Сефедин

Кликнете на сликата за да ги видите 6-те страници од машинописот со автографски дополнувања на песната „Сефедин“ од Ацо Шопов.

1.

Есен. Магла. Доцна вечер.
Јабланица тоне в дим.
Низ клисура стрма тече –
кон морето брза Дрим.

Дрим низ остри карпи мине,
пењи фрла в татнеж див.
Вечерниот мрак го кине
далек блесок, далек зрив.

Трпнат карпи, трпнат долој
од грохотен далек ек.
Вие ветер в дрвје голо
над речниот бесен тек.

А низ магла, покрај градот,
кон граница јури ат…
На граница некој крадум
во гората бара пат.

Сам во ноќта лута немо –
ни со љубов ни со бес,
лута крадум како демон
што ја продал својта чест.

Сефедине! Сефедине!
Послушни го овој рев!
Границата штом ја минеш
зар и ти ќе сториш грев?

Почуј ноќта како писка
и ја кине грмеж јак.
Дал невина крв пак плиска,
дали некој падна пак?

Сефедине, што си бледен,
дал претчувство пак те сви?
Ако идеш за крв жеден
овој крај го знаеш ти.

Успокој се, мирен биди,
ти си водел овде бој,
овде нема да те види
нити еден часовој !

Партизани овде биле,
познат ти е секој кат,
си напаѓал в налет силен
на заробен Дебар – град.

Сефедине, што ли спремаш,
зар споменот згасна жив,
зарем вера веќе немаш
и ќе тргнеш против нив?

………………………………

Од маглата чело дига
планинскиот буден џин.
Несетено в Дебар стигна,
тајно мине Сефедин.

2.

Градот спие. Полноќ пуста.
Ниту жива душа вон.
Притиснала магла густа
како грозен тежок сон.

На крај градот куќа стара,
на огниште – пламен блед.
Чудни слики огнот шара
од волшебен некој свет.

Син и татко мирно лежат,
мирен сон ги гушка нив.
На прозорот златна мрежа
бавно плете пајак сив.

Нема никој. Мртво доба.
В магла тоне сводот син.
Под прозорот како гробник
дах притаил Сефедин.

Сефедине, зар ќе згазиш
совест, срце, чест и ум,
па Митруша ти го демнеш
а те плаши секој шум?

Со Митруша ти си летал
по туѓински крвав траг.
Зарем сакаш да се сретнеш
лице в лице како враг?

Што трепери твојта рака
дури креваш парабел?
Каква судба, каква мака,
каков ќе је твојот дел?

Три години веќе слушаш
дека Митруш станал враг,
на туѓинци продал душа
и загубил дом и праг.

Три години… Зар се сврши,
зар дочека веќе ден
измамата да го скрши
твојот копнеж, твојот блен?

Еј, што слутиш, што ли сакаш
сам крај овој темен ѕид,
што трепери твојта рака,
што се смрачи твојот вид?

Сефедине, трезно суди,
освести се бар за миг…
Грмеж! градот што се буди
го потресе детски крик.

Сефедине, ќе ти тежи
овој злочин, овој чин –
место Митруш в крвје лежи
неговиот мртов син!

Но и мртов ко да збори
со очаен детски глас:
Против мене зар се бориш,
кажи, зошто паднав јас?

Проклетството тешко мине,
и ги колне твојте дни:
беше јунак, Сефедине,
а сега си крвник ти!

3.
Беше јунак, Сефедине,
а сега си крвник ти…
И дур гласот детски гине
ноќта црна пак го скри.

Дрим во пени долу вие,
леат браној леден студ.
А тој бега в мракот скриен,
бега патем како луд.

Јури в ноќта. Сиот гори.
Светкат очи в крвав плам.
И наеднаш… му се стори
дека Митруш иде сам.

Еве, рака тој му дава
и радосно клика тој:
„Сон е ова или јава,
Сефедине, брате мој!

Пак си таков… очи… става…
ко в минати бурни дни.
Јас средбава ќе ја славам,
ќе ми бидеш гостин ти.

Да наздравам вечер сакам
за јунакот Сефедин,
за нашата светла мака,
и за мојот… мојот син!”

В Сефедина Митруш гледа
и придушен слуша глас:
„Еј, загина твојто чедо,
јас го убив… нема спас.“

„Сефедине, ти си болен,
одмори се, легни, спи,
Беше човек со дух волен,
не ќе кренеш рака ти!”

„Не, јас кренав… против свои…
Мртов лежи твојот син,
и пред тебе крвник стои
а не јунак Сефедин.”

Рече. Молкна… В полноќ ладна
Дрим се пени в карпи збран…
Рече. Рипна. Молкум падна
во дивиот матен бран.

……………………………………

Есен. Магла. Студот сече.
Јабланица тоне в дим.
Низ клисура стрма тече –
кон морето брза Дрим.

Ацо ШоповСтихови за маката и радоста, 1952