Александар Спасов

Александар Спасов (1925-2003), македонски литературен критичар

Отклонување од врвицата*

Александар Спасов

Веднаш се наложува впечатокот дека најновава стихозбирка на Ацо Шопов, [Слеј се со тишината] забележливо индицира извесно потцртано отклонување од врвицата исклучиво доминантна и основно карактеристична за досегашниот негов поетски простор, врвица на изразито спонтано, непосредно, ексклaмaтивно лирско кажување, доста често доведувано до сиров, „оголен“ емоционален показ.

Во тоа отклонување е содржан и првенствениот квалитет на изминатиот пат од претпоследната стихозбирка на Ацо Шопов Стихови за маката и радоста (1952) до Слеј се со тишината (1955), а знаците за постоењето на такви интенции, дури и во овој пример, едновремено многу јасно говорат во потврда на мислењето за одминатоста на едни сфаќања за поезијата во кои емотивната компонента добиваше хипостатична вредност и крајно пресудна улога.

Најновата стихозбирка на Ацо Шопов ги носи позитивностите на превладување состојбата на еднострана, „првична“ лирска растрепереност, на чувствено еднотоние, превладување на состојбата, која од своја страна истовремено е и сигурен указател за отсуството неретко на секакви подлабочински, поразновидни и поразнострани, посложени зафати и согледувања во светот што се соопштува, и во таа смисла, токму напорите за противпоставување на таква една состојба, а во сооднос со нивниот интензитет и завршеност, то означуваат поголемиот или помалиот успех, поголемите или помали резултати на збирката Слеј се со тишината.

Во таа основна усмереност на последната стихозбирка на Ацо Шопов, макар таа усмереност дојдена со извесно задоцнување и затоа фиксирана пред сѐ во а најново време настанатите песни на збирката, несомнено се согледуваат последиците и влијанијата од општите промени на планот на поезијата, последици и влијанија очевидни дури и од теренот на домашниот простор. Таа основна усмереност во Слеј се со тишинтата е забележлива и покрај видливата недоследност со која се остварува, и покрај, исто така видливиот отпор кон неа, и наспроти, а што е најважно да се истакне, инертното продолжување во еден не незначителен дел на збирката на претходната врвица, во нејзиниот краен вид на конципирање поетската материја, означен веќе погоре. А оттука, од таа струја на продолжување на претходната врвица, доаѓа и упадливиот впечаток за хетерогеноста на стихозбирката Слеј се со тишината и доста реските распони во резултатите. Во рамките на таквата ситуација се покажува, не толку силно пројавено како во Стихови за маката и радоста, но сепак присутното и овде акцентирање на извесна сентиментална разнеженост, извесна доза на поетизирање, на навеви од лектирска инспирација кои оставаат кај читателот понекогаш чувство на повтореност на мотивот, на неговата „истрошеност“, на неубедителност, на не секогаш потполната автентичност на поетовото доживување, на некаква, така да се каже, „оветвеност“ на емоциите. А во непосредна зависност со сфаќањето на темата се открива и неминовниот продор на најконвенционално и архаизирано соопштување:

„Отпатувај ако ти е мака,
ако чекаш отпатувај пак.
Возот патник во ноќната мрака
до небото расфрлува траг.

Пријателе, пријателе, далек,
пијан одам од копнеж и жед.
Зар е важно дал нѐ плиска залез
или зора по образот блед.”
(„Кон пријателот“, извадок)

Тоа нешто се пробива и на пример во песните „Облак“, „Ти не си секогаш таков“, да најде најпосле израз и во едно четиристишие од песната „Утре“, која треба да ја покаже основната авторова концепција за стихозбирката, чиј наслов, исто така, одовде не е најсреќно извлечен:

„Можеби за болот друго срце треба
и тагата да е лач на месечината,
можеби јас нема да се најдам себе,
можеби … Но слеј се, слеј се со тишината.“

Но, за радување е дека таа мелодрамска интонација на цитираните стихови бидува демантирана од текстовите во вистинскиот простор на оваа стихозбирка, кој е поставен токму во рамките на јасно дивергентни настојувања во однос на претходно изложените. И затоа би било неточно поведувањето кон извесен општ и краен заклучок за книгата Слеј се со тишината, кој како да сакаат да ни го наметнат оние споредни струења во оваа стихозбирка, иако квантитативно не безначајни, но сепак, во крајна линија, во основата, гледано развојно, при присуството на нови валери во овој поетски ракопис, веќе небитни за него. Акцентираното отклонување нѐ упатвува кон едно јадро во најновата стихозбирка на Ацо Шопов, кон еден забележителен круг од текстови во неа, можеби не толку бројни, кои ги носат, кои ги содржат во себе несомнените вредности на оваа поезија.

Поодредената егземплификација на тој круг во прв ред покажува на песните: „Го барам својот глас“, „На езеро“, „Лов на езеро“, „Кога ти е најтешко“, „Залажување“, „Ах таа убавина“, „Промената“.

Во нив инспирациите на ова лирско кажување добиваат понови, поразновидни, пошироки размери. Нагласена е извесна задлабоченост и посмело понирање во материјата, зазвучуваат поубедливо „и маката и радоста“, зазвучуваат со автентичноста на доживеаното. На моменти постигната е атмосфера на сугестивни поетски збивања и истакната е поетовата внатрешна поврзаност и соживеаност со нив. Ослободен во овие текстови од егзалтираноста на кажувањето, што инаку се согледува доста често кај Ацо Шопов, пред сѐ во претходните негови збирки, овде поетот се стреми кон поспокоен, посеопфатен показ на својот интимитет, едновремено со неговата одреденост во околината:

„Го барам својот глас
во молкот див на морето,
оно се скаменува.
Во жолтата пустина на есента го барам,
она зазеленува.
Моите раце не се мои раце
( моите раце со прсти на месечина).
Моите очи не се мои очи
(моите очи, очи за далечина).
Мојот збор е тврда вилица на времето
што ‘рти по нивјето со заби на семето.
(„Го барам својот глас“)

Исто така, јасно е оцртан и стремежот кон интроверзно набљудување и продори во внатрешноста на сопственото постоење, макар што одгласот од нив не секогаш ја фиксира сета онаа сложеност и испреплетеност. Во таа смисла тука се откриваат и знаците на едно позрело и поутврдено опфаќање на животната комплексност, кон урамнотеженост на емоцијата, одбегнувајќи ги екскламативните понесености, а што се јавува како нова битност на овој поетски ракопис.

Кругот на наведените текстови, иако тематски и по опсег на поетовите преокупации прилично ограничен и стеснет, покажува интензивно дека авторот се движи веќе сигурно во еден свој свет, своја атмосфера проткаена со прецизни и фини опсервации, неретко инвентивни забележувања и осмислувања на предметите, на просторот:

„Само во висината,
во сончевината
две бели птици се капат.

Им вријат врело дамарите,
играат над шеварите
сѐ дури не потемне запад.

Наеднаш – немош и загинување…
Врз едно невидливо катче од езерото,
како непозната трпка врз телото,
помина бледо, лесно разбранување.
Водата сосем бавно се премрежи
и пак се потона во камено смирување“.
(„На езеро“, извадок)

Поставена во рамките на дивергентни настојувања, од каде иде и впечатокот за извесна хетерогеност на збирката, но во своите квалитетно доминантни текстови видливо усмерена кон еден посовремен третман и конципирање на материјата, изразно сѐ поуспешно ослободувана од конвенционалното, стереотипното, што прилично остро се чувствуваше во претходните книги на Ацо Шопов, Слеј се со тишината несомнено одбележува угорен резултатен напор на една поезија.

_____________________________

* Насловот на овој напис е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов
Критиката е објавена под наслов „А. Шопов: Слеј се со тишината„ во Разгледи, 1956, III, 4, стр. 5, и во  Патиштата кон зборот, Култура, Скопје, 1956, стр. 111-116,  а потоа е преземена во Развиток, XVII, бр.2, март-април 1979.