This post is also available in: French Serbian Croatian Bosnian

Молитва за сињарката — моја наречница

Дури сега сфатив дека сум сосем во твоја власт,
дека сум играчка во твои раце и дека сите клучеви на мојот живот ги држиш.

Биди милозлива и отклучај ги портите
на моите бессони ноќни патувања,
на здравите и едри ноќни патувања
кога од темнина и темни соништа не се гледа ништо,
само во далечина огромната сеопшта светлина
довикува како малечка светла точка.

Требаше да помине половина век
па да сфатам дека си ми здравје, дека си лек
за сите мои болести неизлечиви,
за песните, за зборовите недоречени и недоречиви.
Помогни ми да ги добдеам моите бденија,
да ги изживеам сите мои искушенија
и да се стркалам како важарен обрач од месечина
кон малечката светла точка што мe мами во далечина.

Ако ме оставиш така ни жив ни мртов —
жив ќе се мртвосам, а ни мртов не ќе се здружам со мртвите,
иако не сум луд светот луд ке ме сметa
и ќe лаат по мене сите пци и сите пцета.
Отклучај ги портите на ноќните патувања на поетот
да ми се валка главата низ зелените треви на cвeтот
зашто само така и татковината ко ѕвезда ќе ја краси.
Отклучај ги тие порти, излечи ме, или — проклета да си!

Ацо Шопов, Песна на црната жена, 1976

Вратете се во поетската одаја на Лирскиот дом на Ацо Шопов