Љубовта, трајна преокупација*

Радомир Ивановиќ

Иако е мошне погодна за разновидна поетолошка и критичка интерпретација, ниедна од песните на Ацо Шопов не може да послужи како универзален клуч за одгатнување на сите слоеви, звучења и значења на неговата целокупна поезија. Комплексот на поетовото размислување за уметноста, книжевноста, тематско-мотивската, стилската, јазичната и техничката разновидност, може да се одгатне само врз основа на целокупната слика. Но, и тогаш, одреден дел од содржината и се провлекува на теориската и критичката елаборација, колку поради сложеноста на поведените проблеми, така наречени „вечни прашања“ на естетиката и поетиката, толку и поради специфичностите на еманацијата на овој поетски опус чии тајни се обидуваме да ги допреме, свесни за релативноста на понудените откритија, во желба барем делумно да придонесеме за толкувањето и разбирањето на поезијата на Шопов.

Токму на таа законитост на теоријата на поезијата, мислевме кога во монографијата Збор за зборот – Поетиката на Ацо Шопов (1986) укажавме на постоењето на повеќе поезии во делото на ист писател, односно на можноста на исто вредни алтернативни интерпретаци, бидејќи пoвeќeзначајната поетска слика се спротивставува на исцрпувањето на значењето. Еден од тие проблеми се однесува и на утврдувањето на одделни парадигматски оски.

Шопов во повеќе наврати, експлицитно и имплицитно ја подвлекуваше идејата за континуитетот во творештвото. Тој повеќекратно е поврзан за националната и наднационалната литературна традиција. Континуитетот, според неговото мислење, го потврдува творечкиот нагон кај човекот, без оглед на културниот ареал или цивилизацискиот круг на кој му припаѓа. Во национални рамки, континуитетот на творењето на македонски јазик е суштинска потврда на националниот ентитет. Овие два става сочинуваат и две средишни линии во филозофијата на егзистенцијата на Ацо Шопов.

Развиена критичка cвecт

Благодарејќи на тоа што се работи за суптилен лиричар и филозоф по образование, Шопов е познат како поет со исклучителен рафинман во оценката и проценката на творештвото воопшто, па и во сопственото творештво. Тој има мошне развиена критичка свест, па дотолку е почудно што своите литературни почетоци ги иззема од скалата на ригорозното естетско вреднување. Бидејќи на сличен став наидуваме и кај други претставници, припадници на првата генерација во македонската литература по Втората светска војна (Славко Јаневски, Блаже Коневски, Гога Ивановски и др.), ни се чини неопходно поблиску да го разгледаме ова прашање, бидејќи е очигледно дека најголем број почетни и почетнички литературни остварувања имаат значење само на нивото на културното и литературно историското расветлување, а не на нивото на ригорозна естетска валоризација (од оваа констатација изземаме мал број антологиски остварувања).

Во разгледувањето на поетовата филозофија на творењето, во неговиот систем на мислења, доминантна е идејата – интегралистичкиот поглед на светот и обидот, на некое повисоко теориско ниво да се помират спротивностите. По тој повод во монографијата за Шопов заклучивме дека поетот е во право кога се работи за теориското ниво, но дека сосема поинаква слика се стекнува за нивото на применетата анализа, бидејки уметничките домени и применетите творечки постапки, понекогаш толку меѓусебно се разнородни како да се работи за песни на повеќе поети (како илустрација можат да послужат песните од збирката Песни и циклусот песни „Молитви на моето тело“ од збирката Небиднина). Тие лесно докажани разлики во одредена мерка ја оневозможуваат препознатливоста на „поетската природа“, на што поетот особено инсистира, бидејќи некои од неговите поранешни тези содржат недозволено голем број општи места, лирска патетика и „болести на векот“, додека одреден број носат ознаки на колективен творец, и мирно можете да ги вброиме во стилската формација која некои критичари ја нарекуваат „народен реализам“ или „литературен регионализам“. Во таквите песни најмал е степенот на препознатливоста, автентичноста на лирскиот исказ на Шопов. Меѓутоа, на поетот не може да му се ослони дека на интересен начин ги актуелизирал и проблематизирал постојните антиноми – поезија и теории за поезијата.

Врз основа на ваквите експлицитно соопштени искази, јасно се покажува дека Шопов не се согласувал со оние теоретичари, естетичари и критичари на кои класификацијата им била поважна од живот и флуиден поетски организам, односно со оние аналитичари кои, во времето на изразита методолатрија, методот го претпоставувале на предметот на расправата (поезијата). Тој, со право, станал во одбрана на поетите и на поезијата, но извесни тези ги пренагласил, а извесни процеси кои можат аналитички и логички лесно да се докажат без насилство на поезијата како примарна дејност, ги занемарил. Имајќи го сето тоа во предвид, предложивме поделба на неговото творештво на четири фази: I (1937-1950), II (1951-1963), III (1964-1976), и IV (до крајот на животот, 1982), имајќи ги како камени меѓници, во првите три фази, одделни збирки песни и нагласувајќи ја идеата за недоволност на секоја класификација која истовремено ја нема во предив и целокупноста на поетскиот опус. Притоа, хронолошкиот принцип не ни беше примарен. Се раководевме од владеачките литературни парадигми (надворешна рамка) и стилските доминанти (внатрешниот профил). Тие се доволно индикативни да го покажат процесот на творечката метаморфоза.

Разновидно сегментирање 

Секој обид за утврдување на стилските доминанти покажува и можност за разновидно сегментирање на поезијата на Шопов, поинакво типолошко и генелошко одредување, врз основа на одделни парадигматски оски. Критичарите утврдиле дека љубовта е трајна преокупација на поетот. Прифаќајќи го тоа мислење, поетот тврди дека низ песните „Љубов“ (1943) и „Очи“ (1946) се ослободил од програмското во поезијата. Овој заклучок не би можеле да го прифатиме, бидејќи многу програмско наоѓаме во четвртата фаза на неговото творештво. Поточно би било да се констатира дека поетот постепено и со неизедначен интензитет се ослободувал од програмското, и дека сѐ повеќе внимание му посветуват на јазикот а не на предметот, и дека ослободувањето одговарало на неговата поетска природа, особено во фазите кога достигнува целосна интелектуална и креативна зрелост (втората и третата). Затоа поетот е во право кога тврди дека песната „Очи“ била „пророштво“ на неговиот живот, односно дека по песните „Љубов“ и „Очи“ кои се со видливи и невидливи патишта органски поврзани во неделив лирски диптих, поетот станал свесен не само за моментниот творечки потенцијал, туку и за некоја латентна сила на својот талент која ја хранела неговата поетска имагинација и инвенција (слично мислење соопштил и Блаже Коневски по песната „Тешкото“, која настанала во исто време кога и песната „Очи“).

Под „поетска природа“ Шопов подразбирал комплексност на поетовото битие, особен творечки дух кој гарантира автентичност (оригиналност на поетовиот исказ во сите фази на литературното творење. „Природата“ останува непроменлива, а се менуваат продуктите на творењето. Таа му вдахнува живот на делото и го чини трајно, доколку се работи за вистински творец, со особен знак на индивидуалност во реципиентовото доживување. Песната е засолниште на поетот. И на поетот и на читателот таа им служи како средство со чија помош може да се прочита книгата на „животот“, така што секој поединечен уметнички продукт се вклопува во целокупната слика на светот. Врвен придонес поетот дава во збирките Небиднина (1963), Гледач во пепелта (1970) и Песна на црната жена (1976), кои го осмислуваат и го илустрираат секој вид на теорски импликации.

Шопов се стремел кон непрекидно усовршување на уметноста на зборовите, но не се стремел кон творење на таканаречена „чиста поезија“. За ова настојување на поетот наоѓаме многу потврди и во експлицидната и во имплицидната поезија.
__________________
*Текстот е oбјавен со наднаслов „Поетската природа на Aцо Шопов”, во Нова Македонија, на 24.10.1987.