Хајка по младежот

(на Славчо)

1.

Зошто ли зора уште не зори –
треките петли веќе пропеа,
зошто ли бел ден уште не грејне
на нога чека старо и младо?

Крвава кама над град се вие,
градот се грчи – камшик го бие,
калдрма ечи – тропаат чизми,
пред порти стоат бесни кучиња –
фашисти-змии хајка сториле
младежот златен сардан го збираат.

Пискот и лелек низ град се лее,
вриснале деца, викнале мајки,
сковано стоат татковци стари,
сковано стоат – и чудо гледат
како ги збираат нивнит чеда
сѐ капки росни – јунаци млади.

Еј, шо ли стана, шо ли се стори,
каков ли огин градот го гори,
каква ли рака нѐ дави ладна,
младежот златен каде пропадна?!

Наеднаш небо со крф проплака,
градот се згрчи – сет се наежи,
там негде горе јунак претрча,
екнаа лути пушки по него,
екнаа пушки – куршум просвире,
јунакот викна – болка го изви,
алова крв му гради попрска.

2.

Ти падна, другару мили,
ти падна
за леб
и правда
на нашата земја света
ограбена
и гладна!
Ти падна!
Но ти не си мртов!
Ти живееш,
и работиш,
гориш
со нас –
со сета своа
жешка
неисцрпна
сила
и страст!
Ни вечност бескрајна
ни време,
ни сила,
ниту пак
сета
денепна
истрајна
реакција бесна,
со својот невиден
ужасен
чудовен
и средновековен терор и мрак
не ќе го збрише
споменот светол
от наште чела
за твојте дела.

Ти падна!
Но ти не си мртов!
Твоата крф,
со крфта
и животите
на сите
фанати
здробени
распнати
и убиени
от крвожедните фашиски хиени
нѐ вика,
нѐ збира,
нѐ кара
и групира –
во една тешка,
крваа,
смела
и врела
антифашиска борба!

 

Ацо Шопов, Архив на Институтот за национална историја, к. 116, инв. бр. 857/38
Песната е објавена во написот на Блаже Ристовски: „Кон проучувањето на почетниот период од творештвото на Ацо Шопов”, 1980.
Прочитајте други Необјавени песни од Ацо Шопов

Вратете се во поетскaтa одаја на Читалницата во Лирскиот дом  на Ацо Шопов