This post is also available in: Macédonien Espagnol Allemand Russe Anglais Albanais

1955 Slej se so tisinata

Aco Šopov: Confondu dans le silence, 1955. Accès au contenu du recueil en français

Aco Šopov: Confondu dans le silence (Слеј се со тишината), 1955

Translation in progress

Иако оваа книга содржи голем број песни што и денес важат меѓу најуспешните, иако за неа Ацо Шопов ќе ја добие наградата „Кочо Рацин”, иако таа ќе биде првата збирка од македонски автор препеана на словенечки јазик (Zlij se s tišino), и за неа словенечкиот литературен критичар Фран Петрé ќе рече дека го одбележува раѓањето на вистинската лирика во Македонија… сепак нејзното објавување во ноември 1955 год., ќе ја распламти уште повеќе полемиката помеѓу „модернистите” и „реалистите” (два „табора” поделени меѓу списанијата Разгледи и Современост), започната три години предходно, со Vargje për vuajtjen dhe gëzimin

Додека Ефтим Манев ќе објави позитивна критика, зборувајќи за „поезија без рамки и стремеж за звучна и салонска портретираност”, за „спонтана внатрешност што се претвора веднаш во чудна визија од фини содржински форми”, Милан Ѓурчинов ќе зборува за „неизјаснетата, лабилна и несигурна поетска идеја и концепција” наведувајќи ја за пример песната ‘Ах таа убавина‘. За истата песна Георги Статрделов подоцна ќе напише дека токму во неа „најмногу доаѓа до израз оксиморонското сфаќање на убавината и на поезијата како нешто кобно, заумно, лудо”. Анализирајќи неколку песни (,,Во тишина“, „Кога ти е најтешко“, „Го барам својот глас“) од циклусот „Минијатури”, Димитар Солев, ќе се изјасни дека последниов е „најнедоправен”, зашто поетовиот „обид за интелектуално и дури церебрално осмислување, во конкретниов случај се претвора во симплификација, испостеност, софизам”, додека Димитар Митрев, за песната ,,Во тишина” ќе напише дека таа е „еден прекрасен лирски медалјон, најкраткиот, но и најубавиот општочовечки лирски миг во нашата лирика.“

Многу подоцна, на почетокот на 21-от век, Соња Стојменска-Елзсер ќе напише дека „Минијатурите” „не само што се јадровити и куси, туку и се доживуваат како вистински цртежи, како мали скици во кои визуелната експресија ги продлабочува рефлексивните и сензуални слоеви”. Тие се, според неа, „поетски кроки-цртежи, миговни исечоци од пејсаж кои носат длабока рефлексивна содржина”. Александар Прокопиев пак ќе забележи дека „во збирката Слеј се со тишината (1955), која што при етапното согледување на поетското творештво на Шопов се сместува во ткн. интимистичка фаза, се издвојуваат неколку возбудливи и сублимни минијатури, што содржат сликовита концизност, ретка и кај мајсторските куси поетски форми, какво што е, на пример, јапонското хаику. Освен најпознатата Во тишина, меѓу овие едноставни според изведбата, раскошни по ефектот песни е и двопотезната Лист”.

Во еден разговор сo Алдо Климан (1976 година), Ацо Шопов едноставно ќе каже: „Слеј се со тишината е книга што се роди како резултат на моето поетско сознание дека тишината може многу погласно да изговори некои вистини и од најгласните зборови и кажувања”.

Accès au contenu du recueil en français