Ацо Шопов пред дванаесет прашалници – интервју*

Што од твојата биографија може да се донесе во врска со твојата книжевна работа?

Моето влегување во поезијата на интимата може да се донесе во врска со мојата биографија. Тоа беше времето кога интимната лирика беше нешто ново во литературата. Инаку, првиот поттик се јави непосредно пред Втората светска војна, во Штип кога тогашната власт, власта на стара Југославија вршеше мобилизација на сите луѓе, посебно на постарите, и ги собираше во штипските анови и на сите слични места. Таа ситуација мене посебно ме револтира и почувствував потреба да се искажам, да пишувам поезија. Првата моја песна што излезе тогаш се вика Ановите, посветена на таа состојба.Тоа го сметам за мое поетско раѓање.

Дали автобиографското понекогаш се рефлектира во твоето творештво или можеби се објаснува со него?

Многу нешто од мојата автобиографија се наоѓа во мојата поезија, се разбира на еден поетски начин доживеана и кажана. Песните „Очи и „Љубов“ се на некој начин мои доживувања. Тие и двете се посветени на Вера Јоциќ. Песната „Љубов“ е пишувана при крајот на 1943 година, во Кумановско, во едно село. Додека другите партизани одмараа, јас пишував повлечен настрана, инспириран од чиста љубов кон партизанката Вера Јоциќ.

Исто така и песните за Карпош се создадени од непосредна инспирација. Бев очевидец на загинувањето на Карпош и учествував во истата борба. Тоа беше лудо храбар борец: излезе напред и налета на нападот на бугарските фашисти, кои со митролези го покосија.

И „Маршот на Третата македонска ударна бригада“ е исто така инспириран од борбите на Бригадата. Сите настани што се опишани во песната се случија навистина, како борбите во Кочанско, на Осогово и други. За секоја моја песна би можел посебно да говорам.

Јас  на некој начин низ поезијата говорам за својот живот. Тоа може да се види во секоја моја збирка. Како на пример во последната, што ќе ја објави Мисла од Скопје под наслов Дрво на ридот. Таа има многу елементи од мојата биографија, елементи кои се веќе најавени во претходните збирки. Во мојата поезија е мошне присутен мојот однос кон Штип и моето доживување на моето родно место. Исто така и моите патувања во Африка се рефлектираат во најновата збирка на еден друг начин, различен од оној во претходната, Песна на црната жена. Додека во Песна на црната жена родината ја доживувам преку Африка, во Дрво на ридот родината ја доживувам преку самата неа.

Кој миг од твојот живот е пресуден во определувањето за литературата?

Мене дефинитивно ме сврза за поезијата односот на народниот херој Ванчо Прке. И тој пишуваше поезија и јас пишував, само јас не го познавав него како поет. Еден ден тој случајно дошол до мој ракопис и по канален ред, преку Фируз Демир, ми го испрати мојот ракопис со свое многу позитивно мислење за моите песни. Тоа беше решавачко за моето конечно определување за поезијата.

Што сметаш дека е твоја вистинска творечка објава?

Јас за своја вистинска творечка објава го сметам моето пишување за небиднината. Небиднината јас ја сфаќам како остварување низ неоствареност. До тоа сознание не дојдов наеднаш и свесно, туку тоа е разултат на моето поетско искуство, до кое јас со секоја песна се доближувам. Конечното доближување, конечното свесно откривање на  небиднината се наоѓа во истоимента збирка.

Сакаш ли да ни ја подотвориш твојата работна соба за да видиме кога пишуваш, како пишуваш и колку пишуваш?

Јас тешко пишувам. Една песна долго ја носам во себеси, додека најпосле не ја излеам на хартија. Тоа што ќе го напишам на хартија, тоа е завршена песна за мене. Песната ако како идеја не созрее во мене, таа никогаш нема да излезе на хартија. Инаку, кога песната веќе ја пишувам на хартија, ја пишувам навечер. Тоа важи и за мојата поезија и за препевот, бидејќи го сметам по сила рамен на оригиналот.

Никогаш не пишувам две песни одеднаш. Додека едната не ја изнесам, не пишувам друга.

Кои се, според тебе, битните одлики на твоето творештво?

Тоа е пред се мојата перокупација со небиднината, во која можат да се најдат и другите елементи: интимата, патриотизмот, земјата и татковината. За мене е многу важно што татковината не ја доживувам како парче земја во овој дел на светот, туку како земја која може да се најде било каде на светот, овде или во Африка, како што може и тој дел на светот да се најде овде. За мене светот е татковината, а татковината светот.

Влијае ли литературната критика за објавените дела врз необјавените, односно каква е нејзината функција за тебе?

Зависи за која критика станува збор. Критика која ме храни и поттикнува, тоа е онаа критика кај која  откривам обиди нешто да пронајде во мојата поезија. Јас сум им посебно благодарен на оние критичари кои успеаја теоретски да ја образложат суштината на мојата поезија за небиднината. Сите критичари, некој повеќе, некој помалку, пишувале позитивно за мене, како што се: Димитар  Митрев, Миодраг Друговац, Душко Наневски, Георѓи Старделов, Милан Ѓурчинов, и други. Има неколку критичари кои што пишуваа негативно, но тие се веќе заборавени од литературната јавност.

Што е побитно за твојата писателска работа: изживувањето на животот или интензивното размислување за него?

Животот што треба да се живее, а потоа да се размислува за него и да се пишува. Јас сум против едно голо, кабинетско размислување за животот, зашто тоа не води кон ништо.

Не помислуваш ли понекогаш: додека другите живеат јас пишувам?

Никогаш. Времето потрошено во пишување никогаш не го сметам за изгубено.

Што значи за тебе литературната работа, пишувањето?

Поезијата за мене значи живеење, полно живеење. Јас пишувам исклучително поезија. Тоа не значи дека друг вид пишување не е живеење. За мене од кога сум роден поезијата значи сè.

Какво е местото на писателот  во нашето општество?

Ова општество треба повеќе да се грижи за писателот да го заземе вистинското место. Општеството треба да ги елиминира писателските кокетерии, оние игри што некои писатели ги играат. Да им помага на писателите да дојде до израз нивната вистинска улога.

Каква е сегашноста и иднината на книжевната Битола?

Би сакал Битола да го обнови сопственото минато и да стане еден вистински центар во кој ќе се одвива литературата, културата. Јас сум импресиониран од растежот на списанието Развиток. Во таа смисла треба да се помага списанието за да може да ја оствари дефинитивно својата улога .Тоа ги има тие елементи во себе. Мене посебно ме импресионира, ме радува фактот што списанието има околу себе: критичари, поети и прозни писатели. Јас Битола ја гледам преку тоа литературно списание, ослободено од попатните пропусти и слабости. Јас верувам и сакам Битола да израсне во модерен издавачки центар. Неговата судбина за мене е неделива од таа перспектива.
_________________
* Ацо Шопов одговара на прашањата на Цане Здравковски, на 6 април 1979 год. Разговорот е објавен под наслов „Писателот пред дванаесет прашалници” во Развиток, година XVII, бр. 2 март-април 1979, стр.141-144.

Други интервјуа, написи и есеи на Шопов.