Кон проучувањето на почетниот период од творештвото на Ацо Шопов*

Блаже Ристовски

Се наполнија 35 години од појавата на првата збирка стихови на македонски јазик во штотуку ослободената Македонија. Тоа беше малечката книшка Песни од тогашниот млад поет и борец Ацо Шопов. Тоа е само повод да изнесеме некои нови податоци и сознанија за почетниот период од неговото творештво и истовремено да ѝ соопштиме на јавноста и за некои новопронајдени ракописни стихови од времето на НОБ што досега не биле објавувани.

Ацо Шопов несомнено е еден од најистакнатите современи македонски поети што се афирмира како исклучив лирик во нашата литературна историја. Тој е роден на 20.12.1923 година во Штип, каде што го завршува и основното и гимназијалното образование. По капитулацијата на бивша Југославија во 1941 година е примен во СКОЈ, а по заминувањето партизан во 1943 станува и член на КПЈ. По учеството во Шарскиот одред, тој со својата единица преминува во Албанија и се бори заедно со албанските партизани. Меѓутоа, по битките со балистите кај Пишкопеја македонските партизани се изделуваат од албанските и се вклучуваат во Кумановскиот баталјон на Христијан Тодоровски-Карпош што потоа прераснува во Трета македонска народноослободителна ударна бригада, каде што извесно време Шопов е член на бригадниот Агитпроп. По многуте крвави борби со бугарските и германските фашистички окупатори, А. Шопов доаѓа во ослободено Скопје и зазема високи општествено-политички функции, афирмирајќи се пред сѐ како поет на Револуцијата и слободата.

Првиот допир со поезијата, според кажувањето на самиот Шопов, му го овозможува мајка му Костадинка (Коцка) Шопова, бивша учителка, а по раѓањето на децата − домаќинка, којашто и самата пишувала лирски, сентиментално-љубовни, нежни песни. Покрај народните, раскажува самиот Шопов, таа уште во основното училиште му читала и свои стихови и постепено му ја всадувала љубовта кон поезијата. Освен тоа, тој многу читал и уште повеќе чувствувал сѐ околу себе и во себеси.

Првите свои стихови (на српски јазик) Ацо Шопов ги има напишано во 1938-1939 година,  па некои стихови и објавува во гимназијалниот ѕиден весник. На свеченоста на Видовден 1940 година тој го прави и својот прв јавен настап кога во дворот на Гимназијата ја прочитува својата патриотска стихотворба „Устани сине, отаџбина зове“, во која предупредувал за опасноста од настапите на агресивниот фашизам. Според сведочењето на Димче Беловски, во истата година Шопов објавил „во самоиздание“ и една малечка збирка љубовни стихови. Тоа било повод и за нивното поголемо зближување, како соученици, следувале долги разговори, при што Беловски, и самиот му читал свои стихови и постепено му го свртел вниманието кон социјалната тематика.

Како и во многу случаи кај нас, и за Шопов значаен момент за неговото ориентирање кон родниот збор претставува допирот со стихозбирката Бели мугри на Кочо Рацин. Споменувајќи си за тоа време, самиот Ацо на 13 јули 1976 година во долгиот разговор меѓу другото рече: „Правевме излети во Каваклија и Сутлакот, скоро секоја недела излегувавме ние младинците и ги читавме песните на Кочо Рацин Бели мугри. Тие беа примени со голема егзалтација, со чувство за раѓањето на нашиот литературен јазик и немаше младинец од присутните што да биде рамнодушен. Кочо Рацин преку тие читања изврши влијание многу младинци да почнат да пишуваат поезија на македонски јазик. Така и јас почнав да пишувам, а и многумина други во Штип. Неговата поезија дејствуваше врз мене како ослободување. Многу живо се сеќавам какво огромно воздејство вршеа врз мене „Ленка“, „Тутуноберачите“ и други“.

Несомнено е, меѓутоа, дека многу важна улога во овој процес одигруваат неговите другари штипјани што веќе го имаа прифатено македонскиот како јазик на своите стихови. Тука Шопов на прво место го поставува две години повозрасниот, тогаш веќе студент, Ванчо Прке (1921-1943). Тој беше познат млад поет во Штип, кој објави свои стихови на српски, но и на македонски јазик во гимназијалниот ѕиден весник, а подоцна настапува и во читалиштето „Гоце Делчев“. Неговата поезија е под силното влијание на М. Крлежа и му остава неизбришлив впечаток на младиот Шопов. Но голема популарност постигна Прке со настапот со реферат во рамките на Литературната дружина во 1937/38 година, кога беше организирана дискусијата за придонесот на Истокот и Западот во областа на филозофијата, културата и науката, при што В. Прке реферирал за придонесот на Западот, а љотиќевецот Констатиновиќ за Истокот. Тогаш доаѓа до полна поларизација на силите и прогресивната струја успева да го преземе раководството на дружината. Во 1939 год. петокласникот Д. Беловски, соученик на А. Шопов, станува секретар на Литературната дружина и, покрај другото, го започнува пишувањето на еден роман (на македонски јазик), меѓутоа, поради воените метежи, останува незавршен.

Самиот А. Шопов смета дека била мошне значајна и поддршката што му ја укажувал на процесот на афирмацијата на македонскиот јазик во литературата професорот по литература во гимназијата (некој Црногорец, испратен по казна на служба во Штип). И самиот тој пишувал револуционерна поезија што му ја давал на Шопов да ја чита, а овој пак почнал да му дава свои стихови.

За периодот по окупацијата несомнено најзначајна е дејноста во рамките на скоевската организација. Шопов си спомнува дека на состаноците биле читани и стихови (без потпис) од Славчо Стојменски. Меѓутоа, раководителот на СКОЈ Д. Беловски категорички тврди дека Стојменски не пишувал стихови и дека читаните анонимни стихови не биле од него. Но се знае дека на овие состаноци, покрај стиховите на тогашните веќе афирмирани македонски поети, читал свои стихови и раководителот на скоевската група Димче Беловски, којшто се потпишувал со кратенката Белдим. Всушност, Беловски во тоа време бил најамбициозниот млад поет во градот − меѓу својата генерација. Тој некаде кон крајот на 1941 или на почетокот на 1942 година, со посредство на А. Анчевски и Б. Мокров, се запознава со К. Рацин, од когошто го добива и материјалот за Илинден што потоа бил размножен во Штип.

Бездруго вонредно значаен е потфатот на Д. Беловски и А. Шопов за издавање весник на македонски јазик во Штип. Тие од август 1941 година во текот на цела година двапати месечно го издаваат весникот Искра − на два (зелени) листа, со орнамент во насловот и со мото и одбележување на издавачот (како во легалните весници), при што материјалите биле „преломувани“ во пет колони, преку кои биле испишувани насловите. Весникот Искра престанал да излегува по апсењето на С. Стојменски (1942), кај кого се наоѓале и сите примероци од ова значајно издание. Притоа посебно треба да се подвлече дека во Искра биле објавени не само разни информации од организираната „дописна мрежа“, туку и стихови од редакторите и издавачите Беловски и Шопов. Ваквата заедничка активност продолжува сè до 1943 година. По смртта на В. Прке, веќе како илегалци, Шопов и Беловски се нафаќаат да напишат песни за загинатиот другар. „Мене − вели Д. Беловски − не ми појде од рака да напишам таква песна, а Шопов напиша, тоа е онаа што е објавена во збирката. И тоа беше како со нож пресечување на моето пишување стихови.“

Таква беше атмосферата во којашто А. Шопов ги правеше првите чекори во литературната историја. Во такви околности уште во 1940 год. тој ја оформува својата стихозбирка Анови (со 10-15 песни), инспириран од општата воена мобилизација во градот, кога луѓето ги ставале во штипските анови, каде што пред тоа биле сместувани коњите. Збиркава ја одразувала атмосферата пред фашистичкиот удар врз Југославија, во моментот кога како член на една воспитна група ги преточува низ себе прогресивните идеи на својата револуционерна генерација. Во 1941 година тој збирката му ја предава на Фируз Назим, а овој пак му ја дал на В. Прке за да ја рецензира. Прке напишал мошне ласкаво мислење на самата корица на збиркава и се потпишал со неговиот псевдоним „Серменин“ (по родното село). Откако ја прочитал „рецензијата“, Шопов одново му го дал укоричeниот тефтер на Ф. Назим за да се напечати во партиската техника што била во неговата куќа. Меѓутоа, по апсењето на Фируза во август 1943 година збирката пропаднала и денеска не ѝ се знае трагата.

Но Шопов не престанува да пишува и по заминувањeто со партизаните. Напротив, овој процес дури и знатно се интензивира. В планина се создаваат песните што потоа ја оформуваат неговата прва стихозбирка и воопшто првата збирка песни во веќе ослободената македонска литературна историја Песни. Отчукани на машина (вакви копии се наоѓаат и во Архивното одделение на Институтот за национална историја во Скопје), овие песни ги зела Брана Перовиќ и кон крајот на 1944 година ги однесла во Белград, каде што веднаш биле напечатени како „Издање, Младог борца“, со посвета: „Братској македонској омладини за њен II конгрес − Антифашистичка омладина Србије“. Добар дел од овие девет песни и пред тоа беа објавувани во разните публикации на нашите воени единици, а некои беа и сепаратно размножувани и растурани меѓу народот.

Трагајќи по архивските збирки успеавме да пронајдеме и некои стихотворби што ги верифициравме како творби на А. Шопов, но кои останале непознати и ненапечатени досега. Такви се, на пример, песните „Хајка по младежот“ и „Партизански марш“, вклопени во една ракописна збирка од пет песни пишувани со раката на самиот автор (АОИНИ, к. 116, бр. 857, ред. бр. 38). Исто така, во Историскиот музеј на Македонија во Скопје (во Одделот за НОБ, бр. 2146) најдовме машинопис на песните „Последното Ванчово писмо до мајка му“ (што е објавена и во збирката Песни) и „На Први мај“ (што досега не е објавена никаде). Има можности да е на А. Шопов и песната „Кај се чуло…“ (АОИНИ, к. 116, инв. бр. 2901, ред. бр. 3), но при консултацијата со него тој не можеше тоа со сигурност да го потврди.

Треба да се додаде дека А. Шопов е автор и на текстот на „Маршот на ІІI македонска бригада“ што беше напишан во 1944 година и (за една ноќ) компониран од Панче Пешев. Овој марш многу пати беше објавуван во текот на НОБ и беше една од најпопуларните народноослободителни песни во тоа време.

Со тоа завршува почетниот период од творештвото на македонскиот поет Ацо Шопов, омеѓен со започнувањето на борбата и извојувањето на слободата. Тоа се и податоците што ни се чинат значајни не само за идната монографија на овој наш истакнат литературен творец, туку и за нашата литературна историја воопшто.
____________________

* Текстот е објавен, со поднаслов „По повод 35-годишнината од излегувањето на првата стихозбирка на македонски јазик во ослободената татковина” во Современост, 1980, XXX, 3-4, стр. 50-54.
Во продолжение на текстот, авторот објавува три песни од Шопов („На Први мај”, „Партизански марш” и Хајка по младежот”, кои можете да ги прочитате во виртуелната збирка Необјавени песни.