Шопов во светот, Шопов од светот*

Милош Линдро, македонски писател и критичар

Милош Линдро

Неодминливо е чувството на гордост пред сознанието оти наш еминентен творец е преведен на сите големи и уште десетици други европски и светски јазици. А несомнени и потврдени, со одадена почит и адмирација, се и творечките дострели на нашиот голем поет кои говорат како за неговата индивидуална дарба така и за потенцијалите на неговиот јазичен и, воопшто, духовен колективитет. Шопов е еден од родоначалниците на македонската поезија. Војната уште не е завршена кога излегува неговата прва стихозбирка со родољубиви стихови така што тој е непосреден продолжувач на веќе несреќно починатиот Рацин.

Бидејќи овој јубилеен проект Избрани дела од Шопов предвидуваше само еден том на преводи од поезијата на Шопов на странски јазици и, воедно, преводи и препеви кои ги правел од други јазици на македонски самиот Шопов, се наложи дилемата за редоследот на тие два блока. Дилемата се разреши некако сама од себе во мигот кога стигна информацијата оти е пред непосредна реализација книга стихови на Ацо Шопов на француски во издание на УНЕСКО. Уште еден факт којшто говори за интеграцијата на македонските културни придобивки во општоцивилизациските и планетарни текови. Факт кој говори за големината, свежината, трајноста и неодминливоста на Шоповото поетско искуство. И, токму затоа, со тој најнов превод (Aco Šopov, Anthologie personnelle, Actes sud, UNESCO, Paris) го започнуваме првиот блок текстови озаглавен како: „Шопов во светот“.

Неговите поетски сознанија и реализации колку интимистички обоени подеднакво и универзалистички устремени одамна ги имаат пречекорено македонските јазични граници зрачејќи ги своите пораки и тогај кога мотивски и тематски произлегуваат од ангажираноста на поетот-револуционер и кога ги рефлектираат неговите интимни расположби и настроенија. И тогај кога го воспеваат балканскиот Исар, но и тогај кога искажуваат восхит од африканскиот Жоал.

Во бројните критички и критичко-есеистички опсервации многукратно се маркирани и евидентирани: наклонетоста кон спонтаните лирски мигови, кон темните длабочини на битието, кон тајните на суштествувањето, кон виорот во кој е фрлено човечкото суштество кое според божјата пресуда е обречено да биде нетрајно и минливо, а со тоа неодминливо упатено кон заборавот. Затоа тука е исконскиот стремеж да се превозмогне таа земска судба. Зашто човечкото суштество е исправено пред заканата од самотија па и пред пресудата на самотија.

Mаркантна лирска емотивност

Кога станува збор за поезијата на Шопов и за неговата преведувачка дејност станува збор за една маркантна лирска емотивност која моќно пулсира во референцијалниот систем на македонските симболички межници збогатувајќи го и тогај кога извира од длабочините на поетовата интима но, подеднакво, и кога премостува епохи и култури приопштувајќи неодминливи цивилизациски вредности. Зашто низ призмата на поетовата дарба се прекршуваат стиховите кои идат од други времиња како лирски сведоштва и за благородното посредување на поетот преведувач.

При обидот за издвојување од широкиот избор трајни вредности кои ќе го презентираат ехото на Шоповата поетска заложба во другите јазици па и неговите преведувачки и препејувачки резултати сам по себе, како „најлогичен“ и „најприроден“ се налага хронолошкиот потход. Се обидовме да го превозмогнеме тој „природен“ општоприфатен, трасиран пат на еден, во очите на некои, можеби и радикален начин. Иборот е извршен според големината, распространетоста и моќта за културно зрачење на европските и светските јазици уважувајќи ја нивната моќ за апсорбирање на другите (различните) културни придобивки.

Целата поетска дејност на Шопов може да се означи како едно маестрално разоткривање на драматичноста на светот кое подразбира и активно соучество во него на еден смосвоен, пред сѐ, лирски начин. Стиховите на Шопов воведуваат во таквиот негов и наш свет кој некогаш се пројавува низ својата тиха, сублимирана возбуда, а понекојпат и низ своите силни, моќни тоналитети. И во едниот и во другиот случај Шоповиот такт на версификација секојпат нѐ воведува во лирската драматика на случувањето во длабочините на битието. Кон разоткривањето на таа драматична комплексност на битието поетот е гонет, како што ќе рече и самиот Шопов во едно свое интервју, од „длабоката увереност дека производот на неговиот дух ќе најде траен заслон под сонцето“. Каква е моќта на творецот која го мотивира и го гони да се соочи, во творечките мигови, со празниот лист уште пред да ги има сведоштвата за релевантноста на поетскиот резултат? Тоа моќ, според еден стих на Шопов, која овозожува да се воочи „траењето во мигот а во правта огнот“.

И во нашата критика и во критичките одгласи на јазиците на кои е преведуван е обратно внимание на суптилните нишки кои го поврзуваат поетското творештво на Шопов со „едно сознание, едно течение на народната поезија“ нешто кое ја прави автентична, самоникната, оригинална и секогаш свежа и млада. Значи, таа изворна свежина која е траен белег на поезијата на Шопов произлегува, меѓу другото (поетскиот талент, поетскиот темперамент), и од генеалошкиот, родствен принцип. Тоа како автобиографски момент го свидетелствува и самиот Шопов одговарајќи, во неколку интервјуа, на прашањето за поттиците и книжевните почетоци. Тој ја спомнува мајка си, која била учителка и нејзината песнарка која била омилена книшка во домот.

Како и секој голем творец Шопов е поет кој, според Д. Митрев „го нашол својот пат во литературата уште во својот литературен почеток“ („Поезија на трајни вредности”). Изворноста на поетското соопштување, придружена со ретка поетска сугестивност оформува една поетика која зрачела и ќе зрачи со своја светлина, која дејствувала (и трајно воздејствувала) врз поколенија почитувачи на поетската реч. Таа нераскинлива поврзаност со родното Шопов ќе ја искаже на следниот начин: „Доколку поетот сака да остане поет, како Антеј треба да се навраќа на ‘езерото на животот’ да се вдахнови со свежина, да собере нови сили за своите идни поетски летови. Тој не смее да се отцепи од својата родна почва доколку сака поетски да го запознае и открие светот“. [Разговор со Гордана Михаилова-Бошнакоска, Одјек, XXVIII, Сараево, 1- 15 ноември 1976, број 21, стр.8]

Огнот, пепелта, лузните, каменот, езерото, манастирот, телото и неговите молитви, небиднината… целиот тој космос од самосвојни поетски објекти, слики и категории, воспоставени од Шопов, издвоени се и утврдени како симболички межници за да сведочат за македонската духовна авантура, за тој Experimentum Macedonicum (Г. Старделов) зашто се откопани од долгото македонско молчење. Но, настапил мигот кога, нека ми се дозволи да парафразирам: Неизреченото тишината само го рекла. А реченото е речено на еден маестрален, неповторлив начин.

Затоа денес стиховите на Шопов за нас се познато и препознатливо созвучје, тие се ехо на нам блиски човечки содржини, одекнуваат како наше лирско самооткривање и егзистеницијално самоосознавање. Накусо: тие се фундаментален дел од македонската духовна егзистенција.

Македонската книжевна критика за Шопов

Македонската книжевна критика преку своите најдобри претставници будно ја следеше и благовремно реагираше по повод поетската продукција на Ацо Шопов. И имаше зашто. Секој нов циклус во периодиката, а особено секоја новопојавена збирка стихови беше собитие во македонската поезија и во македонската култура, воопшто. Кон поезијата на Шопов многукратко и задлабочено се обрнувале Д. Митрев, Г. Старделов, Г. Сталев, Д. Наневси, М. Ѓурчинов, Г. Тодоровски, С. Мицковиќ, Е. Клетников, К. Ќулавкова и др. Со особено задлабочени согледувања се издвојуваат огледите на Г. Старделов, Д. Наневски, Е. Клетников и К. Ќулавкова.

Така Старделов врши периодизација на поетското творештво на Шопов на три фази воедно извршувајќи соодветна типологизација и тоа врз основа на поетичко-стилските и мотивско-тематските обележја. Според Старделов првата фаза (1944-1950) ги опфаќа книгите: Песни (1944), Со наши раце (1950) и На Грамос (1950) во кои на мотивско рамниште имаме симбиоза на патриотското и револуционерното, а на стилско-изразно имаме дослух со ритамот на народниот стих.

Таа блискост до народниот стих С. Мицковиќ ќе го сфати како „спонтан, речиси инстинктивен заслон што го пружа зборот на народната песна“ како „инстинктивно прибегнување кон јазикот и поетиката на народната песна“ заради „едно чувствување на континуитетот“ [„Ацо Шопов”, предговор на Одбрани дела, Скопје, Мисла 1976], воочувајќи извесен паралелизам што се однесува до творечките мигови кога се реализира песната на анонимниот народен гениј и на повоеното стандардизирање на македонскиот лирски израз.

Втората фаза која Старделов ја маркира и ѝ дава соодветна интерпретација е фазата на интимната лирика. Втората лирска фаза на Шопов која тој ќе ја означи како интимистичка, автобиографска и романтичарска, при што обрнува внимание на „поривите на самоосознавањето“, е реализирана во книгите: Стихови за маката и радоста (1952), и Ветрот носи убаво време (1957). Сепак, обрнато е внимание оти распонот е малку поширок и тоа од: „лирско-медитативни до рефлексивно-филосовски преокупации“. А тоа произлегува од имплицитното присуство на една дијалектика на иницијалниот мотив и презентираниот т.е. симболички реализираниот мотив. А тоа е така зошто презентацијата на расположение може да индицира присуство на опсесиивна (лична) тема која принадлежи на т.н. асоцијативно-рефлексивна сфера. Таа пак, изискува рационализација т.е., во нашиот случај, поетизација за да би можела да биде превозмогната и со тоа да стане духовен достиг во индивидуалниот, колективниот и општочовечкиот опит.

Третата фаза почнува со појавата на книгата Небиднина (1963) и трае до излегувањето на Гледач во пепелта (1970). Во оваа фаза, според Старделов, достигната е една „нова синтеза на традицијата и модерноста“, моделирана е една „чиста поетска форма“. Во неа имаме поетска апотеоза и философска поетизација на љубовта при еден хипостазиран однос кон телото. Како да настапило време за едно „разголување до болка“. А во еден друг стих од оваа фаза ќе се постави прашањето „каде потаму во мене?“ („Петта молитва на моето тело“), зашто е почуствувана и поетски антиципирана заканата на споствената крв:

Што бараш уште, зошто ме прогонуваш, крви,
зошто се закануваш со своето копито темно
зошто незасито?
(„Лузна“)

Шопов кој е во еден перманентен неспокој сега, во третата фаза, воспоставува една „релација од себеси до битието воопшто“ (Г. Старделов: Поетското искуство на Ацо Шопов). Доминира поетската свест за „магиската сила на зборот“, надвладува сознанието дека екзистенцијалното присуство со посредство на поетскиот принцип сублимира во семиотичко траење кое ќе биде назначено преку стихот „празнината сама се пали”.

Стиховите на Небиднина, според Старделов, најизворно откриваат оти „процесот на поетското во поетскиот свет на Шопов е всушност процес на поетско себенаоѓање, како што, обратно, процесот на поетското самонаоѓање во светот на поезијата е процес на поетско самоотуѓување”.

Во цитатот е многу среќно формулирана дијалектиката т.е. заемната испреплетеност на телото и знакот, а тоа значи целата испреплетеност на реалното и симболичкото. Доколку не испуштиме од вид оти се работи за стиховна поетска презентација на која секојпат иманентно ѝ принадлежи извесна ритмизација веќе сме ја оформиле „светата тријада“ на семиотскиот процес: тело, пнеума, грама. Критичарот констатира оти само на прв полед се чини оти „Молитвите на моето тело“ го испакнуваат сетилното и хедонистичкото. Работите, според Старделов, стојат точно обратно зашто таму „во прв ред доминира метафизичката сушност на љубовта“. Тој натаму говори и за трагизмот во поезијата на Шопов како genus proximus, но сметаме оти сепак станува збор за една помиреност или, побргу, превозмогнување на трагизмот кој би произлегувал од недостигот, загубата или болката. Зашто Шопов пее: „Се искачив над врвот од болот“! Значи во поетската свест настапила фазата кога, ќе повториме уште еднаш: егзистенцијалното присуство се сублимирало во семиотичкото траење.

Поетската книга Небиднина предизвика контроверзии во македонската критика до таа мера што беа пишувани одделни есеи и студии за носечкиот поетски поим/значење кој стои како наслов на книгата и кој, очевидно, е неологизам со буквалното значење: не-иднина, без-иднина, бес-перспективност.

За помот небиднина

Одделни есеи му посветиле Душко Наневски („За поимот небиднина“ во Македонска поетска школа, Мисла, Скопје, 1977 г., стр. 215-218), Георги Стардеов („Поет на небиднината“, во Портрети и профили, Мисла, Скопје, 1987 г., стр. 151-162) и Катица Ќулавкова („Поимот небиднина или творечкиот порив“ во Копнеж по систем, Македонска книга, Скопје, 1992 г. стр. 277-286).

Наспроти многумина критичари кои поимот небиднина го толкуваат како небитие, несуштествување ништожност, коб, Д. Наневски обрнува внимание на „татковинската димензија на Небиднина“. Неа тој ја воочува во „црното писмо“ на недочитаната книга на нашиот народ. Тоа татковинско (или антејско, како што би рекол Старделов) поетски го соопштува, речиси експлицитно, самиот Шопов:

Кој ни ја досуди таа небиднина
да бидам стебло, да бидеш песна

Во цитираните стихови имаме една самоидентификација при што поетот е спореден со стебло чијшто корен е во почвата на неговата татковина, а пак неговата песна е со корен во историјата на сопствениот народ. Аксиоматски претполагајќи ја „животната функција на поезијата“ Д. Наневски поезијата на Шопов ќе ја оцени низ една своја луцида како: „Збор по збор против смртта“.

Оценувајќи го поетскиот концепт на Шопов како „примордијално егзистенцијален концепт“, Старделов укажува оти „небиднината не зборува само за човечкиот трагизам, туку и за човечката возвишеност“. Поради тоа, поетскиот трагизам кај Шопов, нагласува Старделов, „е активистички, пркосувачки, т.е. виталистички заснован. Зашто само човекот остава трајна, непоминлива трага“. На човека му е дадена можноста да се трансцендира т.е. семиотички да се реализира. Или, како што би рекол Старделов „да се опредмети во определени симболи“.

Инсистирајќи на контекстуалноста К. Ќулавкова ја допушта негативната определеност на поимот небиднина посочувајќи ја како „показ на егзистенцијалната јанѕа на битието“. За Г. Сталев дофатот на небиднината е всушност „неизбешниот данок на целосното осамостојување. Тоа осамостојување е наречено небиднина“ [Георги Сталев: „Ацо Шопов: Постсоцреалистичкиот период во неговото творештво”]

Денес, триесет години по раѓањето на тој „уште непронајден“ или „уште недоразбран“ збор, подеднакво збор-енигма и збор-парадигма, ќе си дозволиме уште една негова определба. Определбата која ќе се доближи кон некои од наведените сфаќања, а ќе се оддалечува од други но, во секој случај, ќе биде препорака за своевидно читање на многуслојната поезија на Шопов.

Поетскиот поим небиднина го определуваме како поетско-философска проекција на копнежот по вечност. Небиднината од контекстот на својата поетска употреба сугерира безвременост, атемпоралност. Миг кога времето престанало да тече, но не како миг на ентрописка смрт, туку како миг на достигнато совршенство, како климакс на негентропијата: сѐ е пространство, облик, распоред, симбол. Миг кога сме се нашле среде онаа „шума од огромни, скаменети зборови“ [Aco Шопов: „Поетот треба да ги разбуди зборовите“, Књижевне новине, Београд, 1 март 1969, бр. 348, стр. 9].

Достигнатото совршенство е една оргастична опиеност од светот на симболичкото. Поетот го наоѓа своето место во тој распоред на сиболичкото (Ж. Лакан). Поетот е обземен од едно чувство-сознание кое е достигнување само на привилегираните. Тоа чувство-сознание го имале сите врвни поети. Достигнатиот миг-време е „време што не знае за стареење“. Можеби затоа самиот Шопов во едно интервју [Одјек, 1976], одговарајќи што значи поимот небиднина ќе рече оти тоа е „целата судбина на нашиот народ“ (запишаната и запомнетата исторјиа), но и „неостварените идеали“ (проектираната, но неопредметена иднина). Значи без ефемерната сегашност, една ситуација на безвремие, на атемпоралност.

Неповторлива артистичност и маниристичност

Устремот на лирскиот гениј на Шопов доведува до последниот стадиум на поетичкото начело, а тоа е: совршен сооднос на мотив, звук, смисол, фигура, сознание. Тоа македонската литературна критика многукратно го воочила и презентирала. Таа лирска кондензација го усложнува чинот на читање зашто го подига затекнатиот рецепциски хоризонт на очекување па со самото тоа налага воведување на нови естетски критериуми. Со книгите Небиднина и Гледач во пепелта воспоставена е една неповторлива артистичност и маниристичност, се разбира во убавата смисла на зборот. Таму го имаме јазикот исцело во неговата естетска употреба: како носител на естетски пораки но и како предизвикувач на такви со стилска интервенција по линијата на неговата ситагматска оска.

Во втората и третата фаза на поетското творештво на Шопов како да отсуствува декларативноста-декламативноста или, попрецизно кажано, дошло до промена на посоката на обраќање. Таа не е веќе посочена кон непрестајно флуктуирачката маса (социумот, популусот), туку кон нејзините атомарни градивни состојки (јас-тоа) зашто Еgo-то не може без Id-од, а Id-од без Еgo-то е ништо (во најдобар случај минало од реална егзистениција во идеална есенција т.е. од актуалитет во историја).

Затоа може да се говори за една свртеност кон длабочините на индивдуалниот и колективниот духовен простор со едно продлабочено разбирање на нивното заемно проникнување. Поетот веќе не се обраќа дирекнтно кон својот јазичен, културен и духовен колективитет, особено не од нивото на дневните политички и идеолошки лозунги, туку тоа го прави естетски посредувано и веќе низ стилски искристализиран духовен и емотивен опит. Тоа ни дава право да говориме за една фина артикулација на внатрешниот немир, при едно утврдување и вербално структуирање на лирскиот поттик.

Последната, според К. Ќулавкова и Г. Старделов четврта фаза, во поетското творештво на Ацо Шопов е заокружена со книгите Песна на црната жена (1976) и Дрво на ридот (1980). Во таа последна фаза на творештвото на Шопов доминира еден апелативно-емотивен поетски говор којшто ќе биде стабилизирање на препознатливите постапки на Шоповата поетика. Наведените поетски книги се сугестивни лирски заграби од пројавните облици на естетското во светот придружени со плавна и суптилна ритмизација. Поетот со само нему својствена елеганиција посега како во сферата на ex-timitet-от (убавината, женското тело, африкаскиот тотем) така и во сферата на in-timitet-от (љубовта, тагата, болката, носталгијата).

Странската критика за Шопов

Ако македонската критика се искажа толку афирмативно за поезијата на Шопов колку за ниту една друга, сместувајќи ја во самиот врв, не помалку ласкави се и оценките на странските критичари по повод преводите на неговата поезија. Душан Матиќ за нашиот поет ќе рече оти „неговото име одамна ги има надминато рамките на македонската литература“ [САНУ, 1968 (?)].

На романски излегува избор од поезијата на Ацо Шопов под наслов Раѓање на зборот (Nasterea cuvintului, Dacia, Cluj-napoca 1981). По тој повод критичарот Трајан Ника ќе забележи оти во своите песни Шопов се јавува како „носител на првостепен хуманизам кој настои да го превозмогне ефемерното и нетрајното“.

На летонски излегува изборот: Uguns-Milestiva, Liesma, Riga 1974. Кнут Скуениен ќе рече: „Низ преводот јас почувствував вистинска радост“. Набргу по појавата на стиховите на Шопов во летонско списание за литература неколкумина помлади летонски поети започнале да пишуваат во негов манир.

Ласкави оценки се дадени по излегувањето на избор стихови на шпански во Мексико: Lector de cenizas, Cuadernost Cara a cara, México, 1987. На француски излегува изборот: En chasse de ma voix, Sain-Germain-des-pres, Paris, 1978. На унгарски: Ӧrök Várakozó, Forum Könyvkiadó, Нови Сад. По повод изборот на српски јазик критичарот М. Р. Јовановиќ ќе консатира оти Шопов преку својот стих оформил „длабока лирска философија на битието, егзистенцијата и времето“.

Преведувачот на изданието на српски јазик (Dugo dolaźenje ognja Rad. Beograd, 1977.) Сретен Перовиќ за Шопов ќе запише оти е еден од „најавтентичните и, истовремено, еден од најуниверзалните творци“ од Македонија. Одделен избор ќе излезе и на словенечки (Aco Šopov: Zlij se s tišino, Mladinska knjiga, Lubljana, 1957), a преведувачот, словенечкиот литературен критичар Фран Петре, во поговорот за поезијата на Шопов ќе искаже највисоки оценки. Хрватскиот превод на стихозбирката Песна на црната жена ќе излезе 1977 год. во издание на „Аугуст Цесарец“. По тој повот М. Марковиќ за Шопов ќе пишува дека е „модерен поет со силен сензибилитет и впечатлива зрелост“. Критичките реакции и интерпретации на поезијата на нашиот поет заслужуваат опсежна анализа па затоа се ограничуваме на наведените оценки ценејќи оти достатно јасно го илустрираат прифаќањето на стиховите на Шопов надвор од Македонија.

Обземен од поетскиот дајмон или, како што ќе рече самиот Шопов, понесен од еден вид „поетски фатализам“ тој никогаш нема да го напушти полето на поетското. Затоа и кога преведува, преведува поезија или пак драми во стихови. Затоа поезијата Шопов ќе ја дефинира како самосознавање и таа за него е: „Младост на убавината, копнеж по неа, право на неа, илузија. Понекогаш помислувам оти има безброј други начини на самосознавање но, сепак, оставете ме со оваа илузија зашто тие помисли се без потврда“ [Разговор со литературната редакција на РТ Белград, кон крајот на 1960 год.]. Затоа и преведувањето на стихови за Шопов ќе биде: „Другиот, инаквиот начин на поетовото суштествување“. [Разговор со Гордана Михаилова-Бошнакоска, објавен во Одјек, Сараево, 1-15.11.1976]. Така светот на поетските знаци и симболи го неселил светот на поетот, роејќи се во неговиот живот, структуирајќи ги неговите копнежи и стремежи. Вместувајќи се во пространство на Небиднината поетовиот живот станува една внушителна парадигма во македонскиот духовен опфат која со поколенија ќе зрачи.

Во препејувачката актива на Ацо Шопов влегуваат одделни дела на Отон Жупанчич, Иван Крилов, Ј. Ј. Змај, Густав Крклец, Едмонд Ростан, Пјер Корнеј, Григор Витез, Вилијам Шекспир [Хамлет, Ромео и Јулија, Сонети], Мирослав Крлежа, Изет Сарајлиќ, Драгутин Тадијановиќ, Леополд Седар Сенгор и др. Во врска со поетскиот препев тој ќе го каже следното: „Поетскиот препев за мене е еден суштински вид на поетско живеење. Само поетот може вистински да препејува зашто успева да го сфати времето и духовните координати во кои создавал авторот. Само поет може приближно да се идентификува со темпераментот на поетот кого што го преведува и да започне да размислува, да пее и да реагира како и самиот автор. На тој начин преведувачот врши проверка не само на соите можности, туку и на можностите  на своето време и јазик низ кои се преточува туѓиот поетски медиум. Препевот е истражување и авантура како и автентичното поетско творештво. А, резултатот на тоа истражување и на таа авантура е драгоцен не само за поетот, туку и за литературата на која и припаѓа“ [Разговор со Г. Михаилова-Бошнакоска, Одјек, 1-15.11.1976].  Овој цитат многу прецизно го предава сериозниот однос на Шопов кон препеувањето како и јасното сознание за неговата важност и ролјата што ја има во секоја култура. Затоа тој вложил огромен труд, а го вложил и целиот свој талент во миговите кога на младата македонска култура ѝ беа потребни еден Шекспир, Крлежа, Сенгор… Фактот што одделни препеви беа многукратно препечатени говори за нивната неопходност и читатност истовремено и за една  незаобликолна културна мислија.

Така на пример преводот на книгата за деца Цицибан од Отон Жупанчич ќе биде пвпат објавена 1951 год., а препечатена 1956, 1959 и 1967 година. Истото ќе се случи и со Басни на Иван Крилов (1953, 1955, 1963) како и со препевот Песни на Ј. Ј. Змај кој е печатен  1954, 1959, 1965 и 1967 година. Во педесетите и шеесетите години детската литература на македонски јазк е навистина дефицитарна па тој факт ни говори колкава била нужноста од преводите на Шопов. Квалитетот на тие преводи пак, говори за благородното влијание врз поколенија млади читатели од кои некои израснаа во наследници и продолжувачи на неговото поетско и препјувачко дело. Преведувачката дејност на Шопов ќе добие и соодветна валоризација. Највисоката републичка награда „11 октомври“ Шопов ќе ја добие за препевот на Шекспировиот Хамлет во 1960 год. Една деценија подоцна, во 1970 год. За преводот на поезијата на Ј. Ј. Змај Шопов ја добива сојузната награда на тогашна Југославија на „Змаевите детски игри“.

Тежината и сложеноста на препејувачката работа врз наведените дела како и при преводот на Сирано де Бержерак на Едмон Ростан и Сид на Пјер Корнеј (драми во стихови) е несомнена. За тоа говори и фактот што речиси доследно е запазен врзаниот стих а одвај да се беше тргнало во освојувањето и култивирањето на македонската рима.

Во случај на препејувањето на Хамлет (1960 год.) како и на Шекспировите Сонети (изборот е објавен 1970 година) Шопов ќе се соочи со длабочината, многуслојноста и сложеноста на човековата душа изразена во Шекспировата драма и во неговите сонети. Општопознато е во која мерка се лексички богати и синтаксички комплицирани делата на Шекспир. Шоповиот поетски гениј успешно се справува со таа извонредно тешка задача а тој начин потврдувајќи го споствениот талент, истовремено презентирајќи ги големите можности на македонската книжевна норма. Совесно извршувајќи ја извонредно важната работа Шопов ги консултира и преводите на делата на Шекспир на сродните словенски јазици: српско-хрватски, руски и бугарски јазик. Така македонската духовна ризница, благодарејќи на сеотадајниот труд на Шопов ќе биде збогатена со дела од непреодно значење и од светски ранг.

Шопов работи и на доближувањето до македонскиот читател на блиската српска и сродната хрватска литература. Преведува поезија од Крлежа, Сарајлиќ, Тадијановиќ, Давичо, Максимовиќ и др. Во одделни книги во превод на Шопов излегуваат стихови од Змај, Крлежа, Сарајлиќ и Тадијановиќ. Особено се впечатливи по достигнатото версификаторско совршенство преводите на Змај и Крлежа кои ги застапуваме во овој избор.

Средбата на Шопов со една така различна, особена и егзотична култура, културата на црниот континент, запознавањето со неа, ќе резултира со една специфична, завршна фаза во неговото творештво. За таа плодна средба покрај книгите стихови Песна на црната жена и Дрво на ридот сведочи и преводот на суптилната поезија на сенегалскиот поет Леополд  Седар Сенгор. Претставник на франкофонксиот интлектуален слој во Африка кој премостува два континента, со тоа оплодувајќи го и древното-домородно и интелектуализираното европско, Сенгор го предизвикува љубопитството на немирниот дух на Шопов. Прекрасните сихови на Сенгор во вдахновен превод на Шопов беа уште еден културен подвиг во нашата средина и сосема заслужено беа овенчени со Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, во 1975 година.

Така, завршувајќи ја својата творечка патека нашиот поет го кондензира сиот свој животен и интелектуален опит во последните авторски книги и преводи достигнувајќи го степенот на синтеза на родното со другото, инаквото, различното. На тој начин неговиот конкретен, индивидуален опит и подвиг стануваат универзални. Шопов во едно интервју ќе рече: „Сакајќи да го запознам и откријам светот јас поблиску ја запознав својата татковина, и обратно, откривајќи ја својата татковина всушност го запознав и го открив светот“. [„Мојот збор е тврда вилица на времето”, разговор со Алдо Климан објавен во Младост, Белград, 29. октомври 1976 год., а потоа на македонски во Дело 74, 1982, IX, 5/6] А ние можеме да парафразираме: Низ преводите на Шопов светот го пречекори нашиот роден праг, а со неговите преведени стихови Македонија зачекори во светот.

Денес, макар што физички отсутен повеќе од едно десетлетие, Шопов останува меѓу нас како врсник на сите поколенија зашто судбината го определи да биде поетски мисионер во овој не секогаш радосен свет.
______________________

* Предговор на Шопов во светот, Шопов од светот, Скопје, Македонска книга, 1993 (Избор, кн. 2). Извадок од статијата е објавен под наслов „Нераскинлива поврзаност со родното”, во Нова Македонија, 16.12.1993, стр. 11.