него во такви часови смртта, макар и херојска, била проклетство, чин на најголема болештина, црна вода.

Таквата содржина на лириката од „Небиднина“ (песна 2) ја презентираат стиховите:

А сѐ се случи една ноќ,
нoќ стебла,
ноќ лисја,
ноќ студен ров.
Паднав, потонав во високи треви,
во треви и густа мов.
Ти дојде и ме однесе како глува поплава,
како матица од подземни места.

И тој, борецот од времето на нашата небиднина, доживувал тешка психолошка самоанализа, поставувајќи се на релацијата на животот и смртта, на релацијата на боречката носивост и немоќ, на релацијата на потреба од борба и големите загуби и жртви, на големите идеали и мракобесните услови на тиранијата; таа психолошка борба на борецот поетот ја предава како поистоветување на самиот себе со него, народот, татковината и животот. Песната 3 од поемата „Небиднина“ ја обелоденува таа трагична психологија во вид на хамлетовски монолог кој принудува на медитации и буди асоцијации сврзани со човековата комплексност и историската каузалност:

Водо непроѕирна, водо црна,
ти што откинуваш секој ден
по еден никнат цвет
од каменот на моето чело
и го фрлаш во мрачни бездни…
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
Кој ти го даде тоа име
водо непроѕирна, водо црна.
Кој тоа невидлив во мене седи
и пали таен оган,
кој го руши на крвта ѕидот,
кој ми го краде слухот,
кој одзема видот,
кој пласт врз пласје неуморен реди,
кој тоа невидлив во мене седи.

Овие стихови наметнуваат императивна потреба да се бара одговор во историјата на нашата земја, во историјата и психологијата на нашите борци, кои чувствувале во одредени моменти силен разгорен оган за борба во името на големите идеали со кои требало да се победи небиднината на нашето мрачно минато, но кои и насетувале истовремено неможност за полнокрвно остварување на големото народноослободително дело.

Борецот се согледува како персонифициран орнамент од осамено стебло на ридот, како историско бдеење на вечна стража, како извор на нов живот и творечки сокови на земјата натопена со неговата крв на борец, на син на таа земја, кој ја поврзува најдалечната историска епоха со епохата на својата современост, кој станал одреден поим на животна егзистенција и прераснал во легенда, како што ни кажуваат стиховите од „Небиднина“ ( песна 4):

Стебло што самееш на ридот,
мако во ровка земја,
кој ти ги даде моите очи
што зреат во сонот на твоите лисја.
од каде твоите длабини во мене,
од каде ти во мојата крв.
кој ни ја досуди таа небиднина
да бидам стебло, да бидеш песна.

И „Песната и годините“ – последната песна од поемата „Небиднина“ – има патриотска носивост. Таа е алегориско-симболично опредметена во жена што ја симболизира родната земја, татковината, во која струи крвта на нејзините синови, чија судбина поетот ја носи во себе како тешка тајна, која во часовите на поетската инспирација, во часовите на распалавена крв, ќе ја излее во силен, смел поетски израз што ќе блеска со светлината на просторите и острината на мечот. И во глувите темнини на небиднината народот борец – во чие име пее поетот – ги наѕирал светлите окна на ова наше Денеска. Борецот, поетот и татковината крвно се поврзани. Тие постојат од времето на нашата небиднина па сѐ до оваа наша современост, тие живееле историски долго, егзистирале како гранитна целина, патувале една цела историска вечност. Тука поетот го нашол својот поетски вруток, ја прелистал својата сопствена поетска небиднина, преку која станал израз на голема народна борба против небиднината во името на слободниот живот.

Во „Песната и годините“ борбата за македонска поетска реч, за македонска национална култура, за македонска национална историска афирмација, е онаа голема историска битка во времето на нашата небиднина, за ова наше Денес и она наше Утре. Таа органска поврзаност на поетот со животот, со народот и неговата историја, со проблемите на денот, со идеалите на македонската нација, со еден збор, со минатото, сегашноста и иднината – тоа се мотивските текови на оваа поема. Тоа е идејно-содржинската структура на поемата, предадена преку внатрешен лирски поетски монолог, опредметен преку медитативна асоцијативност од живи пластични слики на медитативни визии, симболи и алегории, на ретроспективно доловување на животната карика со јасно истакната екскламација во вид на чувства од протест, бунт, непомирливост и непокор, од тага, болка, крик, рани, болештини, до лирски занес по животните соништа, идеали, среќа. благородност, осмисленост, кои прераснуваат во глас на нашата потреба за откривање на тајните на животот што го притискаат нашето вековно егзистирање. Тоа е смеша од богата скала на емоции, интими и исповеди, од комплексни животни проблеми сврзани со небиднината на нашето поднебје; таа е продуховена со крајна искреност и психолошка автентичност; наметнува филозофски прашања во вид на поетски рефлекси, животни аксиоми, апострофирани персонификации и симболи, со акцентирани хиперболи кои ненаметливо, меко, индискретно го преокупираат вниманието за токму тие судбински афоризми. Нејзината архитектонска градба започнува со прво лице, со кое и завршува. Таквата нејзина физиономија фрла одблесок да се сфати дека тоа е лирика исклучиво субјективна и перманентно херметична, а поетот како отуѓеност. За да се открие сета нејзина комплексност и историска поврзаност со животните текови, уште попредметно да се сфати како поезија никната на наше македонско земјиште, треба да се осветли со богатите, изворно светлите инструменти на социолошкиот метод. Тогаш таа станува животворна лирска материја, изникната од длабината на душата на народен поет што судбински е поврзан со земјата и народот. Тогаш протекува есенцијалната мисловна поетска зрелина, тогаш поетот може да биде сфатен како судбински наднесен над животните текови и само тогаш не означува поет на метафизичка филозофија што е поткопан со болештините на меланхолијата, апатијата и отуѓеноста. Неговите поетски светови се полнокрвни, животно вистинити, историски предодредени. Тие презентираат една длабоко продуховена личност што е преокупирана со одредена тематска содржина и на која ѝ останала верна од својот првенец па до последната стихозбирка. Условеноста за можност од повеќезначност на поетски реченото означува дека пред нас стои поет што не опредметил еднодимензијална поезија која симплицистички ќе се наложува со својата категоричност. Нејзината повеќезначна просторност ја манифестира богатата, раскошна поетска димензијалност: таа не е чиста патриотска, како што не е строго субјективна; не е апсолутно медитативна, како што не е исклучива експресија; таа е и едно и друго, истовремено ни едно ни друго, туку сосема нешто своевидно: медитативно-асоцијативна, ретроспективна, со интроспективност. Таа е хетерогена во поетскиот израз, но во целина таа тече низ своето јасно продлабочено корито со едноносива поетска материја, чии хемиски органски разновидни состави се слеале во една поетска хемиска новација. Изворната инспирација е онаа сублиматност на поетската идејно-содржинската и естетско-уметничката креативност. Во неа лежи богатата скала од разновидна лирска материја која понесува од својот почетен па до својот последен стих. Така „Небиднина“ како поема ала нова поетска форма и поемата како одредена поетска категорија добива своја многудимензијалност, така што поемата денес не значи она што значела во времето на Бајрон или Пушкин, како ни во времето на Блок и Мајаковски. Во потрагата по модерен израз, по сублимирана поетска форма, Ацо Шопов ја започна својата метаморфоза со Слеј се со тишината а во последната стихозбирка постигна токму најзрело остварување во поемата „Небиднина“, зашто таа структурално, идејно-содржински и естетско-уметнички ги преграбува, во себе ги преломува сите три циклуса а збирката Небиднина. И не само заради тоа. Ацо Шопов започнувајќи со Слеј се со тишината, па преку Ветрот носи убаво време, заклучно со Небиднина, упорно настојуваше да модулира поезија од современо ткиво, но кое ќе има своја одредена идејна рефлексност со животните текови на современоста. Така секоја стихозбирка има антологиски карактер, една јасна идејна концепција, одреден поетски манир и афинитет за квалитетен стих. Таа скоро еднодецениска поетска усмереност, трпеливо и ненаметливо носена, даде во Небиднина неоспорна вредност.

Стихозбирката Небиднина означува содржајна литературна вредност, пред сѐ, со тематската разновидност од еротски пориви, социјални мотиви и патриотски рефлекси. Таа е составена од три своевидни поеми: поема за љубовта, поема за животната егзистенција и поема за небиднината. Првата е опредметена во вид на молитви, втората во вид на соцлирика, а третата во вид на патриотско-субјективни ретроспекции и рефлексии. Разиграната поетска комбинаторика создала неповторлива многусложена поетска лирска градба во формата, низ која се прелеваат сите можни лирски поетски облици од класична љубовна песна, преку пејсажна, рефлексивна, елегична, епитафна, химна, ода, дитирамб, субјективна, патриотска песна, до поема со аморфен облик.

Нејзината уметничка вредност лежи и во вибраторниот јазик и богатата лирска поетска речничка култура, во асоцијативноста, ретроспективноста, медитативноста, лирската метафоричност, содржајната епитетност, функционалната персонификација, идејно заситената алегорија и симболика, умешно вградениот контраст, акцентираната екскламација од реторски прашања, лирски паралелизми и нагласена анафора. Потоа, лајтмотивни рефрени со битова боја и звук, мајсторски вткаена градација и хипербола, строго народска битова орнаментика, со психолошка продлабоченост на содржинскиот зафат; зборот е подреден на одредената поетска мисла, на тековите на чувствата и доживувањата, на експресивните пориви на лирскиот немир преокупиран од животните проблеми, почесто го губи основното значење и станува нова поетска димензијалност во фигуративната смисла; народно-битовите јазични елементи ги внесол како успешна орнаментика за фиксирање на нашето македонско национално поднебје, и во таа смисла создава необично успешни неологизми во духот на насловот на стихозбирката. Од целокупната арматура на лирското поетско ткиво избива неоспорив лирски флуид кој се манифестира во вид на еротична ерозија и патетична егзалтација на епикуреизам („Молитви на моето тело“), или во темпераментна сугестивна социолошка структура на поетската реч во која поетот на еден ист поетски израз му дава тонална длабочина до таа мера, што секој новоупотребен истоветен збор добива посебно значење, дури и посебна фигуративна манифестација, посебна семантика.

Ацо Шопов како поет кој историски ја манифестира нашата македонска национална лирика од нејзината првичност до нејзината современа нагорност, несомнено ја покажал својата богата лирска природа. Неговите Песни (1944 г.) ставени на широките поетски простори на нашата поетска сеопфатност од многубројни поетски творби и поети, има своја сопствена сила на лирика што е сврзана со животните преокупации од времето на епохалниот период на македонскиот народ – НОБ па до најсовремениот историски тек на нашава стварност. Во поезијата на Ацо Шопов животните текови и проблеми, како и политичката клима на нашата земја и светот, давале секогаш богата граѓа. Поетот имал поетски нерв да ги насетува тие суштествени промени, и лирски, творечки да реагира. Неговите стихови ја изразувале маката и радоста, ветровите на времето, осцилациите на тишините и криковите на немирите. Таа раснела паралелно со историското созревање на нашата македонска национална култура и писмена реч. Слично на трпелив борец што еднаш зазел врвна позиција во големата фронтална битка за културен устрем, не се колебал во потребата да се повлекува, да се модифицира перманентно според моментните уметнички вкусови и литерарни курсеви. Тој сочувал своја гравидност и вообликувал своевидна лирска поетска материја за која се инспирирал од богатите текови на нашето секојдневие и исторската традиција. Ако се побара Ацо Шопов на таа релација, тогаш може да се сфати неговата поезија и да се почувствува неговата вредност. Секој обид да се разгледува неговата поезија надвор од сферите на животот, останува празен и јалов потфат. Неговата поетска реч не е херметички затворена во индивидуален свет и субјективизам, не е мртва симболика и метафорика, метафизичка отуѓеност од животот, нити магионичарска еквилибристика од поетска лирска елоквентност, туку топла, медитативна, асоцијативна, ретроспективна, длабоко хуманистичка и строго национална со стремеж за космополитски и универзални поетски чекорења. Суштински, таа е проникната со наш, југословенски нобеовски и длабоко хуманистички дух, секој нејзин звук носи боја, мирис и тоналитет на родната земја, родните луѓе, на историјата и борбата.

___________
*Текстот е објавен во Развиток, 1969, VII, 6, стр. 496-500. Ова е шестиот дел од „Лириката на Ацо Шопов”, подолга студија објавена во неколку последователни броја на списанието:
Дел I, Развиток, 1969, VII, 1, стр. 94-104
Дел II, Развиток, 1969, VII, 2, стр. 198-208
Дел III, Развиток, 1969, VII, 3, стр. 257-264
Дел IV, Развиток, 1969, VII,  4, стр. 323-336
Дел V, Развиток, 1969, VII, 5, стр. 407-424