Лапидарната поетика на Ацо Шопов*

Соња Стојменска-Елсезер, македонска есеистка, критичарка и теоретичарка од областа на книжевноста

Соња Стојменска-Елзесер

Стиховите на Шопов прилегаат на мудростите запишани врз каменот на кои ништо не може да им наштети. Неопходен е само миговен замав да ја растера застојаната прав и тие да заблескаат со полнотијата на својата смисла, да придвижат енергетски полиња, да разбудат стивнати емоции, да понудат убавина. Оваа првична помисла, кога се навраќаме кон творештвото на еден од најзначајните македонски поети на дваесеттиот век, е само појдовен сигнал за толкувачки зафат, кој како битно и доминантно својство на неговата поетика ја истакнува лапидарноста, и тоа сфатена не само како краткост и јадровитост, туку и како еден вид монументалност, трајност, аксиоматичност, вонвременост, есенцијалност.

Дека поетскиот говор на Шопов може да се карактеризира како лапидарен, веќе забележале и други критичари и проследувачи на неговото дело. Така, на пример, постојат размислувања за „семантичката густина“ и „јазичната напрегнатост“ на стихот на Шопов (Атанас Вангелов), за начинот на „поетички стегнатото“ изразување (Илинка Митрева), за стремежот во зборот да се пронајде „најсублимната енергија“ и да се излачи „семантичката есенција“ (Ефтим Клетников), а уште во времето на самата појава на најпопуларното четиристишие „Во тишина“, Димитар Митрев го има искажано својот суд дека тоа претставува: „прекрасен лирски медалјон, најкраткиот, но и најубавиот општочовечки лирски миг во нашата лирика“.

Шопов е еден од ретките македонски поети кој со посебна упорност ја негувал кратката лирска песна. Циклусот „Минијатури“ од раната збирка Слеј се со тишината испеани пред половина век не е осамен пример во неговата кратка лирика. Но, она што ќе се обидеме на ова место да го скицираме и аргументираме во врска со специфичниот минимализам кај Шопов, е тезата дека не само во кратките песни, туку и во подолгите, дури епски циклизираните творби од подоцнежните фази на неговото творештво, се чувствува лапидарноста на изразот како специфична одлика на неговата поетика.

Во една друга пригода (на Научната конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид оваа 2003 година, исто така посветена на овој автор) веќе говорев дека минимализмот на Шопов е резултат на вкрстеност од различни творечки духовни влијанија и напливи и дека има повеќе димензии. Притоа ја истакнав блискоста на поезијата на Шопов со некои елементи на источната духовност, со филозофијата на зенот и, особено, резонансот на неколку негови минијатури со јапонската хаику-поезија.

Сега, би сакала да се задржам врз димензијата на лапидарната поетика на Шопов која се поврзува со традицијата на афоризмот и нему блиските и сродни мисловно-изразни форми, карактеристични за западната духовна сфера, односно за европските културни простори.

Фолкрорна матрица

Најнапред, сепак, за докажување на кратко-јадровитата и елиптична изразност кај Шопов неопходно е да ги спомнеме и допирите на некои негови стихови со фолклорната матрица, и тоа, пред сѐ, со кратките народни форми, како што се поговорката и пословицата. Тие се оние трајни народни мудрости што минуваат низ простор-времето, оние сокровишта на народната мудрост и духовитост, кон кои Шопов како рефлексивен поет не можел да остане рамнодушен.

Во некои негови стихови силно се чувствува блискоста со овие форми. Така, во циклусот кој е најсилно фолклорно обоен „Купувачи на старо“ [„Старо купувам” и „Романтично бегство”] има вакви примери: „Ех, клета, пуста живеачко!/ Роди го човек со ѕвезда/ Фрли го во думаните.“

Исто така, на народна поговорка наликуваат и стиховите: „Крстот им беше лесен, пепелта не им е лесна./ Мртвите ќе умрат тогаш кога и нивната песна“.

На други места, пак, особено во подолгите песни, прозвучуваат други фолклорни обрасци на лапидарност – рудименти на благослови, молитви, клетви. На пример, еден срамежлив одек на фолклорната клетва би бил стихот: „леле господи од господ да прокопсаш“, а на благослов: „Да си благословена најнепозната песно./ Нѐ изедначуваш во мудроста, нѐ израмнуваш во годините“. Поетиката на молитвата, пак, детално може да се разгледува врз примерот на централниот циклус во збирката Небиднина познат како „Молитви“.

Посочените стихови што ја илустрираат врската со фолклорните куси форми можат да живеат и самостојно како сублимирани мудрости и претставуваат само еден сегмент од фолклорната предлошка на поезијата на Шопов. Инаку, фолклорната предлошка во поезијата на Шопов е мошне силна, но дискретна; експлицитна само во неколку поетски циклуси и доблесно трансформирана во поетичкиот профил на поетот.

Механизми на афоризмот

Лапидарноста, освен од фолклорот, секако произлегува и од подлабоката филозофско-рефлексивна и медитативна вокација на Шопов. Таа може да се поврзе и со традицијата на различни видови на авторски кратки мисловни форми, било уметничко-книжевни, филозофски, политички или други, како што се: епиграмите, односно натписите, афоризмите, максимите, сентенциите, рефлексиите, фрагментите и другите кратки креативни пишани форми во европската култура.

Афоризмот како пресек на филозофијата и поезијата му е близок на Шопов, како на поет кој трага по „збор што личи на обично дрво“, по стих кој ги искажува вечните вистини, кој го доловува она најсложеното на јасен и едноставен начин. Австриската писателка Мари фон Eбнер-Eшенбах на почетокот на една своја збирка афоризми го има запишано следниот: „Кажи за првпат нешто што се подразбира самото по себе и ќе бидеш бесмртен“. Ваквата позиција поетички му е мошне блиска и на нашиот поет, кој се стреми на најсуптилен лирски начин да ја сублимира сушноста на егзистенцијата, и она што е вечна енигма да го испее во стих во згусната, искрена и едноставна форма.

Проникнувањето на стиховите на Шопов со афоризмот ќе го потврдиме преку споредувањето со неговите основни карактеристики и механизми. Афоризмот согледан како посебен книжевен вид има специфична потенцирана релационост, тој е секогаш адресиран и насочен кон некого. Кај Шопов најголем дел од стиховите се испеани во вид на некакво обраќање, со што често напомнуваат на директна комуникација, на запис во некаков споменар или албум, или на реплика од дијалог, па и на целосен дијалог. Обраќањето може да се доведе во врска и со поуката, присутна како во источната филозофија, така и во европската антика, но и во подоцнежната дидактична, просветителска, рационалистичка духовност.

Афоризмот како упатство

Афоризмот, сентенцијата, максимата, всушност не се ништо друго, туку еден вид упатства како да се спознае вистината, како да се пронајде вистинскиот пат, како да се доживее просветлување. Тоа го носи и афоризмот во значењето на своето име, ол старогрчко потекло, воспоставено според збирката кратки медицински совети на античкиот лекар Хипократ и кое во прво време се ограничувало само на прагматично упатство. Со текот на времето овој прагметизам бил заменет со книжевно-филозофска длабочина и се рефлектирал и вградувал во уметничкото творештво, самостојно, или како поетички сегмент.

Таков тон на јасна или затскриена поучност, сугерирање, упатство е карактеристичен и за голем број стихови на Ацо Шопов. Така на пример, стихот употребен како наслов на една од позначајните стихозбирки на Шопов со својата интонација на сугестија, прозвучува афористично: „Слеј се, слеј се со тишината“. Исто така и веќе спомнатото четиристишие „Во тишината“ е песна целосно структурирана како поука, упатство, порака.

Обраќањето во лириката на Шопов е кон некој собеседник, но и кон самиот лирски предмет, најчесто кон самата песна, или кон избраниот мотив: жена, дрво, земја… Понекогаш адресатот на лирското обраќање е назначен во насловот на песната, а во стиховите само се подразбира. Еден убав пример за оваа појава е кратката песна „Песна“ која ефектно го искажува односот на Шопов кон сопствената поезија, кон сопствениот стих.

Комуникациската форма, односно формата на обраќање, најлесно може да се воочи преку фреквентноста на глаголите во императивна форма: „Кажи ми“, „Дојди“, „допри ме“, „слеј се“ итн. Исто така, честопати стихот започнува со личната заменка во второ лице „ти“ или со вокативна форма: „Жено“, „Земјо“, или со вокативен извик „О црно сонце“, „О песно, земјо, жено…“, „О езеро“…

Многу блиску до афоризмот стојат некои стихови на Шопов со потенцирана дидактичка и морализаторска нота, како што се на пример стиховите кои започнуваат со модалниот глагол „треба“: „Треба да бидеме подобри. Треба да бидеме подобри“ или „Требаше да помине половина век/ па да сфатам дека си ми здравје, дека си лек“. Особено последниов го остварува афористичниот механизам, па затоа и не е чудно што повеќепати е користен во таа смисла и веќе е вклучуван во збирки на афоризми.

Стихови-сентенции

Сентенцијата, мудрата изрека или максимата е исказна форма која особено инсистира на својата концентрираност во и на самата себе, но и на молкот што ја обвиткува. Молкот е сферата во која се чувствува силната радијација на успешната сентенција. Поттекстот, скриената смисла, интуитивното спознание го пополнуваат просторот на тишината која ја прави сентенцијата уште поизразна, поефектна… Такви стихови-сентенции лесно можат да бидат издвоени од контекстот на песните на нашиот поет и на полно се способни да постојат самостојно:

Тишината е мала овошка/ со гладен виј за зрелина“; „Знам, сонот е среќа, и среќа и каење./ А овде горчината миг на едно траење.“; „Ветрот носи убаво време“, „Убавото е убаво и поминува. Останува тагата“; „Црно сонце, птицо преправена во ѕвезда./ Кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна“; „Подолг е од животот до човека патот“, „Ноќта е заборав, заборавот успивање“; „Не слетувај галебе мој,/ врати се пак во јатото./ Јас сум лотка, осудена/ на судир со непознатото“; „Ах таа убавина, ах таа убавина,/ тоа диво на крвта завивање“.

Афоризмите се карактеризираат со т.н. „сеопфатен исказ“, поточно исказ кој се стреми кон максимализам, кон апсолутизам. Таквиот исказ најчесто е остварен со помош на суперлативи или на квантитативни изрази, како што се: целосно, сиот, секој, сѐ, или никој, ништо, само… Еден стих на Шопов, кој и самиот се однесува на фолклорот, може да ја потврди афористичката функцијата на суперлативот: „Светот е извезен од најубавите катрени на народната поезија“. Илустрација за квантитативните изрази во згуснатите афористички стихови се: „Водата сѐ ќе дознае, водата сѐ ќе сони“; „Сѐ што гасне, сѐ в зеница сјае“; „Да, сѐ мина веќе и свршено сѐ е“; „Сѐ што си присакувал сѐ е осознаено“; „Само во длабините со мудра промисленост / скржав траг ни остава стварната ораница“.

Општа и можеби најважна црта на афоризмите е изненадувањето, пресвртот, неочекуваноста. Ефектот на изненада може да биде реализиран како парадокс, антитеза, оксиморон, контраст или инверзија. Во стиховите на Шопов ваквите пресврти ги има во изобилие, и неретко тие се обликувани како заокружени мисловни целини. Пример: „Црн е твојот ветар, а ноќта бела“; „Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија“; „Ѕвездите гледаат во нас, а ѕвездите се слепи“; „Изгасни песно во огнот што го запали сама“, „Времето невреме вистинско е време“; „О ти што постоиш зашто не постоиш“; „Моите раце не се мои раце“, „Моите очи не се мои очи“; „Лавата се претвора во крв, крвта ко лава блика!“;„Ни исток имаш црно сонце, ни имаш запад,/ ни небо за молитва ни земја за напад“; „Светот е долговечен а нашиот век краток“.

Најмалку десетина песни на Шопов се остварени како поигрување со инверзија на воведниот и финалниот стих. Највидлива е оваа постапка во подолгите песни од циклусот за црната жена: стихот „Колку е голем светот“ на почетокот од песната подоцна, кон крајот на песната, се појавува во инверзија: „Колку е светот мал“; потоа: „Океанот е огромен, а човекот мал“ и „Човекот е огромен, океанот мал“ или „да ја открие родината откривајќи го светот“ и „откривајќи ја родината да го открие светот“…

Дијалог

Афоризмот во својата конструкција ги содржи јасно или прикриено дијалогот, прашањето и одговорот. Таков е случајот и со многу стихови на Ацо Шопов. Најчесто прашањата се оставени отворени, со силен ефект на молкот што го предизвикуваат, на апоријата што ја поттикнуваат, на неможноста да се разрешат рационално. Молкот за кој прашањата оставаат празен простор е составен и значаен дел од спознајниот дијалог. Во творештвото на Шопов од таквите стихови во прашална форма ги издвојуваме: „Од кај таква жестина во твојот глас добрино,/ кој кроткоста мудра ти ја уби? Ти ја раскоренуваш нашата убавина/ а знаеш ли како без корен те љуби?“ или „Што си ти: девојка, мајка, жена?“ или „Кој ни ја досуди таа небиднина/ да бидам стебло, да бидеш песна“, потоа, „Од каде во тебе/ мојата крв, жено“; „Кој ќе ја смисли таа непозната љубов“; „Дали ја откри таа страшна тајна,/ тој уште нигде неживеан век,/ дали откри колку светлините болат,/ над ова тело што тече без тек“…

Покрај стиховите во вид на отворени прашања, чести се и стихови во форма на прашања кои делумно го подразбираат одговорот и започнуваат со честицата „зар“ или „зарем“. „Пријателе мој, зар те губам/ зашто те љубам, зашто те љубам?“; „Зар вреди она што мислиш дека вреди?“; „Зар знам да раскажам што ме мами патникот/ на патишта далечни, неврвени?“; „зар ќе го изодиш ова тело, овие шеметни височини/ ветре на тишината, пеперуго на сонот недоболина“.

Има случаи кога прашањето е непосредно проследено со директен одговор. Тоа ѝ дава посебна динамика и драматичност на песната, а дијалошките секвенции прозвучуваат како вистински лапидарни изрази или мудри изреки: „Човек сум. А што е човек?/ Пред мене празнина, зад мене празнина“, „Како да ја одгатнам радоста на патникот?/ Радоста е земја, а зборот – понорница“; „Низ виуличава ноќ со кошмар газам,/ што има напред зад утрешницата?/ Нешто што љубам, нешто што мразам“.

Врската на поетиката на Шопов со сатиричниот афоризам лесно може да се детектира во неговата сатирична поезија, која претставува драгоцена и сѐ уште недоволно оценета пројава во нашата литература. Многу разбирливо со оглед на блискоста помеѓу афоризмот и сатирата, и во неа се согледуваат афористичките механизми на контрастот: „На сите совет и памет им дава,/ а ушите му висат на туѓа глава“ или на комбинација од преувеличување и контрастирање: „Сѐ му е познато, сѐ му е во близина,/ песната му лежи на рамна низина“. Потоа: „Усвитен тргна во поход во авантура,/ а се врати назад со обична згура.“ или „Во пепелта на догмите стари/ неговото грне нови догми вари“, „Старата етика за отпад е зрела,/ пред наши очи се распаѓа се руши:/ живеела некогаш една душа во две тела, а сега во едно тело живеат две души“.

Блискоста на стихот на Шопов со афоризмот и нему сличните облици ја аргументира тезата за значењето на лапидарниот лирски израз во неговата поетика и уште еднаш ја потврдува сплотеноста на филозофската длабочина со лирскиот сензибилитет на неговата поезија, која при секое ново читање или препрочитување ја докажува својата неоспорна естетска вредност и својата способност лесно да ги минува географските, културно-јазичните и временските граници.

___________________________________________

* in Животот и делото на Ацо Шопов.- Скопје: МАНУ, 2005

Поднасловите се од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов