This post is also available in: French Spanish German Russian English Albanian

Ацо Шопов: Дрво на ридот, Скопје, Мисла, 1980

Дрво на ридот, 1980

Ацо Шопов: Дрво на ридот, 1980. Пристап кон содржината на збирката

Дрво на ридот е последната оригинална збирка на Ацо Шопов, објавена две години пред неговата смрт. Во поговоротЕвтим Клетников забележува дека таа влегува во новиот лирски круг на Шопов, отворен со книгата Песна на црната жена (1976). „И во двете овие книти е присутен еден вид на автобиографски лиризам, кој меѓутоа на интимното му дава една суптилна универзална прекција. Во Песна на црната жена оваа проекција е изведена повеќе екстензивно со мешање и симболички парализам на географските простори: на Жоал и Штип, на Сенегал и Македонија. Во Дрво на ридот истото е постигнато по една вертикална проекција преку темата на телото, иако и тука не се присутни симболичките топоси на Жоал, Штип, Африка и Македонија. И тука се развива симултано темата на интимата, жената и татковината што има автобиографска потка, но пред се преку темата на телото”. 

„Основните текови на конструкцијата на поетскиот свет на Шопов во оваа книга, од мотивот нa болното телo до поетската мисла и визија за својата татковина, за идентификацијата на народите и за подадените раце на сите народи за едно големо братство, неминовно стојат, во овој случај, на митската поетска слика, под (знакот) на митските трагања на поетската мисла, која е не само толку многу присутна, туку преку многу слики и ретко успешно остварена”, забележува Науме Радически, во освртот кон книгата објавен во Студентски збор. „Со нив е доминантно обележана оваа книга или најновиот откриен и создаден поетски свет на Шопов”.

“Повеќе пати ја препрочитав неговата последна книга Дрво на ридот, објавена две години пред неговата смрт, а последните книги на поетите се обично тестаментални,  [и] бев просто изненаден од толку честото споменување на Македонија, речиси во секоја негова песна”, пишува Георги Старделов во „Трајни и неодминливи траги” (1992). „Во сè-на-сè 14 песни колкu што има оваа негова последна книга, Македонија се споменува околу 20 пати, што, инаку, не беше случај со ниту една претходна негова книга.  Се замислив над тој факт. Како што е познато во Дрво на ридот во еден болендојчински штимунг, смртта навира од сите страни. И чувствувајќи како смртта чука на неговите порти, Ацо Шопов во последните свои поетски објави настојува да оствари речиси потполна идентификација на својата поезија со својата татковина.”

„Дрво на ридот е книга на Шопов која на најексплицитен начин, со своевиден интензитет на поетското доживување го поставува прашањето за недофатливата смисла на постојаното човеково одминување, за неговата осаменост и напорот да се опстои пред неа, (пошироката симболика на дрвото на ридот), за исчезнувањето”, пишува Данило Коцевски. „Но, истовремено и верба во неуништливоста на човековиот ‘внатрешен пламен’, пламен, кој како што вели поетот ‘ме огрева посилно и од зборот на поетите’, како неповторлива животна убавина и духовно возвишување”.

„И кога доаѓа времето да се заврши биолошкиот циклус, и кога устремената птица се претопува во своето последно легло, поетот номад не го прекинува летот. Наспроти слабото, снеможено тело, имагинацијата не се скротува, дури станува експанзивна”, заклучува Александар Прокопиев, во „Номадот Ацо Шопов”.

Пристап кон содржината на збирката Дрво на ридот

Пристап кон постоечките ракописи и машинописи од збирката Дрво на ридот