This post is also available in: French Spanish Russian English Serbian Croatian Bosnian Albanian Bulgarian Italian

Деветта молитва на моето тело

Еве го тоа место, тоа неизодливо тело,
распослано како нема глад.
Еве ги сите светлини и води
на овој соѕидан град.

Врз кровот негов гука гулаб вечен –
чудна една сказна од леб и од сребро…
Дали го откри тој збор, тоа име
што штрека во дното на секое ребро.

Дали ја откри таа страшна тајна,
тој уште нигде неживеан век,
дали откри колку светлините болат
над ова тело што тече без тек.

Еве го тоа место, тоа неизодливо тело,
таа глад што го распосла и роди.
Еве го овде тој соѕидан град,
соѕидан од светлини и води.

Ацо ШоповНебиднина, 1963
Песната за првпат е објавена во Современост XII, 5, 1962 год.