Во родната куќа

Развиј крила, пламни срце младо!
Пак се сретнав со родните места.
Само не ја разнесувај веста
дека денес пристигнав во градот.

Денес сакам сосем сам да минам,
да не види, да не знае никој,
сам да бидам со својата вина
и ги сетам сите драги ликој.

Спомените денес пак ме галат,
пробудено детство ме чека,  –
во собата здушена и мала
мојот живот шуми како река.

Во собата спомените греат,
собата е и мрачна и ниска…
Но некогаш сепак можел в неа
волно мојот детски свет да плиска.

Закачена над вратата виси
мајкината пожолтена слика.
Чинам праша: „Чедо мое… ти си? ”
Радосници низ образ ѝ бликат.

Долго, долго в неа очи впивам,
од солзи ми потемнува видот,
и како што често пати бива –
в миг оживе сликата на ѕидот.

Таа стапи и кога ме виде
благо рече: „За прекорот прости,
само ретко, многу ретко идеш,
како да си туѓ, неканет гостин.”

Па со силна прегратка ме гушна
и прошепна во моите коси:
„Син ти веќе голем станал, слушнав,
син ти, велат, златни кадри носи…“

Болката ме свитка како рана:
„Го загубив, мајко, една зора.”
Таа писна: Зар бескуќник стана,
зар луѓето вистина ми зборат?

А јас мислев да си моја лика,
дека и ти ќе истраеш, сине,
како сега дома да те викам,
преку прагот како ќе ми минеш?”

„Почуј, мајко, синот јас го сакам,
неизмерно синот свој го љубам,
само дали да живеам така –
сѐ напразно како ти да губам?”

Молк. Сѐ стивна во собата тесна.
Вон се дени… Доцна, влажна есен.
Под прозорот грмна детска песна
и во нови сонови ме внесе.

Златокоси, почекајте часкум,
сиот пламен вам да ви го дадам,
со вашите незгаснати мечти
иднината своја да ја градам!

Ацо Шопов, Стихови за маката и радоста, 1952
„Во родната куќа” е прва песна на Ацо Шопов објавена на српскохрватски јазик, во Књижевне новине, 1950 год.