This post is also available in: Russian Serbian Slovenian Croatian Bosnian
Љубов
кипнати гради огин да горат,
врели ти усни жар да се сторат,
под твојте раце
под твојта сила,
врагој да мрзнат
и да се ежат,
другарко моа другарко мила!
Не за љубовни песни ти пеам,
не за вечери неиспани тлеам –
оваа песна за бунт ти збори,
во неа крвта моа гори!
Там –
кај што пламен народен пламти,
и пушки грмат
и долој ечат
Там
кај што храбри Титови борци
за живот во смрт без жалба литат,
там љубов расне,
там љубов крепни
љубов бескрајна
љубов вечита.
Сред тие бури,
сред дош – куршуми,
другарко моа, другарко златна,
прва да идеш,
прва да бидеш,
а ако куршум
младост ти зграби,
немој да тажиш,
немој да жалиш –
огнени очи не ќе ти свенат –
и ледни срца со жар ќе палиш,
и ледни маси в борба ќе крепаш.
Очи ти сакам, молња да режат,
кипнати гради огин да горат,
врели ти усти жар да се сторат,
под твоите раци
под твојта сила
врагој да мрзнат
и да се ежат –
другарко моа другарко мила!
Ацо Шопов, оригинална верзија објавена во Песни, 1944
Песната ѝ е посветена на партизанката Вера Јоциќ, којашто загинала на 23 мај 1944 год. и на која и е посветена и песната „Очи”. За првпат е објавена во партизанскиот весник Огин на Третата македонска ударна бригада.
Очи ти сакам, молња да режат,
кипнати гради оган да горат,
врели ти усни жар да се сторат,
под твоите раце
под твојата сила,
врагој да мрзнат
и да се ежат
другарко моја, другарко мила!
Не за љубовни песни ти пеам,
не за вечери неспани тлеам,
оваа песна за бунт ти збори,
во неа крвта моја гори!
Таму –
кај пламен народен пламти,
и пушки грмат
и долој ечат,
Таму –
кај борци за зори јасни
за живот
во смрт без жалба минат, –
другарко, таму љубовта расне!
Сред тие бури,
в планини сури,
другарко моја, другарко златна,
прва да идеш,
прва да бидеш,
а ако куршум
младост ти зграби,
немој да тажиш,
немој да жалиш –
огнени очи не ќе ти свенат –
илјади срца со жар ќе палиш,
илјади борци во борба ќе кренат.
Очи ти сакам, молња да режат,
кипнати гради оган да горат,
врели ти усни жар да се сторат,
под твоите раце
под твојата сила,
врагој да мрзнат
и да се ежат –
другарко моја другарко мила!
Ацо Шопов, ревидирана верзија објавена во Со наши раце, 1950; Песни, 1963; Песни, 1967; Одбрани дела, 1976; и Лузна*, 1981; Поезија, 1993; Раѓањето на зборот;2008.
(Во Лузна, недостасуваат стховите „и долој ечат,/Таму –“. Можно е да се работи за печатна грешка.)