Великан на македонската современа поезија – 20 години од смртта на Ацо Шопов*

Георги Сталев

Ќе се обидам да направам кратка ретроспектива на моите спомени, на моето видување на поетското дело на еден од великаните на македонската современа поезија, Ацо Шопов кој не беше само фантаст − туку за чудо и приказ! − вистински визионер кога во една од своите песни, кратко пред својата смрт, напиша:

Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија!
(„Патување во родниот крај – средба со светот“)

Ние денешнава генерација во целина, навистина сме сведоци на исполнувањето на ова заумно пророштво.

Тешко е емотивно да се определи оваа наша книжевна средба. Поводот и е, навистина, значаен и − колку голем, толку и тажен: 20 години од смртта на поетот. Но, истовремено, како чуден парадокс, блеска лачезарноста на причината на ова славје, зашто − одбележувајќи ја годината на смртта, го славиме делото поетово што нè има задолжено многумина и како поединци, но и како колективитет: со неговите естетски достоинства и со неговиот културолошки аспект.

Јас не сум повиканиот да евоцирам спомени или фрагменти од детството на Ацо Шопов, од неговите школски години, а уште помалку од неговото партизанствување: за тоа се искажуваат и ќе се искажуваат директните сведоци. Но, како негов читател, проследувач на неговото творештво, претпоставувам дека ја имам вашата доверба да ви го соопштам, вкратце − како што тоа би го рекле нашите првоучители, браќата Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски − своето видување и чувствување на тоа дело.

Нам ни е посведочено раното творештво на ученикот од штипската гимназија Александар Ѓ. Шоповиќ преку перата на Блаже Ристовски, Радомир Ивановиќ¹, Трајко Донев, Владимир Шопов, Киро Зенделски, Александар Апостолов. Се однесува на периодот од ноември 1937 година до почетокот на 1941-та, кога младиот ученик пишувал претежно на српски јазик и под големо влијание на српската уметничка поезија, но во последно време започнал „поетски да размислува“ и на македонски, − за што ќе посведочи искажувањето на самиот поет во врска со песната „Ановите“. Тоа, главно била патриотска поезија која, меѓутоа, спротивно на очекувањата на времето не е интонирана ниту со груби националистичко-српски фанфари, ниту „црвено“ идеолошки обоена. Таа поезија е повеќе елегична, напати песимистички потенцирана, а во врска со последново се јавила во литературната школска средина и преку песни водена полемика помеѓу двајца Александровци: нашиов поет и една година повозрасниот, − инаку подоцна познат наш историчар, − споменатиот Апостолов! А. Шопов уште тогаш се обидел да пишува и проза: потег што подоцна никогаш не го повтори!

Од разговорот што на 13. јули 1976 г. го воделе поетот и Б. Ристовски, позајмуваме дел од искажувањето на Aцо Шопов: „Во партизани отидов 1943 година есента − првин во Шарпланинскиот одред; потоа во Албанија војувавме со балистите кај Пишкопеја, а на враќање, ние, Македонците, се одвоивме и тргнавме за Кумановско. Влеговме во Кумановскиот баталјон на Христијан Тодоровски − Карпош. Потоа баталјонот прерасна во Трета македонска народноослободителна ударна бригада… Во Шарпланинскиот одред немаше друг што пишува, освен Димче Беловски. Цеко Стефанов беше веќе отиден од одредот… Јас пишував поезија. Имав доста голем ракопис со љубовни и други песни. Тоа беа, всушност, оние во првата моја збирка Песни“.

А таа прва збирка на А. Шопов − за која се тврди дека има две изданија од истата година, 1944-та, со тоа што второто би било дополнето со песната „Љубов“ и е посветено на „Братската македонска младина за нејзиниот II Конгрес“ од страна на Антифашистичката младина на Србија − во исто време е и првата книшка поезија од македонски автор, создадена во текот на НОБ, иако постојат извесни дилеми околу ваквата првотност.

Од денешна гледна точка оценувани, овие песни − во коишто се гледа дека се печатени пред инугурацијата на македонскиот литературен јазик и на неговиот Правопис − имаат, секако, само историска вредност, како, впрочем и следните стихозбирки: Пруга на младоста (1946, во коавторство со Славко Јаневски), Со наши раце (1950), иако во нив се наестува извесен растеж во однос на исказот, ако ги земеме предвид песните „Очи“, „Партизанска пролет“ − оттогаш застапувани во антологиите на македонската поезија, а последнава и најдолго присутна како школска лектира, особено во читанките. Тука беше и збирката На Грамос (1950) со неколку песни што прават исчекор кон една понова фаза, мотивско тематски врзани за борбата на Македонците во нашиот егејски дел.

Сева оваа поезија не беше само плаќање данок на императивот на времето. Таа сепак со творештвото на тогашниот корифеј Венко Марковски, следен од Славко Јаневски, Блаже Конески, Гого Ивановски, Лазо Каровски, ја заокружува првата фаза од развојот на македонската повоена поезија, во тоа време именувана како современа лирика, − свртена со занес и восхит кон НОБ и Победата, кон т.н. обнова и изградба на разурнатата пошироко сфатена Татковина, но и кон еден нов феномен кој особено за македонскиот селанец беше повеќе од фатален: социјализацијата на селото. Но, последново тешко дека некој со главата во облаци можеше тогаш да го сфати, вклучително и авторот на првиот македонски роман.

Дотука поетот Ацо Шопов беше ангажиран творец, свртен кон колективните интереси.

Оттука тој, во оваа смисла, го преврте вториот лист на своите определби: тогаш стана поет − интимист. Во 1952 година ја објави збирката поезија Стихови за маката и радоста и веднаш ја подели тогашната критика ЗА и ПРОТИВ. Го нападнаа токму оние кои во тоа време го кренаа гласот на негодување, барајќи промена, освежување на тематиката и мотивиката на литературата воопшто. Го бранеа оние кои инаку, беа со „позакостенети“ ставови! Во тоа време всушност се работеше за пробивот на меките и нежни штимунзи − како што тоа беше видено и прокламирано веќе во пошироката југословенска, пред сè, литературна јавност. Ацо Шопов ја имаше и таа среќа и таа несреќа да биде предводник на интимистичката македонска поезија во овој период, иако пројави на ваков вид интимност веќе имаше и кај многу помладиот Гане Тодоровски. И ден-денеска нашата критика се праша − во што беше тогашното недоразбирање и не на релацијата поетот: рецепиентот, туку помеѓу самите критичари! Во овој миг не му беше лесно на Ацо Шопов. Одбраната не можеше да го задоволи па тој лично се согласи во диспутот и − по три години ја објави следната своја книшка − Слеј се со тишината којашто беше исполнета со многу возбудливи тонови, но исто така проследена и со извесна рефлексија, а тишината е само привидна, зашто во неа убавината се чувствува како „диво во крвта завивање“ и кине и сече, носи како лавина во онаа вечна притаеност и во она „вечно нејзино откривање“, ненаситна, похотна, „како жена блудна“ што ја прогонува својата жртва итн, итн. Убавината, тишината, промената на болот, себебарањето се само некои од основните поетски идеи искажани низ спрегата на мислата и чувството. Но, тука ја среќаваме „програмската“ песна на А. Шопов и не можеме да одолееме да не ја цитираме, а е мошне кратка:

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече!
(„Во тишина“)

Зар не е интересно што овде се препознава мудроста, пораката, поуката, идејата содржана во народната приказна за царот Трајан и неговите козји уши, − што може да е проста коинциденција, но може да се зборува и за (пот)свесни врски во творечкиот чин воопшто?… Во поглед на метафората, пак, со песната „Кон галебот што кружи над мојата глава“ А. Шопов ја започнува не само потрагата туку и реализацијата на една, за него, нова метафорика, сè уште одгатлива, но која ќе се покаже дека неминовно постепено се стреми кон „понедофатливото“, за да стигне подоцна и до херменевтичка форма. Следната стихозбирка Ветрот носи убаво време тоа го потврдува поотворено две години подоцна, а Небиднина (1963) ќе биде крунисана реализација во ова поетско творештво, во која ќе се видат сите големи можности на поетот кој посочил на светот на битието со нова метафора, воопшто со нов исказ, но и како една од врвните реализации во македонската современа поезија. Небиднината од насловот на книгата и на една од песните била чест предмет дури и за расправа помеѓу нашите критичари. Во овој облик зборот го нема во Речникот на македонскиот јазик, но неговото значење во стихозбиркава може да значи и значи многу: од проклетство што се провлекува од векутума под нашево поднебје, − иако поетот макротрагедијата ја собира како во фокус, создавајќи така тешка маса или пак ја прекршува низ призмата на субјектот што се разлага на нејзините симболични делови, па преку „Молитвите на моето тело“ што критичарот Г. Старделов ќе ги спореди со библиската „Песна над песните“ како апотеоза на Жената и на Љубовта, − до видување на раѓањето на Зборот кој може многуcтрано да се протолкува, како што тоа се случи во нашите проследувања од страна на повеќемина македонски критичари. А се анализираше, се анализира и ќе се продолжи со разните пристапи кон оваа поезија, затоа што нејзините слоеви како да се неизмерно наслагани. „Тешката крв“ овде е само загатнување на споменатата макротрагедија и е во опозиција со „мирот на погубените“, а во корелација со „земјата, црна од мака“; Жената и Љубовта се своевидна историја во обединетото или разединетото тројство: девојка, жена. мајка; а Зборот е − Сè: и глужд на глужд, и камен врз камен, и нешто што постои и не постои (идентично со бога сфатен како за кого на грешнава земја).

Ацо Шопов не ја надмина својата Небиднина. Но следната збирка Гледач во пепелта (1970) не потфрли во ништо. Оганот, пепелта, црните и белите коњаници и црното сонце се поврзани во тетрааголник од поетски идеи и тие се елаборирани од нашата критика, иако остануваат уште отворени можности за откривање на нови значења. Маестро на метафората, А. Шопов овојпат и експериментира: може да се каже − создава еден вид интелектуалистичка поезија! Повеќе е од сигурно дека оганот ќе има повеќе семантички обележја; исто и пепелта; со чадот тие сочинуваат мистично ново тројство (навистина познато во хемијата како процес на согорувањето на материјата), но овде − очигледно − се работи за духовните допири на триве елементи. Подоцна ќе стане јасно дека тој оган е песната што го изразува, пред сè, грозоморот со сите сенишни и стари лузни, злосторства, гревови, казни, отрови, додека место за покајание нема! На сличен начин ни се откриваат црните и белите коњаници, симнати од фреска и апострофираното црно сонце што си го препознаваме и како колективитет, но и како поединци, за во еден даден момент поетот да го идентификува со сопствената песна, а преку неа и со сè што може да се опфати под поимот на темнината!…

Но, на извесен начин последните збирки поезија на А. Шопов, Песна на црната жена и Дрво на ридот се појавија за да нè изненадат: поетскиот исказ значително се изменува. Метафората се распукува, јасната би рекле и прејасната мисла дури и ја елиминира напати сосема. Зошто − нам тоа ни остана непознато, иако место за нагаѓања има. Рефлексијата е поприсутна, а се случи она што му се случи пред крајот на животот на еден Тин Ујевиќ, и на еден Густав Крклец, а и на повеќемина што се приближија на зоната на неминовниот самрак, макар што овде не мислиме и на творечка немоќ, зашто престојот од неколку години во Африка му понуди на поетот нови мотиви и содржини, дотогаш непознати во нашата поезија. И тој ги исползува онака како што најде за сходно. Се определи за компарацијата помеѓу два идентитета, изразувајќи ги повеќе преку мисловноста, за да се сфати дека човекот не признава меѓи − ни просторни ни духовни − и дека сè е исто и покрај различностите и сè е различно и покрај идентичноста! Дрво на ридот веќе не е размисла за болното тело од секаков вид болести на душата, духот на крвта итн.

Дванаесетте стихозбирки не се мал квантитет. Можеби не се преголем за автор од маштабот на нашиов поет. Но, во секој случај и на нашиов пример можевме да ја почувствуваме вистината на познатата, макар и марксистичка, изрека за квантитетот што носи квалитет.

И уште нешто:

Би било несправедливо да не ја споменеме препејувачката дејност на Ацо Шопов. Во еден разговор за јавноста тој самиот се искажа дека нему му било полесно да напише своја песна одошто да преведе нешто од големо светско име. А, препејувал многу и мошне успешно. Да ги споменеме само неговите поголеми достигнувања: Песна за Апанаса од Багрицки (и овојпат во коавторство со Славко Јаневски), Сирано де Бержерак од Ростан, Хамлет од Шекспир (за кого што ја доби еднаш наградата „11 Октомври“), избор песни од Крилов, избор поезија од Крклец, Крлежа, Сарајлиќ, од Ј.Ј. Змај, Цицибан и уште нешто од Жупанчич, драмата Сид од Корнеј, се препеано според нормите на т.н. класичен стих и, што е најважно, коректно во однос на оригиналите и многу, многу читливо прилагодено на македонскиот книжевен израз. А како да беше малку сево овде посочено, Гане Тодоровски ќе забележи во еден свој осврт, откако подвлече некои од овие достоинства: „За жал неговите способности, особено како ингениозен препевувач, не дојдоа до потполн израз поради прераната смрт на овој вонсериски поет. Не дојде до израз поразгрането ни неговата франкофонија (иако го пoмaкедоничи со голем успех црниот Орфеј на нашиов век − Леополд Сенгор), бидејќи со нестрпливост чекавме од него да ни ги помакедоничи француските симболисти, со чија рецепција регуларноста на македонската литература ќе звучеше во поинаква чудеснина“.
__________________________
*Реч за Ацо Шопов одржана на 19 април, на чествувањето за поетот во Штип објавенa во Стожер, 2002, год. VI, бр. 52-53, стр. 6-8
__________________________

¹ За раното творештво на Шопов прочитајте исто така: