This post is also available in: French Spanish German Russian English Albanian
Ацо Шопов: Слеј се со тишината, Скопје, Кочо Рацин, 1955
Иако оваа книга содржи голем број песни што и денес важат меѓу најуспешните, иако за неа Ацо Шопов ќе ја добие наградата „Кочо Рацин”, иако таа ќе биде првата збирка од македонски автор препеана на словенечки јазик (Zlij se s tišino), и за неа словенечкиот литературен критичар Фран Петрé ќе рече дека го одбележува раѓањето на вистинската лирика кај нас… сепак нејзното објавување во ноември 1955 год., ќе ја распламти уште повеќе полемиката помеѓу „модернистите” и „реалистите” (два „табора” поделени меѓу списанијата Разгледи и Современост), започната три години предходно, со Стихови за маката и радоста.
Додека Димитар Митрев, во Современост, бр. 4, 1956 г., зборува за „поезија на трајни вредности”, за „лирска згуснатост и синтезираност”, за „јасноста на метафориката”, во Млада литература, бр. 5-6, 1956 г., Ѓурчинов зборува за „декомпонирана поетска мисла”, „најобични прозаизми” и „имровизации во кои тешко може да се долови каква било поентирана мисла или идеја”.
Краток преглед на критичките одгласи
На 2.3.1956 год., Ефтим Манев ќе објави позитивна критика за Слеј се со тишината во Нова Македонија: „Едно финално литературно раѓање во последните денови на литературната 1955 година и една поезија без рамки и стремеж за звучна и салонска портретираност […] Читаме и сеќаваме дека се наоѓаме на линијата помеѓу два немирни света, помеѓу живата многуцветна игра на елементите, што ја карактеризираат сестрано надворешноста на оваа лирика, и онаа спонтана внатрешност што се претвора веднаш во чудна визија од фини содржински форми.”
Во „Поезија зад стаклениот ѕид”, текст овјавен во Млада литература (1956): Милан Ѓурчинов ќе напише: „При контактот со нејголемиот циклус ‘Минијатури’, читателот неизбежно го следат две познати асоцијации: Васко Попа и Блаже Конески. Притоа, колку повеќе наближува крајот, разочарувањето постојано расте. Бидејќи − ништо од космичкото осмислување, од живата метафорика на првиот и многу малку од концизната но волуминозна поетска реч на вториот. Инспирацијата одве очигледно тргнала по еден погрешен пат, излевајќи се во стереотипни и конвенционални шеми, во млако доживеани, бледи и разводнети поетски слики (…) банални персонификации на природните појави, како ‘Патник што нема ни пат ни цел’ (‘Облак‘), импровизации во кои тешко може да се долови каква било поентирана мисла или идеја (песните ‘Залажување‘, ‘Мојата улица‘…), замрзнато студени, литографски илустрации (‘На езеро‘) што повремено се спуштаат до нивото на најобичните прозаизми.”
За циклусот „Убавината”, Ѓурчинов смета дека тој „веднаш и очигледно укажува на настојувањето преку рефлексивни транспонирања, да се навлезе во просторот на некои општи категории и појави на егзистенцијата помеѓу кои на феноменот убавина му се одредува челно место. Одвреме навреме изгледа дека објектот на инспирацијата е некое резигнирано и дезилузионистичко настроение, но погледано во целост, се добива краен впечаток за една незавршеност и непотполност. Не треба меѓутоа да се помисли дека овој впечаток е инициран од нејасното настроение или од замагленоста на предметот што се транспонира. Неговиот извор е пред сè неизјаснетата, лабилна и несигурна поетска идеја и концепција”. За пример ја наведува песната ‘Ах таа убавина‘.
Во истото списание, за истата песна, како и за неколку други (,,Во тишина“, „Кога ти е најтешко“, „Го барам својот глас“), Димитар Солев, припадник на истиот „табор”, ќе се изјасни на ист начин за циклусот „Минијатури”, во „Една маргиналија кон поезијата : Ацо Шопов, Слеј се со тишината” (Млада литература, 1956). „Овој циклус всушност е и најнедоправен, зашто поетот не е предиспониран кон некаква интелектуалност; додека, од друга страна, во целата збирка се чувствува извесен, теничок, прелажен слој на интелектуализам (нарочно во првиот циклус „Убавината” […]), на обид за интелектуално и дури церебрално осмислување, кој во конкретниов случај се претвора во симплификација, испостеност, софизам”.
За тој ист прв циклус, во кој се поместени девет песни, „изедначени по своите поетски вредности”, Георги Статрделов ќе се изјасни подоцна: „Во првата, ‘Убавината‘, не случајно посветена на Л. Личеноски и според која е наречен целиот циклус, ни се откриваат, навистина, нејзините супстанцијални естетски и философски вредности. Меѓутоа веднаш паѓа в очи дека пристапот кон убавината повеќе не е само лирски, сентиметален, нежен, привлечен, туку, во новото сфаќање на поезијата кај Шопов, таа во себе носи нешто кобно, нешто застрашувачко […] Тоа, во извесна смисла, оксиморонско сфаќање на убавината и на поезијата како нешто кобно, заумно, лудо, тоа поврзување, и во стихот и во песната, на именката и атрибутот што создава впечаток на нешто што е спротивставено во нивните семантички значења, на нешто ирационално, најмногу доаѓа до израз во втората песна посветена на убавината, ‘Ах таа убавина’, особено во нејзината прва строфа.” (Небиднината: поезијата и поетското искуство на Ацо Шопов, Матица македонска, 2000)
Но да се вратиме во 1956 година. Димитар Митрев го објавува текстот „Поезија на трајни вредности”, во Современост како реакција на критиките на Ѓурчинов: „Ацо Шопов беше примен и брзо стана широко познат како поет на социјални, поодредено, како поет на партизански мотиви. И се прифаќаа и нагласено се утврдуваа мотивите како израз на една длабоко субјективна судбина, како реализација на едно исповедно лично начело […] Но кога проговори кај поетот учесникот во збиднувањата што беа пак животни, што беа – пак и навистина – збиднувања, но веќе збиднувања од подруг животен реон […] издигнати беа категорични гласови дека патот за понатаму е згрешен, дека се наоѓаме пред очебијно застранување, ако не и противпоставување на (дотогашниот) јасен поетов пат. А дали беше така и дали воопшто е така?”.
Набргу потоа, Александар Спасов забележува во својата критика за Слеј се со тишината објавена во Разгледи (III, 4, 1956) дека „не толку силно пројавено како во Стихови за маката и радоста, но сепак присутно e и овде, акцентирање на извесна сентиментална разнеженост, извесна доза на поетизирање, на навеи од лектирска инспирација кои оставаат кај читателот понекогаш чувство на повтореност на мотивот, на неговата ‘истрошеност’, на неубедителност, на не секогаш потполна автентичност на поетовото доживување, на некаква, така да се каже, ‘оветвеност’ на емоциите.”
Откако духовите ќе се смират (ако воопшто се смириле) литературната критика во врска со оваа збирка ќе се сталожи. Речиси четири децении подоцна, Георги Сталев го коментира постсоцреалистичкиот период во творештвото на Шопов со овие зборови: „Доминантната поетска идеја се открива уште во насловот на книгата во поимот тишина, сред која и се доверува исповедта, сред која се медитира, се доживуваат неизбежните ‘меки и нежни штимунзи’. Но, ќе се покаже понатаму во збиркава дека ‘слевањето со тишината’ не претпоставува и не претпочитува глувост, немост на душата, на сетилата, туку – напротив – честа плима и осека на возбудата. Инаку, не би се апострофирала Убавината како ‘диво во крвта завивање’, не би кинела, сечела, не би носела како лавина во онаа ‘вечна притаеност’ и ‘вечно откривање’ што резултира со ерупција; не би била ненаситна, похотна, ‘како жена блудна’ што ја прогонува својата жртва.”
За песните од циклусот „Минијатури”, пак, Соња Стојменска-Елзсер ќе напише дека тие „не само што се јадровити и куси, туку и се доживуваат како вистински цртежи, како мали скици во кои визуелната експресија ги продлабочува рефлексивните и сензуални слоеви. Минијатурите на Шопов наликуваат на нежни траги од четка врз бледа и проѕирна свила. Тие се поетски кроки-цртежи, миговни исечоци од пејсаж кои носат длабока рефлексивна содржина”.
Во „Номадот Ацо Шопов”, Александар Прокопиев ќе забележи дека во збирката Слеј се со тишината (1955), која што при етапното согледување на поетското творештво на Шопов се сместува во ткн. „интимистичка“ фаза, се издвојуваат неколку возбудливи и сублимни минијатури, што содржат сликовита концизност, ретка и кај мајсторските куси поетски форми, какво што е, на пример, јапонското хаику. Освен најпознатата „Во тишина“, меѓу овие едноставни според изведбата, раскошни по ефектот песни е и двопотезната „Лист“. Според Прокопиев, „во поголемиот дел на Слеј се со тишината веќе е присутна определена поетичка свест кај авторот, што подоцна, низ разновидни облици и варијанти, континуирано ќе ги досоздава песните сè до неговата последна книга” (Дрво на ридот, 1980).
Во еден разговор сo Алдо Климан (1976), Ацо Шопов едноставно ќе каже: „Слеј се со тишината е книга што се роди како резултат на моето поетско сознание дека тишината може многу погласно да изговори некои вистини и од најгласните зборови и кажувања”.
Книгата е објавена во издание на Книгоиздателство за уметничка литература „Кочо Рацин”, Скопје, во колекцијата „Библиотека македонски писатели”. Тираж 2000 примероци. Печатењето е завршено во ноември 1955 година во печатница „Гоце Делчев”, Скопје. Нацрт на корицата: Спасе Куновски. Илустрации: Димче Протуѓер.