This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

За поимот „небиднина” *

Душко Наневски

Душко Наневски (1929-1994), македонски литературен критичар

Душко Наневски

Во македонската модерна поезија Ацо Шопов има истакнато место како поет на големи чувства. Едно такво, судбинско чувство тој изрази со еден збор: небиднина, на кој, како наслов и лајтмотив, му даде богато поетско значење. По долго трагање, и низ поетска „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“, тој творечки го најде големиот збор што го бараа многумина, и го нарече: небиднина.

Историска димензија

Со тој новоизведен, од него создаден, збор-слика, збор-метафора, збор-симбол, како јас што го сфаќам, Ацо Шопов засега едно длабоко македонско чувство, што се сублимирало со векови низ нашата историска судбина. Уште кога обидот на Хацон да ги обедини македонските племиња го осуетила Византија, започнала нашата небиднина. Пропаднал и обидот на Пребонд да ги обедини македонските склавинии во една држава. Пак небиднина. Кога Самуил успеал да создаде големо царство, и тоа било краткотрајно, нов пораз од Византија, со 14 илјади ослепени сведоци на една сурова небиднина. Со небиднина завршиле и востанијата на Делјан, подоцна и на Војтех, задушени со оган и меч. Потоа идат Турците, долга, црна, петвековна небиднина: вистинско е чудо како низ неа се одржал еден мал народ. Буната на Карпош да создаде кралство – уште една, свирепа небиднина: наденат на кол, останал само легенда. Наспроти Илинденската епопеја убиен е и Гоце, голема загуба, голема небиднина. Кога во неподготвено востание пукнало црешовото топче, го огласило македонското гесло на „Слобода или смрт“, најавувајќи крвава небиднина. Сепак: блесок на Крушевската република, прва на Балканот, но само 10 дена. Небиднина. Ослободувањeто од Турците, за Македонија поголема небиднина: распетие, во битки за поделба меѓу Србија, Бугарија и Грција. Најтрагичната, Версајската небиднина, ни ја запечати судбината. Дури и празникот на македонската слобода, дојде со сенка на небиднина – останаа во неа Македонците од Егејска и Пиринска Македонија.

Очигледно е дека таа историска смисла на зборот небиднина, не може, како што се прави, да се преведува на српскохрватски со „коб”, што навестува само несрeќa, гробна трагика, фатален крај; ниту како „неоствареност”, „немогућност“ и „непостојање“, што предимензионира само една, илузиска страна на овој слоевит поим; никако со „непостојање“, оти, како што покажува македонската историја, тоа е уште какво жилаво постоење, и наспроти сите колебања, проклетства, фатализми, неостварености, дури и невозможности. Мислам дека во тоа е и величието на македонската судбина, и поетското значење на метафората небиднина. Навистина, сите народи минувале низ големи несреќи, некои и трагично исчезнувале, но не знам дали има друг така мал народ, кој, пробивајќи се од небиднина во небиднина, преку илјада години, сепак успеал да се одржи и на крајот да дојде до својата национална слобода. Во таа смисла, зборот небиднина што го откри Ацо Шопов само е метафора за трагичното чувство на тоа пробивање низ вековите, синоним на македонската судбина.

Паралели на овие чувствувања на небиднината, од историското искуство, наоѓаме и во македонската поезија. Уште од митолошките циклуси, особено во фатализмот на народни верувања, сѐ до епските напеви од поново време „Црна се чума зададе“ или „Црно му било пишано“, низ кои и ја доживуваме небиднинската трагика. Тоа чувство го изразил и Прличев, во почетокот на поемата Сердарот, само со еден стих: „Пискотници се слушаат од Галичник во Река“, со кој извонредно го погодил вековниот ламент над македонската земја. Натаму, на тоа се сведува и црната тага на Рациновите аргати, фаталистички потенцирана со стиховите: „Роди се човек – роб биди / роди се човек – скот умри“, што изразуваат и една социјална небиднина.

Значи, од таа традиција, а не од домислување, израснува и големата смисла на зборот небиднина што го воведе Ацо Шопов во модерната македонска поезија. Дека со тој елиптичен збор тој погоди цело едно историско македонско чувство, кажуваат и многуте небиднински таженки, што се јавија и пред тоа е потоа во македонската поезија: кога Анте Поповски во лаконски стил рече – „Овој пат води од твоето небитие до тебе“, кога Гане Тодоровски ја испеа „Песната небидникова“, со судбински призвук, кога Живко Чинго, во расказот „Спроти Макавеите“, со имагинативен речник претскажува небиднински земјотресенија и поплави, или кога Коле Чашуле ја нарече нашата драма Црнила, што е само облик, еден вид на небиднината.

Тоа и говори дека Ацо Шопов со зборот небиднина пронајде еден синтетички израз, кој во својата многузначност опфаќа цела скала на искуства и чувствувања на македонскиот човек, поради што и наеднаш стана поим во македонската поезија.

Современа димензија

Затоа што поетските кажувања, кај вистинските поети, имаат значење на симптоми на времето, поимот на небиднината кај Ацо Шопов се открива и со една актуелна, модерна димензија. Од тој агол, интересно е и натаму да се истражи зошто поетот токму во овој период дојде под знакот на небиднината, продолжувајќи ги фаталните рефлексии и како Гледач во пепелта, дали е тоа мудрост на годините, жал по оној „нигде неживеан век“, сознание за небиднината на човечката судбина, за кругот од наречниците до фатумот на смртта, кога му се чини дека и земјата го вика да се израмни со неа, со метаморфоза во песната, да биде „на нестварни желби стварен светилник“; дали е тоа претчувство на некоја закана на националната судбина, еден егзистентен немир во атмосферата на нови посегања, со возбуда на тешка крв, прогон на див ритам на историјата и лузна со одблесок на месечина; или тоа е навестување на една поопшта апокалипса, особено кога говори за „злокобен меч на тишината“ и за „смрт во бело и сино“, низ морбидни призраци на една голема небиднина што можеби нѐ демне.

Ако во поетите гледаме, како што вели Езра Паунд, „антени на човечката раса“, добиваат реално значење и овие поетски претчувства. Од тоа доаѓа онаа вибрација на немир што нѐ обзема кога ја читаме небиднинската поезија на Ацо Шопов, што води кон сеопшто почитување на зборот на поетот.

Универзална димензија

Во таа длабока смисла, како вековно македонско искуство истрадано низ лична судбина, поимот на небиднината може да има и универзална вредност. Мислам дека е тоа една оригинална варијанта на она познато чувство, од библиското проклетство, низ светската тага, до урбаната мора, со кое се пробивало човештвото од искони до денес. Но без ограничување во семантиката на зборот небиднина: не како „коб“, зашто таа, иако најблиска по смисла, доближува до трагиката на Бодлер и поезијата на тн. проколнати поети; не и како „неоствареност“ или „невозможност“, зашто овие поими не оставаат пат за излез, водат во крајна линија до теоријата на апсурдот во Камиева смисла; воопшто не како „непостоење”, зашто тоа, меѓу другото, асоцира на не-битието и ништотноста од егзистенцијализмот на Сартр и неговите истомисленици.

Сепак овие решенија ги земам како поттик за истражување на вистинската смисла на една поетска метафора. Мислам дека поимот на небиднината кај Ацо Шопов, иако има допири со сите овие идеи и искуства, содржи и една можност за нејзиното надминување, нешто како гледање на облакот со чувство дека ќе мине. Таа можност експлицитно ја изразува и самиот поет, кога вели: „сѐ она што потемнува во моето Вчера/ јас како светло Утре во длабини го кријам“.

Од овој метафоричен спрег сосема јасно проличува чудесната тајна на човекот низ сонот да ја преобразува небиднината во надеж. Така овој истакнат поет, со тоа што и во чувството на небиднината наоѓа наутро нов цвет на челото, му дава на тој многузначаен збор и димензија на откриената поетска идеја, со нов, македонски термин, што може да биде од значење и за модерните европски струења и барања во поезијата.

_______________________

* Поднасловите се од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов

Текстот е објавен во Нова Македонија, на 15.02 1976, по повод објавувањето на Одбраните дела на Шопов, а потоа е преземен во книгата на Наневски Македонска поетска школа, Мисла, 1977 год. стр. 215-218, под наслов „За поимот небиднина”. Преиздаден е без наслов во Критичарите за творештвото на Ацо Шопов, Развиток, XVII, бр.2, март-април 1979, стр. 109-116, и во списанието Македонија, 1980, XXVII, 327, стр. 13-14, под наслов „Ацо Шопов: Небиднина“. Набргу по смртта на Шопов (20 април 1982), верзија на овој текст е објавена во Нова Македонија, 09.05.1982, под наслов „За поимот небиднина” (work in progress)
Инсерт од овој текст е објавен во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6., под наслов „Небиднина – синоним на македонската судбина”.

Ацо Шопов: „Небиднина“. — Македонија, 1980. Статија од Душко Наневски

Ацо Шопов: „Небиднина“, Македонија, 1980. Статија од Душко Наневски

_________________
Студии и статии на Душко Наневски за поетското творештво на Ацо Шопов:

Други толкувања на поимот небиднина.