Јус-прозаист

1
Не е секој надарен да пишува проза,
ни стил да има кристален и чист.
Лесно е да опееш некоја коза,
стани ако можеш јус-прозаист.

2
Тој има богата прозна биографија:
една огромна фотографија
со потписи лично негови
и на неговата литературна мафија.

3
Неговата проза
жива е метаморфоза:
едно регионално квачење,
едно мачење
да се испили со јус-значење.

4
Усвитен тргна во поход, во авантура,
а се врати назад со обична згура.

5
Тој не признава повисок литературен рид
од Хемингвеј, Давичо и Жид.

6
За нас испиша безброј возбудливи страници,
а го загреа читателот зад граници.

7
Се роди во нашите конфронтации
и веднаш се извиши над сите нации.

8
Со поглед стемнет од чад и бура
нѐ убедува од својот естетски врв:
„Јас сум зачеток и јас сум прв,
со мене почнува вистинската литература“.

Ацо ШоповЈус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.6, 30.XI.1966, стр.12

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.