Ацо Шопов*

Миодраг Друговац

Во златниот круг на времето: од градителска апотеоза до лирска интима и рефлексија − Пројави на други писатели од првата повоена генерација − Аналитички коментари: „Очи“, Ветрот носи убаво време, Небиднина, Гледач во пепелта и др.

Од биографијата:

Ацо Шопов е роден на 20 декември 1923 година, во Штип. Основно училиште и гимназија завршува во родниот град, а по ослободувањето чиста филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје¹. Многу рано, како гимназист, почнува да пишува песни, кога стапува и во напредното младинско движење (1940). Со започнувањето на Револуцијата и тој е во нејзините редови; од тоа време се и некои негови песни со трајна книжевно-историска вредност. До 1947 година е на разни должности во Главниот одбор на младината, а оттогаш низа години учествува во уредувањето на литературните списанија Нов ден, Иднина, Современост и Хоризонт, како и на сатиричниот весник Остен. Повеќе години бил уредник, главен уредник и директор на Книгоиздателството „Македонска книга“ во Скопје, вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Сенегал и претседател на Комисијата за културни врски со странство на СР Македонија.

На 18 август 1967 година Ацо Шопов е избран меѓу првите членови на Македонската академија на науките и уметностите, а во 1968 година е избран за дописен член на Српската академија на науките и уметностите.

Ацо Шопов е застапен во сите антологии на македонската поезија во земјата и во странство (на пример, во антологиите на Фран Петре Македонска поезија, на словенечки јазик, Љубљана, 1948; на Димитар Митрев и Блаже Конески Антологија на македонската лирика, на македонски јазик, Белград, 1951; на Сафет Бурина Антологија на македонската поезија, на српскохрватски јазик, Сараево, 1955; на Илја Голинишчев − Кутузов Поетите на Југославија, на руски јазик, Москва, 1957; на Освалдо Раму Современа југословенска поезија, на италијански јазик, Падова, 1959; на Александар Спасов, Милан Ѓурчинов и Димитар Солев Современа македонска поезија, на српскохрватски јазик, Белград, 1961; на Борис Слуцки Поетите на Југославија во XIX-XX век, на руски јазик, Москва, 1963; на Херберт Готшалк Современа југословенска лирика, на германски јазик, Гитeрcлoy, 1964; на Аурел Гаврилов и Раду Флора Современа југословенска лирика, на романски јазик, Панчево, 1964; на Јанко Лаврин Антологија на современата југословенска поезија, на англиски јазик, Лондон, 1964; на Золтан Чука Раѓање на зборот, − Современи македонски поети, на унгарски јазик, Будимпешта, 1969; на Неџати Зекерија Десет македонски поети, на турски јазик, Истанбул, 1975, итн.). Одделни книги или избори на Шопов се преведени на српскохрватски, словенечки, руски, унгарски и албански јазик. Меѓутоа, Шопов е и самиот познат како преведувач на Едуард Багрицки, Отон Жупанчич, Иван А. Крилов, Јован Јовановиќ − Змај, Густав Крклец, Едмон Ростан, Пјер Корнеј, Григор Витез, Вилијам Шекспир, Мирослав Крлежа, Изет Сарајлиќ, Драгутин Тадијановиќ и др. Добитник е на наградите „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „Змаеви детски игри“, „Браќа Миладиновци“ и наградата на АВНОЈ, највисокото југословенско признание за творечка работа (1970).

Ацо Шопов е автор на следниве поетски книги: Песни (1944), Пруга на младоста (заедно со Славко Јаневски, 1946), На Грамос (1950), Со наши раце (1950), Стихови за маката и радоста (1952), Слеј се со тишината (1955), Ветрот носи убаво време (1957), Небиднина (1963), Раѓање на зборот (избор, 1966), Избор (со предговор на Георги Старделов, 1968), Јус-универзум (1968), Златен круг на времето (избор, со предговор на Миодраг Друговац, 1969), Гледач во пепелта (1970) и Песна на црната жена (1976).

Целокупното творештво на А. Шопов е претставено со Одбраните дела, во пет книги (со предговор на Слободан Мицковиќ, 1976).

Ановите

Во повоената македонска литература „едно истакнато и самосвојно место зазема творештвото на Ацо Шопов, и по своите поетски, естетски вредности, и по својата, веќе јасно оцртувана општа книжевна вредност, па и историска“.² Од тоа творештво, пред сѐ, ни се наметнува еден естетски и книжевно-историски атрибут − атрибутот на градителството, под што се подразбира способноста на делото да биде и фактор на историјата. Еден од исходишните елементи во прилог на оваа теза се наоѓа дури и во почетничките стихови на песната „Ановите“, што е напишана спроти 1941 година. „Тој добро се сеќава за првата своја песна…“, се вели по повод песната „Ановите“: „Во неа ја опишува судбината на последните повикани војници од старите годишта во југословенската војска.“³ Меѓутоа, првата своја поетска тетратка, што целата е „инспирирана од настаните на тоа време и во една провала исчезната, тој му ја дава на народниот херој Ванчо Прке, кој и самиот, под непосредно влијание на поезијата на Мирослав Крлежа, пишувал стихови“.⁴

Првите поетски обиди Шопов ги објавува во гимназискиот ѕиден весник. Да се определи за поезијата „пресудно влијание врз него има извршено неговата мајка, која била учителка и самата пишувала стихови“.⁵ Но, додека тие стихови „биле сите вдахновени од духот на љубовната лирика“, почетните стихови на Шопов „се социјален протест и револт против неправдата и човековото понижување“.⁶

Љубов 

Па, сепак, песната „Ановите“ е повеќе елемент на поетската генеалогија на Шопов, еден генеалошки ориентир, сигурно важен за книжевно-историските рекапитулари и синтези од ваков вид, но тој ни оддалеку не е пресуден за одредувањето на вредносниот ентитет на поезијата од којшто зависи атрибутот на самото градителство. Такви генеалошки меѓници ќе има книжевната биографија на Шопов и сред виорот на Народноослободителната војна и Револуцијата (на пример, песните „Љубов“, „Партизанска пролет“ и уште некои, кои нешто подоцна ќе влезат во неговата прва стихозбирка Песни).⁷ Песната „Љубов“ е напишана во 1944, веднаш по една борба во која се истакнува партизанката Вера Јоциќ; песната „Партизанска пролет“ е напишана за време на нападот на Кратово, итн. Во песната „Љубов“ поетот ѝ порачува на својата другарка-партизанка: „Не за љубовни песни ти пеам, / не за вечери неспани тлеам − / оваа песна за бунт ти збори, / во неа крв ти моја гори!“, со еден повишен, екскламативен тон, но и со едно искрено чувство во доживувањето на мотивот на борбата и разделбата. Со оглед на македонската литературна ситуација во тоа време и на сè она што ѝ претходело (распокинатите континуитети во развојот на автентичната македонска литература, со оглед и на толку чувствителната проблематика на сè уште ненормираниот литературен јазик), би можело да се рече дека веќе оваа стихозбирка донекаде ја карактеризира и атрибутот на градителството: тоа беше прв чин на една во секој поглед македонска поетска драма, а не само на поетската драма на Шопов, зашто континуитетот е веќе воспоставен и со самиот ослободителен чин на Револуцијата.

Песни од првата фаза 

Тој, прв чин на една ретко изворна поетска драма, на која ќе ѝ бидат посветени сите овие немирни и работни повоени години, ќе се продолжи сѐ таму до 1951 или 1952 година и во својата игра, својата мисија, својот универзум, ќе го олицетвори ентузијазмот на народот, колективистичките преокупации, позната појава во сите југословенски литератури од тоа време, поради која и не можеше да дојде до израз оној скриен, внатрешен поетов свет, субјективните поетски чувства и сведоштва на неговата интима. Сите четири збирки од оваа, прва творечка фаза на Шопов − Песни, Пруга на младоста, На Грамос и Со наши раце − се ставени во служба на Револуцијата, евоцирајќи ги нејзините идеали, страдањата и хероизмот на борците и народот, бунтот и возвишената трагичност („Љубов“, „Очи“ и др.) или пак, се обидуваат поетски да го објективираат идеалот на социјалистичката преобразба на нашата земја. При тоа, главно, се воспева тој идеал, како и општествените односи воопшто, а впрочем како и лирскиот јунак-градител и самото тоа време… Таа поезија ја карактеризира искреното родољубие и длабокиот патос на лични осведочувања. Поетот не е само набљудувач; тој е и учесник во настаните.

Овој период во нашата повоена литература сѐ уште не е сестрано и темелно, што ќе рече и научно-аналитички истражен и објективно валоризиран. Посебно во македонската литература: во југословенската констелација на школи, доктрини, правци и движења, таа книжевност сепак ќе мора да се разгледува, анализира и вреднува како извесна differentia specifica. Македонската книжевност, да речеме, не поминала ни низ експресионистичка, ни низ надреалистичка фаза, каков што е случајот со поезијата кај Србите и Хрватите. Во времето на српскиот надреализам и југословенската социјална книжевност, Рацин со своите песни, потпирајќи се и врз народното поетско искуство, ги поставуваше првите темели на еден нов, континуиран период во развитокот на македонската уметничка реч. Првата повоена генерација македонски писатели и под големо влијание на народниот поетски јазик, стил, ритам, што е анахронизам од гледиштето на секоја друга југословенска поезија и поетичките искуства на времето, но не и анахронизам туку една дијалектичка неминовност во македонската поезија. Поетот, којшто одвај неколку години подоцна ќе ги преведува или препејува Шекспир и Корнеј, Ростан и Багрицки, Змај и Крлежа, во тие први години мораше да се искупува за сѐ помалку: за неусовршеноста на јазикот, за влијанието на народниот поетски идиом, за сопственото неискуство… Не слyчајно таа прва генерација македонски писатели е наречена голема (токму во смислата што ја одредивме со поимот градителство): таа генерација писатели, меѓу нив и научници, мораше да ја изведе до крај политичката и културната, лингвистичката и книжевната револуција, а истовремено − на повеке различни страни − да врши високи општествени и политички должности, често составувајќи го денот со ноќта и ноќта со денот, изградувајќи нови пруги и градови, хидроцентрали и задружни домови, толкувајќи ја македонската и општојугословенската револуција од говорници на меѓународните форуми, постигнувајќи, ете, во ретки слободни часови да им се посветат на своите литерарни бели ноќи.

Ренесансата на критериумите на уметничките вредности се јави во сосем поинакви услови, неколку години подоцна, а под непосредно влијание на новите кртериуми во филозофијата за изградбата на социјалистичкото општество кај нас. КПJ даде прв знак. КПJ беше и остана предводник на тие нови односи, визионер на изградбата. Тие односи се заедничко дело на КПЈ и на нашата работничка класа. Порано веќе видовме низ какви судири со сталинизмот се остваруваше улогата на KПJ, т. е. на СКЈ, во демократизацијата на општеството и во зацврстувањето на една наша, југословенска, самоуправно-социјалистичка филозофија на општествениот развиток.

Дури потоа пресвртницата можеше да ги зафати и сите структури на општествената надградба. Поезијата, на пример, почна да се бара себеси во внатрешниот свет на поетовата личност, во лавиринтите на потсвеста. Субјективното јас проговори од длабината на срцето и душата, есенински топло и меко, интимистички-исповедно и меланхолично-резигнантно, некогаш и до солзи трогателно! Мајаковски од првиот чин на оваа драма со епилог, слезе од сцената и само инцидентно, со понекој шлагворт, се огласуваше за полифонија на поетските гласови и многузначноста на поетските форми да биде поетички покомпликувана пред внатрешното око на утрешниот истражувач и систематизатор. На сцената сега стапи еден друг Русин, Есенин, со рубашка и немирно перче коса на челото. „Страшно ми е криво што си поет…“ одекнуваа неговите стихови натопени со мека боемштина и со навестен пораз, додека го следеше еден друг, поиндискретен, србијански разбушавен глас: „Вина, вина, виолина! У вину је бога лик!“ − сѐ во смисла на онаа, често раздразлива, хорска вознесеност со песната и катарзата на личната интима. Тоа беше друг вид, или можеби друг степен на една и иста поетска екскламативност, чиј субјективизам без мерка, но не и без вкус, ја изнедри кај нас т. н. поетика на меки и нежни штимунзи, на субјективистички и анакреонтски расположби, со некогаш искрен, а некогаш лажен патос на литерарно мотивираното или измисленото мачеништво најчесто и од маргините на човечката и општествената дијалектика.

Тоа е оној втор чин, всушност еден исто така градителски чин и во поетската патека и во поетскиот опус на Ацо Шопов. Како резултат на тој чин се јавија многу трајни вредности на оваа поезија. Раскошен талент, Шопов со својата нова поезија се најде во челниот ред на тој нов бран, што откорен ги изменил неговите преокупации и неговиот творечки лик, рафинирано топло и истанчено модулирајќи ги реалитетите на една дотогаш во македонската поезија непозната стварност на внатрешното јас. Во песната „Љубов“, од првата фаза, Шопов пееше, на пример, за пламенот народен, за пушките што грмат, за доловите што ечат од рафалите и топовските канонади, за борците што се борат за зори јасни, вградувајќи во песната и едно лично лирско чувство:

Очи ти сакам, молња да режат.
Кипнати гради огин да горат,
врели ти усти жар да се сторат,
под твојте раци
под твојта сила
врагој да мрзнат
и да се ежат −
другарко моа, другарко мила!

Патриотизмот е уткан и во песните на Шопов што се испеани на т. н. младински или градителски мотиви од оваа фаза, иако на тие песни им недостига токму оној квалитет од кoјшто произлегува непосредноста на доживувањето! Едната од нив, „Задружна песна“, почнува со овие стихови:

Расни ми, расни, мило мое чедо,
задруга в село радост ти плете,

итн., во стил и тон што веќе во следната фаза ќе бидат надминати. „Општо земено, пишува Георги Старделов, поезијата на Ацо Шопов од првата фаза во неговата поетска еволуција се надоврзува кон поетиката на револуционерната и патриотската поезија кај нас во првите години по Револуцијата. Неговиот стих е бунтовен, акционен, често директен во идејната порака притоа секогаш револтиран, како во На Грамос, против неправдата, злосторството, предавството, мракобесието. Така директно и отворено ангажиран поет Ацо Шопов е само во оваа своја прва поетска фаза.“⁸

Очи

Но веќе книгите Стихови за маката и радоста, а особено следните две Слеј се со тишината и Ветрот носи убаво време, означуваат почеток, а со одделни песни од тој циклус значат и втемелување на една радикално нова поетска програма, истовремено − лирски повдахновена, изразно попрефинета и поинтелектуална што се однесува до поетовиот однос спрема драмата на човекот и спрема својата сопствена драма на живеењето и траењето. Меѓу тие две фази, сепак, како да стои песната „Очи“ − со својот патриотски занес, својот лирски тембр, својата возвишена трагичност, што ни е предадена низ лирски слики со исклучителна уверливост и естетска сугестивност. Оваа песна се смета за една од најтрогателните и најубавите што се испеани во македонската поезија на тема од НОБ и не е ни малку случајно што таа сѐ уште е предмет и на критички анализирања и на антологиски вреднувања. Песната почнува во драмски впечатлив и помалку свечен тон:

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.

Смртта е немилосрдна, но и надежта е тука во борците и в нивната борба за иднината. Таа иднина е во чувствата, во мечтите, во решеноста да се освои нејзината мугра, кога и очите на паднатата партизанка засекогаш ќе останат живо блескотни врз лицата на нејзините соборци и одмазници на нејзината смрт.

Песни од втората фаза

Поезијата на Шопов од новата фаза веќе супериорно оперира со една во сѐ модерна лирска експресија, користејќи се со симболот и метафората како со моторни средства на својот јазик. Тоа се оние средства што поетовата мисла ја влечат напред, со чија помош се поттикнува асоцијативниот сплет на значења со мошне широк радиус на распространување. Но, кога се појави книгата Стихови за маката и радоста, таа е дочекана безмалку како соблазненик. Рушејки создадени поетски навики, заблуди за мисијата на поезијата, оваа поезија во исто време беше израз и полн погодок на онаа, како што порано рековме, книжевна и општествена пресвртница, а која аспектуално широко, со особен идеен и уметнички интензитет почна да се докажува по судирот и раскинувањето со Информбирото во 1948 година. Ќе повториме и овојпат: едно од основните филозофски и етички тежишта на таа пресвртница, не само декларативно, е манифестирано со комплексот на прашањата што ги подразбира т. н. слобода на творештвото, значи − некаде блага а некаде брза свртеност кон поетовата интима, и со логиката на тој ред на нештата − ослободување на дотогаш запретаната енергија на внатрешниот поетов микрокосмос. Сигурно е точно дека многу песни на Ацо Шопов од оваа фаза го имаат и ќе го имаат токму тоа, пресвртничко значење. Тоа значи дека и нивната книжевно-историска смисла е несомнена. Многу песни, пак, немаат такво значење. Во песната „Не љуби ме“ (од збирката Стихови за маката и радоста), поетот „Поднапиен една вечер рана“ в мисли тоне „над ноќниот стол“, па на својата другарка ѝ порачува

Не љуби ме, не љуби ме веќе!
Во срцето гори само жал
за нашата изгубена среќа…
А за него, синот наш мал,

за, најпосле, да нѐ трогне таа искрена, прочувствувана болка, таа неизмерна тага за најблизок свој, иако е исто така точно дека многу од овие стихови што се испеани на овие мотиви (љубов, жена, син, вински расположби итн.) се натопени со сентименталност што понекогаш се граничи, би се рекло, со приватност во тонот на соопштувањето.

Но, процесот е отворен и тоа е таа пресвртничка естетска и книжевно-историска инвестиција од егзистенцијално значење за сиот натамошен развиток на македонската поезија. Дека имало и отпори − за тоа нешто рековме порано. Дека не треба, од друга страна, да се сфати оти пресвртницата за која станува збор резултирала единствено од една таква поезија на Ацо Шопов − тоа е нешто кое, се чини, не треба посебно да се коментира. Некои поети не можеле да се приспособат: − можеби и затоа што талентот им бил тенок и поетската жица морала да напукне под гудалото на новото, додека поталентираните имаа право на подолга патека и свој пат со сериозни искушенија. Шопов е еден од тие, меѓу првите, којшто во проблесоците на тишината, во мекоста на душата, на езерската шир и потреперувањето на лисјето, здогледал еден од повеќето можни свои поетски хоризонти кон кои барем за извесно време ќе им се доближува

Во тишина

Песната „Во тишина“ (од збирката Слеј се со тишината) програмски ја насетува токму таа пајажинеста мекост, флуидните вибрации на непознатото, откривајќи една нова страница во својата и во македонската поезија воопшто:

Ако носиш нешто неизречено
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина
тишината сама ќе го рече.

Таа програма, меѓутоа, имаше и своја опачина! На тоа своевремено обрна внимание и српскиот критичар Зоран Мишиќ. Според него, овој свет на меки и нежни штимунзи е „свет за себе, а тоа значи, свет по себе“, бидејќи поетите почнаа да пишуваат стихови „поради себе, то ест поради стиховите и убавината, која, како што е познато, е вечно и единствено уточиште сред овие бркотници, судири и ветрови што дуваат од сите четири страни на светот и го нарушуваат „поетовиот“ мирен, попладневен и повоен мирновремски починок“, иронично иако со право констатирајќи дека таа поезија е „наследничка на малограѓанската безидејност и идеализмот, изградувајќи една своја ситна изолационистичка теориичка, која отприлика се сведува на оваа мисла: сето тоа нас не нè загрижува“.⁹

Ветрот носи убаво време

Коментар

Иако главно му припаѓа на овој интимистички круг, збирката Ветрот носи убаво време означи почеток на една нова, лирски порефлексивна фаза во поетското творештво на Шопов од претходната. За таа поезија Славко Јаневски на обвивката од книгата лапидарно и инструктивно пишува: „Ветрот носи убаво време најновата збирка поезија на Ацо Шопов, не распнувајќи се да биде емоционална, таа е тоа во секој стих; не претендирајќи да биде филозофија, таа е тоа со многу филозофски зрнца во себе, филозофија која носи меланхоличен потсмев на еден поет („Чудак“, „Здравица“, „Добpa нoќ“) − еден необичен, по малку темен хумор, сосем непознат во нашата поезија.

Поезијата во оваа збирка кажува сè што сакала да каже, а секоја песна до заокруженост е завршена, вонредно јасна во својата смисла, дури и кога е преполна со метафори и поетски фигури, со една симболика што ги раздвижува сите сетила на читателот.“

Песните од оваа збирка во извесна смисла се мост меѓу поранешното и поновото искуство на Ацо Шопов, да речеме меѓу она искуство што најилустративно го изразуваат песните „Очи“ и „Кон галебот што кружи над мојата глава“, од првата и втората фаза, и искуството на една „Небиднина“. Така, меѓу тие искуства би можела да се најде песната „Сосем налик на сите брегови“ (од збирката Ветрот носи убаво време) и тоа како едно, ако така може да се рече, преодно искуство, или како едно искуство коешто сѐ уште се колеба да премине во повисок естетски квалитет. Тоа е таа генетичка, психолошка и естетска врска на овие два света со третиот, неоспорно најквалитетен, оној што во благ лак се прелева од многу песни на збирката Ветрот носи убаво време во поразгранет, мисловно подлабок, интелектуално поартикулиран и изразно попрефинет свет на песните во Небиднина и сите други песни напишани и објавени одделно по оваа збирка. Нејзината метафоричност, нејзината мелодика, контрапунктот на конкретното и недофатливото, на предметното и асоцијативното итн., само се некои знаци за распознавање во структурата на тој брег што е сосем налик на сите брегови, на тој камен на брегот

на чии раменици од врело сеќавање
времето се зглобува како арабеска,
а мракот на стреите чува црна птица,
(„Сосем налик на сите брегови“)

за секој обид да се отпатува од тој брег ќе ни се чини залуден, зашто измама е дека се заминува и лага е дека може да се побегне од себе како и од другите во нашиот интимен свет:

Светлината како магла утринска се крева.
Бие в слепоочници некој страшен зов,
нешто ненаше и наше.
Со сите пипала на волјата пребарувам
и сознавам − лежам покрај оној ров
што го викаме љубов,
што го викаме разбирање.
Ровот е длабок и празен.
(„Сосем налик на сите брегови“)

Тоа е една сосем нова песна; со својот свет и со својот израз таа е поблиску до искуството на една Небиднина отколку до Слеј се со тишината. Таа е емоционално богата, но не и интимистичка − барем не во мера и форма на изразот преку која се остваруваше интимистичко-исповедната програма во поезијата на Ацо Шопов. Во свеста на оваа песна се наѕираат медитативната рефлексивност и интелектуалноста со порелевантни поетички значења. Катренот и, воопшто, една поцврста метричка структура во поранешните песни, сега им отстапија место на слободниот стих и ритмиката со која се подразбира неговата версификациона законитост.

Небиднина

Коментар

Ацо Шопов во својата трета фаза е поет на модерна сензибилност, којшто животните антиномии, нивните симболи, со една над сѐ, лирско-медитативна и филозофско-медитативна процедура ги преобразува во нови, раскошно асоцијативни слики на реални животни и внатрешни пејзажи. Човекот или поетот, сеедно, е „на нестварни желби стварен светилник“, неговото тело „лежи (распнато − МД) како мост меѓу два брега“, тој е и „храм голем од чекања“, тој во себе носи величествен пораз и некое ново раѓање, во химничен и псалмичен тон и низ симболот проговорувајќи за својата егзистенцијална положба во светот што се стреми кон дефиниција, а никако − како ни човекот − да се дефинира пред себеси и пред загатката на утрешнината. Се поднесува некако тоа повеќеимено бреме и таа многулика стварност на запознаени и прочувствувани животни игри, меѓу кои љубовната игра во новиот циклус на Шопов е несомнено една од најзагадочните и поетски најинспиративните, за во „Петта молитва на моето тело“, од антологискиот циклус од вкупно единаесет молитви на моето тело, да се каже со стоичка гордост и достоинство, иако низ едно горчливо сознание:

Заробени сме сега во игра, во круг,
и носени од тмурна и нестварна плима
цел живот патуваме од еден до друг,
и секој го крие она што го има.

Како што може да се забележи, ниту лиризмот сосема е запоставен, ниту пак филозофската рефлексија својата катарка ја истакнала толку високо за исклучително со неа да бидеме зафатени во доживувањето на овие стихови! Таа медитација има своја мера, свој сопствен печат, свој резон на односи, свои поетички обусловености. Таа замисленост е примирена, а очигледна, достоинствено актуелна, а ненаметлива пред тоа тело што личи на жедна суводолица, пред она што е и пред она што ќе биде веќе во следниот миг, додека се патува долго, се патува цела вечност од една до друга небиднина, за најчесто и да не се знае каде се нејзините врутоци, нејзините стоглави исходишта на опсесивни немири, оти некогаш ќе надојдат како поплава, одеднаш, а некогаш се има впечаток дека е тоа, всушност, еден цел синџир на секојдневно тихо умирање, на она тихо гаснење на човековата личност зад чии чекори останува сѐ и ништо… Се навестува во овие стихови за црна небиднина едно лирски речито отуѓување; се палат светулкави јазичиња на еротски состојби пребогати со сензуалност; се крева глас на митот за времето, митот за жената, митот за раѓањето и умирањето, митот за небиднината… Сѐ тука е вриежно, измешано, проткаено едно со друго. Во „Осма молитва на моето тело или кој ќе ја смисли таа љубов“ поетот пее:

Издолжено в неврат лежи ова тело,
со око стрела в око на вишините,
земјата ја корне со чело.
Земјо, ти веќе не си земја,
ти си грутка надеж,
црна од мака, од соништа зелена,
ти си око фрлено во вселена.

Колку и да проникнуваме во асоцијативните соѕвездија на тие симболи, очигледна е нивната повеќесмисленост пред која стоиме секогаш со нови клучеви за откривање, но и без можност наполно да ги откриеме нивните бесконечни светови. Ние, имено, час сме во ситуација да поверуваме дека станува збор за жена, час за земја, па така неименувани, а препознаени, небаре во еден момент ги идентификуваме, ги препознаваме една во друга, за во следниот момент одвај како флуид тие да потсетуваат на себе, како желба и копнеж да зрачат од тајната убавина на овие стихови. Размислувајќи за скриените пораки на „Молитвите“ и на Небиднината, ние не еднаш ќе се најдеме во ситуација впечатоците да ги насочиме по други насоки на рационално дешифрирање, поверувајќи дека од целата таа симболика на копнежот и желбата небаре избива темниот облак на едно време на кое homo technicus се обидува да му ги разбие небеските светилници, за да предизвика мрак, неизвесност, страв, несигурност… Всушност, таа несигурност, таа непостојаност на првиот впечаток, тој повик на стихот секогаш одново, со други значења, да го препознаваш во мислите − тоа е, накратко, една од првостепените вредности на повеќето песни во антологиската збирка Небиднина.

Се разбира, тоа се само некои аспекти на поновата поезија на Ацо Шопов, коишто во психологијата на неговиот стих повеќе или помалку се оцртуваат како изрази на внатрешните претопувања на конфликтите на една несомнено мошне сложена човечка драма. Во овие песни нема ни трага од онаа поранешна исповедност, каква што ќе ја сретнеме и во изборот Златен круг на времето, иако и тука само понекогаш, главно, во стиховите од постар датум. Во една своја белешка по повод песната „Грозомор“, Шопов пишува:

„Поетот е во песната како во студена пештера, како во непрегледна шума каде што, наместо дрвја, лежат огромни, расфрлани и скаменети зборови. Тој е оној што треба да ги спаси од смртта, да ги разбуди од скаменетиот сон, да ја оживее шумата, за да почне дрвјето да оди. Често тој успева во тоа, а можеби уште почесто стои во неа, во таа шума, збунет и беспомошен, попусто повикувајќи ги да му помогнат во очајот поранешните поетски искуства. Попусто, зашто секоја песна е едно посебно откритие, едно посебно поетско сознание што не може да се повтори ако е веќе еднаш доловено. И така од песна во песна. Штотуку ќе се затвори еден круг, треба да се отвори нов. И секогаш едно исто проклето прашање: како?“¹⁰

Раѓање на зборот

Навистина, како? Секој поет има свој одговор. Свој одговор има и Ацо Шопов. Тој е содржан во многуте негови песни како од изборите Paѓање на зборот и Златен круг на времето, така и од збирката Небиднина (на пр. „Раѓање на зборот“, „Небиднина“, „Лузна“, „Има долу една крв“, „Песната и годините“ и др.); Имено, во нив е откриен еден нов процес на оваа поетика, процес на деатомизирањето на зборот, на разоткривањето на ненасетените и уште непознатите простори на јазикот. Тоа е еден вид асоцијативна поезија. Асоцијацијата е нејзино изворно начело, категоричен естетски принцип. Но, основата ѝ е во симболот. Во него таа се раѓа, од него истекува и продолжува по својот пат низ нашето искуство, нашите естетски резони и способности за восприемање.

Песната сега е заинтересирана за својот сопствен генезис, својата родилна искра − тој прв услов на настанувањето и постоењето во светот на говорот (во светот на т. н. поетско писмo) кој некогаш бил хаос! И таа, песната, врие во себеси се додека не се јави гласот, звукот или каков и да е друг знак на вистината за нејзиното потекло. Зашто, „Зборот се двои од темнина“ − вели Шопов во песната „Раѓање на зборот“. И уште вели: „Модар јаглен му гори во утробата.“ Во својот генезис, како и во својот естетски принцип, песната на Шопов содржи бескрајна, недоловлива жед, копнеж, верба дека, имено, е можно да се оствари не само по пат на пронаоѓање на себе од честичките на Аполоновиот сјај, туку и од Хефестовиот оган. Таа сета се тетерави од пијанството на некое тајно злато во себеси, иако облиците на прозодијата не ѝ се непознати, иако нејзините пронајдени зборови некако секој час се заплеткуваат и преплеткуваат и како да истрчуваат еден од друг, претопувајќи се и секогаш одново станувајќи оној, според магистралниот запис на Растко Петровиќ, „најтесен отвор на огромната инка“, во која се плетат нишките на една нова и необична хармонија. Така, песната од хаосот станува − облик. Таа од неговата, можеби и привидна бесмисла, станува − смисла.

Лузна

Но, кај овој поет не е само зборот тврдина камена (во песната „Раѓање на зборот“); тоа е и крвта, за која во песната „Лузна“ се вели дека е

оградена со девет градини
затворена со девет грла
како некој семоќен владетел
на некоја непристапна тврдина.

Иако тврдина, чиниш, без светлина, без месечина, таа свети навечер како онаа лузна, сингуларно кажана, а плурално замислена, од сред челото на некои, небаре со халуцинантни визии насетени коњи дории, на чиишто закани поетот има само еден збор: спротивставување. Има нешто во оваа песна, колку лично и човечки блиско, толку и космичко, галактичко, некаков јазик на ѕвездени шифри што единствено им е наполно разбирлив на поетите чиј дух кореспондира со непроникливите простори на имагинативните височини и на кои единствено им е позната тајната азбука на магичното и чудесното во сферите на душата, духот, интелектот, јазикот… Структурирана од симболи и метафори, песната „Лузна“ на еден свој, особен начин и прозвучува како слоевита метафора за онаа црна небиднина што непрестајно, како сениште, однатре му се заканува на човекот со отуѓување од неговото генеричко битие.

Јус-универзум

Во меѓувреме, но не напуштајќи ја метафоричката визија на својата небиднина, Ацо Шопов се јави и како сатиричар со книгата Јус-универзум, која во моментот на својата појава претставуваше не мал куриозитет и во однос на опусот, на поетската развојна линија на Шопов, и во однос на тогашните наши литературни прилики. Пишувани вдахновено и духовито, непретенциозно и со развиена смисла за критички дијалог со т. н. дневен податок, каква човечка и сталешка девијација, каков човечки и општествен абнормалитет, тие песни внесоа многу свежина во нашиот литературен простор откривајќи го Шопов како сатиричар со остро перо и луциден дух што немилосрдно шиба по изопаченостите на човековиот лик, па и на целата општествена организација во чии структури се намножија разни јус-догматичари, јус-рекламери, јус-дискутанти, јус-натпреварувачи, јус-новинари, јус-поети, јус-критичари, јус-политичари, итн. − како што гласат и насловите на некои од објавените песни во оваа книга. Во времето кога сатирата е очигледно дефицитарен жанр, дури и наспроти суфицитарноста на теми и мотиви во границите на нејзините интересирања, вистински е подвиг како истанчен лиричар поeтот да се префрли на еден ваков, во секој случај критички многу ангажиран колосек, со остени што печат дух со етички и хуманистички нонкомформизам.

Гледач во пепелта

Нонкомформизмот на Ацо Шопов, меѓутоа, не е случајна константа на неговите песни, како ни на неговиот дух, на неговите животни и интелектуални определувања. Нонкомформист на јазикот, на поетските форми, тој со збирката Гледач во пепелта ги продолжи своите морничави, небиднински проникнувања во тајните, мистеријата и големината на трагичниот човеков универзум, проширувајќи го со тоа и универзумот на својата песна. Би рекол дека самиот чин на проникнувањето се остварувал во контрапунктот со Паскаловата филозофска тема: Што е човек во бескрајот?, а го изрекувало имплицитното и инверзивно поетовото прашање: Што е бескрај во човекот? Всушност, овде станува збор за една слободна творечка модификација на Паскаловата тема или за нејзината модерна транспозиција, човек во бескрајот, лирскиот јунак во просторот, не е негација на бескрајот во човекот и на просторот во лирскиот јунак; и обратно. Но, иако се надополнуваат, вливајќи се една во друга како река во море, овие две теми сепак по многу нешта се разликуваат: со првата се акцентира една макрокосмичка човекова ситуираност; со втората се отвораат проблемите на човековиот микросвет.

Тажачка од онаа страна на животот

Во песната „Тажачка од онаа страна на животот“ наидуваме на овие стихови:

Се искачив над врвот од болот.
Човек сум. А што е човек?
Пред мене празнина, зад мене празнина.
Празнина што сама се пали.

Ако е и дефиниција за човекот, една од ретко прегнантно и храбро искажаните, таа дефиниција за основа ја има една, би рекол, стоички осознаена и стоички од сознанието откорната етика на дезилузијата, едно етички високо испростумување пред темните (дали и песимистичките?) претпоставки не само за тоа што е човек од онаа туку и од оваа страна на животот! Не манипулираат само егзистенцијалистите со некои токму такви категории каква што е во песнава зборот „празнина“; дури, тоа и не е нивен изум. Но, мистеријата наречена живот навистина постои, ние со неа се судруваме секојдневно, ние со неа живееме во една цврста, нераскинлива прегратка, таа е дел од нас самите, дел од нашето јас во разни животни ситуации и со различни душевни и духовни расположенија. А какви ќе бидат тие расположенија многу зависи и од тоа какви претпоставки имаме за смртта, со какви претпоставки или предрасуди влегуваме во размислувањата за неа, а впрочем и дали воопшто сме обременети со такви мисли? Но, кој друг ако не поетот е прв повикан да се прашува и за смислата на животот и за бесмислата на смртта? Прашувајќи се за бесмислата тој доаѓа до одговори за смислата на животот.

Дека поетот трага токму по таа смисла нè потсетуваат и завршните стихови на оваа песна:

Земи ме, земјо, или врати ме,
врати ме подолу од овој врв,
подолу од онаа страна на животот,
човечки сили дај ми пак.
О земјо, на земја врати ме,
човек сум, човек да страдам,
да најдам камен жив да се вградам
на некој мост во некој лак.

Но, останува како прашалник на критичката опсервација не само природата на фатумското во стиховите, на еден фатум што како темна сенка тајно се провлекува низ нив и нѐ принудува овој понов циклус на Шопов да го сфатиме и како одглас на едно трагично искуство што е не само искуство на годините, што е и искуство на една поетика на црната небиднина, веројатно најединствена во целокупната наша поезија, туку како прашалник на критичкото просудување останува да нѐ повикува на натамошни разговори и оној врв, како симбол на икарските копнежи со пресечени крилја, што е и врв на болот и врв на сите човечки страдања, или друго име на смртта − човекот фатен во мигот на спепелување, претворање во сeќавање на оние коишто останале зад него, пресоздавање во пепел и спомен… Шопов, не очајувајќи според рецепти на романтичарите, го чувствува апсурдот на човечката судбина, па сепак: каков е тој врв, што кажува тој симбол со признаци на некаква, би се рекло, метафизичка или од народните верувања преземена вистина за човековата крајна точка…

Кај Шопов едната песна се престигнува од другата, следната; таа, следната, како да ја образложува претходната. Тој систем на врските, со цврста внатрешна логика и кохеренција, готово во една и иста мера е евидентен на четири основни поетички планови: мотивацискиот и стилскиот, чувствениот и интелектуалниот. Самиот тој систем, меѓутоа, е остварен до перфекција токму во збирката Гледач во пепелта: во осумнаесет, подолги или пократки, но сѐ сами антологиски песни, Шопов брилјантно го демонстрирал своето модерно поетско искуство, својата филозофска замисленост пред корозивното човеково јас. Но, тоа повеќе не е филозофија што носи меланхоличен потсмев, како во случајот со некои песни од збирката Ветрот носи убаво време и како што тоа го забележа меѓу првите Славко Јаневски; тоа е сега − и сѐ таму почнувајќи од Небиднина − една филозофија на човечкиот трагизам, на едно поетски длабоко осмислено филозофско чувство на онаа исконска драма, што ја спомнува Шопов во песната „Гледач во пепелта“ и во која се препознава една уште од паганските времиња гатачка магија над непознатите знаци на животната алхемија, за во нив да се забележат и никулците на некој нов живот што како Феникс се раѓа од пепелта!

Црно сонце 

Впрочем, како и во циклусот Црно сонце: мистеријата на животот, односно на смртта, ѝ овозможува на магијата на песната да се искаже како свест за двојната судбина − за судбината на човекот и за судбината на тоа пеење во стихови, од кои нѐ гледа фатумското лице на Небиднината. Сета во претскажувања, час со црни насетувања, час со проблесоци на некој таинствен оган на горчливото сознание и на оѕвезданото визионерство, таа песна за црното сонце и на црното сонце, во неколку маестрални мотивски и изразни варијации, е метежна а јасна, загатлива а блиска, некако леплива за срце, слух, интелект, истовремено − душевна и интелектуална, како еден единствен звук, топол а гласен, понорен а сиот растреперен тука пред нас, нежен а речит, со некакво распрскувачко злато кое од сите страни нѐ опсипува и секогаш одново со некаква магична топлина нѐ привлекува кон своите таинствени привлечности и заканувачки убавини. Ние порано зборувавме за песната на Шопов како за еден вид припитомен хаос, за хаос што по чинот на песната се претвора во облик. Треба да се каже дека со самиот чин на песната тој облик е превосходно метафоричен − таков впечаток се има особено за песните од третата фаза на овој поет, кога во неговото поетско искуство, со полн спонтанитет и peспективен суптилитет, се разврзуваат и некои јазли на надреалистичката имагинација, иако со тој корен на искуството кај Шопов критички ќе е нужно да се постапува мошне претпазливо! Не е само работата во тоа што во многуте негови песни, а некогаш одвај во некои негови стихови, се брише некогаш семoжната граница меѓу сонот и јавето, меѓу реалното и иреалното, меѓу фатумот на песната и небиднината под чие тешко стапало се клешти стравот во очите… Трагизмот е онаа катарка со која и кон која плови овој поетски брод, а него го движи само едно таинство − таинството на талентот, со јака движечка енергија и сигурни, иако претежно ирационални инструменти за навигација. Поетот пее:

Од какво измислено царство, од каква раскошна гробница,
навечер што те прибира а наутро гони,
доаѓаш, црно сонце, и црни истураш дождови
како последна закана на светот што му ѕвони.

Овде, во песната „Пак црно сонце“, како и во сите други од овој циклус, анатомската снимка на таа двојна судбина, на човекот и на песната, е проектирана во светлината на еден витален трагизам, оловно тежок но и мудро сосредоточен врз откривањето на вистините на злогласното човеково отуѓување, а истовремено на отуѓувањето на песната („тука сме обата покриени со сонцопадни лисје“ − се вели на крајот од песната). Така, би рекол, бескрајот во човекот, еднакво како и бескрајот во песната, е озвучен и избавен со сублимирана лирска и филозофска евокација, за човекот во бескрајот за да може да се најде лице в лице со мудроста на својот опстанок. Со тоа и баукот на Пепелта, или баукот на Смртта (на Отуѓувањето, на Небиднината, итн.), дијалектички е релативизиран со хуманистичките акценти чијашто естетска сугестивност по секое ново читање на песните ни се чини сè поголема. Релативизиран, но дали и надминат?

Песна на црната жена

Коментар

Уште од Небиднина (1963), па и од некои песни на збирката Ветрот носи убаво време (1957), стихот за Ацо Шопов е празнично слово на душата, но и свеченост на интелектот, рефлекс на една модерна мисловност во која човечката драма се препознава како субјективна и колектинна историја во тек, како еден застрашувачки трагичен миг на денешнината, за чие откривање и запознавање се недоволни, оти се неадекватни, средствата на традиционалните поетики. Душевноста и интелектуалноста, имено, кај овој поет не се исклучуваат и кога во одделни песни очебијно надвладува едната од нив: еднаш со тенденција во необлигатни поетички варијации да се рационализира чувствениот мотив, тој да се десубјективизира со свеста за универзалноста на небиднини во човечката егзистенција; другпат со стремеж на чувственото да се осамостои во структурата на стихот како примарен идејно-уметнички корелатив.

Најдобра илустрација на реченото се токму песните од најновата збирка Песна на црната жена на Ацо Шопов: составена од три меѓусебно тематски и стилски еднородни циклуси – „Жена во иверинажот“, „Загледан во океанот“ и „Светлината на робовите“, така што се има впечаток дека циклусите се само одделни поглавја на една и иста, мошне кохерентна поетска структура, поема, збирката ја докажува целесообразноста на овој поетички курс, илустрирајќи со бројни примери дека зад благи струи и резонанс на еден делотворен интелект секогаш бдеат копнежливите очи на словенски широка и човечки вознемирената душа, дека проблемот на поетскиот образец не се репава само со едната од двете на прв поглед спротивставени искуства, итн. Всушност, кај поетот, т.е. во песната, надвладува свест дека историската и метафизичката судбина во регионални и надрегионални рамки станува лирски блиска, читлива и уверлива за еден модерен читателски дух, само доколку чувството е депатетизирано и емфазата заменета со една колку длабинска толку и ненаметлива мисловност, која во најдобри примери како да има исходиште во мудроста на исконот – дека, имено, човекот е роден да отстојува загледан во пространата шир и преку неа – во себе! Преку таа мудрост дискретно на се сугерира дека во ова време денес, се избришани границите и на љубовта и на загрозеностите, па универзумот на песната ќе е непотполн и нема да ја одразува вистинската човекова ситуација доколку е лишен од свеста за заедништвото, од можноста на препознавање на орфејското и трагичното во човечките судбини без оглед на нивните географски лоцираности, расните, социјалните или некои други специфичности. Оттаму овие т. н. афрички мотиви, во новата поезија на Шопов, можеби се тоа само со своите надворешни белези: еден збир би рекол – еден систем на нови симболи во кои чука големото срце на Човекот, а несомнено пред сѐ, на еден човек во чија лирска судбина се олицетворени и немирот и исконската негова жед низ искушенијата да ги намалува растојанијата меѓу себе овдешниот и себе на некој друг крај на светот, како и меѓу себе денешниот и себе вчерашниот и утрешниот! Движејќи се по трагата на светлосните емисии на свеста за тој човек, преку тие претежно нови симболи сублимно и речито пренесувајќи ни ја филозофијата на време-просторната размеѓеност, но истовремено и на нераскинливота на мостовите меѓу луѓето, Шопов ниту во еден миг не заборава дека душата е таа загатка од која почнуваат да се плетат мрежите на секакви тајни за тој човек, но наедно е и трансмисија, најтреперлив лирски инструменти без чиј звук во песната таа, бездруго, ќе е без својот елементарен сигнал на човечноста, во она на пр. обраќање до малечката светла точка во далечината, во чие блескотно око се препознава рељефот на родната грутка.

Иако дискретно на еден долго усовршуван и усовршен поетски начин, копнежот на релјефот на родната грутка е насетлив и во песната „Молитва за сињарката – моја наречница“, со сета трогателност што ја носат субјективно интонираните стихови од завршницата:

Отклучај ги портите на ноќните патувања на поетот
да ми се валка главата низ зелените треви на cвeтот
зашто сам така и татковината ко ѕвезда ќе ја краси.
Отклучај ги тие порти, излечи ме, или – проклета да си!

Така, од првиот акорд, од насловот на збирката, до последните нејзини каденци што и ритмики и фонички и содржински се во функција на овој лирско-котемплативен, структурно мошне хармонизиран летопис на постојниот неименуван, но не малку препознатлив и интимно близок јунак на оваа поезија, јунақ што е ту помал ту поголем и од океанот, носејќи се со океанот во себеси како со своја небиднина! А таа е и жена и земја, и збор, и судбина: да се коннее од далечина по најсаканото и во песната да му се продолжува трагата на најубавото – како идеал, а можеби и како наполно остварлива цел. Не треба посебно да се нагласува дека тој идеал е естетски проектиран, а етички димензиониран во мера на една поетска дарба за која критериумот на основата на стихот претставува врвно творечко начело.

Но, ако се трага по основното симболно значење што го носат овие песни, а што наедно е и нивен филозофски лајтмотив, несомненно е дека тоа не се наоѓа толку во стиховите за човекот и океанот, што рефренски, но во очигледна смисловна инверзија нѐ повикуваат на размислување од песната „Загледан во океанот“ („Океанот е огромен, а човекот мал“, односно „Човекот е огромен, океанот мал“), колку во стихот „Откривајќи ја родината да го открие светот“, чиј филозофски корелатив а не антипод претставува стихот „да ја открие родината откривајќи го светот“, во песната „Настан на езерскиот брег“. Всушност, сѐ што настанува во овие песни на Шопов, настанува на двата привидно различни, иако стварно оддалечени брега – на океанот и на езерото, а човекот е оска на секој настан и тој човек е секогаш еден и ист, само копнежите еднаш го носат преку океанот кон езерото, а другпат преку езерото кон океанот. И сѐ е тука, на едно место: и реквиемски звук од понорот на сознанието за ништожноста, оти поминливоста е општа и незапирлива; и нежна кантилена во облека на едно љубовничко предавање на она тело што е црна маслина; и нешто галактично, уочено под небото и пред океанот на афричкиот брег, но исто така – и не само со асоцијации и претпоставки – како препишано од историскиот и судбинскиот летопис на Македонија, оти и Штип и Жоал имаат „исти љубови (исти бранувања) и исти поетски маки и сонувања“ (во песната „Во Штип и во Жоал“). Цела една флилозофија на егзистенцијата, со свои митски и метафизички бои и созвучја, со лирски суптилитет на една исклучителна и толку речита изнијансираност, потсетува на себе од овие стихови за маката и радоста, и за небиднини, што се и израз на поетскиот континуитет на Ацо Шопов, а истовремено крупен зачекор подалеку од претходното поетско искуство, наедно со тоа и многу самосвојствено за окружување на еден творечки циклус, кој е и дообјаснување на претходвиот, оној од Небиднина (1963) и Гледач во пепелта (1970), негов естетски резонанс и една нова свест во поетиката на Шопов, свест што можеби ја откриваат и стиховите за татковината: „светот не е поголем од збор што од секаде моќно се огласува“ (во песната „Те спомнам ли“). И дрвото баобаб тука не е само обично растение, украс на природата, сеедно во кој кат на земјата; баобаб – тоа е симбол на народната отстојливост пред луњите на вековите, на неуништивоста на човекот; баобаб е симбол на животот, една од најтрогателните оди во македонската поезија за неговата вечна обнова. Дури и она заминување „со галии во непознати и далечни туѓи континенти“ (во една од песните на поемата „Светлината на робовите“), ако се чита песна а не стих, ако се ослушнува таговниот глас на поттекстот, ќе се сфати дека од прошталната мелодија на песната се извишува една печалбарска социјална и звучна вистина, пред која поетот не е неутрален и рамнодушен.

Така, ниту човекот е мал и ништожен пред огромноста на океанот, ниту е можно да се пренебрегне стоичката мудрост за отстојливоста на народот, ниту светот е поголем од збор со безгранична моќ на распространување, ниту е можно да се открие родината без да се открие светот, по чија една светла точка во далечината копнее поетот, обрнувајќи ѝ се во мислите и кога тоа на прв поглед на го сугерира употребениот симбол. Се разбира, работата е во тоа да се симне лушпата на симболот, да се ѕирне под неговиот површиски слој…
_______________________________
1) Види: Ацо Шопов, Одбрани дела, кн. 5, Мисла, Скопје, 1976, Био-библиографска белешка, стр. 164.
2) Слободан Мицковиќ, Ацо Шопов, предговор кон изданието Одбрани дела на А. Шопов, Мисла, Скопје, 1976, стр. 5.
3) Ацо Шопов (био-библиографска белешка), Избор, Македонска книга, Скопје, 1968, стр. 111.
4) Исто.
5) Исто.
6) Исто.
7) Збирката Песни е печатена во Белград, 1944 година, на македонски јазик. Во неа се вели дека ја печатеа „Типографи омладинци Србије“.
8) Георги Старделов, „Поетското искуство на Ацо Шопов“, предговор кон изданието Избор на А. Шопов, Македонска книга, Скопје, 1968, стр. 15.
9) Зоран Мишић, Реч и време I, Искушења поезије, Нолит, Београд, 1963, О смислу и бесмислу, о лирици „меког и нежног штимунга , о једној чежњи и једном заносу на свим језицима света, стр. 44.
10) Ацо Шопов, „Песник треба да пробуди речи“, Књижевне новине, Београд, 1 март 1969, стр. 9.
_________________________________________
*Текстот е објавен во Повоената македонска литература. — I. — Скопје : Просветно дело, 1979, стр. 275-295.