Ацо Шопов: Еден портрет

Слободан Мицковиќ, македонски литературен критичар, во 1976 год.

Слободан Мицковиќ (1935-2002), македонски литературен критичар, во 1976 год.

Слободан Мицковиќ

Во македонската повоена литература едно истакнато и самосвојно место зазема творештвото на Ацо Шопов, и по своите поетски, естетски вредности, и по својата – веќе јасно оцртувана – општа книжевна вредност, па и историска.

Тоа дело претставува во својот тек, во своето надградување, показ на појавата и на развитокот на одделни поетски идеи и преокупации во македонската поезија, земени како едно глобално согледување. Тоа го покажува, во вистинска творечка мерка, проникнувањето на одделните поетски струења во светската поезија и во нашите поетски простори. Тоа ја открива, низ својот растеж, големата творечка работа што македонската поезија ја има остварено не само во доменот на поетскиот израз, туку и во доменот на поетскиот јазик, и на јазикот воопшто.

Во растежот на поетските вредности на поезијата на Шопов се согледува и едно поопшто поетско сeбeнаоѓање на поезијата во нашите простори, едно нејзино влегување, сѐ посигурно и позначајно, во сферата на поетските вредности кои го надминуваат јазикот на кој поезијата е создавана и допираат до регионот на општите, апсолутно релевантните, поетски вредности. Во поетското творештво на Шопов е содржано и едно сведоштво, испишано со автентичниот поетски ракопис на авторот кој секогаш пред другите, како самиот пред себе, е крајно отворен и творечки чесен, за да го открие сопствениот внатрешен свет, сопствените трепети и настојувања, своите стравови и желби, своите дилеми и размисли и да ги вгради во тоа автентично сведочење за себе, а преку тоа и за другите, за времето во кое тој го живее својот поетски живот.

Според неколку елементи на кои се потпираат определбите кога се говори за поезијата, може да се тврди дека поезијата на Шопов зазема едно од клучните места во нашата поезија воопшто. Пред сѐ треба да се има предвид занимливиот факт што Шопов исклучиво се занимава со поезија; во неговото творештво нема никакви навраќања кон прозниот израз, кон некои други начини на исказ, како што најчесто сега се случува со авторите ширум светот, да не ги одбегнуваат можностите за исказ во кој и да е книжевен жанр. Шопов му останува верен на поетскиот збор и низ неговите можности го искажува сето она што како автор го доживува. Тоа е, ни се чини само навестување на тврдењето дека Шопов никогаш не почувствувал недостатност од можностите за исказ во поетска форма. Тоа е, исто така, потврда на една творечка доследност која постојано ја согледуваме во делото на Шопов.

Поетски почетоци

Уште од неговите поетски почетоци. Ако нешто од неговото твоештво веќе влегува во доменот на нашата книжевна историја тоа се секако неговите Песни, објавени пред вистинскиот крај на војната, во 1944 година. Таа прва поетска книга во повоената македонска литература го носи во себе оној занесен борбен ентузијазам, она сведоштво за вистинскиот почеток на македонската повоена литература.

Свеста дека самата борба, самиот чин на исполнувањето долг кон сопствените идеали, се сфера на поетско, простор кој самиот по себе ја одредува поетската суштина на зборот […] Во првата книга на Шопов [тој простор е исполнет со] едно искрено и бескрајно поетско верување кое и кај авторот создава чувство дека најавтентичниот поетски исказ ќе се најде и ќе се оствари доколку поетскиот збор се доближи до тој здив на борбата, доколку се престори во нејзино ехо, во нејзина функција.

Таа прва фаза на творештвото на Шопов покажува некои сосема видливи настојувања во нашата тогашна поезија, присутни и кај Славко Јаневски, Блаже Конески, Гого Ивановски, Лазо Кароски. Тоа е вистинската свест за големината на настаните кои се случуваат, поетско осознавање на промената која се збиднува пред окото на поетот. Без сомневање може да се покаже едно синхроно одвивање на поетските настојувања и на историските збиднувања кое ја втемели нашата повоена поезија и ѝ даде едно почетно, натаму надградувано чувствување на сопствениот миг, кое ќе продолжи до педесеттите години.

Во тие први песни Шопов, меѓутоа, го открива и своето поетско стојалиште кое секогаш го носи во средиштето на песната: поетовото ego, она специфично поетско присуство на личноста, на нејзините сетилно-емотивни и мисловни филтри меѓу настанот и песната. Иако кај Шопов, како впрочем и кај другите поети во тоа прво време на нашата повоена поезија, има еден спонтан, речиси инстинктивен засолн што го пружа зборот на народната песна, сепак поетот не се деперсонализира, духот на народното пеење е прифатен до таа граница, зашто во песната и натаму стои поетот како сведок и како единка која сето она што го гледа го чувствува и го сочувствува. Во таа смисла, во барањето на вистинскиот збор за поетскиот исказ, народната песна во поезијата на Шопов од првата негова фаза е поттик кој ги остварува своите творечки вредности и во некои други простори на песната, не само на планот на јазикот. Во песната „Претсмртно писмо на еден партизан“, ќе ги сретнеме и стиховите:

Не плачи, мајко, затрај се
не жали, мајко по мене,
избриши слзи крвави,
раскини црна шамиа,
у раци знаме прифани,
на рамо пушка нарами

кои го покажуваат општиот јазички и прозодијски тоналитет кој извира од народната песна. Но, тука е уште една наслојка која го покажува траењето на мотивот. Мотивот е, очигледно, земен од ајдутските народни песни, во кои честопати среќаваме обраќања на јунакот кон мајката. Може да се согледа, низ тоа инстинктивно прибегнување кон јазикот и поетиката на народната песна, едно чувствување на континуитетот на ситуацијата, чувствување дека мигот кој поетот го живее и го чувствува содржи ист онаков трагизам како и мигот во кој, низ историјата, се создавала секоја од одделните песни за оние што, во еден високоморален чин, се саможртвуваат за високите цели на слободата, татковината, човештината, братството, за „златните слободи“ и „светите правдини“, како што вели поетот во таа песна. Самото тоа чувствување на континуитетот на борбата, на жртвите, на идеалите, го наоѓа, натаму, своето продолжување и во чувствувањето и усвојувањето на поетскиот континуитет кој се остварува низ јазикот, низ изразните средства од доменот на стилистиката, на прозодијата.

Но, како што рековме, Шопов и во сферата на народниот начин на кажување го зачувува сопственото поетско стојалиште. Во тоа специфично приоѓање кон фолклорниот тип на поетско кажување може, уште во времето на првите поетски напори на Шопов, да се согледа неговата автентична поетска природа која секогаш, и при стиховна транспонација на теми од едно општо значење, од заедничко интересирање, го водела поетот кон сопствените мерници, кон призмата со која не се извртува виденото, но не се изневерува ниту малку оној основен поетски кредо: песната пред сè да му припаѓа на поетот, зашто потекнува од него, за да може да им припадне и на другите.

Во натамошните песни, песните за изградбата, за обновата, исто така ќе го најдеме она лично стојалиште на поетот среде општите теми, среде кажувањето за една нова состојба на колективниот дух. И во првата книга, онаа од 1944, последната песна, „Љубов“, веќе укажува на една од трајните преокупации на поетот, која во неговата поезија ќе расте, ќе се разгранува и ќе достаса ниво на една широка, сеопфатна метафора, на едно поетско становиште кое има значење на примарна определба од која ќе се надградува сиот видокруг и во која ќе опстојува еден целосен поетски свет.

Веќе во песните од Пруга на младоста зазорува едно поетско доживување кое се потпира врз нишките на еден општ тогашен сензибилитет кој е близок до духот на колективното, но и врз едно постојано ново барање, барање на исказот за внатрешното, за интимното. Во следната книга, Со наши раце тоа поетско стојалиште се доведува, директно, во сооднос со тој доминантен дух на колективот, на што укажува и самиот наслов и сигурно се одделува од него по самата поетска суштина на кажувањето.

Во таа книга е една од најзначајните песни на Шопов, поемата „Очи“. Нејзините драмски јазли се градени врз принципите на античкото пеење: херојот го жртвува својот живот со јасна свест за жртвата, нескршен, исправен пред крајното искушение. Но, во тој говор за херојството, за големината на свесната жртва, се вмешува, како еден посебен квалитет, пеењето за болката, за нежноста, зa зaгубата. И од таа книга, од почетокот на педесеттите години [на дваесеттиот век], во поезијата на Шопов, независно од темата на песните, од новите духовни преокупации кои го опфаќаат, дури независно и од некои опсесивни насочувања, всушност согласно со нив, кај Шопов низ сите песни ќе пробликнуваат тие чувства, тие константни межници и мерници на неговата песна.

Во втората епопеична тема, за Грамос, за борбата на луѓето во Егејска Македонија, низ проекциите на општата трагедија, на поразот, ќе пробликне натаму тоа чувствување на интимниот пораз, на интимната несpeќa. Всушност ќе се пројави натамошната фаза на развојот на таа поетска насока кај Шопов: потребата да се идентификува надворешниот свет со сопствените состојби, да се изнајде онаа спона меѓу личноста на поетот и неговото согледување на надворешниот свет кој поетот ќе го промовира во соучесник и сочувственик на општата болка, на општиот ламент. Така, и низ темите кои навистина се податливи за едно колективно пеење, за градба на општи места, за воздигање на една поезија која ќе има строго дефинирани елементи на поетиката се пројавува самосвојниот поетски сензибилитет, една несопирлива чувственост која сиот свет, сите патила, среќи и воздигања сака да ги мине низ себе, да ги облагороди со сопствениот поетски порив.

Едно такво поетско стојалиште, градено во искуствата на поетскиот збор коишто не му одговараат по сопствената природа на нештата, во идните книги на Шопов, во Стихови за маката и радоста (1952), [во Слеј се со тишината (1955)]  и во Ветрот носи убаво време (1957) ќе се заврти кон самото себе, кон своите внатрешни проблеми. Тука се наоѓаат скриените причини на она што Шопов го завртува кон сопствената внатрешнина. Едно поетско стојалиште што е градено врз потребата да се доживеат нештата како сопствени болки и патила, неминовно мораше да пребарува и низ сопствената интима, низ своите внатрешни импулси.

Меѓутоа, забележливо е и во тие книги, Шопов никогаш не го прекинува директниот однос со надворешниот свет. Неговата поезија не се херметизира – таа станува лична во онаа мерка во која повисокото сфаќање на улогата и на смислата на поезијата кое кај Шопов е постојано присутно, го дозволуваат тоа. Темите, начинот на кажувањето, изборот на зборовите, јасноста на стихот, конкретноста на ситуациите, на симболите и на метафорите упатуваат кон размислата дека кај Шопов непрестајно доминира потребата пак да биде во светот, пак да биде во контакт со општите расположби иако, во оваа, втората фаза на неговото творештво, тој е оној што своите внатрешни судири, внатрешни драми, ги споделува со светот.

Всушност се работи за доаѓањето до крајните граници на поезијата која сака да го пробуди чувството за доброто, за трагичното, за сочувството и разбирањето. Поетот не е наспроти светот, туку се воздига во еден свет за себе кој му го нуди на сè она што е околу него како шанса за идентификација, за разбирање кое светот треба да го бара за несреќата на поетот. Во Слеј се со тишината (1955) тоа настојување е највидливо и најдраматично; тоа прераснува во поетски став кој го балансира дотогашното поетово искуство и се стреми кон остварување рамнотежа меѓу двата пола на една иста поетика – се прави напор да не биде поетот споделник на општата болка, да не биде светот поле за предизвик на поетовите трауми, туку тие два света да се изедначат во едно заемно стопување кое ќе го оствари докрај, конечно, разбирањето меѓу поетот и светот, кое ќе постави знак на равенство меѓу она што поетот го носи во себе и она што другите луѓе го носат како сопствено патило.

Поезијата како суштинска комуникација меѓу човекот и светот

Шопов, како што може да се види, до сопствените метаморфози доаѓа по најтешкиот пат, низ сопствениот творечки чин, низ непрестајното, одновно, барање на својата поетска смисла. Затоа кај него нема откровенија, нема брзи премини на тематски план, ненадејни поетски завртувања. Неговото творештво ќе го покаже како доследен љубопитник, непрестаен барач, незапирлив верувач во смислата на поезијата како на една врвна можност за допир, за суштинска комуникација меѓу човекот и светот.

Така Шопов доаѓа до едно зрело, целосно поетско сознание врз кое веќе може да се потпре еден комплетен, целосен поетски систем кој покрај чувствениот слој ќе ја отвори границата на рефлексивно-филозофските настојувања, во кој ќе се поставуваат и прашалници и ќе се даваат релевантни поетски одговори. Тие поетски искуства, кои се фундаментални за последната, сегашна фаза на поезијата на Шопов ќе се остварат во книгите Небиднина (1963) и Гледач во пепелта (1970). Во нив, директно или посредно, доминира едно поетско сфаќање на љубовта, на минатото, на судбината на човековиот живот, на трагиката кое произлегува од минливоста, но и на големата човекова поврзаност, низ минливоста, со историјата, со целиот тек на човековото постоење од искони.

Тие поетски настојувања на Шопов веќе имаат една централна окосница, една константна врзивна материја градена низ целото негово творештво – тоа е сфаќањето на структурата на стихот кој мора да биде доволно подвижен, доволно вибрантен за да се одгласи како еден општ говор, но едновремено и така устроен за да го сугерира, препознатливо, специфичниот поетов глас, да го оствари она поетско настојување кое поетот го прави во насока на себенаоѓањето, на барањето на сопствените трауми.

Стихот на Шопов е секогаш максимално завртен надвор, кон оној кому му се обраќа но, исто така, е строго потекнат од споделувањето на сопствениот поетски свет со надворешниот. Неговата комуникативност е условена само со едно принципиелно барање – за да се навлезе во него мора да се сфати дека тој ќе соопштува сопствени трауми, сопствени дилеми и заклучоци но, исто така, мора да се сфати дека тој не ќе може вистински да се дооствари ако кај оного кој го прима не наиде на споделувачко разбирање. Тоа е стих кој не говори сосема директно зашто неговото вибрантно градење е лимитирано со потребата да се опстои среде едно поетско верување до кое се дошло низ долгиот процес на поетското созревање. Тој стих не прави отстапки, компромиси и нагодби, тој останува онаков каков што е зашто е така изграден по логиката на едно фундаментално поетско сознание. Тоа поетско кажување е непрестајно, постојано одново, секогаш како на почетокот, поставувано пред истите, основни искушенија: да се најде збор, да се изнајде таков збор кој ќе го изрече неизречливото. Во двете најнови книги на Шопов, Небиднина и Гледач во пепелта го наоѓаме тој комплексен поетски исказ кој е на показ не само во барањето на зборот, на тој вистински збор, туку и во структуирањето на песната, во нејзиното целосно остварување како еден специфичен говор кој произлегува синхроно со потребата за соопштувањето, та се престорува во она што го подразбираме под органска форма на поетското сублимирање. Песната на тој начин станува еден целосен инструмент кој не може да функционира без кој ѝ да е дел, кој не може да се менува.

Така на пример „Молитвите на моето тело“ ќе го изразат чувството на љубовта во една комплементарност со други поетски сознанија и доживувања и нивното постоење веќе не може да се врзе за едностранчивото поетско заодување по една цел, тие можат да се сфатат само во совкупноста на нивната структура. Кој е тој што говори во прво лице во овие песни, веднаш се наметнува тоа прашање и се има чувство дека со одгатнувањето на идентитетот на тој говорник ќе се добие една сигурна шифра за натамошното, лесно навлегување во песните.

Точно е дека одгатнувањето на тој таинствен говорник е единствениот услов, кој веќе го покажавме, за разбирањето на песната на Шопов. Најпрво се чини дека е тоа еден плотски порив и повик, едно барање на првичното тело. Но, штом ќе се види дека тоа не е така, дека се работи не за тело, туку за едно поетско стојалиште кое се менува, кое се преобликува, дека всушност се работи за совкупната поетова личност, за поетот и за неговиот дел кој се вика дело, ќе се дојде до пошироките, до слоевитите значења на тие песни. Затоа ќе го разбереме изедначувањето што постои меѓу ламтежот по вистинскиот збор, по вистинската песна и копнежот по вистинската љубов, како моќ да се согледаат нештата во нивната најсуштествена длабочина. Меѓутоа, на крајот, ќе си го поставиме прашањето: кому молитвата му е упатена?

За разбирањето на песната ќе мора да го исполниме пак предусловот да ја согледаме идентификацијата што постои меѓу тоа премолчано божество и вистинската, вечната жена, односно вистинскиот, вечниот и безмерниот совкупен живот. Прашањата се упатувани во простор кој е омеѓен со симболски межници кои се толку широки што не ја лимитираат мислата, не ја ограничуваат поетската имагинација ниту просторот на зрачењето на асоцијациите кои доаѓаат од неа. Во достоинствата на поетското творештво на Шопов тоа барање на начинот на кажувањето, на зборот, на говорот, на изразот на смислата на кажувањето, доаѓаат во оваа негова фаза до вистинска поетска зрелост, до сублимат на една неспокојна мудрост која самата себе се поттикнува кон нови простори, кон нови неспокои.

Доближувања кон други поетски светови

Тоа трагање на Шопов по „вистинскиот збор“, по тој непоимилив збор кој ќе го изрече неискажливото се согледува и во неговите доближувања кон други поетски светови, во неговото откривање на можностите на сопствениот јазик во контакт со големите дела од светската и југословенските литератури на чиешто преведување работел.

Поетскиот резултат во препевите на Шопов е една од неговите творечки вредности кои го збогатуваат неговиот видокруг преку разбиструвањето на магијата на јазикот. Напорот да се преточи поетскиот говор на Хамлет (1960), на пример, во едно интегрално и системно поетско кажување на македонски јазик вродува со резултат кој препевот на Шопов го доведува до нивото на оние дела што ретко се среќаваат во преводната литература и го наредуваат во врвовите на препејувањето кај нас, веднаш до препевот на Горскиот венец (1947) на Конески. Тој напор на Шопов ја збогатува, посредно, и неговата поетска мисла зашто ѝ овозможува да се вообличи во еден автентичен јазик кој се проверил како моќен во највисоките региони на поетската мисловност.

Во стихот на Шопов, низ неговото созревање и себенаоѓање, ќе го сретнеме она плодно кореспондирање на нашата поезија со другите поетски средини, впрочем како и кај редица други наши врвни поети. Во извесен период од растежот на нашата поезија беше во неа присутен громкиот глас на Мајаковски, препознатлив во раното творештво и кај Шопов. Тој глас доаѓаше како потреба да се говори за пресвртните, херојски и трагични ситуации, при радикалната промена на народната судбина. Потоа доаѓа во поезијата на Шопов Есенин, како потреба за еден нов глас, со помеки тонови, кој ќе ги изрази внатрешните чувства. Ќе препознаеме тука и некои нотки од кажувањето на Елијар, но во крајниот поетски развиток Шопов доаѓа до еден специфичен, модерен начин на кажување кој потекнува од современиот сензибилитет што Шопов го носи како едно трагично чувствување, но и како поттик кон активизација на мислата да се изнајде во тој стемнат и грозоморен хоризонт процепот, ведрината и чистината на човековата перспектива. Излезот е, според крајната поетска порака на Шопов, во вербата дека сепак постои, дека во нас, дека меѓу нас постои, златното зрно на човековото чувство, на човековата добрина. Иако неговата поезија не се занимава директно со моралните проблеми тој сферата на чувствата ја воздига во еден систем на човекови содржини кој е достатен повод, достојна мотивација за еден поетски ангажман.

____________________
* „Ацо Шопов”, предговор на Одбрани дела, Скопје, Мисла 1976.
____________________