This post is also available in: French German English Serbian Croatian Bosnian Albanian

Бела тага на изворот

Си отидов песно стара, песно невина,
си отидов без жалење.
За белата тага на изворот си отидов,
за непостојаната љубов на реките,
за грутка небо — од јаглен синевина,
за недостижните, за најдалеките.
Си отидов песно стара, песно невина,
си отидов без жалење.
А сега склупчена до прагот на утрината
една тешка неизвесност седи
и исто прашање без прекин повторува:
Зар вреди она што мислиш дека вреди? 

Зашто знам —
сè ќе притивне кога дојде есента,
и реките ќе најдат љубов што смирува
кога ќе се сретнат со своите мориња,
и небото ќе узрее оплодено од песната
на житата, на лозјата, на маслините,
само белата тага на изворот
ќе остане иста, неизменета
како вечен копнеж за далечините. 

Ацо ШоповВетрот носи убаво време, 1957

Слушнете ја песната во изведба на Софија Гогова Врчаковска