Есен

Плаче ноќта, капат стреи стари,
болно гледат прозорите матни.
Мртва есен сегде в градот цари.
Пусто…  само некој доцен патник

по сокакот поднаведнат вјаса,
и колата, пред да падне вечер
бавно, бавно, кон гробот да стаса,
со писоци низ калта се влече.

Мома била со плетенки сини…
Сега влажна земја ќе ѝ тежи.
Зошто така мене ми се чини
мојта пролет во кола да лежи?

Пусто. Ладно. Наближува зима.
Остри капки лист по лисје кинат.
Зошто така страшна мисла имам
оти навек мојта младост згина?

Плаче ноќта, капат стреи стари,
болно гледат прозорите матни.
Мртва есен в мојта душа цари.
Јас сум само стар и морен патник.

Ацо Шопов, Стихови за маката и радоста, 1952