dimitar-mitrev

Димитар Митрев, македонски литературен критичар

Поезија на трајни вредности*

Димитар Митрев

Не без причина, но не и оправдано и сè поупорито и со една подигната нагласеност – двете збирки на Ацо Шопов Стихови за маката и радоста и Слеј се со тишината се поставаат како разделна линија во неговиот поетски опус. И она најновото и со својството на најнова карактеристичност не еднаш се одредува низ една ознака најавена во видот на максима: поетот станал, се преобразил во изразит носител на интимните мотиви во нашата лирика, откако бил таков носител на нејзините социјално-патриотски мо тиви. Па ќe се поврзува името на поетот, станато за некои синоним на интимата македонска, со среќите и несреќите нејзини. Поинаку не би можело да биде, и некако нормално доаѓа и се наложува разграничувањето кога ќе се тргне од мотивите како такви. И само како такви. (А така и се тргнува …)

Никогаш, па и при овој случај, со мотивите само за себе не ќе се забележи нешто битно и нешто пресудно за карактерологијата на еден поет, а уште помалку за поет што е изразит, што е чист лиричар. Она пак што го врши и овде своето, она што е каузалитет за последиците од такви тврдења, т.е. она што настојува да ги прикаже и покаже мотивите како нова карактерност, па со нив да го означи одржливото или неодржливото од гледиштето на квалитетност е (и во тоа сум убеден и сакам во тоа да убедувам) и во интерноста, и во едностраноста, и во конзервативноста – со кои се прифаќа и третира мотивската компонента и со кои се прифаќа и третира и носивоста на содржината и содржинското.

Ацо Шопов беше примен и брзо стана широко познат како поет на социјални, поодредено, како поет на партизански мотиви. И се прифаќаа и нагласено се утврдуваа мотивите како израз на една длабоко субјективна судбина, како реализација на едно исповедно лично начело. Ќе рече тоа: биле мотивите повод да се разоткрие нешто сигурно за поетовата лирска дивидуалност. Со тоа да се разоткрие и социјал кото како: лично, како интимно, и беше тоа сосем природно, зашто сосем природно настануваа и самите поетови лирски реакции спрема една животна суштина што беше кај него (и не само кај него) неговата сопствена животна суштина. И се одреди тогаш дека учесникот во едно животно збиднување адекватно, т.е. непосредно и интимно го изразува тоа збиднување. Значи: личното, интимното, непринуденото, животното било тогаш литературен квалитет, било квалитет на лирска својственост. До овде сè е точно, сè е адекватно, а такво е и како зафиксираност на самата лирска карактерологија кај авторот на „Очи“, „Љубов“, „Партизанска пролет“, па и на: Со наши раце и На Грамос. Но кога проговори кај поетот учесникот во збиднувања што беа пак животни, што беа – пак и навистина – збиднувања, но веќе збиднувања од подруг животен регион – пак не се задоцни, а уште при првите лирски еманации на таа подруга животност – издигнати беа категорични гласови дека патот за понатаму е згрешен, дека се наоѓаме пред очебијно застранување, ако не и противопоставување на (дотогашниот) јасен поетов пат. А дали беше така и дали воопшто е така.

Теоретски, ние сме тврделе и тврдиме дека животот како реална даденост и како предмет на литературата е неограничено разнолик, дека неговите појави се безбројно разнострани, па затоа не можеме да го оспоруваме правото да се покаже во литературата било која суштина од животот. Но кај нас самите – теоретските респектирања и нивните практички разрешенија доаѓаат понекогаш до такви судирања што меѓусебно се исклучуваат. И тврдам дека до такво едно судирање се дојде и при средбата со поновите стихозбирки на Ацо Шопов. И се дојде – го тврдам и тоа – неосновано и неправедно во прв ред спрема непобитното затоа и спрема најтрајното во карактерологијата на еден лиричар и на една лирика.

И во случајот со Стихови за маката и радоста и Слеј се со тишината не се изневери себе си како поет на длабоко личното, на длабоко (и целосно) интимното. Променета беше содржинската фактура на една поезија, без да се промени животноста нејзина. Остана и понатаму поетот – лиричар на животот, остана – непосреден изразител на животни немири и збивања.

А животот воопшто и животот на секој од нас и сега е исполнет, и сега е разрешен со разнокачествени суштини. И се покажа Ацо Шопов во тие две збирки, како поет на понови животни квалитети, бидејќи отсекогаш бил поет на животни квалитетности, а на какви – тоа е најмалку важно тоа воопшто не е битно, кога се тие животни, појако од тоа – кога се составки и ознаки на една човечка судбина; ако не се и самите – човечка судбина.

Па во што е неверното и изневерувачкото, кога – при сите случаи се било при своето, при сопственото бранување, при својот немир. Има нешта што се неотпорни во тоа, но неотпорното е од едно потесно литературно гледиште, пред се од гледиште на формални достоинства, како што од едно такво гледиште – бројно многу повеќе и во многу поизразит вид – имаше (би рекол: еклатантни) неотпорности во песните со социјални животни суштини: и би било наивно да се врши споредба меѓу Песни од 1945 и Слеј се со тишината од 1955, а ќе биде присутен елементот на наивност и при евентуална аналогија меѓу Стихови за маката и радоста и Пруга на младоста и Со наши раце, макар што и зад тие втори наслови се кријат текстови што не се надвор од поетското. Укажување е тоа, пред сè за достигнатиот висок степен во нагорната еволуција на поетот, за да биде пак јасно дека не е тоа функција од мотивите како такви. Спрема мотивите поетот си остана ист: и сега и порано кај него мотивите се јавуваат како израз на негови длабоки интимни преокупации. Тоа е најбитното, и од литературно гледиште – најкарактеристично. Затоа се неадекватни пронаоѓањата за поетска раздвоеност, за карактеролошка преобразеност во развитокот на Шопов. И за мене е повеќе од јасно дека се наоѓаме во средба со една фама, потсилувана и раздувана поради инерција и инертност во фиксирањето на литературата исклучиво како темат, што е уште понеодржливо кога литературата е остварена како лирска специфика. И тогаш кога ќе се согласиме дека во една поезија (па и во поезијата на Ацо Шопов) има елементи што ни се чинат тесни во својата субјективност, па и кога заплашуваат да станат досадни, основното, суштественото не е во мотивите и мотивската гравитација. Како што е верно дека сретнуваме лирици кои премногу се занимаваат со себеси (тоа го има и кај Шопов понекогаш) и ги занимаваат и другите само со себе (и стануваат со тоа здодевни), верно е тоа што нашето познанство знае и за такви кои не се занимаваат со ништо и пак се досадни. А сме чувствувале досада (и не помала) и кај тие што се занимавале со другите и исклучиво со – другите. Покажува опитот на многу лирици од сега и од порано дека и чести, и карактеристични се случаите кога лириците не можат да побегнат од изразити свои слабости и своеобразности; и не само што не можат, туку прават од нив – лирика и токму од нив ја прават својата најдобра лирика. И многу позанимливо за вниманието и за оценката е дека творештвото, особено лириката – тоа најсубјективно творештво, само добива од извонредноста и адекватноста на емотивното, независно од тоа каква е неговата мотивска управеност. Во тоа, во изворноста и адекватноста е начелото на начелата на модерната лирика. И него – тоа начело – го потврдуваат и старите, и новите поетски усилби на Ацо Шопов. Па оној што има чувство, што има усет за литературна вредност, за лирска интензивност – тешко би се решил да одрече: поетот, придржувајќи се кон изворното и автентичното, е навлезен, смело и резултатно во процесот на едно акцентирано себеутврдување како крајно сензибилна лирска индивидуалност. И би го поставил оној најсигурен, секогаш присутен и сè повитален импулс кон своето и доживеаното и како способност, и како можност да се биде изразит поет низ верноста кон себе и кон своето интензивно лирско начело.

Се јавува поетот, со новите свои пројави, сè пообогатен, но не и преобразен. А таков е зашто спаѓа кон лозата на оние ретки автори кои го наоѓаат својот пат во литературата уште во својот литературен почеток. И создадена е, поради тоа, поезија која секогаш била во својата сфера, која зрачела со својата светлина, која дејствувала (и воздејствувала) како жив организам. И со најнеотпторното во себе – секогаш далеку од еквилибристиката на рутинерството, далеку и од онаа емотивност што е повеќе симбол на чувство, отколку – чувство. Затоа: не ќе најдеме случај, за да речеме дека се напишани стихови, но не и песна, Вистините на таа поезија и тогаш кога не се наши вистини – не ја отстрануваат довербата во изворноста на соопштеното, во присутноста на поривите негови, зашто е самото – порив. Непосредно, без мака се чувствува внатрешниот нагон на она што се соопштува. И секогаш биле песните на Ацо Шопов песни на поет на кого може да му се верува, бидејќи секогаш бил поет на кого му е секоја поза туѓа и секоја искреност блиска.

И оној најопшт и како општ – карактеристичен – извод од досегашниот целосен пат на една таква лирска поезија, природно ќе биде во постоењето на пат, а не на беспатица; пат низ кој одекнувале чекорите на една поетска личност карактерна и доследна. А тргнувањето од себе и своето, независно од мотивите и нивната управеност, при сите случаи е плодоносно, како што тргнувањето или поведувањето по инцидентни, по ефемерни побуди е неплодоносно. Затоа и не можеме и при случајот на таа поезија да не го утврдиме значајното, реткото присуство во кратката повест на нашата лирика на еден феномен на изразита литературна доследност, на изразита литературна самосвојност.

***

Ако е разликата во мотивите кај Ацо Шопов со ништо неодржлива како карактеролошки симптом за неговата еволуција, уште помалку за неговата лирска индивидуалност, потполно неодржив е и напорот за типизирањето на неговите интимни мотиви со ознака на синонимност. Како и за означувањето нивно како побуда кон стилот на една интима која е разрешена како – интимничење. Затоа – и со сурогатите по интимничењето.

Ако е разликата во мотивите кај Ацо Шопов со ништо неодржлива како карактернолошки симптом за неговата еволуција, уште помалку – за неговата лирска индивидуалност, потполно неодржлив е и напорот за типизирањето на неговите интимни мотиви со ознака на синонимност. Како и за означувањето нивно како побуда кон стилот на една интима која е разрешена како – интимничење. Затоа – и со сурогатите по интимничењето.

И веднаш во врска со тоа (и не само со тоа да забележам: не треба да се бара во една поезија она што го нема во неа или она што го има кај другите, а она што е најдобро во неа, најнејзиното. (A заплашува да стане толку тоа вообчаен атрибут во некои наши критички разгледувања).

Еден дел – и не мал – од нашата нова поетска продукција предоволно се репрезентира како книжно, како шлагерно приграбување на интимните мотиви. И токму таквото приграбување го реализира феноменот на интимничењето. И се навлезе во еднообразност, не помалку изразита, не помалку опасна, макар и обратна, на паролашката еднообразност. За тоа веќе доволно е пишувано, а постојат за тие две еднообразности на теренот на една друга југословенска литература метонимиите: трубачи и фрулаши. И не се чувствував дека приграбувањето на интимата настанува како внатрешна потреба на емотивноста; сугестијата на импулсивното е отсутна, гласот на нешто привично и непринудено не доаѓа до неа, а само шумот на едно хорско – понекогаш и доста какафонично – пеење. И го дразни слухот и му досадува и ја побудува аверзијата: и спрема интимата, испрема интимничењето. И треба да загрижува типичноста на хорското пеење како – обезличувачка литературна психоза, и добро е што загрижува. Но, треба да се прави и разлика меѓу шумот и какафонијата на тоа пеење, од една, и јасниот глас на интимата како глас на едно исповедно лирско начело, ако органско незадржлив стремеж да се рече во стих нешто лично, длабоко свое, од друга страна. И во резултат на таква разлика: кај мене е затврдено сфаќањето дека најмногу поети со лирската својственост на Шопов можат да бидат означени како хористи, како интерпретатори во стилот на самоцелна интимност. И тогаш кога поетот беше (а тоа во Стихови за маката и радоста и се случуваше) сентиментален, па и сентименталистички распеан, знаеше да биде и лирски, и животно импулсивен.

Феноменот на хорско пеење, притоа, е најтипичниот знак за позерство. A ќе се согласиме (бидејќи без мака се утврдува и тоа) дека кај Шопов нема позерство, дека искреноста негова доаѓа до оној краен предел кој е без страв и од навлегување во сферата на наивното, на наивното како чувствена непринуденост и едноставност.

Дисквалификаторска и дешператерска е затоа и онаа ознака на интимното кај Шопов која сакајќи да биде во критичкото разгледување со апломбот на идеолошки еквивалент, се осмелува да утврди во емотивната фактура на таа лирика, обележје на малограѓанство и дешператерство.

Многу пати и самиот сум си го поставувал прашањето (особено при поводот со појавата на Стихови за маката и радоста – дали субјективното кај Шопов носи во себе нешто ретроградно, нешто солипситичко, дали е со суштината субјективистички херметизам, што ќе рече: со суштината на излораност од текот на времето и од збиднувањата на просторот. Но, и порано и сега сум си одговарал, а и на другите сум им одговарал, со прашањето дали личноста на нашето време и на нашиот простор има свои субјективни немири и бранувања и штом ги има (а таа ги има, зашто ги имаме, сите самите го знаеме тоа), тогаш нив ќе ги има и во литературата на нашето време и на нашиот простор. Толку повеќе и во толку поизразит вид – во лириката.

И сепак: нашата субјективност како субјективност на луѓе со одреден идеолошки аспект, поради самото тоа, неприродно е да биде субјективистичка, а уште помалку – дешператерска и дефетистичка. А не е таква, спротивно на тоа е субјективноста и во поновите и во најновите поетски пројави на Ацо Шопов. Сум го тврдел тоа и  при произволничките напади во однос на Стихови за маката и радоста и при појавата на Слеј се со тишината – наоѓам дека не сум се излажал кога сум бил со едно такво тврдење. Песимизам, резингнаторство, црногледство: немаше ни порано, нема ни сега. Сега – треба да се означи и присуството на јасна, на препринудена оптимистичка жизнерадсио-полетна струја.

Навистина: самиот наслов на збирката Слеј се со тишината – дејствува донекаде како акцент на усаменост, на затвореност; некако: премногу заклучено во себе. Но, каква е таа усаменост, кон што води таа: – никако не води кон себеизолираност. Најсубјективните песни во збирката и особено циклусот „Убавината“ со кој почнува збирката – се потврда, најсилна потврда за тоа.

Пред се: останувањето во тишина и разговорите во тишина и со тишината се само паузи во текот на едно бујно, на едно импулсивно, виталистички преокупирано трагање по животот и живеењето. Па: осаменост што е поскоро починка меѓу две патувања, меѓу два похода кон непознатото. Осаменост за која најадекватна ознака ќе бидат стиховите на друг еден и не помалу изрзит суптилен лиричар – Стеван Раичковиќ: „Ко зна лутања, тај зна мир шта је тиха стаза кроз плавило“. И не помалу адекватен за збирката би бил насловот означен со стихот: „Судир со непознатото“, што е завршна поента на песната „Кон галебот што кружи над мојата глава“.

И ќе треба ли да бидеме поодредени, ќе најдеме дека е овде Шопов не толку поет на животот колку поет на жедта за живот. А тоа со ништо не ја намалува животноста на таа поезија. Поет, и тоа: на жедта за непознатото во животот, на она што уште не било вклучено во поетовиот полетен животен регистар. И уште поодредено: жед не за било што и не љубов за било што – за убавото, за вистинитото, ослободени од секакви условности, за најотворен показ на необичното и несекојдневното. А се знае зашто: и авторот на таа поезија, како и ние: секојдневно сме здосадени од најнеквалитетни, не само сиви и безбројни, но и безбојни – секојдневности, па затоа:

Она личи на измама тешка.
Безобзирно, дрско во крвта заронува,
Денес што е за подбив и смешка
со утрешна смисла в миг го озаконува.

Игро мудра, само таква биди,
разгорни се сета богато надарена,
и секогаш во животот иди
од несекидневноста чиста и озарена.

Сѐ што гасне сѐ в зеница сјае.
Преминот е тихо, светло насмевнуванње.
Дај, природо, мојот живот да е
далеку од секое штуро примирување.

(„Промената“)

И природно е што ќе се открие овде, како кај секоја суптилна лирика, и едно враќање, и еден однос кон природата и природното што е витализиран низ чистиот патос на една бујна жизнерадосност:

Не, не треба починка, не треба смирување,
сето поле пукнало од здравина,
па крвта е моја светло разделување
од таа разгаленост, од таа убавина.

(,,Ах таа убавина“)

или:

Па со поглед што блика и зрачи,
потонувам до дно во модрината,
и кликнувам пак на убавината:
прострелај ме со своите лачи!

(„Убавината“)

Па ќе биде досегот со убавото во природата и природното и пак: како својственост на секоја длабоко човечна лирика – ослободување од душевни тешкотии и душевни немири:

Кога ти е најтешко, кога ти се чини
дека гласот ти е крик, а погледот – молење,
загледај се, нурни се во водите сини,
ај, во таа свежина, во тоа шумолење.

Ќе сетиш со длабок здив.
сила и смирување.
Погледот ќе блесне жив,
жив од подмладување.

(„Кога ти е најтешко“)

И не е реченото овде – празна екскламација, не е – пуст вербалитет. И не се тоа – истргнати стихови, блиски до нивната емотивна свежост, родствени на нивните виталистички компоненти (па: стихови кои фиксираат вистини и состојби што можат да бидат сопатници и на нашата душевност и на нашиот емотивен свет ) – ќе сретнеме и во „Младост“, и во „Ноќта“, и во „Лист“. (Толку посугестивно е тоа кога се знае малубројноста на песните што ја сочинуваат оваа збирка на Шопов).

***

Па и кога не би биле виталистичките вибрирања во таа – и нова и значајна – стихозбирка така јасни и така интензивни, кога миговите на тишината не би доаѓале како паузи и починки кон нови средби со непознатото, со убавото и вистинитото, со несекојдневното, кога би биле тие мигови и една статичка зафиксирана состојба на душевното и емотивното, како што се чини тоа при песната „Во тишина“, сигурен сум дека и најпреднамерениот скептик спрема животниот простор на интимата ќе се најде разуверен и разоружен, ако спрема друго, сосем сигурно – спрема отсуството на интима што е скована и скаменета во солипсизам и солипсистичка затвореност. И не само тоа и многу повеќе од тоа. Песната „Во тишина“ со која е означен еден од најчистите лирски тонови на авторот (не е никаква смелост да се тврди тоа) е еден задлабочен, еден целосно интроспективен пробив во светот на интимата.

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече
закопај го во длабока тишина
тишината сама ќе го рече“.

Да се почувствува тишината – спокојна, тешка, самотна, музички доживеана – колку пати поетите ни говореле за тоа… И не е случајно што така често и така чисто говореле за тоа. Секоја богата и внатрешно раздвижена душевност не еднаш го барала говорот на тишината. И најчесто – кога говорот наш одекнувал навистина во тишина, кога битките наши ни изгледаат глуви, како што убаво го беше рекол тоа и убаво за беше означил таа состојба еден друг наш поет. Така осамотен, човек чувствува дека не е самотен. Самотното оставање во тишина што било кај секој од нас не е атрофирање на слухот спрема Говорот на околното, а една внатрешна потреба за катарзата на молчењето, за да биде потоа појасен гласот на говорењето за другите и со другите. Па привидна е таквата самотност. А се јавува таа и како длабок говор низ молчењето, како што и поезијата сама понекогаш една потреба за молчење. Невозможно е без молчење, како сите длабоки говори. Па привидна е и статичноста на изразената состојба. Длабокото и интроспективното е интензитет, а интензитетот е – движење.

И бидејќи такви состојби биле и кај нас, песната за тишината го натфрлува значењето на субјективна исповед, добивајќи ја тежината и рамерите на нешто општо и фрла мост меѓу поетовиот и нашиот субјективен свет. Затоа е таа песна и еден прекрасен лирски медалјон, најкраткиот, но и најубавиот општочовечки лирски миг во нашата лирика.

И не е ли јасно: отсуството на напор да се навлезе во внатрешниот квалитет на таа лирика и во него да се пронајдат оние и чести и длабоки врски меѓу субјективното како индивидуално и субјективното како општо е причина за екзистирањето на ознаки за субјективистичност, па и за малограѓанство, атрибути што се во случајот на таа лирика една несомнена отсутност. Затоа пак толку понеодржливи се тие ознаки спрема таа лирика, и воопшто спрема категоријата за малограѓанска емотивност, која, токму како малограѓанска, се плаши и бега од субјективното, од смелото во субјективното, стигнувајќи само до банализација на субјективното.

***

И Стихови за маката и радоста дојдоа како интензивно обогатување на интимната лирика кај нас, а песните, сите песни од циклусот „Разговор со синот“ и кон нив: „Ако сведнам понекогаш глава“ и „Ќе те сретнам после многу лета“ – дојдоа и со елементот на модернизирање, пред сѐ, модернизирање на внатрешниот интензитет на нашиот стих, модерни со интензитетот на сензибилната носивост и доживеаност. Но, беа присутни и очебијни неодржливости и највеќе во изразната фактура. И беше тоа основна пречка за поадекатен израз на содржинскиот, на внатрешниот интензитет. А и содржинската носивост не беше пречстена од излишна разнеженост, па и од сентименталничење.

Присутноста, од друга страна, на старомодни романтичарства во образноста, како и на една старомодна романтичарска екскламативност во избликот на емотивното откриваше широк простор за сериозни и упорити битки кон совладувањето на еден современички поакцентиран и современички поисцезилиран стих. И нe ќe peчеме дека еден таков стих е една интегрална завојуваност во Слеј се со тишината. Но, и не мислам дека она што е постигнато во тој однос, а кое е богато и разнострано, такво што претрпело влијание од познатиот демодиран модернистички изразен третман. А, и смешно би било за еден Ацо Шопов при напорот за ослободување од фактични елементи на старомладост да навлезе во стилот, па и во бестилието, на самоцелно експериментирање. Откако бил отсекогаш кристално јасен и богато едноставен во начинот на своето лирско кажување – да премине во правење на стихови што се неодржливи без фусноти, а и со фусноти не значат ништо – ни како кажување ни како начин на кажување. Модерен и современ е поетот низ доживувањето. А што не го смени колосекот, а ја засили – на свој начин и соодветно на својственото за себе – брзината на изразното себеутврдување, тоа е пак при она најсолидното во неговата литературна доследност и карактерност. Па може и треба затоа да се тврди за изразити постигања и во изразното себеутврдување на еден значаен број од песните на таа збирка. И тоа пак, и како што е неизбежно, е одредено пак од значајноста од силата на содржинската носивост.

И она што е најново во Слеј се со тишината е потсилената интроспективност на лирскиот пробив и заостреноста на грижите за емотивна сконцентрисаност и единственост. А спроведени се тие две јасно видливи нагорни тенденции во постапката при еден показ на наједноставното како тематски предмет. Па толку позначајно се открива и постигнатото: од најситното да се постигне неретко максимална лирска сугестивност, при задржувањето на еден детал и од еден детал да се создаде – песна, да се пронајде во обичното и секојдневното необични и несекојдневни лирски димензии, да се постави како лирска идеја една подробност и да се постави со целосна и задлабочена емотивна единственост. Ознаки се тоа на една извонредна творечка сконцентрисаност, тоа е моќ на еден внатрешен интензитет, па затоа се јавува веќе како никогаш до сега кај Шопов – и како моќ на лирска згуснатост и синтезираност – кон суптилни, па и церебрални експресии и опсервации.

Неколку примери:

Го барам својот глас во молкот див на морето,
оно се скаменува.
Во жолтата пустина на есента го барам,
она зазеленува.
Моите раце не се мои раце
(моите раце со прсти на месечина).
Моите раце не се мои раце
(моите очи, очи за далеична).
Мојот збор е тврда вилица на времето
што ‘рти по нивјето со заби на семето.

(„Го барам својот глас“)

или:

Мојата улица нема куќи високи,
ни липи, ни маслини, ни багреми зелени.
Она понекогаш на мртво дрво личи
кај случајно ќе слетаат птиците иселени.

Мојата улица е мала и безимена,
со обични радости и обични грижи,
и да нема зеници од сонцето подгорени
не ќе може ништо со светот да ја зближи.

Низ мојата улица само јас поминувам
и само навечер штом се успие тишината
она се буди плашлива и измамена,
измамена од гласот на далечината“.

(„Обична улица“)

Околното и она што е во природата не е сликарски пејзаж, не е декоративно свежување на лирскиот звук, не е самоцелно помошно сретство, а едно вплетување на човечкиот немир во динамиката на обичното и природното, на минијатурното и едноставното. И тоа ја чини таа лирика – лирика со посебна изразита температура, лирика која и од најситното знае да создаде еден целосно сугестивен лирски штимунг:

Се откина од гранката сам, полека и несетено
и остана во воздухот да лебдее така.
Мислејќи дека е жолта пеперуга, детено
пружи по него рака.

И не се измени ни со прелив мал
на есента божилото.
Само гранката задржа скриена жал,
жал за зеленилото“,

(„Лист“)

или:

Паднат на ридот, еден штрк
сонува брегови зелени.
Му се привидува дека е пак
со јатата иселени.

Во летот долг се срушил он
и никој не го закрилува.
Sемне… и мисли дека е сон
првата снегулка што го милува“.

(„Штрк“)

Ќе се забележи и едно поразнострано изнесување на емотивното: од спонтани изливи до луцидно-екстазни констатации низ раздвижена, низ динамизирана импресионистичност. И тоа, и тогаш кога мотивите се чинат еднообразни и монотони, го ослободува лирското дејство од еднообразие и монотоност. И во сето тоа: искреноста – тоа најорганско обележје на таа лирика – го врши своето ослободувачко и обновувачко дејство, чинејќи го спонтано сигурен и внатрешниот и надворешниот ритам на таа поезија.

И навистина радосен миг е средбата со тие песни и кога ќе се почувствува лирската чистота и лирската сила на зборот, музикалноста, течноста на стихот, единственоста на лирското дејство, јасноста на метафориката, јасноста и придоноста и на она што е асоцијативно, радосен миг, зашто при онаа обратна средба со распространетите во последно време феномени на безасоцијативна асоцијативност, на метафорично безредие, на беззвучност и бесмисленост на стихот чувствуваме како таквата квазимодерност рекордира да ја сруши верата и довербата во егзистенцијата и дејството на поезијата во наше време, радосен миг и затоа, што покажува дека и во тоа наше време, – најчистата лирска радост доаѓа од оној стих што не заборава дека музиката е ембрион на поезијата и дека лирика без чувство ќе биде вино кое не опијанува.

И сепак: во она што е редок квалитет на лирика на Ацо Шопов – она од најситното, од најобичното и наједноставното да се создаде поезија – го согледуваме најнеотпорното и најнеодржливото во таа збирка. И не е ни чудно тоа: она со кое се постигнало најмногу ќе биде и најмногу форсирано од авторот. Но, тоа е и најопасното, зашто може да го ослаби критериумот за она што е значајно и за она што е незначајно во обичното и едноставното. А се чувствува кај Шопов дека, понесен во непосредното и спонтаното, склон е да направи понекогаш поезија и од она што е негово и едноставно, но е незначајно ни како негово, ни како едноставно. И најкарактеристичното во тој однос е изразено во песната „Notre Dame“. Таа песна е и најсумарниот показ за слични неодржливости во сета збирка. А реализирана е со песната една стопроцентна чувствена наивност, една екскламација – подигната и сликовита, но – празна и пуста. Па постои и за понатаму: проблем за контрола и дисциплинираност на искреното и инспирираното; затоа, постои проблем за култивирање на она без кое лириката не е лирика.

А тоа пак никако не е укажување и изискување ни за потценување, ни за потискување на непосредно-спонтаната компонента, а која е – така богата и така знаачјна во лириката на Ацо Шопов. И не само тоа: како што ја респектираме кај некои мисловно-рефлексивната компонента, ќе ја респектираме кај други: спонтано непосредната. А со неа, со таа втората: поезијата во Слеј се со тишината е отворена за емотивноста на мнозинскиот читателски круг. И не само на тој круг, но и срцата на тие што ја имаат умешноста непосредно да се одушевуваат од поезијата се отворени понекогаш токму за неа. Токму за таква лирика. И треба ли да се заклучува дека една таква лирика ќе стои секогаш суверено во видеокругот на секој, па и на најригорозниот, антологичар на нашата лирика.
_________________________

* Предговор на второто издание на Златен круг на времето, Скопје, Мисла, 1969
Првиот дел од текстот е објавен во Современост, VI, 4, 1956, потоа текстот e објавен во Огледи и критики, Скопје, Наша книга 1970, во Македонската кмижевност во книжевната критика, Том III, Скопје, Мисла, 1973, стр 439-443, и во Развиток, XVII, бр.2, март-април 1979.

_________________________

Огледи и критики на Митрев за творештвото на Ацо Шопов:

  • Песните на Ацо Шопов. — Нов ден, 1945, I, 1. стр. 58-60.
  • Пруга на младоста — стихозбирка од Славко Јаневски и Ацо Шопов. — Нов ден, 1946, II, 7-8, стр. 61-63.
  • На Грамос — збирка стихова Аце Шопова. — Књижевне новине, 19.05 1950
  • Поезија на трајни вредности. —  Современост, VI, 4, 1956.
  • Ацо Шопов: Слеј се со тишината. — Савременик, бр. 9, Београд, 1956, стр. 300.
  • Ацо Шопов.  – Повоени македонски поети : антологија. — Скопје: Кочо Рацин, 1960.
  • Aco Šopov. – Poslijeratni makedonski pjesnici: antologija. — Skopje: Kočo Racin, 1960, str. 75-76
  • Поезија на трајни вредности. — Златен круг на времето/ Ацо Шопов. Предговор Димитар Митрев. — Скопје, Мисла, 1969.
  • Поезија на трајни вредности. — Огледи и критики.— Скопје :  Наша книга, 1970.
  • Ацо Шопов. — Огледи и есеи. — 5. — Скопје : Наша книга, 1970, стр. 289-290.
  • Поезија на трајни вредности. — Македонската кмижевност во книжевната критика, Том III. Скопје : Мисла, 1973, стр 439-443.
  • Реминисцентни навраќања кон мотивот на борбата против франшизмот : Ацо Шопов — поет на беспоштедната антифашистичка одмазда. — Современост, 1975, XXV, 7, стр. 7-8.
  • Реминисцентни навраќања кон мотивот на борбата против франшизмот : Ацо Шопов — поет на беспоштедната антифашистичка одмазда. — Современост, 1976, XXVI, 4-5, стр. 12-13.
  • Поезија на трајни вредности. — Развиток, XVII, бр.2, март-април 1979.
  • Војник на лирската искреност. — Нова Македонија, 25.04.1982.
  • Војник на лирската искреност. — Просвета, 10.05.1982. (Да се провери)