This post is also available in: French Spanish English Serbian Croatian Bosnian

Љубовта на огнот

На С. Ј.

Глув варовник паѓа врз нашите лица.
Се прпелка огнот под него ко птица.

Се припелка огнот во кафез од време.
На полноќно сонце зрее црно семе.

Сам од себе огнот оган вечен краде,
љубовта на бодеж своја да ја даде.

Греј, полноќно сонце, не запирај, греј.
Еве сам и ранет, иде Прометеј.

Како стрвник стемнет, како земја гладна
го подзеде огнот и изгорен падна.

Песната се стопи како лажно злато.
Подолг е од животот до човека патот.

Сам од себе огнот оган вечен краде
љубовта на бодеж своја да ја даде.

Молчи, молчи, молчи во млада боровина.
Оган и горовина. Оган и горовина.

Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970
Песната е претходно објавена во Раѓање на зборот, 1966 и Златен круг на времето, 1969

Ракопис на песната „Љубовта на огнот”, од збирката Гледач во пепелта (1970)

Ракописи на песната „Љубовта на огнот”, од збирката Гледач во пепелта (1970). Автографите се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов во Архивот Харалампие Поленаковиќ – МАНУАШ К1 АЕ32