Првата средба на борецот

Низ угари пргав белец
прелетува суви бразди,
од боиште Богдан Велев
неспокојно в село јазди.

Опустеле ниви в суша.
Под копита камен ѕвони.
Богдан трпне – ко да слуша
топот див на ескадрони.

Не застана покрај стадо
што пладнува в длабок осој,
само ретко, само крадум
потфрлува поглед косо:

На војничка блуза стара
три пламнати ѕвезди греат, –
тој сончева среќа барал
за својата родна стреа.

Бил на Вардар, бил на Драва
зиме газел в леден Тимок,
па за храброст и за слава
три ордени бојни има.

За првиот в трепет бдеел
в октомвриска вечер сива,
смрт и ужас врагот сеел, –
започнала офанзива.

Прв сред чета в напад минал
штом далеку згаснал денот,
а в утрина, в зора сина
на тромеѓа знаме кренал.

За вториот негде в село
на бункери туѓи стапил,
денот румен в жито зрело
од негова крв се напил.

А орденот трет го краси
што в ледена волча јама
запленети деца спасил
од четничка лута кама…

Богдан јури. Мисли врели
ко надојден порој капат,
не загледа кога Селим
преку сртот крадум стапи.

Дур го мина Селим сртот,
олеснето дури здивна,
дури тогаш тој се сврте
тешка болка в глас му вивна:

„Еј Селиме… постој брате!
Од средбава зарем бегаш?
Каква среќа носиш патем,
кај си тргнал в таа жега?

Од далеки места идам,
не паметам таков празник:
сѐ што сретнав, сѐ што видов
сѐ е чудно како в сказни.

Овде, знаеш кај нас може
сепак нешто да се сретне,
ама в Преко, чувај боже,
умот часкум ќе ти летне!

Дур од запад па до исток –
насекаде бој се врза.
Но денеска – сѐ е чисто,
со победи дома брзам.

Дал веселба в село гори
на бегово рамно гумно?
За новото што се збори,
дали сите судат умно?

Или велат: „Ех, и тие
ќе поткусат бргу крила…“
Анумата жива ли е?
Дал порасна ѓул Фадила?

Тешка гуња Селим свлече,
на оголен врв се качи,
и под мустак мрко рече:
„Знам ѓауре што те мачи…

По селава, почуј, наши,
во слобода денот сјае,
само едно нас не плаши –
дали така сѐ ќе трае?

Селим седна. В Богдан бледен
со лукаво око ѕирна,
се налакти, лула зеде,
и продолжи сосем мирно:

Стар сум веќе, ќе ти кажам,
од мојава учи памет –
јас Фадила ќе ја мажам
за син му на бегот Амед.

Бегот дава двесте лири,
лиска грстум жолти пари,
само синот да го смири
двокатница тој ми дари!

За свадбата, сам ќе видиш,
глас ќе тргне дур до Мека…
Дали гостин ќе ми бидеш?
Јас со радост ќе те чекам.

Селим молкна, гуња фрли,
пак лукаво в Богдан ѕирна,
и спокојно, в блиско трло,
низ рудина појде ширна.

Како вихор коњот фркна
белогрива глава дигна,
и в селото штом се мркна
пред Велеви порти стигна.

Ацо ШоповСтихови за маката и радоста, 1952