Поезија зад стаклениот ѕид *

Милан Ѓурчинов

Милан Ѓурчинов (1928-2018), македонски литературен критичар

I.

По сѐ изгледа дека минува времето кога секоја наша нова книга, наместо да се преценува и сестрано дискутира како производ што претендира за одреден книжевно-уметнички квалитет, се пресретнуваше со добронамерниот гест и радостната констатација: „Пред нас е книга што претставува несомнен чекор напред во поетската еволуција на авторот.“ Не е исклучено, покрај недвосмислената инертност и леност, зад споменатиот гест да се криеше и една разбирлива загриженост за опстанокот на тукушто родените домашни литерарни никулци.

Но, tempora mutantur… Ако во 1946 и 1947 при појавата на новата книга лајтмотивот на сите реагирања беше: „која и чија“, денес над сите останати доминира прашањето „каква“, каква е уметничката вредност и отпорност на предложениот труд. Бројот на оние што денес кај нас врват по нерамните сртови на литерарната егзистенција не може веќе да се изброи на прстите ни од двете раце, а тоа веќе овозможува добронамерното патронатство да стане беспредметно, а стравот за нежниот организам конечно да отпадне, бидејќи тој не е веќе толку млад и неговата егзистенција не доаѓа веќе под прашање.

При сето тоа не треба да се заборава дека домашната книга станува исто толку честа, па и исто толку скапа како и преведената. Тогаш, како може за читателот − критичар да биде пресудно книгата што му се предлага чекор напред ли е или назад во растежот на нејзиниот автор? Можеби е тоа понекогаш и важно за авторот (особено кога е утешно за него) но што е тоа важно за читателот? Тој е готов да плати троцифрена сума за книгата но бара во замена здрава духовна храна, квалитетна лектира што ќе може да ги разгори сите негови афинитети. Дали одредениот автор напредува и граба напред со темпото на полжав или брзината на локомотива, тој го препушта тоа на сеизмографот на идните литерарни историчари кои се понекогаш склони и во своеглавите одисеи на одделните автори да откриваат права и законитости.

Многу повеќе тој е заинтересиран од каков вид е книгата што му се предлага и какви се нејзините квалитети. Мнозинството веќе му овозможува поширок избор. Но, мнозинството − тоа се неизбежни разногласија и хетерогености. (Некои се збунети од таа полифонија, не можејќи да разберат или не сакајќи да признаат дека разнообразието, веќе само по себе е симптом на поголемата развиеност, па и на богатството.) Изгледа дека напорите да се прошират видиците, да се совлада монотонијата, да се надрасне имперсоналноста, која понекогаш овозможуваше да се помисли дека најразлични книги се пишувани од едно исто лице, ќе можат наскоро да ни го приближат денот кога ќе можеме отворено да изјавиме дека нѐ има многу и дека нѐ има од сите бои: „бели и сиви“, „црни и пругасти“. Всушност, не е ли тоа идеална, максимална програма на секоја литература − да одгледува во своите редови бројни творечки личности, од кои, секоја на свој начин ќе ги открива и соопштува поетските вистини, − да израсне до таа ситуација, во своите редови да може да ги убројува еден Жак Превер покрај Анри Мишо, Жан Кокто покрај Марсел Арлан, Албер Ками покрај Фелисиен Мерсо.

Се разбира тоа е само принципната страна на проблемот која би требало да завршува со усвојувањето на обврската: „Секој вистински напор треба да се почитува!“ Она што меѓутоа, подлежи на третман, она што е дискутабилно, започнува веднаш со прифаќaњето на горниот принцип, бидејќи сега треба да се утврди најважното − што е вистински напор, а што не е, а ако веќе е, каков е неговиот вид, какви се неговите димензии каков е неговиот уметнички квалитет, неговата поетска сугестивност.

Пред отворените и неизбежни прашања на горните маргиналии, еден конкретен пример − најновата поетска збирка на Ацо Шопов дава можност за интересни констатации и одговори, а преку анализата и оценката на конкретниот текст (чиј автор е доволно познат за да не биде усамен во своите напори) ќе не доведе и до одговорот каде оди и еден добар дел од нашата современа поезија.

II

Циклус: „Убавината“

„Peindre non la chose, mais l’effet qu’elle produit“
St. Mallarmé

Интерната смисла, поетската квинтесенца на првиот циклус во стихозбирката Слеј се со тишината во добра мера се поклопува со оваа програмска мисла на мирниот професор од француските провинции. Циклусот „Убавината” веднаш и очигледно укажува на настојувањето преку рефлексивни транспонирања, да се навлезе во просторот на некои општи категории и појави на егзистенцијата помеѓу кои на феноменот „убавина” му се одредува челно место. Одвреме навреме изгледа дека објектот на инспирацијата е некое резигнирано и дезилузионистичко настроение, но, погледнато во целост, се добива краен впечаток за една незавршеност и непотполност. Не треба меѓутоа да се помисли дека овој впечаток е инициран од нејасното настроение или од замагленоста на предметот што се транспонира. Неговиот извор е пред сѐ неизјаснетата, лабилна и несигурна поетска идеја и концепција. За пример, ќе ја наведеме песната „Ах таа убавина“:

Ах таа убавина, ах таа убавина,
Тоа диво во крвта завивање,
Кине, граба, сече, носи како лавина
Вечна е притаеност и вечно откривање.

Не, не треба починка, не треба смирување,
Сето поле пукнало од здравина,
Па крвта е моја светло разденување
Од таа разгаленост, од таа убавина.

Читателот лесно ќе забележи дека овде сѐ започнува и свршува со спонтаната егзалтација на поетот.

Од друга страна пак, во песната „Го барам својот глас”, среќаваме една декомпонирана поетска мисла што нè оневозможува песната да ја почуствуваме како каква било завршена целост. Во примерите кога горните недостатоци се избегнати, при поедноставните третмани (песните: „Во тишина“, “Промената” и др.) пред нас се вечните, општодостапни познати вистини прераскажани во повеќесложни рими коишто пак со жанрот на рефлективната поезија стојат во доста лабава врска.

Ако донекаде се исклучи песната „Младост”, во која се чујни извесни посвежи и понепосредни акценти, првиот циклус од новата збирка на поетот јасно укажува дека во доменот на медитативното поетско соопштување, оперирајќи со една рефлексивност чиишто корени се блиску до површината, не допирајќи до скриените слоеви на некое поважно и автентично осмислување, поетот Ацо Шопов се чувствува прилично индиспониран и несвој.

Циклус: „Песни за пријателот“

Најмал по бројот на песните, овој циклус како да претставува рефрен од поранешната интима на Ацо ІІопов. Овој пат објектот е пријателството. Веројатно под влијание на она што ја опкружува, и овој дел од поезијата на Шопов најчесто останува без чистата и непосредна сонорност на некои од поранешните негови песни. Макар што добар дел од стиховите во овој циклус оставаат анемичен впечаток, сепак сѐ уште ми изгледа дека Шопов е посигурен и поуспешен во доменот на дискретните емоционални доживувања, т.е. придушената молска интонација на својата камерна интима. Песната „Ти не си секогаш таков“, најзабележлива во овој циклус со своите навеви на топло сочувство, како да ја потврдува горната претпоставка.

Циклус: „Минијатури“

При контактот со нејголемиот циклус „Минијатури”, читателот неизбежно го следат две познати асоцијации: Васко Попа и Блаже Конески. Притоа, колку повеќе наближува крајот, разочарувањето постојано расте. Бидејќи − ништо од космичкото осмислување, од живата метафорика на првиот и многу малку од концизната но волуминозна поетска реч на вториот. Инспирацијата одве очигледно тргнала по еден погрешен пат, излевајќи се во стереотипни и конвенционални шеми, во млако доживеани, бледи и разводнети поетски слики.

Во некои од четиристишијата на Конески е сублимиран скоро целиот опит, целото резиме на еден живот. И во тоа е нивната сушност и нивната сила. Овде е избегнат напорот кон кондензирање и рефлексивно обопштување, бидејќи нема што да се соопшти, што да се каже. Кога притоа имаме можност да прочитаме афористички комбинации од ваков вид: „Ноќта е заборав, заборавот успивање кога сите мисли на праг ги оставаме“ („Ноќта“), илибанални персонификации на природните појави, како „Патник што нема ни пат ни цел” (Облак), импровизации во кои тешко може да се долови каква било поентирана мисла или идеја (песните „Залажување”, „Мојата улица”), замрзнато студени, литографски илустрации

Ледено спокојство. Езерска шир.
Тишина. Скаменет мир.
Само во висината,
Во височината
Две бели птици се капат.
(„На езеро”)

што повремено се спуштаат до нивото на најобичните прозаизми. „Врз едно невидливо катче од езерото, како невидлива трпка врз телото, помина бледо, лесно разбранување“ (исто), во кои се вкомпонирани последните обиди да се вдахне живот на укочените простори преку дигресиите од ваков вид:

Стани сам во мугрите, излези во ранина,
На висока, скалиста, снеговита планина.
Ќе те плисне ветрот, ќе проструи свежина
и ќе здивнеш слободен од некаква тежина.
(„Излези“)

тогаш станува јасно дека минијатурите целосно ја промашиле својата намена, не успевајќи да обележат ниту идејно-тематски, ниту формално стилски некој понов круг во светот на поетовите доживувања.

Кога сето тоа се земе предвид, станува јасно дека оној често истакнуван квалитет на поезијата на Auo Шопов, – онаа распеаност, онаа мека интонација, ако веќе беше достатна да му овозможи влезна виза во просторот на домашната поезија, сигурно не е веќе достатна доследно да го ориентира во широкиот амфитеатар на современото поетско творење, ниту е веќе достатна да му овозможи да заземе некое повисоко место во неговите сложени распореди. Впрочем, песната „Го барам својот глас“ и особено финалната „Утре“, со своите исповедни изјави, недвосмислено укажуваат на тоа дека и самиот автор е свесен за кризата во која се наоѓа. Привременото решение – „слевањето со тишината“ не може и најверојатно нема да биде трајно решение за некогашниот автор на песните: „Очи“, „Љубов“ и др. трајни белези на нашата поезија.

III

Сѐ додека не разбереме дека патоказот на идните поетски релации не води и не може да води по изгазените ниви и угари на спонтаната поетизација на појавите и предметите, туку по стрмната патека на строгите напори да се освојат тешко достапните суштини и содржини на ова наше разбрането југословенско и социјалистичко поднебје и време, сѐ додека не се разбере дека напорите за занаетското рафинирање се само секундарни, формални појави на широкиот тек на тој процес, сѐ додека артизмот и вербалната еквилибристика не се осудат како неафинитетни, бесцелни и апсурдни пред лицето на сето она што е на оваа почва создадено во најшироки и најопшти размери, – поезијата ќе го бара и ќе го наоѓа својот азил зад стаклениот ѕид на вербалната игра, немоќна да ги продолжи своите координати до оние проблемски ситуации на нашиот живот и нашето постоење. Сѐ дотогаш поетските бранувања од ваков вид ќе се исслизнуваат од духовните прсти на читателот, немоќни да се задржат во нив и ќе истечуваат како во решето.

Што е типографскиот портрет на овие и вакви настојувања излеан во форми слични на некои други кај нас (чија поетска сушност е сосема спротивна од нив) тоа само укажува на брзото и епидемиолошко ширење и адаптирање на домашниот образец, што всушност ни најмалку не би требало да нѐ збунува.

_____________________

* ЃУРЧИНОВ, Милан: Поезија зад стаклениот ѕид — Ацо Шопов: Слеј се со тишината, Скопје, 1955. — Млада литература, 1956, VI, 5-6, стр. 58-63.
Текстот е исто така објавен во Присутности, Култура – Скопје, 1963 г., стр. 32—37, а оттаму е преземен во Развиток, XVII, бр. 2, март-април, 1979.

_____________________

Огледи и критики на Милан Ѓурчинов за делото на Ацо Шопов

Други огледи и толкувања на творештвото на Ацо Шопов