This post is also available in: French Russian English Serbian

Квечерина

Спиј. Каменот спие. Спијат водите.
Зад ридјето на твоите веѓи
со плашиците на твојот поглед
залез на сонцето.

Спиј. Каменот спие. Спијат водите.
Врз исчадената греда на твојата мисла
ко клупци во селска куќарка
излитени играчки на денот.

Спиј. Каменот спие. Спијат водите.
Над јаболкницата на твоите соништа
над јаболкницата светлотрепетлива
ѕвезди зорници.

Ацо ШоповНебиднина, 1963