Минијатурите на Ацо Шопов*

Соња Стојменска-Елзесер, македонски литературен критичар и теоретичар на книжевноста

Соња Стојменска-Елзесер

Творештвото на еден од најзначајните македонски поети на дваесеттиот век – Ацо Шопов, претставува средиште на разни духовни вкрстувања, јазел на многу различни, навидум далечни културни традиции и духовни струења, хармонија на разновидни специфични звуци, плод на разнородни инспирации, богатство од поетски мотиви и слики.

По честите препрочитувања на поезијата на Шопов се кристализира едно доминантно спознание или, подобро да се рече чувство – а тоа е дека тајната на успехот на неговите стихови е во пронајдената мерка помеѓу самородното и универзалното, балансот помеѓу индивидуата, поточно, нагласуваната во врска со Шопов „поетова интима“, и сѐ она што претставува општо-човечка и космичка содржина. Стиховите на Шопов се дел од оние светски реткости кои комуницираат со своите читатели и љубители без оглед на нивната припадност од било каков вид. Тоа се стихови што лесно ги минуваат јазичните бариери и прозвучуваат ефектно и на други јазици. Тоа се стихови кои му се блиски на секој човек кој се обидува да го прочувствува и спознае светот во себе и околу себе.

За Шопов често се нагласува неговата креативна сосредоточеност врз стихот, песната. Тој е поет во сиот творечки опус (со исклучок на неколку прози напишани во стартот на неговото книжевно оформување). Таа посветеност на поезијата се поврзува и со широчината на зафатот и опфатот и на мотиви и на техники во неговата поетика, која уште од првите стихови се изградува и дообликува како автохтона, специфична и оригинална. Во врска со ова интересна е определбата на Луан Старова, на пример, со која тој го објаснува поетскиот и поетичкиот профил на Шопов кога истакнува дека Шопов е „интегрален” поет¹. Таа интегралност може да се разгледува на повеќе нивоа, а едно од нив е нивото на комуникација на стиховите на Шопов со голем, може да се рече огромен, дел од ризницата на светското поетско творештво.

Песните од сите поетиски фази на Шопов биле поврзувани со повеќе различни традиции: со македонскиот фолклор, со африканскиот фолклор, со поетиката на Владимир Мајаковски и Сергеј Есенин, со француската модерна поезија и Шарл Бодлер, со српската модерна, со поетскиот профил на Леополд Седар Сенгор, Бранко Миљковиќ, Виктор Иго и други, со поетиката на симболизмот, со геопоетиката итн. итн. Дијапазонот на можни паралели постојано се проширува и стиховите на Шопов нудат сѐ нови и нови можности за паралелни согледби, за толкување на многу насетувани согласја и допири со други поетики, согласја преку кои уште повеќе се потврдува нејзината особена вредност и комплексност².

Во оваа прилика го фокусираме погледот врз еден мал дел од песните на Шопов, пред сè врз неколку куси песни од циклусот „Минијатури” поместен во стихозбирката Слеј се со тишината, објавена во далечната 1955 година. Оваа стихозбирка има понесено огромен книжевно-историски товар – таа претставува значаен пресврт во квалитетот на поетскиот израз во повоената македонска литература. Тоа е стихозбирката која во современата македонска поезија ќе ги отвори чувствените и рефлексивни врутоци на богатиот поетски дух. Интересно е што токму во неа и се среќаваат овие минијатури како сигнал кој потврдува една подлабока склоност на Шопов кон лапидарниот поетски стил, кон јадровитост на изразот, кон афористичност и сентенциозност, „јазична напрегнатост” или „семантичка густина” (определби со кои Атанас Вангелов го прецизира овој значаен аспект на поетиката на Шопов³). Оваа тенденција кон згуснатост на формата и кон „сложена едноставност” говори за еден специфичен поетски минимализам кај Шопов кој има повеќе димензии.

Прва димензија на тој минимализам врз која се задржуваме е релацијата на неговиот поетски израз со источната духовност и пред сè, со хаику-поезијата, ако не пошироко, тогаш барем во три песни од споменатиот циклус „Минијатури”. Тоа се песните: „Облак”, „Лист” и „Штрк”. Можноста за продлабочување на некои креативни релации на овие песни со источната духовност е веќе почувствувана и во други прилики. Да потсетиме на студијата на Александар Прокопиев „Ацо Шопов во дијалог со современото поетско искуство“⁴ во која авторот за кусите песни на Шопов забележува: „…се издвојуваат неколку изненадувачки возбудливи и сублимни минијатури, кои содржат сликовита концизност, ретка и кај мајсторските куси поетски форми, какво што е, на пример, јапонското хаику“. Во продолжение на истиот текст стои: „Сѐ е насочено, слично на класичната хаику-шема, кон единственоста на впечатокот: каде (место), што (објект), кога (време)“. Исто така, Владимир Мартиновски во есејот „Аспекти на македонската хаику поезија“⁵ во кој експлицитно се задржува врз хаику позијата од неколкумина современи македонски поети, со една кратка белешка се оградува дека нема да се задржува врз некои примери од педесеттите и шеесеттите години кои, како што вели, „наликуваат на хаику“, а во заграда ги наведува имињата на Ацо Шопов и Блаже Конески.

Потпирајќи се врз овие значајни забележувања ќе се обидеме да ја прокоментираме необичната блискост на овие и други стихови на Шопов со источната духовност, блискост која се вклопува во неговата доминантна стилска лапидарност.

Најнапред збор-два за самата одредница „минијатури” – дали се тоа само куси песни или се песни со нагласена сликовност? Оваа дилема може да се поврзе и со објаснувањата на терминот „минијатура” за кој повеќето речници⁶ посочуваат дека неточно се изведува од краткост, а неговата етимологија упатува на украсите исцртани со црвено мастило изработено од миниум во старите средновековни изданија, со што на минијатурата ѝ се придодава една сликовна, орнаментална карактеристика.

Без разлика која била основната интенција на Шопов при обединувањето на овие песни во циклус под името „Минијатури” – дали нивната краткост или нивната сликовност, и во двата случаја овие песни ја оправдуваат спроведената циклизација. Затоа што, не само што се јадровити и куси, туку и се доживуваат како вистински цртежи, како мали скици во кои визуелната експресија ги продлабочува рефлексивните и сензуални слоеви. Минијатурите на Шопов наликуваат на нежни траги од четка врз бледа и проѕирна свила. Тие се поетски кроки-цртежи, миговни исечоци од пејсаж кои носат длабока рефлексивна содржина.

Изразената сликовност е воедно и основниот принцип на хаику-песната. Иако формалната строгост на хаику не е задоволена во овие песни, сепак некои нивни елементи недвосмислено можат да послужат како аргументи за воспоставување на релација помеѓу источната креативност и поезијата на Шопов. Во обата случаја е истакната потребата да се почувствува во песната космичкото време, бесконечната измена на циклуси, спрегата помеѓу минливоста и трајноста, вечното изменување, односно возобновување на природата и на светот воопшто.

Песната „Лист“, на пример, претставува сензуален показ на свеста за смртта. Таа во песната е доловена преку „жалта за зеленилото“. Но, смртта е релативна во однос на траењето на природата. Смртта е само една страна на природната смена, на природното траење, на вечноста. Компарацијата на листот со „жолта пеперуга” прозвучува типично во стилот на хаику, за кој е познато дека помеѓу неколкуте мотиви кои неизоставно мораат да се вклопат во седумнаесетслоговната структура вбројува и разни инсекти, како што е и пеперугата. Исти така, општо познато е дека песната хаику на некој начин мора да е во релација со некое конкретно годишно време, за токму врз неговиот фон да ја наметне пасијата кон неминливото, бесконечното, природно-космичкото. „Лист” експлицитно се поврзува со есента. Паднатиот штрк во истоимената минијатура е осамен и ѕемне додека „првата снегулка го милува”, а облакот самиот по себе е природен феномен кој ги менува годишните времиња и во себе ги носи огнот и водата, „спие со ветровите“ и „меѓу луѓето и сонцето стои“. Тој е самиот по себе патувачка природа, динамика на природата, изменливост на вечноста.

Потполно во духот на хаику, и воопшто на источната мудрост е посебниот однос кон осаменоста во целата поезија на Шопов и поконкретно во избраните песни. Источната духовност ја определува осаменоста како своевиден пат кон достигнување на мудроста и како предуслов за контемплација. Опевање на осаменоста се чувствува во сите три минијатури за кои говориме. Во „Лист“ се вели дека тој „се откина од гранката сам, полека и несетено“. Штркот што се срушил „никој не го закрилува“; а облакот „сам, како некој нестварен лик/ меѓу луѓето и сонцето стои“. Осаменоста, како и тишината, воедно се и аспекти на источната медитација, но и опсесивни мотиви во целата поезија на Шопов.

Останатите песни во „Минијатури“ се оддалечуваат од основните параметри на хаику-образецот, но сепак некои елементи можат да се пронајдат и во нив. Во песната „Залажување“ првиот стих гласи: „Таа ноќ е, сине, пеперуга бела“. Песната „Лов на езеро“ е испеана со крајна економичност во изразот, со сублимираност на сликата на „рибата в клунот раскината“. И онаа песна е една мигновена слика која буди необјасниво чувство на тага, определено од поетот како „немо разбирање“ кое „нѐ гони да се разделиме”.

Интересен е фактот што токму меѓу минијатурите се вбројува и песната „Утре“ во која се наоѓа стихот според кој е насловена целата стихозбирка. Таа не е куса, но го носи истиот сензибилитет како и останатите песни од овој циклус. Почнува со стихот – констатација на конечноста: „Да, сѐ мина веќе и свршено сѐ е“. Но, наспроти на оваа теза за неминовниот крај, песната завршува со стих во кој зракот во поетовите очи е опеан како „една жива струја и дах на вистината“. Меѓник на оваа борба помеѓу конечноста и вечноста, помеѓу минливото и трајното е токму лапидарниот стих-повик: „Но, слеј се, слеј се со тишината.“ Рефлексивноста карактеристична за мудроста на Истокот ја среќаваме во оваа песна веќе многу поразлично од духот на хаику, со повисок степен на сентенциозност, во форма на јасно исцизелирана поука во стилот на зенот.

По прочитот на оваа песна се наметнува забелешката дека на класичниот хаику-пристап Шопов го накалемува својот стремеж кон сентенциозност, афористичност, сублимираност на рационалниот дух. Од тој стремеж произлегува и неговата најпозната куса песна, која не е определена како минијатура (можеби токму затоа што ја нема истата сликовност и блискост со хаику што ја имаа оние песни врз кои се задржавме претходно). Станува збор за четиристишието „Во тишина“ кое е една од најпознатите куси поетски творби во македонската современа литература. Уште при првите одгласи по повод оваа песна Димитар Митрев има напишано: „…таа песна е еден прекрасен лирски медалјон, најкраткиот, но и најубавиот општочовечки миг во нашата лирика”⁷. Возбудува сознанието дека иако во оваа песна Шопов потполно се оддалечува од хаику-моделот на куса поетска творба, сепак и во неа се забележува една резонанса со источната духовност. Тишината е еден од централните проблеми на источната филозофија, и не само на неа. Може да се продлабочува проблемот на тишината како специфична „филозофија на тишината” и да се проследуваат безброј аспекти на овој недоодгатлив феномен. Притоа може само да импонира фактот што во богатата светска ризница на промислувања на тишината достојно се вклучува и оваа исклучително ефектна песна на нашиот поет. Оваа песна формално претставува обраќање, значи таа веќе не подразбира апсолутна осаменост, туку напротив, подразбира соговорник, пријател, себеседник кој заедно со поетот е поставен пред тајната на говорот и тишината.

Обраќањето може да го пренесе нашето внимание и врз една друга значајна карактеристика на поезијата на Шопов. Таа често го носи исказот во второ лице со што потсетува на реплика, на поука, на афоризам, на порака запишана во некој албум, или споменар… Тоа е поезија што ја подразбира комуникацијата. Иако ваквиот стил на поуки е карактеристичен за зенот, на пример, сепак, мора да се напомне дека сентенциозноста е многу пораширена во западниот рационализам и дека и долгата и богата традиција на афористична литература, на мудри мисли и изреки, која се пројавува во речиси сите периоди на развојот на цивилизациите, наоѓа свој заеднички именител со стиховите на Шопов. И во условно наречените минијатури и куси песни, но и во подолгите песни Шопов често создава стихови кои ја носат таа напнатост на мудра изрека, на сентенца која може да заживее и надвор од песната, самостојно како афоризам или како поука. Не е случајно што и во специфичната збирка сатирични стихови на Шопов Јус-универзум оваа тенденција на неговата поетика доаѓа до целосен израз.

Беглиот поглед врз некои од минијатурите на Шопов покажува колку е силна онаа струја во неговата поетика која тежнее кон лапидарен, стегнат израз, кон максимален ефект на песната постигнат со минимум средства. Како и другите елементи на неговата поетика и оваа лапидарност се остварува како вкрстување на разни поетски и духовни традиции, во неа се чувствува резонанса со мудроста на Далечниот Исток и хаику-поезијата, но исто така и со рационалистичките и просветителските форми од европскиот круг, како и со традицијата на афоризамот, сентенцата, мудрата изрека. Овој стремеж за создавање „проста и строга македонска песна” (исто така лапидарно искажан во стихот на Блаже Конески) кај Шопов вродува со особено успешни поетски творби кои остануваат да сведочат за доблестите и убавините на македонскиот поетски збор.

_____________________
¹ Старова, Луан, „Ацо Шопов и Леополд Седар Сенгор” во Творештвото на Ацо Шопов, Институт за македонска литература, Филолошки факултет Скопје, 1993, стр. 91

² за ова да се видат трудовите поместени во зборникот Творештвото на Ацо Шопов, Институт за македонска литература, Филолошки факултет Скопје, 1993, како и Прокопиев, Александар: „Ацо Шопов во дијалог со современото поетско искуство во Книжевен қонтекст 2, Филолошки факултет, Институт за македонска литература, Скопје, 1996, стр. 205-226

³ Вангелов, Атанас: „Црното сонце кај Шопов” во Творештвото на Ацо Шопов, Институт за македонска литература, Филолошки факултет Скопје, 1993, стр. 54-57

⁴ податоците за текстот се дадени во фуснота 2;

⁵ Мартиновски, Владимир: „Аспекти на македонската хаику поезија” во XXIII научна конференција; на 34 Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, Скопје, 2002, стр.607-616

⁶ на пример во Recnik knjizevnih termina, Beograd: Nolit, 1985. стр.435

⁷ Митрев, Димитар: “Ацо Шопов или поезија на трајни вредности“ предговор кон Шопов, Ацо: Златен круг на времето, Скопје: Мисла, 1969, стр. 16

_____________________
* Текст во актите на XXX Научна конференција на XXXVI меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура (Охрид, 11-13 август 2003 г.). – Скопје : Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, 2004.– стр 557-564