Околу критериумот за интимната лирика*

По повод Стихови за маката и радоста од Ацо Шопов

Димитар Митрев

Лириката − како најдиректен пат за непосреден емотивен израз − е по својата сушност интимна. Но како условност, интимната лирика е обележана со интимно-личните мотиви и со интимно-личните вибрации на чувството и мислата. И за неа − како таква − во последно време се размислува интензивно, се конкретизира со убедливи (па и со неубедливи или недомислени) доводи, а се стигнува и до некои фрагментарно-точни или целосно-произволнички генерализаторски изводи. Изјавени се веќе и анатеми во вид на пледоарии за некаква интимна лирика што би била во сѐ типична за херојското во нашето време и во нашите луѓе. Не задоцнуваат и пројави на епигонство кон терминомани што одредуваат (и тоа категорични) дефиниции за тоа што е и што не е интимна лирика (макар што ни таа што е, ни таа што не е − знае нешто сигурно за своето вистинско име, па и за својата вистинска сушност).

Ќе го побараме ли коренот на таквите размислувања, на такви недомислувања и епигонски придржувања, некритичниот однос кон битното во интимната лирика како актуелен феномен од нашиот денешен поетски развиток ќе се наложи со неизбежност и изразитост. Ќе го утврдам тоа низ задржување на неколку забелешки и заклучоци за последната стихозбирка на Ацо ШоповСтихови за маката и радоста.

Во Млада литература се појави напис во кој Стихови за маката и радоста се покажани како поезија на песимизмот, на безизлезната самотност. Не е тешко да се спротивстави на таквиот показ еден друг показ. − Показот за афронтирање интимната лирика − како таква − и за оживување на познати вулгаризаторски сурогати.

Ги разлистувам неколку пати страниците на …маката и радоста… и упорито настојувам во изнајдувањето барем на една песимистичка песна. Но… безрезултатно. Се враќам пак кон најинкриминисаната песна − како …песимистички апогеј − за катафалката; но ништо поособено. Песната носи наслов: „Есен“, а едно навистина потенцирано тажно есенско настроение ги пронижува нејзините стихови. Како поезија − досадна; со атрибутите на конвенционална есенска сивотија во природата и конвенционално есенско црнило во настроението од стари одамна заборавени есенски романтичарско-сентиментални импресии. Но, романтичарството не е само песимизам, негов амблем може да биде и оптимизмот, и тагата, и егзотичната екстаза и …, а во случајот, амблемот е една типична романтичарска есенска таговност.

Се враќам пак кон написот и пак се сретнувам со познатиот императив − анатема: „Не станувам против тагата. Тагата постои во животот и она не е декаденција. Станувам против песимизмот на Стихови за маката и радоста што ја надуваат до едино содржание на животот…“ Но, какви се стварните доводи за таквата анатема?

Во збирката се редат песни: за синот и за разделбата со синот, за детството и за спомени од детството, песни за сличната некогашна судбина кај мајката на поетот што ги испеал тие песни, потоа − песни на скитничка тага, како одзвук од разделбите и… средбите. Таков е мотивскиот регистар на таа анатемосана интимна лирика. Анатемосана е, но не некаква поезија на песимизмот а една изразите лирика на длабоко човешки болки. Болки, но никаде песимистички нотки, никаде песимистичко бегање од животот. Нема ништо херојско во тие песни, но нема ни ништо очајничко − барем како позиција спрема стварноста или како поглед спрема светот, како што би се разбрало од содржината на цитираниот императив − анатема. Не постои никаков негаторски однос спрема животот што нѐ опколува и кој проникнува во нашата душевност, како што проникнува − можеби уште поинтензивно − и во душевноста на поетот. Но, битното во случајов не е јунаштвото на животот, а човечките болки − длабоко лични болезнени одзвуци од една силна човешка таговност. И единственото прашање што би требало да се постави е: дали се тие песни во врска со животот на нашиот човек, дали се однесува за нив категоричноста на Гете: „Ние не знаеме друг свет освен оној што е во врска со човекот, ние не сакаме друга уметност освен онаа што е израз на таа врска“. Интимната лирика на Ацо Шопов, туѓа за секаков песимизам и со најдобрите песни во неа, е лирика за најинтимно − човешкото во животот на личноста. Па како што ја сакаме поезијата што е во врска со херојското од животот, ќе ја сакаме и таа поезија, која е живот во животот на многумина. Живот − секогаш жив и секогаш импулсивен за поетско пресоздавање. Жив и имплусивен и во своето емотивно дејство. − Над многу и многу човешки срца, човешки совести и човешки судбини.

Личноста човешка никогаш не била само Homo politicus, никогаш не била само со доживувања што се затворени исклучиво во политичко-општествени рамки. Низ развитокот на социојализмот, толку повеќе и како никогаш порано, личноста човешка се утврдува сѐ посилно во својата суштествена разновидност и во својата најполна животна и психолошка ценост. Па ништо поувредливо за нашиот денешен човек − како наш и како денешен − од секакви осиромашувања на неговите човешки и човечни комплекси. И токму како вербално осиромашување на тие комплекси се покажува со ништо непотврдената оптужба за некакво песимистичко црногледство кај интимно-личните песни од последната стихозбирка на Ацо Шопов.

Низ Стихови за маката и радоста ќе се најдат и треба да се покажат неотпорни места, но квалитетот на нивната неотпорност треба да се одреди таков како што се пројавува. Фиктивното критикување, какво што го имаме во случајот и кое навлегува во сферата на едно крајно безогледно критикантство, не придонесува ништо, апсолутно ништо за отклонување на стварните негативности во критикуваната творба. Евентуалната критичка анализа би утврдила низ не малу стихови јарка доза од сентименталничење, од наивна реторичка патетика, од плитко психологизирање, редење на премногу едноставни тезисни и антитезисни конструкции, па и доста упростени коментари. Но, сето тоа е најмалу изразито во интимно-личните песни. (Со исклучок на „Есен“ и „Копнежот на девојката“ што очебијно се под силното влијание на одамна и премногу експлоатирани романтичарски мотиви). Најизразити се тие неотпорности, а од кои страда не само интимната лирика на Ацо Шопов, туку и интимната лирика на други постари или помлади наши поети, токму во песните што не се од интимно-личен карактер. − Токму во песните што се наменети за директна одбрана на херојското во нашиот живот − „Првата средба на борецот“, „Сефедин“ и „Бегалци“. Слабостите нивни се јавуваат и како продолжување на слични слабости од некои песни од стихозбирката − На Грамос. Она, пак, што е побитно како поизразити дисонанси во интимно-личните песни од Стихови за маката и радоста се содржи првенствено во нивната емотивна еднотоност, во честата употреба на романтичарско-симболистички средства за споредба и опис, во истакнувањето на интимно-личното премногу во неговата стихиско-нагонска сушност, без да биде задлабочена со пооригинална мисловност и посовременичка дескриптивност. Недоволно опредметено е интимното чувство и во својата виталистичка сушност, запаѓајќи повеќе во стилот на стари романтичарски потходи, па и на стари романтичарски мотиви. И не само кај Ацо Шопов, туку воопшто во нашата интимна лирика и особено во љубовната, ќе се најде една сладунеста распеаност со видливи остатоци од изразните средства на љубовните народни песни. Тоа несомнено зборува и за недостиг на современички виталистички однос кон интимните проблеми и интимните мотиви.

Критичката анализа би го конкретизирала сето тоа и од тоа авторот − и не само тој − би добил резултатни укажувања. Но, критичката анализа − како критичка и како анализа − никако не би заборавила да ја истакне и со ништо непобитната вистина дека токму во таа стихозбирка се наоѓа и најдоброто што го напишал Ацо Шопов досега. Повеќе и од тоа, таа би акцентирала со нескриена радост дека песните: „Разговор со синот“, „Трепет“, „Не љуби ме“ и „Во родната куќа“ спаѓаат токму во редот на најубавите достигања што ги обележила нашата лирика во својот досегашен развиток. Тие стојат таму каде што се и најдобрите песни на Славко Јаневски, на Блаже Конески, на Гого Ивановски, на Гане Тодоровски, на Србо Ивановски. И толку понеправедно се јавува премолчувањето на тие постигања кога се знае (а тоа се знае нашироко, бидејќи нашироко се дискутира и полемизира) за нашите трагања за тоа што е и што треба да биде новото во нашата поезија. За новото се нижат фразерски изливи и се претставува како не знам каква енигма, а кога ќе се појави во самата литературна практика, кога ќе се наложи со самото свое постоење, − тогаш отпочнува, како и во случајов, бегството кон… фикциите на критиканството. Па и не е само во тоа неправедноста. Треба да се потцрта: интимно-личната лирика на Ацо Шопов е доследна и на оној негов лирски темперамент што беше изјавен уште во првите негови песни, за да биде додржан и во песните на стихозбирките: На Грамос и Со наши раце. Лирски непосреден и лирски еруптивен во песни како: „Љубов“, „Очи“, „Со наши раце“, поетот ни се покажува таков и во својата интимно-лична лирика. Доколку постојат, а и постојат, извесни отклонувања, нивната природа не е во некаков расчекор со она што е својствен лирски темперамент за овој изразит наш лирик, туку: во навлегувањето во тематски и композициони потходи што не одговараат токму за тој и таквиот темперамент. Секако и задржувањето − од последно време − првенствено на интимно-лични мотиви, што не е појава само кај Ацо Шопов, туку битна ознака и за други наши лирици, го укажува своето дејство за извесна поизразита лирска неотпорност токму на песните со социјални мотиви. Но, тоа е веќе посебно прашање и проблем за посебно разгледување.

Лирските достигања на Стихови за маката и радоста − премолчени исцело во рецензентскиот напис на Млада литература, а премолчени во него − и нивните стварни недостатоци, се покажуваа како крајно депласирано трагање за нешто што не постои во интимно-личната лирика од таа стихозбирка. Па затоа спокојно може да се определи и како одзвук од некогашното еднодимензијално социолошко трагање − битна компонента на службеничкиот оптимизам, на навијачкото режимлиско одушевување, на онаа ерзац-емотивност што беше адекватна за тематската вкалапеност и еднобојноста од некои поранешни „поезии“ − транспаренти. И бидејќи одзвук од нешто старо и одживеано − се јавува и бессилно за преориентирање кон актуелните изискувања за разновидно обогатување животните и уметничките функции на една високо-реалистичка поезија, каква што настојува да биде и нашата. Одзвукот по старото станува тврда пречка за елементарно несовладување на стварно новото. Ништо случајно и во тоа што уводните зборови од рецензентскиот напис на Млада литература гласат: „А нашиот живот е полн со јунаштва, полн со снага. И ако му треба поезија, тоа му треба поезија на силата, стремежите и верата“. Ништо случајно, затоа што гласат во стилот на следните заклучни зборови една слична анатема информбировскиот Литературен фронт (бр. 37, 1952 г.): „Новите луѓе се сврзани меѓу себе од колективниот херојски суд, од прекрасните стремежи за иднината, од борбената вера во преодот кон комунизмот. Ние не сме и не можеме да бидеме за интимна лирика што ги руши устоите на комунистичкиот морал“. И како што уводните зборови од рецензентот на Млада литература се анатема за интимните длабоко човешки стихови на …маката и радоста…, така и заклучните зборови на рецензентот од Литературен фронт се анатема за слични стихови, што се пројавуваат и покрај деспотската информбировска цензура:

Това е правото да имаш близак,
Да имаш малки тајни с друг човек,
И п’тја, којто в штастието влиза,
Да б’де и м’чителен и лек.

Не алудирам за некаква сличност во побудите на едниот и на другиот рецензент. Информбировскиот е потполно својствен во својот стопроцентен фалш. Секако без долни идејни намери, нашиот рецензент доаѓа до такви императиви што во многу го потсетуваат стилот на декретоманијата. Повеќе дури и од него сме и секогаш ќе бидеме поборници за висококвалитетни уметнички опсервации на херојското, на победоносно револуционерното, на длабоките идејни преломи и победи што се извршија и што се вршат во животот на нашите револуционерно тврди луѓе. Но нека ги ослободиме творците на уметноста од високопарни, а всушност крајно нерезултатни настојувања. Тоа може да доведе само до онаа позната тематска стеснетост, до онаа идејна и животна еднодимензијалност, до оние авторски недоизречености што се губеа во хорот на паролашките егзалтации. − И во стилот на вулгарно-социолошкото просто тројно правило. Директно штетно е тоа за недоволно укрепнатите литературни работници. Нашите луѓе на уметноста треба да бидат потполно ослободени од секакво паникерство пред некакво вето на критичките или рецензентските декрети. Дури тогаш ќе биде уништен секаков калап. − Било во интимната, било во социјалната литература. Па затоа прашањето за критериумот − и по едната и по другата линија − израснува како прашање за еден пресуден чинител во достигнување нови и позначајни опуси во разностраниот одраз на нашата револуционерна појава во времето и просторот.

Не е потребно да се заклучува дека маркирањето на интимно-лирските песни од Стихови за маката и радоста е всушност атак на интимната лирика − како таква, атак на еден тематски жанр кој има − и нужно и битно − место во планот на нашата литература и во планот на нејзиното хуманистичко дејство. Нашиот критериум спрема тој жанр го има долгот да биде буден, бидејќи се пројавуваат понекогаш минерничичења и штетни своеобразности што можат да ги пресушат животните сокови и на некои вистински творечки инспирации.

Колку и природна, колку и нужна после некогашните, појарки или побледи, тематски ограничувања и евтини шаблонски визии и импресии што достигаа повеќе до ефектот на илустрацијата, повеќе до тавтологизирањето на слични вистини, отколку до показот и изразот на нешто оригинално и самобитно − како инспирација и како посматрање, интимната тематика се претставува за некои одвај не како единствена најбитна амблема на новото и модерното во нашата уметност и во нашиот живот. Тоа неизбежно води кон затворање погледот кон низа други, а и уште позначајни пројави во животот на нашите луѓе и во револуционерната атмосфера на нашата сегашност. Критериумот за интимната тематика не може да не војува и против евентуални навлегувања во таа тематика како поле за изјава на интимитетот: како солипсизам, како затвореност во сопственото хипертрофирано јас, како потполна отсутност за збивањата во нашето револуционерно време и во нашиот револуционерен простор. Тој критериум не може да не држи и да не издржи и во војувањето против штетни сфаќања на интимната лирика како единствена модерност и единствена новост. Повеќе и од тоа и на уште поштетни сфаќања на таа лирика како некаков приватен сектор во литературата што… надвладеал над идејното и животно-револуционерното како… противдејство на некогашни транспарент-паролашки навијаштва. Такви сектораши се покажуваат самите и еден здрав реалистичен критериум ќе ги покаже и како луѓе без сектор во литературата. Да се придржуваме за тие критички елементарности но без да забораваме дека изворноста и автентичноста на инспирацијата и доживувањето се јавуваат исто пресуден чинител во постигањето на високи поетски остварувања. Полниот израз на ослободениот човек во нашиот писател треба да се покаже со сета животна полнокрвност во неговите уметнички дела. Па затоа секакви атаки спрема чистата изворност, спрема автентичноста на доживувањето и инспирацијата се атаки и против самата уметност. Нашиот критериум за интимната лирика ќе биде дури тогаш во елементот на полната конструктивност кога ќе знае и за нужноста од такви јасни, но така значајни вистини.
________________

*Текстот е објавен во  Разгледи, бр. 2, 05.02.1953, стр 1-2.