Лириката на Ацо Шопов (IV)*

Гоце Стефаноски, Чедо Цветковиќ

Стремежот за нови квалитети во македонската лирика ги апсорбира сите македонски поети. Се роди и нова поетска генерација која се фрли на пронаоѓање на нови лирски поетски преокупации, која бараше и налагаше нов поетски императив во асоцијативноста, експресијата, импресијата, метафоричноста, ретроспективноста, афористичноста, во интелектуалноста, во уметничкиот израз, симболиката, ирелевантноста, ирационалноста, дешифрацијата на изохипноста итн. Таа богата разновидна оркестрација навеваше туѓи влијанија, носеше во себеси многу несвојствено, неоригинално, многу помодарство, се бегаше од едно клише, а се запаѓаше во друго, се избегнуваше социјалното и патриотското, а се запаѓаше во запенушената поетизација без содржина, без смисла, без идеја, во какафонија од мотиви и поетска форма, израз стил и јазик. Настана голема игра во потрага за нови поетски патишта. Се осуди и интимната лирика, како и романтичарската едноставна изразност и форма; пред сѐ, субјективниот лиризам беше ставен на обвинителна клупа и место него се подигна интелектуалниот лиризам постиган со кабинетска студиозност и отсуство на лиричност; нарацијата и декларацијата беа заменети со изохипсни метафорички наслаги кохезионо слабо обединети; а со тоа се раѓаше една бучна, хетерогена, нејасно формулирана идејно и естетско – уметнички, поезија. Во нејзино име многу се зборуваше за поезијата во најчистата нејзина сублимација, а од поезија немаше ни збор. Најчесто отсуствуваше тема, конкретен мотив, идеја, технички издржана лирика која би ја потврдувала одредената теоретска поставка и сите граматички правила за јазик и писменост се напуштија. Се диктираа многубројни поетски курсеви од имажинизмот преку симболичната метафора до експресијата и ирационалната шизофренична надреалистичност. Бодлер, Едгар Алан По, Верлен, Блок, Есенин, Аполинер, Бретон, Елијар, Арагон, Марија Рилке, Лорка и др. станаа основни поетски идоли и извори од каде се црпеа поетски мудрости и вештини на поетска еквилибристика.

Во таа нова поетска клима постарата генерација мораше и сама да чувствува потреба за нова преориентација. Таа многу порано почна да ги бара и пронаоѓа новите нужни текови на осовременување на македонската лирика. Додека младата поетска генерација, иако со помало уметничко искуство и (за некои од неа) и помали уметнички вредности, полесно се впушташе во експериментирањето и тој пат го сметаше како единствен за своја афирмација и за пробив на новите поетски нормативи црпени најчесто од литературите на духовно развиените европски народи, дотогаш постарата генерација полека го испитуваше теренот за своја преориентација. Низ тоа, на прв поглед, бавно движење се раѓаше позитивниот курс на осовременувањето и ослободувањето од старите шаблони на воената и повоената лирика. Во тие историски моменти за македонската поезија настана период на конфронтација, на остра полемичка битка со стремеж за наметнување на свој сопствен вкус, поглед, манир, принцип, метод.

Релативно за година-две, се појавија голем број стихозбирки и нови имиња (1955-1957), но малкумина од нив претендираа во своето дебитирање на перманентна еминентност. Литературната критика, иако беше добра подршка за ваквата бујна вегетација, умееше честопати позитивното да го пресече и да го насочи во коритото на личните погледи и сфаќања на самиот критичар, а со тоа да затруппа еден свеж, расен индивидуален по колорит поет.

Во тие години Ацо Шопов ја насети потребата за неминовен квалитетен скок како во македонската поезија така и во својата сопствена. Знаеше дека не смее да остане анахронизам, дека мора да освојува нови поетски сфери. Со стихозбирката Стихови за маката и радоста (1952) ја започна таа метаморфоза, но подлабинска промена во смисла на интелектуална поезија во духот на светската лирика, во чии координати се развиваше и општојугословенската, кај Шопов се забележува во 1955 г. кога ја издава својата стихозбирка Слеј се со тишината.

Во етапата на ларпурлатизмот се појави со „изразита лирска индивидуалност, со интезитет на потполна непринуденост и потполна вистинитост“ (Д. Митрев) во македонската поезија. Слеј се со тишината претставува стихозбирка од кратки, лирски песни, кои бележат импресија, лирски издржан патос, душевен немир, психолошко понирање во секидневието и неговите детали, синтеза на експресии, опсервации, згусната супстилност на асфористичност, емотивна задлабоченост, жив пејсаж, што принудува на медитации. Тоа е лирика на минијатури, на бизарност, раскошна бижутерија и едноставност. Во неа се манифестира строга академска прецизност и рефлексивност. Таа ја напушта широката расеаност, многуглаголивоста, пресилениот лирски штимунг, развлченоста, лирска фабулност, темпераментен и наметлив тон на борбен, револуционерен патос, на строга тенденциозност. Оваа стихозбирка бележи тема на секидневието, на безначајното, синото, неинтересното; лирика што означува по малку животно сивило, лирика што се спушта некаде во беззначајното на животот. Но, иако таков впечаток се добива, таа претставува одредена тематност: убавина (во природата, животното секидневие, човечките односи) како филозофски поим, како уметничка инспирација, како творечки импулс, како животен нагон за откривање во непознатото, одредена животна содржина. Убавината – тоа е жената, младоста, природата, душевните немири и доживувања, пријателството, средбите со предмети и појави од животот и природата итн. Убавината – тоа е лирскиот трепет што се метка во човековата душа поради доживеан убав залез на сонцето на езеро, на глува тишина сред езерска шир, модрина од водна длабочина, душевно смирување во водната свежина, патување во непознатото, величествено убавото, во оживувањето на детството, пријателството, восхит пред волшебната импозантност на архитектурата, итн.

Оваа тема ставена на релацијата на современиот динамичен живот, во кој човекот е обременет со многубројни проблеми и внатрешни психолошки бранувања, кога е оптоварен со динамичниот тек на животот, кога неговото исконско спокојство и душевен мир се разбиени и заглувнати со сите манифестации на современата цивилизација, наоѓа природна завршница во тишината како лајтмотив на човечката егзистенција. Современиот човек е жеден за тишина, мир, спокојство, одмор. Тоа е императив на современо доживување на поимот убавина. Убавината се следала во жедта за тишина, за мирен и спокоен живот, за прездив, за оддалечување од сивилото на градскиот амбиент, од секидневието што убива со својата монотонија. Убавината и тишината ги содржи величествената по својата лечебност природа, синевините, длабочините, модрините, широчините, зеленилото, топлините од бои и димензии, бескрајните простории – тоа е убавината на природата и изворноста на тишината што човек може да ги доживее како насушност. Ацо Шопов во целата таа тематско комплетност настаптува од позиција на поет – филозоф што ненаметливо, небрутално, а дискретно го поканува современиот изморен човек од големите борби со животот во нурнуваньето во убавини на душеното спокојство. Од тој аспект поетот ја сублимирал сета поетска мисловност на оваа необична по мотиви, теми, поетска техника, стихозбирка во насловот Слеј се со тишината. Самиот наслов како да кани, повикува, заповеда: слевање во тишината. Природата како филозофска и тематска изворност на литературата била предмет на мнозина поети. Хајнеовска содржина може да се наслути во Ацошоповата лирика од оваа стихозбирка. Но, тоа не значи дека нашиот борбен, револуционерен, социјален и патриотски расположен поет западнал во декаденција и во бегање од стварноста во природата, туку тоа е неминовност на современиот човек да се одмори од секидневните конфликти, динамични битки во борбата за посреќен живот, од немири, лузни, кошмари, монотонија, градска врева, трескавична секидневност… Слично на борец што влегува од битка во битка, кому му е потребен одмор, прездив на нови напори, така и поетот на современиот човек природата и нејзината убавина му ја открива како Жан Жак Русоова концепција: тишината враќа нови сили. Тоа не е истакнато само во насловот на стихозбирката, туку во нејзините три циклуса: „Убавината“, „Песни за пријателот“ и „Минијатури“. Таквата идејно – тематска структура на стихозбирката се манифестира и преку одделните песни: „Убавината“, „Во тишина”, „Промената“, „Ах, таа убавина“, „Кога ти е најтешко“, „Младост“, „Го барам својот глас“, „Кон галебот што кружи над мојата глава“, „Нотре Даме“, или „Јас и мојот пријател”, „Ти си секогаш таков“, „Пријателство“, „Кон пријателот“, „Имам пријатели“, „Разделба“, или „Ноќта“, „Лист“, „Штрк“, „Облак“, „Верглата“, „Залажување“, „На езеро“, „Лов на езеро“, „Излези“, „Обична улица“ и „Утре”. Темите и мотивите, како на одделни циклуси, така и на одделните песни, се сведуваат на овие тематски изворности – убавината и тишината. Тоа се насетува во секоја песна и во секој стих на оваа стихозбирка. Такви стихови можат да се најдат на претек:

Ме прогони како жена блудна,
ненаситна, похотна, осамена.
Ме грабнува во прегратка пламена
неизбежно и со сила чудна.
(„Убавината“)

или:

Ако носиш нешто неизречено
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.
(„Во тишина“)

или:

Игро мудра, само таква биди,
разгрни се сета богато надарена.
(„Промената“)

или:

Отпатувај ако ти е мака,
ако чекаш – отпатувај пак.
Возот патник во ноќната мрака
од небото расфрлува траг.
(„Кон пријателот“)

или:

Ледено спокојство. Езерска шир.
Тишина. Скаменет мир.
Само во висината,
во сончевината
две бели птици се капат.
(„На езеро“)

Како секоја друга комплетна лирика, така и оваа, иако е работена на модерна поетска концепција има лирска фабулност, која се доловува преку мотивското и тематското поврзување на песните во целина. Таквата структура би се согледала врз следниот принцип: поетот чувствува немир предизвикан од убавината за уметничко вообликување („Убавината“); нереченото што го притиска човекот најдобро може да го излечи во самотата од тишина („Во тишина“); во мудрата игра на животот се открива убавината на животот и природата („Промената“); она што го мами човека на животен импулс е убавината („Ах, таа убавина“); освежување од тежините на животот лежи во природата, нејзините синевини и свежини („Кога ти е најтешко“); младоста е една од физиономите на убавината („Младост“); убавината се бара во морето, жолтилото на есента, во зеленилото на младоста, во сјајот на месечината, во очите на вљубените, во живиот говор („Го барам својот глас“); во откривањето на непознатото при долгите летови лежи убавината („Кон галебот што кружи над мојата глава“); во архитектурните монументални градби од типот на Нотре Даме поетот ја согледува убавината („Нотре Даме“); а најголема, најсодржајна убавина во човечкиот живот е пријателството; во него поетот ја открива смислата на човечката егзистенција; детството на интимно пријателство со време станува туѓо („Јас и мојот пријател“); очаениот пријател треба да бара смисла на убавина на живеење во потрага кон непознатото и повторно враќање на интимните патишта на среќaтa („Ти не си секогаш таков“); пријателот – тоа е најдобриот извор за поетско творештво („Пријателство“); во часови на мака најдобро е да се отпатува („Кон пријателот“); најголемото богатство и животна убавина се најоѓаат во пријателството, а поетот има толку многу пријатели („Имам пријатели“); изминатиот пат во животот и тоа е еден вид убавина („Разделба“); но најбогата содржина на убавина имаат природата и животот: ноќта е предел за медитирање на поетите во врска со убавината („Ноќта“); и едно откинување на листот од својата гранка претставува убавина („Лист“); во белината на шрткот врз ливадското зелнило поетот открива убавина („Штрк“); облакот-патник меѓу сонцето и луѓето наметнува поим за своевидна убавина („Облак“); песната на верглата што мрмори крај Сена носи звук на доживеана убавина („Верглата“); ноќта и детскиот безгрижен сон носат во себе животна убавина („Залажување“); езерската широчина и врз неа слегнатата тишина се впечатлив израз на доживеана природна убавина („На езеро“); и лов на птици над езерска модрина и лов на риби во езерското студенило – кријат убавина. („Лов на езеро“); излет во ранина на висока карпеста снеговита планина претставува убавина. („Излези“); и сопствената улица, мала и безимена, содржи убавина („Обична улица“); немирите на поетот наоѓаат убавина и неопходна душевна тишина во слејувањето со убавината на тишината („Утре“).

Лирската фабулност на оваа своевидна поема составена од фрагментарни мотиви зборува за една богата поетска инспирација во откривањето на убавината и во барање на душевното спокојство во сите линии, облини, бои и звукови на животот со неговото секидневие и на природата. За поетот убавина е и творечката инспирација, и промената, и тишината, и немирот, и младоста, и секидневниот говор, и патувањето, и архитектонската градба, пријателството, средбите и разделбите, ситните минијатури во природата – ноќта, сонот, ситниот пејсаж (штркови врз ливада, откинат лист, облак); како и во минијтаурите на животот – песната на верглата, лов на птици и риби, излети, обична мала улица… Да се понесе едно доживување во сите форми на човечкиот живот тоа означува широк оптимизам, љубов кон животот и природата, а особено кон човекот. Таа длабока хуманизација што во себе ја одразува оваа стихозбирка, секако, Ацо Шопов читателот го среќава на нова идејно-поетска релација: во него живее само силната човечка љубов, тој веќе нема извори на револт, омраза, бунт, непокорство, тешки душевни немири, туку благ, краток збор за своевидна добрина пронајдена како мудрост во убавината на човечката егзистенција на големите и мачни патишта на секидневието, како и од бескрајните димензии на природата. Насекаде човекот, а посебно поетот, наоѓа осмислување, убавини и предмет за уживање. Да се ужива, доживува, осмислува, значи да се знае да се живее, да се сака животот, природата, татковината, а пред сѐ, човекот. Овој оптимизам и оваа длабока осмислена хуманост живеат на сите страници на оваа необична и интересна химна на животот. Пантеистичкото и паганското славење на природата добива нова дитирамбска содржина: без широка зборотечна распеаност, во стегната форма од израз, слика, чувство, настроение, медитација, асоцијација, афористика и мисловност живее богата колоритна поезија. Во тоа лежи убавината и новото на оваа нова по квалитет Ацошопова збирка. На ваков вид поезија треба да ѝ се пријдува со одредена концепција, со посебен клуч на откривање на поетскиот збор, поетската слика, на поезија што не е само игра на зборови, наречена игра од метафори. Само така може читателот и поезија од ваков вид да станат интимни пријатели и современата поезија да се приближи до оној кому му е наменета – на човекот. Ваков вид поезија потекнува од човекот, создадена е за човекот, и таа мора да стане сопственост на човекот. Таа има исто толку голема своја функционалност како патриотската, социјалната, интимната, љубовната, пејсажната, рефлексивната. Можеби во себе сите видови поезија ги содржи ваков вид комплетирана стихозбирка. Тука лежи уметничката креативност на новиот поетски квалитет не само на Ацошопвата поезија, која извршила крупен чекор во својот квалитетен растеж, туку и на историскиот развиток на македонската современа поезија.

Покрај специфичната идејно-содржинска и филозофска коңцепција, Слеј се со тишината носи и посебна архитектоника. Таа не е невешта и примитивна, не е поим на рутинерство, нити пак осиромашување на поетските можности на нејзиниот творец, туку тоа е поезија што е градена на добро пресметана архитектонска носивост. Стегнатиот лиризам кој делува како благ повев (без сугестивен штимунг, без бладање и намерна нејасност, без изохипсност и разбушавеност, без имагинарност и ирационалност, без барокна декоративност) – е важниот елемент на градежната структура на оваа лирска градба. Рационалното што се движи помеѓу чувството, мислата, конкретизацијата на сликата и идејата – тоа е вториот елемнт на разумно воден лирски текст. Но не лишен од чувство, настроение, слика, мисла, идеја, но не лишен од елемнтарна логична поезија. Логичност – тоа е важна нејзина компонента. Отаде се добива вешто градена поезија, убав, течен, чувствен лирски стих.

Малата поетска форма ѝ овозможува да добие овој вид Ацошопова лирика бизарност и бижутерска скапоценост. Секоја песна има своја посебна убавина, носи специфично доживување и секоја песна делува како завршено мало ремек-дело. Такви примери можат да се истакнат од секоја песна:

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина
тишнината сама ќе го рече
(„Во тишина“)

Стихот со својата класична арматура од ритам, рима, слика, чувство, музикалност, лирска топлина – претставува исто така една од солидно вградените компоненти на прецизно осмислената поетска архитектоника. На прв поглед стихот не носи ново во лирската поетска изразност. Со својата едноставност напомнува на дотогашната поезија. Нема ексцентричност во фигуративноста и метафоричноста. Спокојството во линиите и боите на стихот – тоа е новото. Стихот е јасен, концизен, осмислен и логичен; низ конкретната слика и изразност се исткаале медитацијата и рефлексивноста. Тој е богато сликовит, а сликовитоста е постигната со лирска згуснатост, без манијачење од широка распеаност и акецентирана асоцијативност. Римата се нашла во богатата игра на поетот. Таа придонесува за музикалноста на стихот како и за прецизната сликовитост, а уште повеќе за елегантноста на реченото. Во поетската градба има елеганција во мислата, идејата, мотивот, чувството, па дури, засебно, и во одделниот збор.

Сумирано, во кратката поетска класична форма, во јасноста, концизноста на изразот, во осмисленоста на идејата, во лирската згуснатост, во елеганцијата на фигуративната едноставност лежат новите квалитети на современата лирика на Ацо Шопов, манифестирана преку Слеј се со тишината.

Поетскиот растеж на нагорницата на македонската повоена лирика е ознаменуван со новата стихозбирка на Ацо Шопов под наслов Ветрот носи убаво време. Тоа не е ново, изненадувачко, зашто во секоја нова поетска публикација на овој наш поет сме откривале една постојаност од благ успон кон врвните достигања на совремната лиричност. Таквата негова непроменливост остана впечаток на несомнена поетска изворност чии врутоци не само што не пресушуваат туку клокотливо течат по коритото на поетската македонска реч. Таа сигурност од знаење за откривање на поетска цел и одредена патека на сопствената лирика ѝ дава наметлива тематска присутност, идејно-филозовска, како и во нејзината модификација. Можеби, времето е тој волшебник што му овозможува на поетот да расте во прецизирање поетски поим во македонската лирика. Тој растеж не бил безболен, не бил без лузни и лични творечки драми во креативна смисла. Тешко е да се најде поет на голем историски свијок кога уметноста и литературата, посебно, доживуваат силни комплекси за потреба од повисок уметнички израз и кога се насетува потреба за дострел на врвни достигања во космополитски размери. Уште потешко е за секој поет кога ќе се најде на релацијата на конфронтирања и јалови двобои на запенушени глашатаи на модерното, на современото и старомодното, кога лириката по малку ќе почне да опаѓа во интересот на читачот и ќе стане по малку секидневно сивило, поим на сталешко и кога ќе прерасне во своевидна изолација. Јасно е дека тука се потребни индивидуални творечки сили, зашто поет со поет си личат како јајце на јајце, песна со песна на еден творец, стих со стих како цветови на едно стебло, па човек тешко може да одбере кој од кого е повреден и кој од кого позајмува. Јасно е дека треба голема поетска инвенција и јасен поетски поглед за принципност во творечката креативност, зашто поетот, сакал или не, мора да врви по расфрлени стакла од лирика, а посебно кога се исфрла естетски принцип дека секој просечен образован човек може да стане писател, па и поет. Ако поезијата, особено лирската, може да стане уметничка вредност на секој просечен образован граѓанин, тогаш пред поетот лиричар обврзно се поставува прашањето: што треба да стори за да стане израз над просекот, како да се надрасне самиот себе па и средината, за да стане поим на поетска величина, патоказ на нови текови во лириката.

На оваа релација од тешки комплекси поетите што ја манифестираа македонската лирика од НОБ и по неа обврзно се најдоа себеси. И за двете наши поетски генерации: и онаа на Славко Јаневски и Ацо Шопов, а и онаа на Гане Тодоровски, Србо Ивановски… историскиот свијок за сите беше подеднакво опасен. Тој и во 1957 година беше присутен; сѐ уште никој не можеше да каже со сигурност за себе дека не ќе слизне низ прудолницата на безличноста, епигонството, неоригиналноста, извештаченоста, псевдомодерното. Требаше да се најде Дамакловиот меч и разреши Гордиевиот јазел. Во таа потрага некои останаа на одредени свои претходни принципи на уметничка креативност; не сакаа, пред сѐ, себе да се самоизневерат, затоа продолжија по својата преднацртана патека, врвеа нагорно полека но сигурно; врвеа без врева но и без страв од достигања. Таа неминовност Ацо Шопов повторно ја обележува со својата следна стихозбирка Ветерот носи убаво време. За овој наш, македонски лиричар, како да било јасно дека сите луњи без разлика во кои области на животот се манифестираат, еден ден ќе бидат однесени со ветерот што носи посветли хоризонти и убаво време. Тој ветер ќе ги смири сите духови и ќе ги однесе сите оние навеви што во себе не носат одредена историска вредност, туку само означуваат луња на замагленост, бесплодност, јаловост, завист, омраза, непријателства, трескавичност, рогатост, жртви на конфронтации и неразбирања.

За Ацо Шопов во тие години беше јасно дека поетот што има во себе носивост мора да си биде на самиот себе доследен, да носи, пред сѐ, лична поетска преокупација и човечка добрина. Хуманоста за поетот е најглавниот позив. Поетот постои за човекот, за животот, за тоа што во него се слеваат тековите на времето и невремето и што преку него тие историски живеат. Тој е нивни регистратор. Низ своите лирски поетски доживувања, медитации, рефлексивности и асоцијативни одблесоци треба да го обележи своето време; можеби не толку самиот себе, своето лично постоење, колку своето време, луѓето и настаните, доживувањата и преокупициите на секидневието.

Од тој аспект, од тој агол на перцепција израсна стихозбирката Ветрот носи убаво време. Таа доаѓа како тематска и поетска носивост на претходната стихозбирка од 1956 година. Слеј се со тишината има многу заедничко со Ветрот носи убаво време. Како предходната така и оваа стихозбирка претставува мала поема од лирски доживувања, филозовски медитирања, емоционални бранувања. Општата нејзина каузалност на постоење е животот со неговите радости и болoви, таги и среќи, љубов и омраза, лошотија и добрина, животни студенила и човечки топлини, закараност и пријателство, разбирања и недоразбирања, животот и смртта, поимливото и непоимливото, она нешто големо и секидневно, смислата и бесмисленоста, – со еден збор, сѐ што е манифестација на животот. Акцентот паѓа врз невремето и убавото време – тој главен предмет на поетската преокупација и уметничката креација.

Ацо Шопов уште еднаш покажува со својата нова збирка од минијатурни мотиви дека современата поезија колку и да е лирска и сублиматна, колку да е хетерогена и универзална како апстрактна уметност, таа е изворност на животот, на конкретната постојаност на настаните, на активитетот на самиот поет во нив; поетот не живее во изолација, во ирационална апстракција, туку во хетерогена стварност која има одредено свое историско постоење; и неговата поезија (колку и да изгледа сама на себеси цел) е модификација на животот и одраз на стварноста, на поетскиот свет. Токму тука лежи и клучот на дешифрацијата и на оваа стихозбирка која е категорички поврзана со човекот, со нашиот современ човек, со неговите проблеми, со неговата животна преокупација, кои стануваа поетски свет и поетска изворност. За нашиот поет што излегол од тешките битки за нов, среќен живот, ветерот на новото време е ознаменуван во ветроказот наречен добрина. Добрината станува лајтмотив на оваа стихозбирка и аксиома на животот во името на благородните односи помеѓу луѓето.

Оваа стихозбирка со својата концепција се раѓа во историската условеност кога на широкиот фронт на современото човештво се бара решение на врелите светски проблеми, обременети со идеолошката поделеност на светот, на кој му се закануваат нови жестоки судири; се раѓа во историската условеност на нови политички концепции: мир, коегзистенција, среќен живот на човекот, решавани под поимот добрина. Има нешто топло, човечно, напредно во општата филозофска концепција, која се провлекува низ целата стихозбирка. Тој станува толкувач на новиот политички курс што се насетува во животот во 50-те години на нашиот век. Овој ветер нема граница, нема татковина; тој е присутен насекаде: во економиката, политиката, социјалните односи, културата, па и во интимата на човекот. Тој ја содржи во себе сета комплексност од проблеми што го притиска, пред сѐ, човекот. И стихозбирката нему му е посветена и значи своевидно решение на таа комплексност. Современиот човек, уморен од напорните перипетии на животот, наслутува будење на ново време кое носи добрина. Добрината станува знаме на новите стремежи во животот; човековото срце императивно тоа го бара, и ако тоа е исполнето со оваа аксиома, тогаш во него ќе нема злоба и омраза. Овој проблем поетот не го согледал само од политички туку и од етички аспект.

Ваквата тематска концепција Ацо Шопов потоа ја развива во четири циклуса: „Бела тага на изворот“, „Сосем налик на сите брегови“, „Небо на тишината“, и „Во секој град“. Сите четири имаат заедничка констелација, а и секој за себе претставува завршена целина. Лајтмотивот на сите четири циклуса е добрината, која станува предмет на уметничкото вообликување. Изворноста на човековите немири се наоѓа во љубовта кон животот, кон природата, убавината и душевниот мир. Поаѓајќи од реченото од претходната збирка, Ацо Шопов продолжува тоа да го надополнува со нови поетски моменти. Поимот на убавината како извор на душевен мир и творечка инспирација е проширен преку поимот – добрина. Тоа го реализирал низ песните: „Бела тага на изворот“, „Утеха“, „Чудак“, „Здравица“, „Улица”, „Добра ноќ“ и „Илузија“.

Според поетот, добрина – тоа е изворот на животот и љубовта кон природата од која останува вечниот копнеж и реченото во песната („Бела тага на изворот“); да се овековечи човечкиот живот во прстен на стеблото на животот – тоа не е само убавина туку и утеха за осмислен живот, исполнет со добрина („Утеха“); ако човек живее со очи устремени во нови светови облагородени со нова смисла, и тоа е една своевидна добрина („Чудак“); да се наздрави во името на човековата среќа, да се мисли за другите, а не за себе, зарем не е тоа добрина? („Здравица“); животот е улица по која врви човекот, и секогаш ја бара смислата зад иднината, во која се крие љубов, а можеби и омраза („Улица“); животот е исполнет со среќа и тага, да се пожелува добрина, тоа е смислата на животот („Добра ноќ“); поетот ја открива добрината во размислувањето за тешките и напорни патишта, за современоста и некогашните идеали („Илузија“).

Сиве мотиви акцентираат длабока поетска загриженост на човекот и неговата среќа на земјата, за неговите идеали (остварени и неостварени), за неговите немири и страхуватња, за добрината како насушна потреба на човекот и како извор на среќа и радост.

Таа филозофска компонента поетот ја остварил во јасни, концизни, кратки лирски медитативни песни, во кои се акцентирани поетските идеи, мисли, чувства, слики. Секоја песна завршува со поента. Најдолга е „Белата тага на изворот“, инаку сите други се минијатурни и претставуваат мајсторски градена рефлексивност:

Он не живее како останатите.
Со заматен поглед, очи устремени
оди по трагот на исчезнатите
со нова смисла да го обремени.
(„Чудак“)

или:

За вас ја кревам оваа наша –
секому секој сам што сака
за вас среќно, јас им велам,
а гледам кревам празна рака.
(„Здравица“)

Секако, во ова не лежи уметничката вредност, туку, пред сѐ, во мајсторски моделираниот мотив, во богата скала на чувствата и акцентрирана со длабока рефлективност (што е нејзина главна особина), со необичноста на поетските слики кои на прв поглед се во лабилна мисловна врска, а всушност тие се во складна композициона стегнатост. Зборот добива интонација на длабочина од идеја, мисла, чувство, па и слика. Не се чувствува градење на стих, строфа и песна со насилени изразни средства, со метафори заради метафори, туку во едноставноста на реченото лежи убавината на Ацошоовата поезија. Човек треба да се вслуша во она што е речено за да открие еден нов свет од поезија:

А сега склупчено до прагот на утрината
една тешка неизвесност седи…
(„Бела тага на изворот“)

или:

Утре ќе ти биде најголема утеха
кога убавината друг ќе ти ја земе
дека ти си пршлен зараснат во стеблото,
во еден живот кој веќе го нема.
(„Утеха“)

или:

Низ вијуличава ноќ со кошмар газам.
Одминатост, одминатоств – под трупот на улицата.
(„Улица“)

или:

Вечерва умира нешто,
нешто што нема име.
(„Добра ноќ“)

Современото на овој циклус лежи во ирационалното а сепак конкретно и јасно речено, во необичните теми и мотиви што зборуваат за богатството на внатрешниот живот на поетот, во слободната поетска тема, но која граничи со класичната, во барањето на средина помеѓу нив, како и во одблесокот на афористичноста која на песната ѝ дава сјај, мисловна тежина и филозофска медитативност.

Оваа поезија од минијатури носи недореченост, нешто што се чувствува како одреден поим, но за кој се нема рационатна претстава, личи како музичка оркестрација чија симфонија благотворно делува врз човековата душа, но за која се нема зборови, зашто зборот станува прозаичност.

Следниот циклус „Сосем налик на сите брегови“ ја дополнува општата концепција на стихозбирката. Самиот наслов на овој циклус нѐ упатува да размислуваме што е она што е налик на сите брегови. Под тој поим се доловува животот кој во соврмените услови насекаде е ист. Таа тема добива универзалност низ аспектот на личната среќа на човекот. Среќата на човековата личност во современата литература не е нешто апстрактно туку конкретна манифестација на човечката егзистенција.

Тоа прашање, кое е необично и чудно, се открива во мотивот на првата песна „Чудно прашање“. Поетот Ацо Шопов пее за две убави изгубени години, за две години што претставувале поим на лична среќа:

Имав две години во животот.
Зошто ги изгубив?
. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
Среќата ни беше малку необична
и не прилегаше сосема на себеси.

Во тие часови на измината и изгубена среќа, поетот во името на човекот што станал на свој начин несреќен пее за нужноста од човечка топлина.

Среќата станува поим на добрина, без добрина нема среќа, нема топлина, нема интимна убавина. Колку Ацо Шопов во ова прашање ставил лично, колку општочовечно, колку универзално, не треба да се зборува, зашто овие проблеми избиваат од самите стихови на песната.

Мотивски овој момент на човеков проблем го акцентира и продлабочува во следната песна, во која поставува два нови елемента на општата тема на стихозбирката: добрината и невремето. Овој мотив е ставен на релацијата на заемен сооднос. Невремето ја убива безгрижната отсутност на добрината и ги потценува нејзините радости и ѝ наметнува тага и болка, а болката и тагата раѓаат силна љубов. Но таа љубов е полна со жестина во името на убавината што е поткопана од невремето.

_____________________
*Текстот е објавен во Развиток, 1969, VII,  4, стр. 323-336. Ова е четвртиот дел од „Лириката на Ацо Шопов”, подолга студија објавена во неколку последователни броја на списанието:
Дел I, Развиток, 1969, VII, 1, стр. 94-104
Дел II, Развиток, 1969, VII, 2, стр. 198-208
Дел III, Развиток, 1969, VII, 3, стр. 257-264
Дел V, Развиток, 1969, VII, 5, стр. 407-424
Дел VI, Развиток, 1969, VII, 6, стр. 496-500