This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

Теничок, прелажен слој на интелектуализам*

Димитар Солев (1930-2003), македонски писател

Димитар Солев

Две становишта се препираат околу конечното исцрпување на формулата од поезијата: две тврдења, очигледно контрадиктори и неочигледно дополнувачки, од кои секое е убедено дека ја носи конпактната вистина за стихот. Сфаќањето, дека поезијата е „приватна работа“ со субјективно-катарзен карактер, ја преферира таканаречената интимна лирика, чијашто цел би се содржела во оддиплување на личните немири, луцидности, болки, игри на духот, исповеди, надкомпензации од секаков вид. Сфаќањето, дека поезијата е облик на „општествена дејност“ со чисто објективистичка функција на стихот, ја преферира ексклузивно поезијата за општа употреба, во која не е важна соодветноста (во секој поглед) меѓу поетовата личност и нејзината стиховна објава, туку пред сѐ општествено искористлива декларативност, патос паролност, ударност, ефект.

**Крајностите бездруго се стремат да ја исцрпат вистината, како што е несомнено и тоа дека нивната неизбежност, да завршат со хипостазации и хиперболи, ги прави она што наложено се утврдува како екстремност. Естетичкиот парадокс оди напоредо со творечкиот, како што може да биде и обратното; творечката мисла често се движи во тие граничности**.

Конкретно, во поезијата, кај нас, карактерни се овие години двете (гореизнесени) сфаќања и тврдења, што наизменично следуваа едноподруго, прилично квантитативно и иксклузивно, временски прво едното па потем другото. Отфрлањето на првото, како да значи – безрезервна поверливост кон другото; како второто да можеше сосема реално да го замени негирањето на првото. Негирање, што требаше да значи укинување и квалитетно надраснување. Не е првпат овде искажана мислата дека нашиот развиток на стихот тргна преку распорување меѓу две (досега две) крајности, при што тие крајности се сфатија како објективни до расцеп, до невозможност за синтеза, до апсолутност, до метафизичка спротивност.

Независно од тоа, кое гледиште има повеќе право, кое становиште е пооправдано, кое тврдење е повредно, ова сопоставање доведе до болно суочување со еден небезначаен проблем од поетското творештво: до место, улогата и вредноста на поетот во неговото време и простор. Откако се увиде дека поетската декларација може да биде една етичка шпекулација, требаше да се увиди и тоа дека секоја интимна исповед не мора да има поопшто значење. Од херметичност се отиде во херметичност; она што спасуваше тука, тоа беше значајноста на самата личност како творец.

Всушност, се враќаме на најреалната констелација: творецот, преку напорот што му е потребен за својата реализација, да се искаже себеси искажувајќи ги и другите, да се искаже себеси во една приемлива рамнотежа со искажувањето на другите, да не прави отстапки за сметка на себеси, да не забраздува во крајности за сметка на она што во крајна инстанца го афирмира и го оправдува: резонанс. Од субјективното да се иде кон објективното, од личното значење да се израснува до општото значење, во еден процес оздола нагоре, во еден продор што да останува сразмерен со капацитетот на способноста. Тоа е единствениот искрен пат; единствениот возможен пат на израснување до поимот поет.

* * *

Но ако патот од личната искреност до општиот одзвук е неизбежна врвица преку која мора да изоди творечкиот чин за да го стаса скромниот срт на вредноста – тоа не значи сѐ уште дека изодливоста е изодлива; имам впечаток дека често се запира на полпат. **Причините тука можат да бидат од различна природа, резултатот може да се разгранува во дивергентни неизодености, но сртот останува недобран. Личноста напати не може да го стори оној напор за да ја стаса вредноста која времето и просторот нема да ја демантира или да ја остави зад себе**.

Поетот всушност стои постојано пред работ на задачата: апсорбирајќи ја реалноста низ сите нејзини еманации, да ја изгради и да ја наметне својата визија и како уметност и како реалност. Пред работ на задачата, сѐ поновата реалност да ја соумее во својот збор. А така често тој раб се движи сѐ понапред, како гребен на бран, што често поетот може да застане и пред задачата да се види во засенченото светло меѓу два брана; да се види, за да може да побара сили во себе за нов напор, за сѐ понови напори, кон работ на кој треба да се напина да се додржи. Закостенувањето во формата е редовно сврзано со закостенување во одживеани содржини; па макар и колку таа форма да била модерна, нова и современа со век од само неколку години.

Прашање е, навистина колку една поезија на својот современик му пружа суштинско задоволство; е задоволство – формално, школски естетско, изживувачко, паролно, сеңтиментално, книшко. Колку една поезија израснала од живеење во коренот на едно време и на еден простор. Ако стихот не е споменарски состав за домаќинска употреба, ако стихот не е каписла за автоматско извршување на општествени должности, ако стихо не е артистичка игра ни педагошки прирачник – тој сепак има една намена, која се содржи и дури се исцрпува со позивот да го искаже човекот во неговите најсуптилни одредености. Макар што не може да биде реалистичка, поезијата е исказ на човекот, на конкретниот човек, во конкретното време и на конкретниот простор. Исказ што се стреми кон искажување на неговата суштина. А суштината на човекот во поезијата има претежно ментален карактер.

* * *

Што ни открива најновата збирка поезија од Ацо Шопов?

Издлабениот, или сѐ уште несовладаниот, процес меѓу личното и општото, меѓу субјективното и објективното, меѓу тажното и радосното, меѓу приватното и општозначајното – живее во оваа книшка како нејзина прва одредба. Ако извојувањето граѓанско право на интимната лирика требаше да значи еден чекор кон автентичност, тој чекор не можеше да значи останување на полпат. Не затоа за да се изживее и интимната лирика, туку самата таа да се набие со содржина што нема да се ограничи на субјективистичка важност. Не се врати нашата поезија кон својот тесен извор, кон творечкиот субјект, за да остане ограничено на него и да се осиромаши и да оплитне; туку да ја врати првичната моќ на убедливост, на неделивост, на автентичност. Тоа враќање всушност беше оповикување на знчајноста од личноста, повикување на личноста од поетот како крајниот решувач на поетскиот збор и во естетска и во содржинско-идејна смисла. Зашто, се претпоставува дека вистинскиот поет и обичниот опис ќе соумее да го искаже преку повеќе кратната обусловеност во своето време и на својот простор. Враќање на поверливост кон творецот, кој со свои сопствени сили треба да живее со соковите на својата одреденост. Не да потоне во својата изживувачка интима, туку да ги најде координатните жилки што неговиот збор ќе го извлечат од опасноста да виси ни на небо ни на земја, од опасноста да биде книжност, сентименталност, плиткост, наивност, приватност, одживеаност.

Процепот, издлабен со наизменичното сменување на кредото за таканаречената социјална и паролашка поезија и кредото за таканастанатата интимна лирика, не го совладува оваа збирка, не толку за тоа што стои на погрешно почетно становиште, туку затоа што личноста поетова не е доволно силна и значајна. Да се пишува интимна, исповедна, интровертна поезија, тоа значи да се претпостави дека зад неа стои богатиот поттекст на една значајна личност која има повеќе да каже од другите и која тоа кажување ќе го сугерира преку убедлива поетска визија. Тој процент не се решува ни со осовременување на стиховната техника, зашто и при тој случај содржинската страна може често да остане во затемнетата сфера на одживеаното.

И навистина: во стиховите на Ацо Шопов ќе се сретнеме со очигледни (и успешни) напори кон еластицирање на поетскиот израз, но тоа е и првиот и површниот впечаток, зашто навлегувањето во нивната содржинска носивост открива познати и конвенционализирани аспекти, акценти и животни сушности. Поетот како да не ја владее координатата на задлабочувањето. Движејќи се околу мотивот или идејата, не градејќи ја мислата или поентата до нејзината инплицитна сугестивност, поетот не успева иманентно содржински да го афирмира и да го оправда своето стиховно кажување. Сѐ е некако во фрагменти, што со својата незавршеност, истовремено и наслутуваат и изневеруваат, или пак, во развиени завршености што со тоа не се задлабочени и обогатени туку едноставно банализирани.

**Се добива впечаток на излакираност што блескоти, заслепува, фасцинира, но која кажува дека материјата ја исцизелирала до излитеност, зад која повеќе и не може да се поверува дека имало нешто животно, длабоко, суштинско. Изразито слаба творба не се забележува, но исто така – и изразито силна. Сѐ e некако изгладено, лакираню, филувано, сѐ одсјајува со првиот ефект на добро, но под тоа, она што останува под тоа, изневерува со својата баналнот, плиткост, недовршеност, неоригиналност, незадлабоченост, шупликавост**.

Не е тука во прашање очигледно слаб квалитет, кој може да деафирмира, туку поетски текст што не може да издржи повисоки критериуми; не само во естетска, туку и во содржинска смисла.

Спротивно, стихот од оваа збирка, можеби и наполно ќе ги задоволи примарните човечки неизживеаности и примитивните емоционално-ментални конституции. Има во нив извесна жица на трогливост, во која можеби и единствено се содржи нивната искреност и вредност. Таа жица не е безначајна, и како ефект и како естетска мерка. Тоа е онаа „емоционалност“, „мек и нежен штимунг“, „лиричност“ итн., квалитети кои во поезијата, и воопшто во уметноста, сами по себе не се никаков квалитет, туку, по мое мислење, своевиден шунд, што својот одзив го наоѓа во примитивизмот и малограѓанштината.

Но за тоа не треба да станува збор. Збор треба да стане за повисоките вредности (или невредности) од поезијата на поет што е веќе еминентен како водечки во оваа наша поезија. И тука, неизбежно, и сами по себе, се поставуваат оние повисоки критериуми, кои не смеат да останат на задоволувањето со примарните наличности на талентот.

Можеби зад тоа се крие и извесна неавтентичност: поетот на „Очи“ и „Љубов“ не може некако да се вклопи, на пример, во „Минијатурите”, што бараат сигурен поттекст на мисла, елиптично-концизен израз, наговестување на драмска тензија, смисла и начин за неексплицитно искажување. Овој циклус всушност е и најнедоправен, зашто поетот не е предиспониран кон некаква интелектуалност; додека, од друга страна, во целата збирка се чувствува извесен, теничок, прелажен слој на интелектуализам (нарочно во првиот циклус „Убавината”, како и во последниот „Минијатури”), на обид за интелектуално и дури церебрално осмислување, кој во конкретниов случај се претвора во симплификација, испостеност, софизам (,,Во тишина“, „Ах таа убавина“, „Кога ти е најтешко“, „Го барам својот глас“). Ова, од друга страна, зборува за неувидената неполезност од механичко усвојување на други, поинакви, туѓи поетски пристапи и манири, кои во својот почеток всушност се одредуваат од темпераментот на творецот. Затоа и не е чудно што повеќето од стихотворбите оставаат впечаток на незавршеност, на неразвиеност, на краток здив, на напната немоќ да се проговори со поинаква композиција на поетскиот збор, на неавтентичност.

Поведен бездруго од варијабилноста на модата или вкусот, поетот се напина да се оствари во кратката поетска форма, во која неговите веќе афирмирани квалитети не можат да дојдат до израз. Тука единствено се постигнува коректност, која може да извлече признание, но и ништо повеќе, зашто сосема јасно се насетува дека во овие стихови отсуствува поетот во својата сила. Симулирајќи задлабоченост, мисловност, пословичност, елиптичност, поетот паѓа всушност во рационално банализирање и лош интелектуализам, откако претходно се лишил од својата бујна и градирана елоквентност. Неговиот стих, по својот темперамент распеан и чувствен, овде е со краток дах и некако осакатен, недовршен и растресит во своето ткиво. Емоцијата, на која толку многу полага еден вид од нашата поезија, во овој случај се стреми да биде урамена со мисла што да ја држи, но тоа не се чини баш среќно, зашто конвенционалната мисла само се дополнува со останување на познатоста и површноста од чувството. Смел, несимплицистички, длабок зафат во психолошкото и чувственото од човекот – немаме овде, зашто поетот најчесто останува на првиот ефект од продирањето на поетскиот збор.

Со добива впечаток дека поетот во оваа збирка не е достатно зрел, или барем не е достатно верен, доследен, автентичен на себеси. Остварувајќи извесни квалитети, кои и како такви си имаат свое место, повеќе стандардно одошто авангардно, оваа збирка како да ги обележува несигурните движења на еден поет што се колеба сѐ уште во конечното наоѓање и полно реализирање на најсуштинскиот акцент од својот талент.

______________________
* Насловот е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов. Овој текст е објавен под наслов „Една маргиналија кон поезијата : Ацо Шопов, Слеј се со тишината”, во Млада литература, 1956, VI, 1, стр. 44-48.

** Пасусите означени со дупли астериск недостасуваат во српскохрватскиот превод на оваа статија, објавен истата година во Дело, Белград. Најверојатно отстранети од технички причини (недостаток на место), тие изразуваат изразито критички став кон творештвото на Шопов.