Зачеток на Небиднината*

Блаже Китанов

Спроти западното крило на Исарот, во еснафското Горно Маало во малата куќарка на ул. „Солунска” – 10, на 20 декември.1923 година доаѓа на свет Александар (Ацо) Ѓорѓи Зафиров-Шопов како втора рожба од бракот на Ѓорѓи (Ѓошо) Ристо Зафиров-Шопов (1893-1944) и Костадинка (Коцка) Рушева (1897-1942). Од раѓањето па сѐ до излегувањето во партизани 1943 година, детско-момчешките години на Ацо ќе бидат втиснати во каменот и распослани по просторите од Новакова чешма и Мерите до Сутлакот и Каваклија, од Бабите и Ежово Поле до Кумлакот и Липов Дол, од пејзажите на Брегалница и Струмина чешма до висините на вечниот чувар на градот – Исарот.

Тоа е време на атентати и убиства под маската на Михајлов-Александров, со нагласени апсења и прогонства, со невидена тортура на злогласниот тандем Матковиќ-Каламатија, Штип е познат како град на најбезобѕирниот терор, а Брегалничката област прилега на вистински полициски логор. Тогаш, со воената диктатура на крал Александар која трае сѐ до 1941 година и прололжува со бугарската фашистичка окупација. Тоа е време на тешки економски потреси и кризи, па среќните мигови и безгрижни дни се илузија или реткост за младата генерација, а собено за нашиот поет.

При татко бербер, познат како чаршиски недоодник и немерлив винољубец, и мајка, некогашна учителка етикетирана како „бугарофил” од тогашните школски власти, но грижлива домаќинка и латентен поет, детскиот свет на Ацо ќе се развива во услови на тешка, бедна и речиси морбидна семејна атмосфера. Исплашен од суровиот однос на татка си кој често ја понижува и тормози нежната му мајка, а бодрен и закрилуван од нејзините приказни и романтични стихови, потиснат од мислата за гола егзистенција на трошната куќичка и сонот за елементарно чувство на љубов во разнишаното семејство, соочен со проблемите на општеството и распнат помеѓу немоќта на помалиот брат Борислав (1927) и школските обврски на постариот Димитар (1920-1972) кој учи богословија во Призрен, емотивната природа на Ацо прерано ќе ја почувствува горчината на животот, таа „чаша на ужас и гнев”, на „ужас и стравотија” (стихови од песната на Шопов „На другарот Ал. Апостоловиќ” која е орговор на неговата песна „На помладиот другар песимист”).

Значи, и во политичка и во економска и во семејна треска, Ацо Шопов ќе ги живее и преживее најтешките, најбурните и најстрашните детско-момчешки години кои со митскиот лик на „стоглаво чудовиште” („Патување во родниот крај…”) ќе го прогонуваат до последниот здив од неговото „бегство низ небиднината” („Езеро на животот”).

Поетски оган

Особено стравотен и трауматичен е оној период за детето кога во 1934/35 година татковиот delirium tremens и душевен лабилитет сè почесто ќе се манифестираат по сокаците на Горно Маало и кога добрата мајка сѐ потешко заболува од долга и нелечива парализа на телото. Во домот на Шопови ќе надвисне една Дисовска атмосфера, со тешка сиромаштија и постојана закана на смрт, па неплатената редовна училишна такса ќе го принуди одличниот Ацо повторно да оди во четврто одделение. Но, „школската година веќе била почната кога од Кочани во Штип допатувала поетовата тетка Стојка Санева, чијшто сопруг Стојан Санев бил на служба во Кочани како поп, па таа, откако видела дека внукот по вторпат го учи истото одделение, ja платила таксата” .

Иако отфрлен и заборавен од таткото, во скоравеното срце на детето-ученик-домаќин, тивко ќе заискрува поетскиот оган потсилуван од топлата мајчина прегратка и храбриот блесок на нејзините очи. Во беда и сиромаштија, „со страд и јад“, но „со труд и истрајување“, со болка и револт, но со надеж и верба, од ден на ден, од година во година, од крајот на 1937 па сѐ до при крајот на 1943 година, тивко, скромно и ненаметливо, со таен оган во градите ќе се гради и открива лирискиот и скоевски профил на Шопов изразен и врамен меѓу ветвите корици на гимназиската Тетратка за писмени состави, во настап со песни/рецитации на крајот од учебната година, на состаноците во литературната дружина „Напредок”, во изгубената книга Ановите (Песни за Штип – 1941), во стиховите посветени на идејните водачи и организатори на младинското антифашистичко движење – Ванчо Прке-Сермен (1921-1943) и Славчо Стојменски-Сократ (1921-1943), како и низ личното и колективно ангажирање во работничката и школска младина во Штип.

Има во песните од Тетратката (1937-1940) темни песимистички тонови и патриотски заблуди индоктринирани од училишните власти и пропишаната лектира, но има и стихови кои содржат отворени повици на борба, на истрајување, кои особено ќе бидат нагласени во песните што се создаваат под силно влијание на Рациновите Бели мугри. Меѓу таквите песни,, токму во предвечерјето на војната, во витрините на гимназискиот Sиден весник осамнува и првата песна на македонски јазик, „Ановите” (1941) која го означува и вистинското поетско раѓање на Ацо Шопов.

Следствено, периодот до пред заминување во партизани (1943)  има исклучително и пресудно значење за ејдетската причина и генерички развој на небиднината, за тоа прво зајакнување, кревко првозаодување и силно извишување на борбата – љубовта – зборот по темно-ѕвездените патиша на животот и поезијата.

Меѓутоа, примарното за’ртување на небиднината  треба да се бара во тешкиот и хаотичен семеен амбиент, изразен во контрастните слики на песните „Пијаница” и „Мајка” инспирирани од различниот однос на неговите родители кон детето-поет.

„Пијаница” (30.12.1937) е првото поетско крштевање на четиринаесетгодишниот гимназијалец од трети клас, а на неполни четиринаесет години тој ги создава првите кратки прозни состави „Разделба” („Растанак”, 3.11.1937) и „Чичко Перо” („Чича Пера”,4.12.1937). Бидејќи песната „Пијаница” претставува прв судир на Шопов со зборот и поезијата воопшто, овдека ја цитираме за првпат и во целост и во наш препев од српскохрватски јазик :

Пијаница

Има еден пијаница
по занает е бербер
Често по сокаци пее
„Секој треба слатка ракија да лее”.

Кога в меана  ќе седне
до полноќ не си оди.
Сè што има потрошува
за дома грижа не води.

Кутри деца дома плачат
од мајка си леб сакаат.
А тој пијан доаѓа
и крај нив не проаѓа.

Жена му го куди
А тој пијан – не се буди
И пак сè по старо
но некогаш за навек ќе се изгуби.

Ова поетско претскажување на синот се остварува, зашто љубителот на слатката ракија завршува со психичко растројство и физички крај на  4 август 1944 во Бјала, северна Бугарија.

Трауматични слики

Ако во „Пијаница” е осуден негрижливиот и суров однос на таткото кон сопственото семејство, во песната „Мајка” (12.02.1938)  поетот ја глорификува добрата, грижлива и сакана мајка родителка и моли за нејзино брзо оздравување:

Мајка

Најголема моја светиња
за мене со бисер опсипана,
Ти ме гледаш и чуваш
и ме грлиш многу, моја љубена.

Најголемо мое благо
Најголема моја благодет
Колку многу те сакам и љубам
Не знам ни самиот.

Кога те гледам тажна,
Јас тогаш стојам скаменет,
И срцето тревожно бие
Во моите младешки гради.

Јас те молам мил мој Боже
Да ја чуваш здрава да е,
Тоа моја света желба е,
За тоа љубовта моја копнее!

Песна со чисти и искрени лирски чувства, со излив на немерлива љубов и благопочит кон мајката, што особено преку четвртиот катрен, со молитва до севишниот – да ја чува, здрава да е – се изразува најсветата младешка желба и љубов на детето-поет.

Наполно предан и соживеан со мајка си тој ќе носи жешка вода од Л’џите [Природен извор на жешка вода што се наоѓа во близина на бањата „Кежовива” во штипско Ново Село ] ќе ја бања и ќе ги чисти крвавите рани од неподвижното, голо и закоравено тело. Близоста со неа во психата на адолесцентот ќе создаде петрифицирани трауматични слики кои ги среќаваме во песните од фазата на раното интимистичко пеење: „Светот – свет е, а ти – крв и рана” [„Кон пријателот”], во профетските стихови од необјавената песна „Крик од туѓина”

Не умирам, а тешко сум болен.
Мојта болест крај, мајко, ќе нема.
[…] Проклет да е мојот живот темен
[…]
И твојата утроба и млеко…
Што ме роди скитник ти на векот!

или пак во овие стихови на Шопов на кои се присети Јордан Поп-Јорданов во разговорот што го водев во Скопје, на 19.01.1989 година:

Мајко моја, мртво мое небе/отвори се, прибери го сина. /Никој немам, мајко, освен тебе /освен лута ракија и вино.

Следствено, тегобното детство минато низ една призма на натажени очи, мајката и најраните творби посветени на неа: „Мајка“, „Сеќавање“ (20.09.1939), „Ох, pојми, појми, колку многу патам“ (мај, 1940), „Разговор со мајка“ (мај, 1940), „Пролетен разговор“ (мај, 1940), претставуваат примордијален духовно-творечки фон и етимон врз кој зар’тува љувота кон зборот и песната, кон борбата, љубовта, жената, кон земјата и татковината.

Подоцна, од Песни (1944) до Дрво на ридот (1980) низ симболистичките, неосимболистичките и метафизички транспозиции на очите и стеблото, на крвта и телото, на огнот и пепелта, на дрвото и птицата, на каменот и водата постапно ќе се напуштаат и надраснуваат ветвите и стандардни идиоми, петрифицираните епитети и амблематизирани аудитивно-визуелни слики во корист на новиот поетски модел со квалитативни, клучни и персонални творбени знаци (како оксиморонот црно сонце, или „времето невреме вистинско е време”), а преку кои пак, ќе се развиваат крупните теми, односно класи, како што се љубовта и борбата, кои секогаш ќе се слеваат во матичната и магистрална парадигма во поезијата на Шопов: не-биднината.

___________________
* Нова Македониjа, Лик, 15.12.1993, стр. 10. Овој текст е извадок од подолгата студија на Китанов објавена во Творештвото на Ацо Шопов: симпозиум по повод 70-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, Скопје, 1993, под наслов „Најраните творби – иницијални за развивање на клучните/персонални творбени знаци и магистрални теми во поезијата на Ацо Шопов”, достапен тука.