This post is also available in: French Russian Slovenian

На езеро

Ледено спокојство. Езерска шир.
Тишина. Скаменет мир.

Само во висината,
Во сончевината
две бели птици се капат.

Им бијат врело дамарите,
играат над шеварите
сè дури не потемне запад.

Наеднаш – немош и загинување…
Врз едно невидливо катче од езерото,
како непозната трпка врз телото,
помина бледо, лесно разбранување.
Водата сосема бавно се премрежи
и пак сè потона во камено смирување.

* * *

Кога ќе се разбранам и толку развилнеам
та да се кренам, да стигнам насекаде,
да давам секому сè што ветувам
и како далга неукротена
од брег на брег
моќно да прелетувам?

Ацо Шопов, Слеј се со тишината, 1955