Крик од туѓина

„Вие ветер преку пусто поле.
Не умирам, а тешко сум болен.

Мојта болест крај, мајко, ќе нема,
в гроб легнувам – гробот не ме зема.

Првна љубов в туѓина се крие,
туѓи усни, туѓи очи пие.

Прво чедо – навек среќно да е! –
ни за мајка, ни за татко знае.

В пусто поле вие пуста зима.
Ни пријател, ни закрила имам.

Сам сум, мајко, сам на ова време.
Проклет да е мојот живот темен.

И твојата утроба и млеко…
Што ме роди скитник ти на векот!“

Ацо Шопов 
Песната е објавена во Современост, II, 7-8, 1952, стр. 26, но не е објавена во збирка.
Објавена е и во текстот „Зачеток на Небиднината“ од Блаже Китанов
во Нова Македониjа, Лик, 15.12.1993, стр. 10.
Прочитајте други Необјавени песни од Ацо Шопов.
Машинописот се наоѓа во Фондот Ацо Шопов – МАНУ [АШ К1 АЕ36]

Машинопис во Фондот Ацо Шопов, АМАНУ, АШ К1 АЕ36

Вратете се во поетскaтa одаја на Читалницата во Лирскиот дом  на Ацо Шопов