Животот и делото на Ацо Шопов*

Апостол Поп Јовановски

Современиот македонски поет, Ацо Шопов е роден на 20. XII. 1923 г. во Штип. Основно училиште и гимназија завршил во родниот град, а по ослободувањето филозофски факултет во Скопје. Првите поетски обиди и чекори, Ацо Шопов ги прави уште во својата рана младост во гимназискиот средношколски ѕиден весник. Најголема заслуга за да се определи на поезијата има секако неговата мајка која и самата пишувала лирски песни. По углед на својата мајка тој ги прави првите чекори.

Во 1941 година Ацо Шопов ја пишува својата прва песна под наслов „Ановите“, во која ја опишува судбината на војниците во југословенската војска. Ацо Шопов уште како ученик испишал неколку тетратки со стихови…

Како напреден младинец, во литературната дружина на Штипската гимназија Шопов ги пишува своите песни во кои се чувствува идниот револуционер.

Ацо Шопов учествува во народната револуција и во затишјето меѓу две борби пишува револуционерни песни посветени на револуцијата. Така на пример песната „Партизанска пролет“ е напишана за време нападот на Кратово, а во неа ја истакнува партизанката Вера Јоциќ. Веќе во 1944 година кога борбите сè уште траат во Белград излегува неговата збирка песни под наслов Песни.

По ослободувањето на нашата земја, Ацо Шопов e виден младински општествено-политички работник. Но, во средиштето на неговиот живот е литературата. Тој покренува неколку списанија: Иднина, Нов ден, Современоcт, Хоризонт, каде работи како уредник и главен уредник. Постојано соработува во сите југословенски литературни списанија.

Ацо Шопов е добитник на повеќе литературни награди, меѓу кои наградата „Кочо Рацин“, „11 Октомври“ и др. Тој е главен и одговорен уредник во издавачката куќа „Македонска книга“.

Aцо Шопов се занимава исто така и со препеви од југословенската и странската поезија.

Зa свojoт придонес нa полето на литературата, македонската култура и јазик Ацо Шопов е избран и за академик во новооснованата Академија на науките и уметноста вo CP Македонија.

Негови оригинални стихозбирки се:

  1. Песни − Белград 1944 г.
  2. Пруга на младоста − Скопје 1946 г.
  3. На Грамос − Скопjе 1950
  4. Со наши раце − Скопје 1950
  5. Стихови за маката и радоста − Скопје 1952
  6. Слеј се со тишината − Скопје 1955
  7. Ветрот носи убаво време − Скопје 1957 г.
  8. Небиднина − Скопjе 1963 г.
  9. Јус-универзум. Скопје: Мисла, 1968.
  10. Гледач во пепелта. Скопје 1970. (повторно издание: 2013)
  11. Песна на црната жена − Скопје 1976.
  12. Дрво на ридот. Скопје 1980.

Досега ги објавил следните препеви:

  1. Цицибан од Жупанчич
  2. Басни од Крилов
  3. Песна на чучулигата од Витез
  4. Телеграфски басни од Крклец
  5. Песни од Змај
  6. Песни од Крлежа
  7. Вечер на градот од Тадијановиќ
  8. Поезија од Изет Сарајлиќ
  9. Сирано де Бержерак од Ростан
  10. Сид од Корнеј
  11. Хамлет од Шекспир
  12. Песна за Апанаса од Багридски
  13. Сонети од Шекспир

Ацо Шопов е преведен на српско-хрватски, словенечки, унгарски, и руски јазик, а дел од неговите песни се преведени на повеќе светски јазици и се наоѓаат во антологии објавени во Југославија, Италија, Чехословачка и други земји.

Литературниот опус на Ацо Шопов започнува со стихови кои се блиски до народните и тешко може човек да направи разлики мегу народната песна и првите стихови на Шопов, додека денес тој е модерен и современ македонски поет кој живее со своето време.

Во неговите први песни, средиштето на неговата инспирација е револуцијата со три доминантни теми: борбата, љубовта и смртта. Револуцијата станува во неговата поезија не само социјално-историска, туку таа е човечка и на преден план. Тоа беа години на едно разпламтено младо поколение што означуваше едно ново време. Повикот на револуцијата ги разбуди сите млади момчиња кои тргнаа и како борци во револуцијата се бореа, и како поети и ударници во обновата на земјата. Таа бескрајна љубов кон револуцијата, кон слободата и обновата го занесе и поетот и тој се посвети целосно на својот народ.

Песните на Ацо Шопов од неговата прва фаза ни изгледаат како да ги пишувал самиот народ:

Вечер е тиха дремлива,
нечујно гора шумоли
месец сред гранки сонува
Ѕвездите солзат на небо
и рана пролет пргава
раскрила убост моминска –
снага ѝ – шума борова,
очи ѝ  – бистри кладенци,
лице ѝ– пупка трендафил,
а коси – трева зелена
(„Кратово“)

Ацо Шопов се напојува од изворот, од народот, за тоа и стиховите во неговата прва збирка се песни што се најблиски до народната песна.

Последните години од Револуцијата и првите години по ослободувањето, беа години кога работниците, селаните н чесната интелигенција мислеа, чувствуваа едно и исто.

За нас денес некои песни значат историја, но кога ќе се земе времето и aктивноста на поетот, тогаш доаѓаме до јасен заклучок, дека во времето на Револуцијата, најдоминантна тема на Ацо Шопов, е борбата, покрената на ниво на еден општонационален епос. Низ неа социјалното чувство е поистоветено со националното. Целата активност на поетот во првата фаза е насочена кон создавање на борбена патриотска поезија во која сè е подредено на Татковината:

Вчера една
бледна,
боса
Црнотравка
златокоса
на страшната висна греда.
Но не писна бујна мома,
не истина
жар во очи
пламен – думи срце слеа,
жал нѐ стопи нас по неа:
– Мајки!
– Сестри!
Родни мои!
Нека тага не ве пои!
Умирајќи за вас тука,
ко да мреам браќа дома…
Да живее нашта нова,
што во овој огин скова
и низ бури страшни мина –
заедничка татковина!
(„Една ноќ во офанзива“)

Всушност, поетот Ацо Шопов, ја величи народната Револуција. Националниот и социјалниот елемент, херојските ликови, трагични слики, и херои кои гинеа под знамето на Револуцијата.

Една од најубавите песни што ја имаме во нашата поезија на тема НОБ, е секако песната „Очи“, од поетот Ацо Шопов. Оваа песна ја даваме целосно за да се види стихот, убавината, патетичните и трагични слики, истовремено.

Очи“

Три дена на раце те носевме збрана,
три дена – со тага на погледот срчен,
и секоа капка од твоата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.

Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со туп бол се впива во очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.

Но јас знаев оти пак ќе вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко солнце
и никога нема да стијнат и згаснат.

Последната вечер, в планинското село,
кај небото беше – не небо, а море,
трепереше грозно ко моминско тело
раздробено, модро и распнато горе,
а борците беа во дрипава дреа,
со пликови жешки на стапалки тешки,
и смрштени чела – згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена река
се точеше шепот од уво до уво:
“Утре, друже, в зори, страшен бој не чека,
а ние сме малку – сал неколку души…”

И кога ко игла ти прободе уши –
Ти растресе снага и размолска тага,
со луњени очи – широки и волни
ги расече в ноќта здивените молњи! –
Ко тогај, ко тогај, о другарко, помниш –
в смрзнатата вечер на пролетта рана,
кај нашата младост нашта прва радост
ја косеше луто куршумната слана,
а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
и литна во ноќта крвава и црна,
со твојте очи што ригаа пламен
ко восок ги стопи челичните зрна…

И после! И после – в последната вечер…
Јас нејќам да мислам што потаму стана!
Сал помнам те изви крвавата рана,
прошталниот шепот ти замрзна в усти,
но гореа очи под веѓите густи!
Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.

А утрента кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и леки ко птица.

А твоите очи се искреа гневно
на нивните потни, распалени лица…

Во својата втора фаза, Ацо Шопов на своето творештво повеќе му обрнува внимание на општото, личното и естетскотo во песната. Тоа може да се види и во неговата стихозбирка кај што ги опејува чувствата. Во збирката Стихови за маката и радоста. Пример:

Чинев, еве идеш да ми речеш:
„Врати ми се дојди дома мил!
За сина ти знам срце те влече,
ти со него дамна не си бил“.
(„Не љуби ме“)

Творечкиот опус на поетот Ацо Шопов доаѓа до полн израз во неговите збирки: Ветрот носи убаво време и Небиднина. Убавината на стихот, силните мисли на поетот, звучниот македонски јазик и талентот дојдоа до полн израз токму во збирката Ветрот носи убаво време која е преведена и на руски јазик. За илустрација ја донесуваме и песната со истиот наслов.

Ветрот носи убаво време.
Вилнее, јачи во нас.
Ветрот носи убаво време.

Убавото е убаво и поминува.
Останува тагата.
Понекогаш она нè обзема полека,
легнува на нашите очи,
и густо напластена погледот ни го смрачува.
Тогаш нешто страшно тегобно и болно,
нешто големо и наше, непојмливо за другите
нè измачува.

Но некогаш тагата нè докоснува како трепетлика,
како измаглина над жуберлива река
крај која стоиме загледани бесцелно и немо.
Тогаш сите предмети прилегаат на сказна
па велиме: невозможно, колку е сè убаво.

Ветрот вилнее и јачи.
Ветрот носи убаво време.
(„Ветрот носи убаво време“)

Ацо Шопов поет и академик е врвен творец во современата македонска литература. Додека многу поети подоцна пишуваат и проза, Шопов докрај ѝ останува верен на поезијата.
_________________________________
*Текстот е објавен во Просвета, 30.11.1981, стр. 12