This post is also available in: Albanian

Ацо Шопов: На Грамос, Скопје, НоПок, 1950

Aцо Шопов: На грамос, 1950

Aцо Шопов: На грамос, 1950. Пристап кон содржината на книгата

„Тој, Ацо Шопов, како и во 1941, не можеше да остане рамнодушен кон драмата која се одвиваше пред неговите очи”, вели во едно сведоштво Анте Поповски, за поемата „На Грамос”, инспирирана од граѓанската војна во Грција [1946-1949]. „Како избраник и вистински трибун на својот народ, тој, на својата исусовска младост но и со исусовска чест, ја испеа поемата ‘На Грамос’, во една понервозна поетска ритмичка фраза, во која со избран збор ги окова тие драматични слики на македонската национална катастрофа од средината на XX век. Точно затоа пред таа „книшка” не можеа да останат рамнодушни вистинските автори на македонската поезија, врз кои подоцна таа изврши силно влијание.”

„Збирката На Грамос ја засилува врската со едно поинакво актуелизирање на реалноста од аспект на социјално-националните и патриотски побуди”, пишува Катица Ќулавкова:  „референцијалноста на песните се ситуира до степен на недвосмисленост (денотативност, еднозначност, поимност), во контекст на новите историски настани: граѓанската војна во Грција, славо-македонскиот егзодус, егејската трагедија. Реалистичното е проектирано низ огледалото на еден национален и социјален идеализам, превосходно во духот на колективните, владеачки идеолошки програми. При тоа, предметот на прикажување е посочлив и препознатлив било да припаѓа на конкретната или на идеализираната стварност. На едната страна го имаме дадениот историски миг и неговиот хронотоп, а на друга, дадената политичка платформа.”

Во предговорот на првиот том на изборот од творештвото на Ацо Шопов, објавен под наслов Поезија (Македонска книга, 1993), по повод 70-годишнината од раѓањето на македонскиот поет, Катица Ќулавкова исто така забележува: „Точно е, како што потсетуваат некои критичари, дека дури и во овие песни Шопов внесува личен печат на изразот и дека и меѓу овие песни има некои кои се антологиски, значи такви кај коишто поетската функција избива на преден план и ги прави секундарни предметот и неговата прагматска и информативна димензија. И во својата рана поезија Ацо Шопов светот го посматра разнолико: лирски емотивно, страсно, молбено (‘проштевај…’), епски хумано, тестаментално, занесно, реторички декларативно, епистоларно, дијалошки, убедително, дејствено-активистички …”

Во предговорот на петтомното издание на Одбраните дела на Шопов (Македонска книга, 1976), Слободан Мицковиќ пишува: „Во втората епопеична тема, за Грамос, за борбата на луѓето во Егејска Македонија, низ проекциите на општата трагедија, на поразот, ќе пробликне натаму тоа чувствување на интимниот пораз, на интимната несpeќa. Всушност ќе се пројави натамошната фаза на развојот на таа поетска насока кај Шопов: потребата да се идентификува надворешниот свет со сопствените состојби, да се изнајде онаа спона меѓу личноста на поетот и неговото согледување на надворешниот свет кој поетот ќе го промовира во соучесник и сочувственик на општата болка, на општиот ламент.”

Збирката Ha Грамос претставува, според Георги Старделов, „своевиден поетски превалец”. Осврнувајќи се кон првата деценија од поетското творештво на Ацо Шопов, тој пишува: „Во неа ce гледа дека е изоден патот на функционалниот поетски говор и дека Ацо Шопов полека, но неумоливо, почнува да ce спушта во пределот на осамата, во некоја антолошка празнота, да слегува и навлегува во тажната долина на својот живот, која кај младиот дваесет и петгодишник брзо ќе израсне во долина на тешкиот човечки очај и болка. Таа трагична болка ce наѕира веќе во поемата ‘Ha Грамос’, во финалето на првиот дел од поемата каде ги среќаваме стиховите: ‘Во нивните сковани усни / проклетство уште слушам… / О, cè е така мртво / и cè е така пусто / како во мојата душа!’ 

Ha Грамос ја покажува сигурната понатамошна поетска еволуција на Ацо Шопов кој cè повеќе и cè попарадигматично ce отвора кон своето изворно поетско битие и на поетското битие кон него”, забележува Старделов. „Таа поема, иако на различно ниво на естетска вредност, ни открива поет кој сигурно владее со занаетот, кој егејската трагедија не ја предава од некоја рамнодушна дистанца, туку на еден многу поинтимен лирски начин, отколку што го правеше во Песни од 1944 година. И во оваа поема естетски најимпресивни ce првата и втората глава. Стиховите ce натопени со најинтимна човечка топлина и лирска исповедна дикција. И веднаш ce забележува – колку повеќе Ацо Шопов ce оддалечува од поетиката на референцијалниот директен поетски говор, толку е cè поблиску до своето автохтоно лирско битие. Песната, на пример, ‘Светулки’ од Ha Грамос како да е веќе од следната позната книга на Ацо Шопов Стихови за маката и радоста (1952): ‘Заспи ми, Сибинчо…тежок е патот, / в нов сончев одиме свет. / Светулки минаа, светулки јато / помни го нивниот лет!’ Следствено”, заклучува Старделов, „во првата половина од првата деценија на поетското творештво на Ацо Шопов cè до Стихови за маката и радоста неговото поетско битие е заклучено во себе. Во него ce случува извесно поетско недоразбирање, дури еден своевиден трагичен судир меѓу автентичната априорна поетска природа на поетот и неговата апостериорна социјална и политичка природа.”

Со критиката за збирката На Грамос објавена на 19.05.1950 год. во Књижевне новине, Димитар Митрев за првпат им го претстави Ацо Шопов на српските читатели. Половина век подоцна, литературниот критичар Славољуб Обрадовиќ во студијата „Поетске модулације егзистенцијалног у поезији Аце Шоповаќе напише: „Целата книга е израз на револуционерна верност кон народната традиција и на еланот на обновата и издигнувањето од пепелта: да се воскресне и да се запознае лицето на слободата, да се продолжи човечкиот живот. Во подлабоките психолошки и идеолошки слоеви, тоа е чин на определување, без оглед на реториката. Стихот на Жупанчич „Поету го знаеш твојот долг“ е мото на збирката. Песните се лирски евокации за времето на рововите и смртта. Оваа поезија не е само израз на националниот патриотизам, таа е револуционерна по тоа што ги одразува претчувствата и соништата на младите луѓе за една повисока животност.

_____________________________________

Книгата е објавена во издание на Младинското книгоиздателство „Ново Поколение”. Тираж 5000 примероци. Печатењето е завршено во февруари 1950 година во печатница „Младина”, Скопје. Нацрт на корицата: Борко Лазевски.

_____________________________________

Пристап кон содржината на книгата

Ацо Шопов На Грамос 1950 (PDF)